Во последнава година се почесто на тест имам целосно електрични автомобили, а тоа е добра работа. Сакале или не, електричните автомобили се иднината, а веќе има неколку брендови кои дадоа изјава дека во наредните неколку години сите модели ќе бидат електрични. Па затоа денес ќе зборуваме за еден бренд кој во својата гама нуди само електрични модели. За некој ќе биде познат овој бренд, а за некој можеби и не – станува збор за Seres. Ова е под-бренд на кинескиот гигант DFSK, кој главно е фокусиран на електрични SUV модели, а Seres 3 за кој ќе зборуваме денес е првиот модел на брендот кој се продава во Европа.
DFSK е веќе добро познат бренд на македонскиот пазар, пред некоја година на тест го имав големиот Glory 580, а на почетокот на оваа година поминав неколку дена со новиот Glory F5 кои ми остави навистина добар впечаток. Кога станува збор за надворешниот дизајн на кинеските автомобили она што веднаш ни „паѓа на памет“ на сите нас е дека овој дел е “ископиран” од оној бренд, тој дел е “ископиран” од овој бренд и така натаму…Да, голем дел од тие автомобили имаат некои детали кои се лесно воочливи дека делумно се превземени од некои европски бренд, но на крај на денот тоа и не е толку лошо бидејќи сепак сите тие автомобили си имаат еден свој надворешен изглед. Seres 3 има малку различна приказна од другите модели на DFSK (барем за надворешниот дизајн), автомобилот има смирен и навистина солиден дизајн. Доколку се тргнат сите ознаки кои ги има, сигурен сум дека никогаш нема да погодите дека станува збор за кинески автомобил – одличен доказ за успешен дизајн. Друга работа што е интересна за Seres 3 е тоа што дизајнот не е кој знае колку футуристички за веднаш да биде јасно дека станува збор за електричен автомобил, напротив, единствениот дизајнерски детал кој „издава“ дека ова е електричен модел е предната маска која е целосно затворена и на неа има детали во светло сина боја. Мене лично многу ми се допаѓа тоа што Seres се одлучиле за еден ваков “поконвенционален” дизајн и за тоа заслужуваат голема пофалба. Се на се, Seres 3 изгледа европски, модерно и во исто време доста културно.
Одиме внатре, а првата работа која на сите нас ни „паѓа на памет“ за ентериерот на кинески автомобили е тоа дека квалитетот на материјалите ќе биде лош и дека голем дел од местата ќе бидат од тврда пластика. Епа ова правило не важи за Seres 3 ама баш ич! – веднаш ќе кажам дека ова е најквалитетната и најубаво средена кабина од сите други кинески автомобили кои сум имал можност да ги возам. Океј океј, и тука има мал број на детали кои се превземени од некои европски брендови и да бидам искрен, мене барем воопшто не ми пречи тоа бидејќи севкупно кабината има перфектен и целосно модерен ентериер. Воланот има спортски дизајн и е со рамно дно, не знам зашто е ставен ваков волан во овој модел, но изгледа доста фино. Пред возачот се наоѓа и целосно дигитална инструмент табла која нуди висок степен на конфигурабилност и може да одберете од три различни прикази. На горниот дел од централната конзола се наоѓа 10.25-инчен дисплеј за инфозабавниот систем кој има навистина чиста графика и одлична респонзивност. Под тоа се наоѓаат физичките контроли за клима уредот кои се едноставни и доста практични за ракување. Кога сме веќе кај клима уредот, отворите за воздух имаат многу кул дизајн, а под нив низ целата конзола се протега лента со сини шевови. На средишниот дел помеѓу возачот и совозачот е поставен кружен контролер за менувачот кој кога ќе го уклучите возилот се подига нагоре, а кога ќе го исклучите се собира внатре. До менувачот се наоѓаат физички копчиња за греење на седишта, одбирање на режимот на возење и приказ на камерите. Просторот на предните седишта е одличен, а во ова највисоко ниво на опременост добивата и електрично подесување за седиштата. Сите контроли се поставени на перфектно место и ергономијата е на многу солидно ниво, а единствената замерка која ја имам за ентериерот е тоа што воланот се подесува само по височина, а не и по длабочина. Сепак, дури и повисоките возачи лесно ќе можат да ја најдат својата идеална возачка позиција.
Од надвор, Seres 3 можеби и не изгледа толку пространо, но задните седишта со оглед на големината на автомобилот нудат и повеќе од доволно простор за двајца патници, како и за нозете, така и за главата. По потреба може да се смести и трет патник, но така ќе биде нарушен комфорот на сите патници. Тест моделот беше опремен и со огромен панорамски сончев покрив кој придонесува за целата кабина да изгледа попросторна и да не биде клаустрофобична. Во багажникот на располагање се достапни 526 литри багажен капацитет, а отворањето е широко и просторот е во правилна коцкаста форма, додека подот не е комплетно рамен со браникот.
Што се однесува до погонот, Seres 3 користи литиум-јонска батерија со капацитет од 53.6 kWh и електромотор кој ги придвижува само предните тркала. Моќноста на електромоторот е 163 коњски сили и 300 Nm вртежен момент, а ова овозможува забрзување до 100 километри на час за 8.9 секунди и максимална брзина од 155 километри на час, скоро сите компактни електрични модели се електронски лимитирани на 150 километри на час. Според построгите WLTP мерења, Seres 3 со едно полнење треба да помине 329 километри. Во периодот кога јас го имав на тест, температурите надвор беа многу под 0 степени и константно имав уклучено клима уред. Во вакви услови јас успеав да поминам околу 270 километри со едно полнење, што на крај на денот ова е одлична бројка, а и сигурен сум дека во нормални услови без никаков проблем ќе ги помине тие декларирани 329 километри. Перформансите кои ги нуди не се кој знае какви, но кога ќе се земе во предвид намената на овој автомобил се навистина доволни. Оној удар кој го имаат електричните автомобили кога ќе ја притиснете педалата за гас до крај, тука го нема – и тоа е добра работа. Електричен SUV како што е Seres 3 треба да биде лесен секојдневен автомобил за секого, па затоа не се ни потребни спортски перформанси.
Што кога ќе се испразни батеријата? – Seres 3 може да го полните во домашни услови или на јавно достапните полначи кои ги има низ цела Македонија. На јавните полначи на ЕВН батериите на Seres 3 ќе се наполнат за околу 9 часа и ако го полните само на овие полначи ќе возите за „безпари“ бидејќи сега за сега ЕВН не ја наплаќа оваа услуга. Во домашни услови на стандарден штекер, полнењето на батериите би требало да трае околу 15 до 16 часа, но поентата на овие автомобили е секогаш кога имате можност да го приклучите автомобилот да се полни, а не да ги испразните целосно батериите па тогаш да ги полните. Исто така, Seres 3 поддржува и брзо полнење со јачина од 100 kW, но за жал таков тип на полначи сеуште немаме во нашата држава – со ваков полнач батериите до 80% се полнат за 30 до 40 минути. За сите оние што го поставуваат прашањето – и што ќе се случи кога ќе треба да ја променам батеријата? или колку време ќе трае батеријата? Seres 3 нуди 8 години или 120.000 километри гаранција за батериите и електромоторот, а по истекот на гаранцијата батеријата ќе има најмалку 70% од својот оригинален капацитет.
Возењето на целосно електричен автомобил си бара одредени промени во начинот на возење споредено со автомобилите со конвенционални мотори, но привикнувањето е доста лесно и брзо. Seres 3 е од оние автомобили кои се многу лесни за возење, особено во градски услови. Прегледноста од сите страни е сосема задоволителна, а кога треба да се паркирате или маневрирате во некои тесни места, тука се камерите од 360 степени кои сето тоа ќе ви го олеснат. Управувачот е лесен и прецизен, но како што и се очекува не добивате никакви повратни информации. Шасијата на Seres 3 е перфектно балансирана за да понуди комфорно, но во исто време и сигурно возење. Суспензијата е малку на потврдата страна, а тоа се чувствува на некои поголеми дупки и нерамнини. Сепак, убаво ги филтрира голем дел од нерамнините и далеку од тоа дека Seres 3 е некомфорен автомобил. Поради тоа што под хаубата не работи мотор со внатрешно согорување, кабината е исклучително тивка и рафинирана. На автопат при брзини од 130-140 км/ч се слуша одредена бучава од ретровизорите и тркалата, изолацијата е добра, но баш поради тоа што нема „галама“ од моторот доаѓа повеќе до израз таа бучава од ветер. Со Seres 3 без никаков проблем ќе може да патувате и на некои подолги релации бидејќи во такви услови на возење, внатре е исклучително удобно, а сите системи за асистенција при возење кои се добиваат во стандардната опрема го олеснуваат целиот тој процес. Достапни се три различни режими на возење – Eco, Normal и Sport. Разликата помеѓу овие режими е многу минимална, во Eco режим моќноста и респонзивноста се намалени, во Normal режим…се е нормално, и во Sport режим респонзивноста на педалата за гас е зголемена и достапни се сите оние 163 коњски сили со кои располага автомобилот. Спортското и динамично возење не е баш јаката страна на Seres 3, а реално не треба ни да биде. Ми се допаѓа тоа што инженерите воопшто не ни пробале да го направат Seres 3 „спортски“ автомобил, туку главниот приоритет е ставен на рафинираноста, комфорноста и тоа да се добие што е можно поубаво и релаксирано чувство зад управувачот.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Почетната цена на Seres 3 Standard изнесува 30.000 евра.
Цената на тестираниот модел Seres 3 Premium изнесува 33.000 евра.
Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на ABC Brother.






















