
Opel Mokka стана еден од пионерите во сегментот на мали SUV модели во првата генерација. Во втората генерација и покрај успехот во продажбата, таа фундаментално се промени. Денес, Б-сегментот на SUV возила е една од најпопуларните категории во Европа. Но, времињата брзо се менуваат, како и преференциите на клиентите, така што втората генерација на Opel Mokka мораше да биде фундаментално различна од својот претходник.
За девет години од лансирањето на првата Mokka во 2012 година, се случија многу работи. Opel повеќе не припаѓа на американскиот концерн General Motors, туку на францускиот PSA, но по спојувањето со Fiat, стана дел од мултинационалната групација Stellantis. Ова значеше потреба да се оддалечи од технологијата на поранешниот сопственик и да се направи нова стратегија за Opel да најде место во широката групација. Ова, исто така, резултираше со нова дизајнерска насока. Па така, новата Mokka има не само поинаква основа од првата генерација, туку и сосема поинаков стил.
Што се однесува до надворешните форми, морам да признаам дека новата Mokka постигна голем успех и мене лично многу ми се допаѓа уникатниот дизајн, а особено добро изгледа во оваа „Matcha Green“ металик боја. Додека претходникот всушност изгледаше сосема обичен, новитетот се потпира на невообичаено дизајнирана маска што се однесува на легендарниот модел Manta. Opel, овој детал го нарекува „Vizor“, би требало да личи на визир за мотоцикл и во иднина ќе се користи кај сите други модели на марката. Тестираниот модел беше опремен и со Full LED Matrix адаптивни фарови кои не само што изгледаат добро, туку и одлично функционираат. Ваков тип на светла порано можеа да се најдат само во премиум луксузните автомобили… За разлика од други автомобили, Mokka не изгледа оптички поголема, но признава дека е SUV наменет за градот. Задниот дел има едноставен, но динамичен изглед, а благодарение на тенките LED задни светла изгледа широко и мускулесто. Интересна е и страничната силуета, ми се допаѓа коцкастиот и динамичен стил на автомобилот, како и необичната хауба со „перка“ во средина, слична на сегашната Corsa. Тестираниот модел изгледа уште повпечатливо благодарение на црниот покрив и 18-инчните двобојни бандажи. Интересна опција е тоа што и хаубата може да биде во црна боја.
И покрај општите трендови, Mokka малку се намали. Ако претходникот има должина од речиси 4,3 метри, новиот модел е долг само 4,15 метри, што го прави пократок од сестринскиот Peugeot 2008 (долг 4,3 метри). Сепак, меѓуоскиното растојание остана зачувано и тоа изнесува 2,56 метри. Покрај тоа, Mokka е автомобил кој е наменет за помладите купувачи кој сакаат уникатен и стилски автомобил. Па затоа е и толку различен во споредба со моделот Crossland, кој пак сака да биде достапно решение за поширока клиентела.
Ентериерот е исто така со разигран стил. Внатрешноста е дизајнирана според новата стратегија на брендот наречена „Visual detox“, која има за цел да ја минимизира и поедностави целата кабина. Резултатот е одличен, бидејќи Opel не превзема никакви непотребни дополнителни чекори при ова минимизирање и задржа голем дел од класичните физички копчиња. Во долниот дел од централниот панел остануваат ротационите контроли за клима уредот, кои се далеку поедноставни и попрактични за користење. Селекторот за автоматскиот менувач исто така одговара на режимот на минимализам, но јас лично не сум голем фан на ова решение, а копчињата за паркинг (P) и манулен режим на менување брзини (M) се премногу мали и секогаш треба да погледнете надоле за да ги погодите. Горниот дел од контролната табла е дизајниран според денешниот моден концепт на оптички поврзани екрани. Во Ultimate нивото на опременост, како што е тестираниот модел, стандардно се добива таканаречениот „Pure Panel“ кој комбинира 10-инчен екран на допир за инфозабавниот систем и 12-инчна дигитална инструмент табла.
Инфозабавниот систем има веќе добро познат интерфејс, односно сличен на оној во моделите на Peugeot, но благодарение на модерниот дисплеј со пофина резолуција нуди подетална графика. Рамката околу дисплејот не е само декоративен елемент, туку и практично место за одмор на раката при ракување со инфозабавниот систем. Графиката на инструмент таблата е чиста и без футуристички анимации. Достапни се и неколку различни прикази, но би сакал тахометарот и брзинометарот да бидат малку поголеми. Друга работа која мене лично не ми е баш по вкус е користењето на голем број пијано црни елементи во внатрешноста, океј изгледа полуксузно, но ова е магнет за прашина и отпечатоци од прсти. Што се однесува на материјалите, голем дел од местата кои често се допираат и се „при око“ користат квалитетни и меки материјали, а како и кај секој модел од оваа класа, долниот дел на вратите и долниот дел од централната конзола користат потврда пластика. За пофалба се седиштата во тестиранот модел, кој се во комбинација на алкантара и кожа, и освен што изгледаат убаво, нудат и одлична поддршка за нозете и грбот. Исто така, алкантара може да се најде и на горниот дел од вратите, како и делови на контролната табла и вратите во карбон (секако не вистински), но изгледа кул.
Ни еден автомобил не е совршен, па и Mokka не е исклучок од ова правило. Слабата страна на Mokka во споредба со конкурентите е просторноста на задните седишта, а тоа е делумно поради намалувањето на димензиите. Возрасен човек ќе може да се смести на задните седишта, но просторот за нозете, како и за главата, поради силуетата на покривот е доста ограничен. Што се однесува до багажникот, на располагање се достапни 350 литри багажен капацитет, што е просечно за оваа класа на возила. Со спуштање на задните седишта се добива капацитет од 1105 литри капацитет. Она што ми пречеше е тотално нелогичното отворање на петтата врата. Ако мислевте дека копчето за отворање е во вдлабнатината под вратата – грешите. Се наоѓа долу веднаш над регистрацијата и кога ќе го притиснете за да ја отворите вратата пак треба да подигнете со рака во горната вдлабнатина…
Опсегот на мотори кои се достапни во новата Mokka одговара на модерното време, односно, достапен е 1.2-литарски турбо-бензинец во две верзии – со 100 и со 130 коњски сили, 1.5-литарски дизел со 110 коњски сили и целосно електрична верзија која располага со 136 коњски сили (за оваа верзија ќе зборуваме во некоја наредна прилика). Сите модели силата ја пренесуваат на предните тркала и стандардно се опремени со 6-степен мануелен менувач (освен електричната верзија), а автоматски менувач е достапен само кај појакиот бензинец.
Моделот кој што ми беше на располагање е придвижуван од најмоќниот мотор – 1.2-литарскиот турбо-бензинец со 130 коњски сили достапни при 5500 вртежи во минута и 230 Nm вртежен момент достапен од 1750 вртежи во минута. Во конкретниот случај силата ја пренесува преку 8-степен „torque converter“ автоматски менувач. Ова овозможува забрзување од 0 до 100 километри на час за 9.2 секунди и максимална брзина од 200 километри на час. Оваа комбинација се покажа како идеална за возилото, перформансите на моторот се повеќе од доволни и во ни еден момент не се чувствува дека фали моќност. При нормално возење моторот е доста рафиниран и тивок, а при подинамично возење на повисоки вртежи моторот има и малку спортски звук. Со оглед на тоа што купувачите на ова возило голем дел од времето ќе го поминуваат во градски услови на возење, автоматскиот менувач одлично си ја завршува работата и едноставно го олеснува возењето. Во текот на неколку дневното тестирање, во градски услови на возење измерив просечна потрошувачка која се движеше од 7.5 до 8 литри на 100 изминати километри, на отворен пат очекувајте потрошувачка од 1 литар помалку од оваа.
Ајде да се префрлиме зад воланот – првата работа што веднаш ја приметив кога седнав на возачкото седиште е погледот кој е различен од многу автомобили што сум ги возел во последно време. Тоа е главно затоа што можам да ја видам скоро целата хауба поради тоа што е поставена повисоко и хоризонтално. Всушност, ова е прилично пријатно чувство и особено ќе им се допадне на оние возачи кои имаат полоша проценка и често го поставуваат седиштето многу високо за да ја видат хаубата. Овде можат да бидат целосно мирни – Mokka сама ви ја покажува хаубата. Друга работа што се приметува после неколку изминати километри е тоа дека шасијата е подесена типично „германски“. Што точно значи тоа? – шасијата е покрута и возењето е малку потврдо во споредба со некои други конкурентски модели. Тестираниот модел има 18-инчни бандажи, но во ни еден момент возењето не е неудобно, да некои дупки и нерамнини на патот се чувствуваат повеќе во кабината, но не е ништо страшно. Доколку сакате поудобно возење, може да одберете и помали бандажи. Инаку, благодарение на добрата прегледност, лесниот и прецизен управувач, Mokka е навистина одличен автомобил за урбаните средини, а тука доаѓа до израз и автоматскиот менувач кој работи доста мазно и неприметливо. Достапни се три режими на возење – Eco, Normal и Sport. Префрлете во Sport режим каде што воланот станува за нијанса потврд, педалата за гас пореспонзивна и автоматскиот менувач ги држи брзини на повисоки вртежи за максимални перформанси. На сето ова кога ќе се додаде и покрутата шасија, како и пократката предница се добива автомобил кој доста добро се однесува во свиоци и нуди одлична стабилност. Со оглед на тоа што станува збор за кросовер, Mokka импресионира при подинамично возење. Пофалба заслужува и звучната изолација во автомобилот, на автопат на брзини од 120-130 километри на час нема никаква нагласена бучавост во кабината. Исто така, и во овие ситуации доаѓа до израз покрутото подесување на шасијата бидејќи автомобилот е цврст и ви дава чувство на сигурност.
Тестираниот модел е во највисокото Ultimate ниво на опременост кое ја вклучува следната стандардна опрема: Matrix LED предни светла, LED задни светла, 10-инчен дисплеј за инфозабавниот систем, 12-инчен дигитален инструмент кластер, предни и задни паркинг сензори, задна паркинг камера, Blind Spot Assist систем, внатрешност во алкантара и кожа, Keyless Entry & Start, греење на предни седишта, 18-инчни алуминиумски бандажи, адаптивен темпомат, сензор за избегнување на фронтален судар, држење на возилото во лента, автоматска двозонска клима и многу друго…
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Почетната цена на Opel Mokka 1.2 Turbo 100 Base изнесува 17.920 евра.
Цената на тестираниот модел Opel Mokka 1.2 Turbo 130 AT8 Ultimate изнесува 25.900 евра.
Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да ги посетите продажните салони на Opel.