Ова не е првпат шесттата генерација на популарната Opel Astra да „дојде“ на тест во мои раце. Пред нешто повеќе од 2 години првиот мој контакт со новата генерација беше во Германија, каде што на располагање ја имав практичната Sports Tourer изведба, па набрзо потоа на „домашен“ тест пристигна хечбек Astra во највисокото Ultimate ниво на опрема (буквално сѐ што може да има овој модел) со 1.5-литарски дизел мотор и автоматски менувач. Сега, 2 години подоцна имав можност да поминам неколку дена со поцивилна верзија и попривлечна цена. Поточно, во основното Edition ниво и основниот бензински мотор. Па ајде да видиме дали и оваа основна верзија ќе ги повтори одлични импресии.
Врвните верзии кај сите автомобили се навистина на некој начин попривлечни и многу, многу богати со дополнителна опрема. Но, реалноста е дека такви верзии купуваат многу мал процент од клиентите. Па затоа, ваквите „понормални“ верзии се всушност и најпопуларни кај домашните клиенти. Тест примерокот е токму таква Astra како што би купиле 90% од клиентите – заборавете на времето кога основна верзии значеше автомобил со раткапни, црни рачки и ретровизори, пластичен волан, задни прозорци „на рачки“, аналогна инструмент табла и слично. Основните верзии сега може да се каже дека се всушност најопремените верзии пред 10-тина години.
Голема придобивка на новата генерација е фактот што дури и во пониските нивоа на опрема изгледа доста стилски. На самиот почеток, морам да признаам, сосема субјективно, дека ми се допаѓаат актуелните дизајнерски трендови на Opel. На мазните линии доминира и Vizor предниот дел, кој ја поврзува маската со главните фарови во една единица. Автомобилот стандардно има LED предни светла во основното Edition ниво, а понапредните LED Matrix фарови се достапни како дополнителна опција (дури и во повисоките ниво на опременост).
Чистата елеганција на Astra продолжува и на страните, каде што се забележуваат затемнетите задни стакла и 16-инчните алуминиумски бандажи во „чисто“ сребрена боја. Карактеристична карактеристика се остро исечените трети столбови. Истиот тренд е воспоставен и во задниот дел. Тесните светла се придружени со амблем на автомобилската компанија и карактеристичен натпис Astra. Регистерската табличка се наоѓа во браникот, така што не „тропа“ кога багажникот се затвора. Исто така, фан сум и на оваа црвена металик боја – на Astra перфектно и прилегаат вакви похрабри бои!
Новата генерација со надворешни димензии од 4374 мм должина, 1860 мм ширина и 1470 мм висина е подолга, поширока и во исто време значително пониска, што на каросеријата му дава уште поатлетски впечаток. Просторот внатре повторно треба да го запише меѓуоскиното растојание од 2675 милиметри, само што тоа е подобрено за 13 милиметри меѓу генерациите.
Иако Opel Astra е брат на Peugeot 308, во Opel решија да го направат работното место на возачот на свој начин. Во споредба со неговиот претходник, тој е значително помодерен, но за разлика од споменатиот братски модел, тој сепак е задоволен со голем број на физички копчиња. Можете да ги користите за прилагодување на гласноста, температурата, но и загревањето на предните седишта или на воланот. Ова е достапно во опционален пакет (тест примерокот е опремен со тој пакет), кој освен тие две работи вклучува и AGR возачко седиште. Специјално дизајнирано за да понуди максимална удобност и да не ве боли грбот дури и на долги патувања.
Сепак, ниту новата Astra не ја избегна дигитализацијата. Работното место на возачот со два екрани од 10 инчи како да се комбинирани во една единица е стандардно за сите верзии. Овде го нема контроверзниот i-Cockpit сетап како во моделите на Peugeot, воланот во Astra има потрадиционална форма и јасно се гледа инструмент таблата. Копчињата на воланот се исто така физички, така што нема ризик од активирање на некоја од функциите по грешка.
Мултимедијалното опкружување можеби на почетокот изгледа хаотично, но ќе се навикнете доста брзо. Инфозабавата не е сосема бавна, но агилноста сепак може да се подобри. Ми се допаѓа можноста за прилагодување на почетниот екран по ваш вкус. На главната страница, можете да ги поставите токму функциите што најчесто ви се потребни во вашиот автомобил.
Сличностите со други автомобили од Stellantis групацијата почнувате да ги забележувате само со поблиско испитување. Особено, копчињата на централната конзола или на панелите на вратите не ги негираат француските корени. Од друга страна, потребно е да се истакнат употребените материјали. Во внатрешноста, Astra не си игра со атрактивни бои, но кабината е пријатна и има меки и пријатни материјали на допир во изложените области.
Возачката позиција заслужува пофалба. Седиштето може да се постави навистина ниско, во денешната ера полна со подигнати теренци и кросовери, позицијата зад воланот кај Astra е пријатно освежување. Зад воланот, централниот тунел никако не ви смета на нозете, паметното отсекување на панелот на вратата значи и доволно простор за лактите.
Што се однесува до просторот на задните седишта, Astra е прилично просечно рангирана. Двајца возрасни патници со просечна висина ќе имаат сосема доволно простор и за главата и за нозете, но на оние малку повисоките ќе им недостасува малку повеќе простор за нозете. Тројца патници би можеле да се сместат, но само за некои пократки релации.
Багажниот простор има волумен од 422 литри, што се зголемува на 1339 литри со преклопување на задниот ред. Багажникот има двојно дно, а подот во повисока положба целосно ја елеминира дупката во багажниот простор. Пристојниот влезен простор е исто така достоен за пофалба, како и нискиот раб на багажникот што го олеснува товарењето на потешките предмети.
Колку и да изгледа разновиден опсегот на мотори кај новата Astra (достапни се бензин, дизел и plug-in хибрид погони), во некои аспекти тоа е прилично компромис. Пример, 1.6-литарскиот турбо-бензинец со четирцилиндри е достапен само кај Plug-In Hybrid верзијата – а таа верзија има прилично висока цена. Ако не ви се допаѓа дизелот, можете да одберете само 1.2-литарски трицилиндричен турбо-бензинец со 110 или 130 коњски сили. Помоќната верзија е достапна и со 8-степен автоматски менувач.
Како што споменав и на почетокот, тест примерокот под хаубата го има послабиот 1.2-литарски мотор, односно со 110 коњски сили достапни при 5500 вртежи во минута и 205 Nm вртежен момент достапен од 1750 вртежи во минута. Кај овој погон достапен е само 6-степен мануелен менувач, па така забрзувањето до 100 км/ч трае 10.5 секунди, додека максималната брзина изнесува 199 км/ч. Целата оваа комбинација се карактеризира со вкупна тежина од 1257 килограми – а тоа е всушност одлична бројка во денешниот контекст на сѐ потешки и потешки автомобили.
Звучните карактеристики не го маскираат потеклото на три цилиндри. Моторот забележливо влече уште од 1500 вртежи во минута и неговата динамика е повеќе од пристојна. Навистина имате доволно моќ за безбедно да претекнете или да се приклучите на брзата лента. Вистина е дека акустиката е поизразена, но моторот не страда од другите „болести“ на други трицилиндрични мотори – не татне и не вибрира премногу при ниски вртежи, а освен тоа, нуди и доста задоволителна динамика дури и во повисок степен на пренос. Придобивката од 1.2-литарски мотор е потрошувачката на гориво. Без никаква електрифицирана помош, Astra може да троши нешто повеќе од 5 литри – секако доколку имате полесна нога и при поопуштени услови на возење. Кога се вози низ сообраќајниот хаос во Скопје, апетитот на гориво расте до 8-8.5 литри, а пак на автопат со брзина од 130 км/ч моторот врти со околу 2.600 вртежи во минута и троши приближно 6,5 литри на секои 100 километри. Со резервоар од 52 литри, имате солиден опсег помеѓу посетите на пумпите.
Шесттата генерација на Astra е базирана на EMP2 платформата што се користи и за други автомобили во Stellantis групацијата, но кај Astra не постои опција за адаптивна суспензија и сите верзии добиваат едноставна торзиона задна оска. И покрај тоа, целиот сетап на шасијата е малку различен од другите автомобили со иста платформа. Astra има малку помека суспензија и во комбинација со 16-инчните тркала нуди одлична удобност на патот и сосема коректно ги филтрира сите дупки и нерамнини. Од друга страна пак, поради помалите тркала динамичноста во свиоци не е на исто ниво како верзијата со 18-инчни тркала, автомобилот останува стабилен и добро управлив, но релативно брзо можете да ги забележите навалувањата на телото. И покрај поедноставната задна оска, шасијата не е сосема непријатна дури и при низа нерамнини.
Управувањето е лесно, што ќе го цените особено во град. Но, со воланот ќе треба да се „помачите“, бидејќи тоа е точно три вртежи од крај до крај. Инаку, Astra е исклучително лесен автомобил за возење во градските средини, прегледноста од сите страни е одлична и самото чувство зад воланот е пријатно. Возењето на автопат и на подолги релации е исто така за пофалба, во вакви услови кабината останува тивка и без пренагласени вибрации.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
*Промотивната цена на тестираниот модел Opel Astra 1.2 Turbo 110 MT6 Edition изнесува 23.900 евра.
Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Opel.