BYD, еден од водечките светски производители на возила со електрифициран погон, официјално пристигна на македонскиот автомобилски пазар. Со новиот договор со Evolution-Auto, брендот ја започнува својата продажба во Македонија, носејќи широка палета на целосно електрични и plug-in хибридни модели.
Првата официјална BYD продажна локација е отворена во Скопје, а македонските купувачи уште од старт имаат избор од модели во различни сегменти – од компактни градски автомобили, преку седани и SUV модели, па сè до перформансни електрични автомобили.
Палетата започнува со DOLPHIN SURF, компактниот електричен модел кој неодамна ја освои титулата World Urban Car of the Year. Станува збор за модел кој е позициониран како достапна влезна точка во електричната понуда на BYD, со компактни димензии и технологија развиена за секојдневна градска употреба.
На врвот на понудата се наоѓа SEALION 7, целосно електричен SUV со сериозни перформанси. До 100 km/h забрзува за само 4,5 секунди, а со BYD Blade Battery може да понуди автономија до 502 километри.
SEALION 7 е воедно и еден од моделите преку кои BYD ја демонстрира својата технолошка експертиза. Моделот користи Cell-to-Body конструкција, која придонесува за висока цврстина на каросеријата и ниво на безбедност, додека електромоторот може да достигне дури 23.000 вртежи во минута – бројка која го прави еден од најбрзите електромотори во сериско производство.
Покрај SUV моделите, во Македонија пристигнува и SEAL, електричниот седан со пониска и поаеродинамична каросерија. И тој ја користи напредната BYD платформа и Blade Battery технологијата, а во зависност од верзијата може да понуди до 570 километри WLTP автономија.
BYD не се фокусира исклучиво на целосно електричните модели. За купувачите кои сакаат електрично возење, но истовремено и поголема слобода при подолги патувања, понудата во Македонија ја вклучува и SEAL U DM-i.
Овој plug-in хибриден SUV ја користи BYD Super DM технологијата, која комбинира електричен погон со бензински мотор. Идејата е да се задржи мазноста и непосредната реакција карактеристична за електричните автомобили, но без ограничувањата кои кај некои корисници ги носи целосно електричниот погон при долги патувања. Со целосно наполнета батерија и полн резервоар, SEAL U DM-i може да помине повеќе од 1.000 километри, што го прави интересна опција за оние кои често патуваат на подолги релации.
Понудата дополнително ја збогатуваат ATTO 2 DM-i, компактен SUV со Super Hybrid технологија и комбинирана автономија од над 1.000 километри, ATTO 3 EVO, како и седанот SEAL 6 DM-i. Со ваквата понуда, BYD уште од самиот старт покрива повеќе сегменти на македонскиот пазар и нуди избор помеѓу целосно електрични и plug-in хибридни модели.
По повод официјалното пристигнување на брендот во Македонија, Stella Li, извршен потпретседател на BYD, изјави дека компанијата има амбициозни планови за европскиот пазар.
„Возбудени сме што ја отвораме нашата прва продажна локација во Северна Македонија. Нашата мисија во BYD е одржливите технологии да ги направиме достапни за што поголем број потрошувачи и интелигенцијата да ја претвориме во реалност. Секој нов европски пазар е исклучително важен за нас“, изјави Li.
Таа дополнително посочи дека компанијата е особено задоволна што во Македонија стартува со широка моделска понуда, која ги опфаќа подостапните модели како DOLPHIN SURF и ATTO 2 DM-i, но и модели како SEAL и SEALION 7 преку кои BYD ја демонстрира својата најнова технологија.
Од BYD најавуваат дека присуството на македонскиот пазар дополнително ќе се проширува во текот на 2027 година и понатаму.
Со официјалното пристигнување на BYD, македонскиот пазар добива уште еден голем производител со сериозен фокус на електричната и plug-in хибридната технологија. Со седум модели достапни уште од старт и најава за понатамошно проширување, BYD во Македонија започнува со прилично широка понуда и амбиција своето европско присуство да го проширува и во следните години.














