ТЕСТ: Opel Astra 1.5 Diesel 130 AT8 Ultimate

Најновата генерација на Opel Astra беше претставена на јавноста пред околу една година, а неодамна на интернационално тест возење имав можност да ја возам новата Astra Sports Tourer, односно караван изведбата на моделот. Всушност, тоа беше и мојот прв контакт со новата Astra. Сега, околу еден месец подоцна, на домашен терен за тест пристигна хечбек верзијата и тоа во највисокото ниво на опременост.

Astra е дефинитивно еден од најважните модели на брендот, па пред да зборуваме за новата генерација, на кратко малку историја. Иако името Astra за првпат почна да се користи во 1991 година, кога беше претставен моделот Astra F, компактниот хечбек автомобил тогаш ја продолжи моделската линија со име Kadett, чија историја датира од далечната 1936 година. За важноста на овој модел говорат и податоците од продажбата, моделот Astra е продаден во повеќе од 15 милиони примероци до сега, а новата шестта генерација прави се за да остави свој белег во историјата на автомобилската компанија.

Новата Astra освојува уште на прв поглед – дизајнерите на Opel успеале да направат еден фантастичен и многу атрактивен автомобил, а тоа е особено истакнато во оваа „Kult Yellow“ боја, која патем е и без доплата. Браво! На предниот дел доминира таканаречениот Opel Vizor – сјајна црна маска, која од страните е проследена со стандардни LED фарови со остро исечен светлосен потпис во форма на буквата L, ова има препознатлив ефект и привлекува внимание. Сепак, предниот дел на Astra е импресивен со истакнатиот отвор за воздух во предниот браник и острата линија што се протега по цела хауба до браникот. Тестираниот модел е опремен со премиум IntelliLux LED Pixel фаровите кои се стандардни во највисокото Ultimate ниво на опременост, а опција во другите достапни нивоа. Овие адаптивни фарови имаат вкупно 168 LED елементи и нивната работа е фантастична.

Кога се гледа од профил, меѓуоскиното растојание од 2675 мм е импресивно, кое пораснало за 13 мм меѓу генерациите, додека должината на автомобилот е зголемена за 4 мм (4374 мм). Висината од 1860 мм е намалена за 44 мм помеѓу генерациите, а ширината од 1860 мм значи меѓугенерациско намалување за 11 мм. Профилот на автомобилот е со чист дизајн, а благодарение на црниот покрив (достапен како опција) и Ц-столбот кој е остро пресечен се добива еден многу интересен ефект. Секако, удел во атрактивноста имаат и големите 18-инчни бандажи кои се стандардни во ова ниво на опременост. На задниот дел, тенките вертикално поставени LED светла и истакнатите засеци придонесуваат за поширок и мускулест изглед. Многу фраерски детал е и третото стоп светло кое е интегрирано во задниот спојлер, додека на вратата од багажникот со големи букви гордо е испишано името Astra.

Лично, дизајнот на новата Astra многу ми се допаѓа и би рекол дека е еден од најубавите модели во својата класа моментално. Надворешниот дизајн е едноставен, без претерани дизајнерски елементи, но сепак многу атрактивен. И токму поради таа едноставност мислам дека дизајнот на новата Astra нема брзо да остари, туку и после неколку години се уште ќе изгледа свежо и убаво.

Едноставноста од надворешниот дизајн, продолжува и во внатрешноста. Целата кабина е во модерен, но минималистички стил. Според Opel, овој концепт се нарекува детоксикација за возачот. Вниманието оди веднаш кон таканаречениот Pure Panel, односно два екрани од 10-инчи споени со сјајно црна рамка кои се свртени накај возачот. Екранот пред возачот функционира како дигитална инструмент табла, додека екранот во средината на контролната табла е наменет за инфозабавниот систем. Во тестираниот автомобил, овој сет на екрани беше надополнет и со опционален Head-Up дисплеј. Сите овие екрани имаат пријатна графика и добра респонзивност. За дигиталната инструмент табла, вреди да се спомене можноста за лесно прилагодување на содржината, додека за head-up дисплејот можам да ја пофалам добрата читливост и острината на дисплејот. Што се однесува до инфозабавниот систем, некои решенија се малку неинтуитивни, но генерално работата на системот е добра и лесно се привикнувате на менито. Друга важна работа е тоа што стандардно се добива wireless поврзување со Apple CarPlay и Android Auto. Многу голема пофалба оди за тоа што Opel се одлучиле да остават класични физички копчиња за функциите кои се користат често, вклучувајќи ги и контролите за клима уредот.

Воланот можеби има малку поголем дијаметар според денешните стандарди, но има пријатна дебелина и добро се вклопува во раката, додека контролите кои се наоѓаат на воланот се добро позиционирани. Мојата единствена замерка за кабината е преголемото присуство на пијано црните елементи кои ги има буквално насекаде. Со тестираниот автомобил веќе стана очигледно како овие површини се склони не само на отпечатоци од прсти, туку и на разни микро гребнатини. А тоа е особено случај со панелот во централниот тунел, кој воедно нуди многу простор за складирање на ситници – а исто така се затвора со практична „ролетна“. Одличната ергономија на работното место на возачот ја подвлекуваат седиштата, кои од второто ниво на опременост веќе можат да се пофалат со AGR сертификат (ортопедска потврда). Покрај тоа, седиштата нудат богати опции за прилагодување, а благодарение на пријатното обликување, освен врвната удобност тие нудат и одлична странична поддршка – дури и по неколку часа патување нема да имате болки во грбот.

Пријатни се и седиштата во вториот ред, каде што патниците имаат доста пристоен простор. Со мојата висина од околу 180 сантиметри, немав ни најмал проблем да седнам удобно, а сепак имав пристоен простор над главата и пред колената. Сепак, има одредени модели од оваа класа кои нудат малку поголем простор и покомфорно седење на задните седишта.

Багажниот простор има едноставни и правилни форми, двоен под и нуди стандарден волумен од 422 литри или 1339 литри по преклопување на задните седишта во сооднос 60:40 кои имаат и мал канал зад потпирачот за рака. Отворањето е доста широко и доколку подот е ставен во повисокото ниво се добива комплетно рамен под, а тоа резултира со лесно ставање и вадење на некои поголеми и потешки работи.

И покрај постојаното зголемување на неизвесноста околу иднината на моторите со внатрешно согорување, новата Astra нуди навистина разновиден опсег на погонски единици. Од чист бензински турбо-мотор со три цилиндри, преку четирицилиндричен дизел мотор до два plug-in хибридни мотори, кои комбинираат четирицилиндричен бензинец и електричен мотор. Исто така, следната година се очекува и пристигнување на целосно електрична верзија на моделот.

Тестираниот модел под хаубата има 1.5-литарски дизел мотор кој испорачува 130 коњски сили при 3750 вртежи во минута и 300 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута. Во конкретниот случај е спарен со 8-степен автоматски менувач и тоа овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за 10.6 секунди, додека максималната брзина изнесува 209 км/ч. Океј, вака на „хартија“ ова не се кој знае колку импресивни перформанси, но во реалноста сосема убаво го придвижува автомобилот. Работењето на моторот е релативно тивко и во кабина се пренесуваат минимални вибрации што е и нормално за дизел мотор. Менувачот одлично си ја завршува својата работа и реагира брзо и спремно кога ќе побарате малку повеќе динамичност. Најголемиот плус за овој мотор е неговата економичност, во текот на неколку дневното тестирање, просечната потрошувачка во градски услови на возење едвај надмина 5.5 литри – и тоа без никакво „пазење“. На отворен пат, потрошувачката се движи од 4 до 4.5 литри, во зависност од брзината со која возите. Сето ова значи дека со полн резервоар може да се поминат скоро 1000 километри.

Она што најмногу ипресионира кај новата Astra се возните карактеристики и целокупното искуство зад воланот. Иако новата Astra е поставена на EMP2 V3 платформата и користи технологија првично развиена од францускиот концерн PSA, денес дел од Stellantis, Opel потенцира дека автомобилот е дизајниран, развиен и пред се произведен во Германија, конкретно во Риселсхајм – домот на брендот. Па така, новата Astra има уникатно подесена шасија која вклучува специфични амортизери, стабилизатор на задната торзиона оска, специјално подесена суспензија и уникатно подесување на управувачкиот систем. Сето ова е направено со цел да понуди уште подобри возни карактеристики, подобро управување, подобра стабилност и секако подобра безбедност. Исто така, од Opel велат дека новата генерација на Astra е „Autobahn proof“, односно нагласување на квалитетите на автомобилот дури и кога се движи со побрзо темпо на подолги релации. Специфичното подесување на автомобилот, неговиот погон и шасијата обезбедуваат поголема стабилност при поголеми брзини во свиоци, како и подобро сопирање. Новата Astra, во споредба со другите модели со кои ја дели оваа платформа, е попредвидлива, нуди подобар одговор на управувањето како и сопирањето.

Покрај дотерувањето на способностите за динамично возење, инженерите се фокусирале и на тоа да се добие повисоко ниво на удобност. Возењето на автопат е без вознемирувачки вибрации и преголема бучава, звучната изолација е навистина импресивна. Од друга страна, ми се допаѓа тоа што автомобилот нуди идеален баланс помеѓу динамичност и комфор. Да, шасијата и суспензијата се подесени малку на потврдата страна, но возењето никогаш не станува не удобно и на нашите (не толку добри) улици во кабината е мирно и рафинирано. Пријатната тврдина на суспензијата создава вистински спортски впечаток и навалувањето во свиоци е доведено до минимум. Новата Astra е можеби еден од најдобрите модели во класата кога станува збор за динамично возење, способна е навистина да ви направи многу мерак на некои интересни патишта. Сепак, при такво динамично возење на кривулест пат ми недостигаше уште малку повеќе моќност и агилност од моторот…Сè на сè, уживав во возењето на новата Astra и не се сеќавам на ништо што успеа да ме изнервира.

Тестираниот модел кој е во највисокото достапно ниво на опременост, односно нивото Ultimate, содржи многу богата стандардна опрема која вклучува – Intellilux LED Pixel фарови, панорамски сончев кров, Ultimate браници, адаптивен темпомат со ограничувач на брзина, предни и задни паркинг сензори, пакет на камери со приказ од 360 степени, 10-инчна дигитална инструмент табла, 10-инчен инфозабавен екран, Head-up дисплеј, греење на предни седишта, греење на волан, спортски AGR предни седишта во алкантара, електрично прилагодување на возачко седиште со меморија, безжичен полнач за мобилни телефони, 18-инчни алуминиумски бандажи, покрив и ретровизори во црна боја и многу, многу друго…

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Почетната цена за Opel Astra 1.2 Turbo 110 Edition изнесува 21.600 евра.

Цената на тестираниот модел Opel Astra 1.5 Diesel 130 AT8 Ultimate изнесува 32.660 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да ги посетите продажните салони на Opel.

ЗАКЛУЧОК
Новата Opel Astra изгледа одлично, нуди многу пријатно возење и пристоен внатрешен простор. Едноставниот распоред во кабината можеби нема да биде по сечиј вкус, но неговата практичност и ергономија не може да се негира. Во споредба со конкуренцијата, новата Opel Astra дефинитивно има што да понуди.
Карактеристичен и привлечен изглед
Перфектно подесена шасија
Пространа и практична кабина
Звучна изолација
Просечен простор на задните седишта
Преголема употреба на сјајно црни елементи во кабината
Недостига помоќен бензински мотор
4.5