Kia продолжува да ја проширува својата моделска понуда со автомобили кои се обидуваат да ги задоволат потребите на современите купувачи, без притоа да се откажат од препознатливиот дизајн, богатата опрема и практичноста. Во последните години, SUV моделите станаа особено важен дел од понудата на корејскиот производител, а новиот Seltos има задача да привлече купувачи кои бараат компактен, модерен и добро опремен автомобил за секојдневна употреба.
Seltos беше претставен во 2019 година како глобален компактен SUV, позициониран помеѓу моделите Soul, Stonic или Xceed и поголемиот Sportage. Сепак, тој не стигна до европскиот пазар, што важи и за оваа генерација по нејзиното освежување (произведувана од 2022 до 2025 година). Во декември 2025 година, Kia ја претстави втората, целосно редизајнирана генерација. Таа пристигна на Стариот континент на почетокот на летото оваа година. На нашиот пазар достапен е во пет нивоа на опременост и со еден тип на мотор – во верзијата со мануелен менувач се нуди исклучиво со погон на предните тркала, додека верзијата со автоматски менувач е достапна и со погон на предните и со погон на сите тркала.
На прв поглед, Seltos делува како модел кој е создаден со јасна целна група. Неговите пропорции, впечатливиот изглед и богатата опрема го прават особено интересен за помладите семејства, кои сакаат практичен автомобил, но истовремено не сакаат да се откажат од современите технологии и атрактивниот дизајн. Во понудата на Kia, Seltos се позиционира под поголемиот Sportage, но тоа не значи дека прави сериозни компромиси кога станува збор за просторот и удобноста.
Малиот корејски SUV ќе ве импресионира со својот атрактивен, „коцкест“ дизајн на каросеријата (која се одликува со коефициент на отпор на воздух од 0,31). Благодарение на речиси вертикалните предни делови и кратките препусти на предниот и задниот дел, овој модел е особено погоден за градско возење – меѓу другото, и затоа што речиси хоризонталниот поклопец на моторот му овозможува на возачот одличен преглед на тоа каде точно завршува автомобилот во секој од аглите. Со Seltos навистина лесно се маневрира, а воедно станува збор за возило со солидни димензии: меѓуоскиното растојание изнесува 2690 милиметри, а вкупната должина е 4430 милиметри. Seltos има најдолго меѓуоскино растојание од другите компактни SUV модели на Kia – дури 10 милиметри подолго од она на Sportage, иако е пократок за 110 милиметри.
Новиот Seltos е еден од оние автомобили кои не се обидуваат да изгледаат како намалена копија на некој поголем SUV. Напротив, неговиот дизајн има сопствен карактер, со нагласени линии, исправена силуета и детали кои му даваат посериозно присуство на патот. И тука веднаш е јасно дека станува збор за целосно нов модел бидејќи стилот е инспириран од најновите електрични модели на брендот.
Предниот дел е обликуван со карактеристичниот и нов дизајнерски јазик на Kia и тој е дополнително нагласен со модерната светлосна графика и впечатливите линии на каросеријата. Светлосниот потпис придонесува за препознатлив изглед, додека предниот браник ја нагласува SUV ориентацијата на моделот. Целокупната композиција е доволно динамична за да не делува здодевно, но истовремено задржува и доза на елеганција.
Тестираниот модел во XLine изведба оди чекор понатаму во поглед на визуелниот впечаток. Различните браници, елементите со пијано црна завршница и големите 19-инчни црни алуминиумски бандажи му даваат значително поизразен карактер. Особено ми се допаѓа комбинацијата на темните детали со поголемите тркала, кои визуелно ги исполнуваат отворите на крилата и придонесуваат автомобилот да изгледа пошироко и постабилно. Страничната силуета е типична за модерен компактен SUV. Повисоката каросерија, нагласените крила и релативно исправениот заден дел придонесуваат за робустен изглед, но Seltos не изгледа претерано масивно. Токму оваа комбинација на компактни пропорции и SUV карактер е една од неговите најголеми предности.
Задниот дел го продолжува истиот дизајнерски пристап, со светлосни елементи кои ја нагласуваат ширината на автомобилот и браник кој се вклопува во целокупниот изглед на XLine изведбата. Нема потреба од претерување со декоративни додатоци за Seltos да изгледа интересно. Дизајнот е доволно препознатлив сам по себе, а повисокото ниво на опременост само дополнително го истакнува неговиот карактер.
Seltos изгледа како автомобил кој може да им се допадне на купувачите кои сакаат нешто поразлично од вообичаените компактни SUV модели на брендот. За помладите семејства, мислам дека неговиот изглед е една од причините поради кои би го ставиле на потесниот список при изборот на следниот автомобил.
Ако надворешноста остава позитивен прв впечаток, кабината е местото каде што Seltos дополнително ги оправдува очекувањата. Материјалите се навистина добри за сегментот, а завршната изработка и склопувањето се на прилично високо ниво. Не се забележуваат непријатни детали кои би го нарушиле чувството на квалитет, а целокупниот ентериер делува модерно и внимателно осмислено.
Во последните години, автомобилската индустрија сè повеќе се насочува кон дигитализација, што често значи дека речиси сите функции се префрлаат на централниот екран. Kia сепак успева да најде добар компромис. Seltos нуди современа дигитална инструмент-табла и мултимедијален систем, но истовремено задржува и физички контроли за дел од функциите кои се користат секојдневно.
Целата контролна табла во Seltos е поставена релативно ниско, што дополнително придонесува за чувството на пространост и пријатниот поглед кон надвор. На неа се поставени три екрани, беспрекорно споени во една целина. Можеби единствената забелешка за овој дел се однесува на позицијата на контролите за климата. Овој дел од екранот се наоѓа во средината на таблата, точно таму каде што возачот го држи воланот со десната рака. За да ја прилагодите температурата или да го вклучите дувањето кон ветробранското стакло или греењето на задното стакло, мора да се навалите надесно. Не е доволно само да ја тргнете десната рака од воланот, бидејќи таа делумно го покрива и тој дел од екранот. Ова претставува ергономски недостаток (иако контролите за вентилација може да се прошират на целата ширина на екранот, за тоа е потребен дополнителен допир – сметам дека овие функции треба да бидат лесни за управување „на прв поглед“). Од друга страна, она што го ценам е можноста за поставување на автоматскиот режим на вентилација на три нивоа, како и фактот што дизајнерите предвиделе посебни физички копчиња на долниот раб на инструмент-таблата за функциите што најчесто се користат.
Ергономијата е одлична, бидејќи возачот не мора секојпат да го одвојува вниманието од патот за да пристапи до основните команди. Дигитализацијата е присутна таму каде што има смисла, но не е применета по секоја цена. Според мене, ваквиот пристап е многу попрактичен од решенијата кај кои и наједноставните функции се скриени во повеќе нивоа на менија. Инструмент таблата нуди современ изглед, а централниот мултимедијален систем ги обединува навигацијата, поврзувањето со паметни телефони и останатите функции. Присутни се Apple CarPlay, Android Auto и Kia Connect.
Иако Seltos е позициониран под Sportage, просторот во кабината е една од неговите посилни страни. Кога сте внатре во автомобилот, впечатокот е дека Kia добро ги искористила надворешните димензии, па патниците не добиваат чувство дека седат во мал или тесен SUV. Напред има доволно простор за возачот и совозачот, а положбата на седење е типична за овој сегмент – повисока, со добра прегледност и чувство на контрола над околината. Седиштата нудат добар комфор, а можностите за електрично подесување овозможуваат лесно пронаоѓање соодветна позиција за возење.
Задната клупа е уште еден позитивен аспект. Просторот е навистина добар и во голема мера потсетува на она што го нуди поголемиот Sportage. Ова е особено важно за семејствата кои редовно превезуваат патници на задните седишта, бидејќи компактните надворешни димензии не значат автоматски и компромис со удобноста. Високата позиција на седење, речиси рамниот под и можноста за навалување на задните наслони за 12 степени го прават Seltos погоден автомобил за патување дури и за четворица возрасни патници. Тие, исто така, имаат на располагање многу простор за главата на задните седишта, благодарение на хоризонталниот покрив кој воопшто не се спушта надолу. Тука се и USB приклучоците, засебните отвори за климата, како и греење на задните странични седишта.
Секако, Seltos не може во секој поглед да се изедначи со поголемиот модел. Багажниот простор е нешто помал во споредба со Sportage, но сепак нуди доволен капацитет за секојдневните семејни потреби. Со 483 литри основен капацитет, багажникот е доволно практичен за реалните потреби. Со преклопување на задните седишта, просторот дополнително се зголемува на 1458 литри. Според мене, токму тука Seltos го покажува својот вистински карактер. Тој не се обидува да биде голем SUV по секоја цена, туку нуди добра рамнотежа меѓу компактните надворешни димензии и практичноста што ја очекуваме од семеен автомобил.
Новиот Seltos е достапен само со еден погон – односно станува збор за 1.6 T-GDI моторот кој испорачува 180 коњски сили. Сепак, достапен е во неколку варијанти, имате избор на 6-степен мануелен менувач, 7-степен автоматски менувач и врвната верзија е со автоматски менувач и AWD погон на сите тркала. Според производителот, до крајот на оваа година треба да биде додадена и хибридна верзија. Тестираниот модел е во врвната верзија со автоматски менувач и AWD погон. На хартија, оваа комбинација изгледа како логичен избор за модерен компактен SUV. Седумте степени овозможуваат соодветно искористување на моторот, додека автоматскиот менувач треба да го направи возењето полесно и поудобно во секојдневните услови. Во пракса, сепак, токму менувачот е делот кај кој имам забелешка. При одредени ситуации, неговите реакции се малку побавни од очекуваното. Понекогаш му е потребно одредено време да одлучи во кој степен на пренос треба да се префрли, особено кога возачот бара промена на темпото или дополнително забрзување. Не станува збор за нешто што го расипува целокупното искуство со автомобилот, но е забележливо и остава простор за подобрување во калибрацијата на менувачот.
Моторот ја достигнува својата максимална моќност при 5.500 вртежи во минута, додека максималниот вртежен момент од 265 Nm се постигнува при нешто помал број вртежи. Овој мотор нема потешкотии со возило тешко еден и пол тон и е повеќе од доволна за намената на автомобилот. Seltos не е спортски SUV, ниту пак се обидува да се претстави како таков. Наместо тоа, моторот нуди доволно резерва за секојдневно возење, забрзување при вклучување на автопат и претекнување на отворен пат. Сепак, при помали брзини реагира побавно, а потребно е одредено време за турбо-полначот да постигне полна ефикасност. Ова е забележливо при тргнување, кога Seltos делува тромо до околу 2.500 вртежи во минута, по што брзо (понекогаш дури и изненадувачки брзо) „оживува“. Што се однесува до перформансите, официјалните податоци за верзијата со AWD и DCT7 наведуваат забрзување од 0 до 100 км/ч за околу 9 секунди и максимална брзина од 205 км/ч. Во однос на потрошувачката, за време на неколку дневното возење забележав просечна потрошувачка од околу 10.5-11 литри – во строго градски услови на возење. Додека на автопат, оваа бројка лесно се намалува до 7.5 литри. Причината за ваквата потрошувачка делумно може да се поврзе со конфигурацијата на тестираниот автомобил. Погонот на сите четири тркала, дополнителната механика и честото запирање и тргнување во градски сообраќај влијаат врз потрошувачката.
Погонот на сите четири тркала е уште еден важен дел од конфигурацијата. Тој овозможува подобро распределување на погонската сила во зависност од условите и придонесува за поголема сигурност при возење на влажна или лизгава подлога. Сепак, не треба да се заборави дека Seltos е првенствено патен SUV. AWD системот е корисен дополнителен елемент, но не го претвора автомобилот во теренец наменет за екстремни off-road услови.
Една од работите што ми се допаднаа кај Seltos е начинот на кој се однесува на пат. Неговиот карактер е цивилизиран и удобен, без непотребна грубост или претерано спортски амбиции. Автомобилот е лесен за секојдневно управување, а повисоката позиција на седење овозможува добра прегледност и чувство на сигурност. Во градски услови, Seltos се чувствува природно во својата улога. Надворешните димензии го прават доволно компактен за секојдневно маневрирање, додека повисоката каросерија и прегледноста ја олеснуваат употребата. Богатата опрема за асистенција и паркирање дополнително придонесува за полесно ракување, особено во тесни градски простори.
На отворен пат, автомобилот продолжува да се однесува смирено и предвидливо. Суспензијата е ориентирана кон удобноста, а целокупното однесување не создава чувство дека возачот мора постојано да се прилагодува на автомобилот. Seltos е пред сè автомобил за секојдневно користење, семејни обврски и подолги патувања, а не модел кој се обидува да ги прикрие своите SUV пропорции со спортски карактер. Особено позитивен впечаток ми остави звучната изолација. Дури и при автопатски брзини, кабината останува навистина тивка, што е значајно за удобноста при подолги патувања.
Погонот на сите четири тркала дополнително ја зголемува сигурноста при возење, но неговата намена треба да се разбере правилно. Тој е корисен за влажни патишта, снег и полесни неасфалтирани делници, но Seltos не е наменет за екстремни теренски предизвици. Неговата најдобра страна е комбинацијата од практичност, удобност и дополнителна тракција кога условите го бараат тоа. Во целина, возните карактеристики се добро усогласени со намената на автомобилот. Единствената забелешка останува работата на автоматскиот менувач, кој понекогаш би можел да биде поодлучен. Надвор од тоа, Seltos остава впечаток на добро заокружен и лесен за секојдневно користење SUV.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Почетната цена за KIA Seltos Light 1.6 T-GDi 180 MT6 изнесува 26.900 евра.
Цената на тестираниот модел KIA Seltos XLine 1.6 T-GDi 180 DCT7 AWD изнесува 39.900 евра.
Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на KIA.

























