Во салонот на ABC Brother – увозникот за брендот Dongfeng во Македонија, пристигна доста интересен автомобил кој тотално ќе ја „размрда“ конкуренцијата. Не толку малиот BOX нуди навистина богата стандардна опрема и одлична автономија, а сето тоа по доста примамлива цена.
Новиот BOX е автомобил кој треба да ја „освои“ Европа и е доста важен модел за кинескиот бренд. Станува збор за хечбек модел од четири метри, сместен некаде помеѓу Б и Ц сегментите. Широк е 1,81 метри и висок 1,57 метри (висината не произлегува од подигната суспензија), така што можеме да го третираме како прилично простран автомобил и значително поголем од моделите во Б сегментот.
Изненадувачки, и покрај името, автомобилот е визуелно прилично кружен и доста пријатен. Тоа што нема ништо препознатливо (во споредба со другите нови кинески автомобили), но со оригиналните бои и интересните додатоци, може да биде доста привлечен. И чисто како информација – иако на фотографии изгледа како мал автомобил, во живо приказната е сосема различна.
Покрај несекојдневниот надворешен изглед, автомобилот ќе ве примами со интересен ентериер и богата опрема. Како и кај секој нов автомобил, кабината е во минималистички стил, а посветено е внимание на просторноста и местата за одлагање на ситници. Пред возачот се наоѓа мала дигитална инструмент табла која ги прикажува основните работи околу возењето, додека на централната конзола е поставен 12.4-инчен екран наменет за инфозабавниот систем. Класични физички копчиња не барајте тука – освен за прозорците и регулација на ретровизорите, други копчиња нема. Спектакуларниот тапацир и вратите со прозорци без рамка додаваат „престиж“.
На нашиот пазар Dongfeng BOX е достапен во две нивоа на опременост – Style edition и Launch edition. Во првото ниво се добива батерија од 31.4 kWh која овозможува автономија со полна батерија до 230 километри (според WLTP). Во основното ниво опремата е навистина богата, а би издвоил: 17-инчни алуминиумски бандажи, задна паркинг камера, 32 бои за амбиенталното осветлување, keyless entry, безжично полнење за мобилен телефон, автоматска клима и многу друго.
Второто Launch edition ниво добива и поголема батерија, односно со капацитет од 42,3 kWh, а со тоа и автономија од 310 километри (според WLTP). Во однос на опремата, тука дополнително се добива: камери од 360 степени, електрично прилагодливо возачко седиште со греење и вентилација, адаптивен темпомат, меморија на седишта и Hi-Fi аудио систем со 6 звучници.
BOX е поставен на нова платформа Dongfeng Quantum Architecture S3 која е наменета да овозможи DC брзо полнење и користење на технологијата V2L. Двете верзии користат LFP батерија. Во однос на перформанси – моќноста кај двете верзии е иста и изнесува 95 коњски сили и 160 Nm вртежен момент. Максималната брзина (електронски ограничена) изнесува 140 километри на час.
И најважната работа – цена. Dongfeng BOX Style edition има промотивна цена од 21.990 евра, додека за BOX Launch edition треба да се доплат само 1000 евра, односно оваа верзија чини 22.990 евра. Со оглед на тоа што освен побогата опрема се добива и поголема батерија како и поголема автономија, навистина вреди да се доплати 1000 евра.
Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на ABC Brother.