DFSK (Dongfeng Sokon) припаѓа на гигантската групација Dongfeng Motor Group, во Кина ова е вториот најголем производител на автомобили и десетти производител по големина во светот. Овој бренд на автомобили мене не ми е непознат бидејќи во 2019 година на тест го имав големиот Glory 580 SUV модел со 7 седишта. Пред извесно време DFSK ја прошири својата понуда со претставувањето на новиот Glory F5, ова е Coupe-SUV модел со спортски и модерен дизајн кој спаѓа директно во сегментот на компактни SUV автомобили. Па денес ќе зборуваме токму за овој интересен и доста привлечен кинески Coupe-SUV модел.

Првото нешто што го привлекува вниманието на Glory F5 е надворешниот дизајн кој е карактеризиран со класичен кросоверски стил. На предниот дел е поставена голема црна решетка со уникатни детали која е опкружена со остри Full LED фарови, а има и динамички трепкачи напред и назад. Предниот браник има две вертикални отвори на секој крај и голема решетка на долниот дел каде што се интегрирани светлата за магла. Од страна, веднаш се приметуваат карактеристичните црни пластики поставени околу тркалата и на страничните прагови. Бидејќи се работи за Coupe-SUV модел, најкарактеристичниот детал за Glory F5 е опаѓачката линија на покривот која придонесува за уште поспецифичен и попривлечен изглед. Страните се чисти, со остра линија на заднатие врати која оди кон задниот дел, а поставени се и хромирани рамки на прозорците. На задниот дел, поставен е дискретен спојлер кој ја продолжува опаѓачката линија на покривот и многу наклонет заден прозорец. Браникот содржи голем “дифузер“ и метален заштитник. Но, она што привлекува најмногу внимание на овој дел се задните LED светла кои се поврзани со лента која се протега по целиот заден дел. И да не заборавам, отворите за издув се вистински!
Сега ве слушам како велите па предниот дел личи на овој модел, задниот дел на оној модел, и да, веднаш е воочливо дека инспирацијата за дизајнот е превземена од познати германски марки на автомобили. Да бидам искрен мене воопшто не ми пречи тоа бидејќи крајниот резултат е навистина одличен, за други кинески автомобили сум имал замерки за тоа како изгледаат, но за Glory F5 немам ни една замерка, ако ги тргнете ознаките никогаш нема да погодите дека се работи за автомобил кој доаѓаа од Кина. Glory F5 е достапен во четири бои за надворешноста – црна, сина, црвена и бела. Дури и во оваа бела боја како што беше тестираниот модел изгледа навистина добро, а сите модели стандардно добиваат 18-инчни алуминиумски бандажи во сива боја. Должината на возилото изнесува 4,685 мм, ширината е 1,865 мм, висината е 1,645 мм и меѓуоскиното растојание изнесува 2,790 мм.
Одиме во внатрешноста и тука ќе најдеме доста интересна атмосфера. Glory F5 пренесува извонредно чувство на квалитет, со оглед на сегментот во кој се наоѓа, материјалите во кабината се со повеќе од прифатлив квалитет. Деловите кои често се допираат и се пред очите, како и украсните елементи имаат многу добра завршна обработка. Цврстата пластика е присутна, но на долните делови и далеку од видното поле. Во кабината ќе најдете многу делови кои се во Piano Black боја, ова е елегантен материјал и ја прави кабината да изгледа полуксузно, а пак од друга страна може да претставува негативна точка за некои купувачи бидејќи тешко се одржува чисто и тешко може да се спречат гребнатините. Иако целата кабина е малку темна, благодарение на големиот панорамски сончев кров кој се отвора влегува дополнителна светлина која придонесува за едно поубаво чувство во кабината. И да, како и екстериерот, така и дизајнот на ентериерот е сличен со еден познат автомобилски бренд, но пак ќе кажам дека мене воопшто не ми пречи тоа бидејќи навистина изгледа добро и функционално. Предните седишта се доста удобни и нудат одлична поддршка. Покрај тоа, тие имаат електрично прилагодување и стандардно добивате седишта кои се обвиени во кожа. Од возачка позиција, исто така се согледува целосно технолошка средина. Инструмент таблата не е целосно дигитална, но во средина е поставен 3.5-инчен TFT дисплеј во боја на кој се прикажуваат сите корисни информации за возењето. На централната конзола се наоѓа 10.25-инчен дисплеј за инфозабавниот систем кој има солидна графика и релативно лесно мени, но респонзивноста не е на највисоко ниво. Како стандард се добива и MirrorLink поврзување со вашиот паметен телефон. Додека на долниот дел од централната конзола се наоѓа уште еден дисплеј кој е ексклузивно наменет за функциите на клима уредот. Овој детал е нешто што може да се најде само кај премиум брендовите, функционалноста е океј бидејќи иконите што треба да ги допрете се прилично големи, но во одредени ситуации рефлектира многу светлина што малку го спречува целото ракување. Ергономијата во целата кабина би рекол дека е прилично добра, но сепак јас лично не сум преголем фан на овој систем каде што и финкуциите за клима уредот се контролираат преку екран на допир. Доколку овие функции се контролираа преку традиционални физички копчиња целата работа ќе беше многу полесна…
Се префрлуваме на задните седишта – и ако мислевте дека поради опаѓачката линија на покривот нема да има доволно место грешите. Всушност, и јас бев пријатно изненаден кога седнав на задните седишта бидејќи навистина има повеќе од доволно простор како и за нозете, така и за главата. Двајца патници ќе патуваат во одличен комфор, а благодарение на тоа што во средината нема голем тунел и третиот патник ќе може комотно да се смести, но централниот потпирач за грбот е малку непријатен бидејќи во него е интегриран потпирач за раце и држачи за пијалоци. Кога станува збор за багажникот треба да се напомене дека стандардно се добива електрично отворање и затворање. Багажниот капацитет во стандардната форма изнесува 779 литри, а доколку ги спуштите задните седишта се добива капацитет од 1420 литри. Подот не е комплетно рамен со браникот, но отворањето е широко и лесно може да ставите и поголеми предмети.
Glory F5 е достапен само со еден бензински мотор, а тоа е 1.5-литарски четирицилиндарски турбо мотор со потекло од Mitsubishi. Располага со 137 коњски сили достапни при 5.600 вртежи во минута и 220 Nm вртежен момент достапни од 2.000 вртежи во минута. Моторот е поврзан со CVT автоматски менувач од познатата марка ZF, а силата ја пренесува само на предните тркала. Моторот има релативно тивко работење и одлично е изолиран без да има вибрации и пренагласена бучава во кабината. Со оглед на тоа што ова е возило за посмирено и релаксирано возење, перформансите кои ги нуди овој мотор се сосема задоволителни. Кога станува збор за менувачот, како и со секој друг менувач од овој тип, така и тука при поагресивно притискање на педалата за гас во кабината преовладува онаа неприродна и понагласена бучава. Во многу наврати, забележително е и мало доцнење од моментот кога ќе се притисне педалата за гас до моментот кога се добива одговор од моторот за да се добие посакуваната сила. Што се однесува до потрошувачката, во текот на неколку дневното тестирање забележав просечна потрошувачка од 10 до 11 литри на 100 изминати километри.
Кај Glory F5 е достапно само едно ниво на опременост и листата на стандардната опрема е навистина голема, а дел од работите кои ги добивате се: Full LED предни и задни светла, 18-инчни алуминиумски бандажи, 10.25-инчен дисплеј за инфозабавниот систем, панорамски сончев покрив, кожни седишта со електрично подесување, електрично отворање и затворање за вратата од багажникот, предни и задни паркинг сензори, задна паркинг камера, автоматски клима уред, адаптивен темпомат, најнови технологии за безбедност и многу друго…
Гледан од надвор, Glory F5 изгледа спортски, но тоа спортско чувство не го очекувајте и зад воланот. Всушност, големо браво за DFSK што не ни пробале да го направат овој автомобил спортски, туку напротив се фокусирале да го направат што е можно покомфорен и рафиниран – и успеале во тоа. Во градски услови, Glory F5 е многу лесен автомобил за возење, управувачот е лесен и релативно прецизен за маневрирање, додека суспензијата успева перфектно да ги филтрира сите дупки и нерамнини, а и покрај тоа што вози со 18-инчни бандажи во кабината нема несакани удари и вибрации. Единствената замерка која ја имам е за прегледноста кон задниот дел, поради кровот кој е со опаѓачка линија задното стакло е премногу мало, но мора да се направат некои компромиси. Плус, добивате задни паркинг сензори, како и задна паркинг камера така што паркирањето во тесни места нема да ви претставува проблем. На автопат и во права линија Glory F5 импресионира со квалитето на возење што го нуди, во кабината е доста удобно и релативно тивко. При подинамично возење на пат со остри кривини не покажува знаци на непријатност, да има одредено навалување, но не е страшно. За добрата стабилност се задолжени предната McPherson суспензија и multi-link суспензијата на задниот дел. Очигледно е дека кој и да го купи Glory F5 нема да бара брилијантно однесување на кривулести патишта.
Кинеската автомобилска индустрија во последните неколку години се повеќе и повеќе расте и е на одличен пат. Азискиот гигант се разбуди и сакале или не, неговите брендови наскоро може да станат и едни од водечките играчи на европскиот пазар. DFSK ќе го земам како пример за ова – новиот Glory F5 покажува за што е способна оваа фирма. Новиот теренец на DFSK е во сегмент каде што нема директни конкуренти, за да се најдат алтернативи на Glory F5 мора да се оди директно во премиум брендовите, а таму цената на возилата е и повеќе од двојно поголема. Ова е автомобил кој може да ја надмине недовербата што ја имаат некои купувачи при купување автомобил од кинеска марка. Стандардната гаранција која ја нуди DFSK е 4 години или 100.000 километри, а постои можност и за продолжување на гаранцијата на 7 години или 100.000 километри.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Цената на DFSK Glory F5 изнесува 24.990 евра.
Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на ABC Brother.


























