Тест: Volkswagen T-Roc 1.6 TDI 115

T-Roc е втор SUV по големина во гамата на Volkswagen.Базиран е на Golf и е поставен на добро познатата MQB платформа.За прв пат се појави на пазарот во 2017 година, а продажбата започна во истиот месец кога прекинa продажбата на Scirocco…Ова е чист доказ дека ваквите мали кросовери земаа голем удел во продажбата на нови возила и купувачите се повеќе бараат кросовери одколку купе возила.Океј, кросоверите имаат повеќе бенефиции-повеќе простор во внатрешноста и уште плус две врати во споредба со купе моделите и затоа се добар избор за фамилијарните луѓе.
Должината на возилото изнесува 4234мм, ширината 1819мм и висината е 1573мм.

Според мене T-Roc е повисока и доста постилска алтернатива на легендардниот Golf и е возило кое треба да го земете во предвид ако ви е битно тоа што има повисока седечка позиција и попривлечен надворешен дизајн одколку некои други работи. Надворешниот дизајн на T-Roc изгледа доста урбано, привлечно и на некој начин тоа го прави да се издвојува во големата конкуренција, плус достапно е големо ниво на персонализација како и на екстериерот така и на ентериерот.Океј, изгледот нема да биде по сечиј вкус, но е возило по кое ќе се свртите кога ќе го видите на улица.Многу луѓе кога ќе се спомне името T-Roc имаат реакција од типот на-тоа е “подигнат Golf”.Да, до негде може е и точно тоа, но возилото си има свој специфичен карактер.
Достапни се три нивоа на опременост: T-Roc, Style и Sport-Тестираниот модел беше во првото ниво.Поради темната кафеава боја не доаѓаат толку до израз линиите на возилото, јас би го земал во некоја посветла и поинтересна боја бидејќи баш таквите бои перфектно му прилегаат.Исто така, 16 инчните бандажи изгледаат доста мали на овој тип на возило, па јас би одел со поголеми 17 инчни бандажи.

Ако сте седеле во некои од поновите модели на Volkswagen, ентериерот во T-Roc ќе ви биде добро познат. Го има тој класичен Volkswagen стил каде што сите контроли и копчиња се поставени на перфектно место и се јасни и лесни за користење дури и при возење ергономијата е на високо ниво. Бидејќи T-Roc е наменет за луѓе кои сакаат возилото да им биде доста кул и интересно, како опција достапни се неколку интересни бои за персонализација на ентериерот и така целиот ентериер изгледа “Fancy”. Она што ме разочара во ентериерот е квалитетот на материјалите. Volkswagen одсекогаш биле познати по одличните и многу квалитетни материјали, но за жал во T-Roc тоа не е така, повеќето материјали се тврди на допир и ако се спореди со квалитетот на материјалите во Golf е за нијанса подоле. Како стандард во сите модели добивате 8 инчен дисплеј за infotainment системот заедно со Apple CarPlay, Android auto и MirrorLink. Дефинитивно еден од најдобрите и најлесни системи за користење. Графиката е одлична, менито е едноставно и јасно и е доста респонзивен. Доколку сакате и вграден навигациски ситем ќе треба да доплатите за Discover Media системот, но да бидам искрен навистина немате потреба од тоа бидејќи големината на дисплејот е иста, а стандардно добивате поддршка за поврзување на вашиот паметен телефон преку кој може да уклучите Google Maps и да го користите тоа. Исто така, T-Roc е достапен и со Aктивен инфо дисплеј кој е во замена на традиционалната инструмент табла(стандард во највисокото ниво на опрема). За пофалба е и стандардниот аудио систем со 8 звучника кој дури ќе ве подзамисли дали воопшто вреди да доплатите за Beats аудио системот бидејќи тоа што го добивате како стандард е и повеќе од доволно.

Просторот на задните седишта е една од слабите страни на T-Roc. Луѓе кои се високи до 180cm ќе имаат доволно простор за нозете и главата со што ќе можат да седат релативно удобно и на подолги патувања. По потреба ќе собере и тројца патници, но поради поголемиот тунел, патникот кој ќе седи во средина ќе нема баш место каде да ги стави нозете. Исто така, ако седат тројца патници назад цело време рамениците ќе ви бидат допрени и нема да се чувствувате удобно. Багажниот простор е во рамките на нормалата за овој тип на возила и на располагање имате 445 литри, а доколку ги спуштите задните седишта добивате 1.290 литри.Важна информација е тоа што моделите кои го имаат 4Motion системот-погон на сите тркала, имаат малку помал багажник и достапни ви се 392 литри. Отворањето на багажникот е широко и формата е коцкаста, но и покрај тоа што подот се прилагодува по висина никогаш не е комплетно рамен, а тоа може да претставува мал проблем доколку треба да ставате и вадите потешки работи од него.

Може да одберете помеѓу три бензински и два дизел мотори:
Бензински:
1.0 TSI со 115 коњски сили
1.5 TSI со 150 коњски сили
2.0 TSI со 190 коњски сили
Дизел:
1.6 TDI со 115 коњски сили
2.0 TDI со 150 коњски сили
Некои од овие мотори се достапни и со 4Motion систем, како и со DSG автоматски менувач.

Тестираниот модел беше опремен со 1.6 TDI дизелскиот мотор кој има 115 коњски сили и 250Nm вртежен момент.Забрзувањето до 100 км/ч трае 10.9 секунди, а максималната брзина е 187 км/ч.Океј, овие бројки не се којзнае какви, но се сосема респектабилни. Перформансите кои ги има возилото со овој мотор се и повеќе од доволни за секојдновно возење низ град како и за на отворен пат, а сигурен сум дека ќе ги задоволи потребите на голем број од купувачите на T-Roc. Мојата просечната потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше од 6.5 до 7 литри на 100 изминати километри.

Што се добивате во стандардната опрема на ова прво ‘T-Roc’ ниво?
Двозонска автоматска клима, греење на предни седишта, Lane Assist, мултифункционален кожен волан, паркинг сензори напред и назад, 16 инчни алуминиумски бандажи, Front Assist(систем за предупредување за фронтален судат со автономно сопирање), затемнети задни стакла, адаптивен темпомат, радио Composition Media со 8 инчен дисплеј, App Connect(поврзување на вашиот паметен телефон), пакет Light & Sight, задни LED светла и уште многу други работи…

Повисоката седечка позиција во овој тип на возила дава поголема прегледност во возењето одколку во конвенционалните хечбек модели. Прегледноста во T-Roc напред е одлична, предните столбови се тенки и не пречат на видливоста. За жал, неможам да го кажам истото и за назад, поради малото задно стакло и големите задни столбови прегледноста е доста лимитирана. Без паника, затоа Volkswagen решиле сите модели да доаѓаат стандардно опремени со предни и задни паркинг сензори! Возењето во град е комфорно и релаксирано, а суспензијата одлично се справува со сите дупки и нерамнини на патот. Кога ќе излезете на автопат возењето е исто така комфорно, но не е релаксирано бидејќи изолацијата е слаба и се слуша мала бучава која доаѓа од ретровизорите и од моторот. Она што треба да се пофали е прецизниот и лесен управувач, како и мануелниот менувач кој одлично си ја завршува својата работа. Стигаме на некој пат полн со кривини…иии тука T-Roc ќе ги разочара сите ентузијасти кој сакаат малку подинамично возење(вклучувајќи ме и мене). Навалувањето во кривини е понагласено и возењето неможе да се нарече забавно(еххх, златен Golf). Искрено потполно ми е јасно дека ова возило не е направено за такво динамично возење, а и луѓето кои ќе го купат нема да го бараат тоа од возилото. Моделите со 4Motion системот имаат multi-link задна суспензија, додека моделите со преден погон имаат torsion beam задна суспензија. Како опција, достапно е и Dynamic Chassis Control што ви овозможува да го смените профилот на возење-Normal, Comfort, Sport и Individual.

Почетната цена на Volkswagen T-Roc 1.0 TSI 115 изнесува 20.242€
Цената на тестираниот модел Volkswagen T-Roc 1.6 TDI 115 изнесува 24.783€

Повеќе информации за возилото може да најдете на https://www.volkswagen.com.mk/t-roc

ЗАКЛУЧОК
T-Roc можеби не е најдоброто и најзабавното возило од Volkswagen, но има доста привлечен дизајн кој го прави да биде некако 'Unique', а во моментот такво возило бараат поголем дел од купувачите.Тоа го покажа и одличната продажба која ја има-T-Roc е еден од најпродаваните автомобили во Европа!
ПОЗИТИВНО
Голем избор на персонализација.
Стилски изглед.
Одлични мотори.
НЕГАТИВНО
Квалитетот на некои материјали во кабината.
Golf нуди позабавно возење.
3.8