Тест: Volkswagen Amarok 2.0 TDI 4Motion Comfortline

Volkswagen Amarok за прв пат беше претставен во 2010 година и воедно е првиот pick-up модел на VW, а главните конкуренти му се Mitsubishi L200, Ford Ranger, Nissan Navara и Toyota Hilux. Во 2016 година Amarok доби мал дискретен фејслифт, но најбитната промена се моторите, во понудата беше ставен 3.0 V6 TDI кој е достапен во три различни варијанти.
Должината на возилото изнесува 5.254мм, ширината 1.954мм, меѓуоскиното растојание 3.097мм и висината е 1.834мм.

Аmarok е еден од ретките pick-up возила што мене лично навистина ми се допаѓа. Со фејслифтот измените на надворешниот дизајн се минимални, но сепак дизајнот сега изгледа поубаво и стилски. Промените се- нов преден и заден браник, нови светла, нов дизајн на бандажите и уште некои ситници…Може да одберете помеѓу три нивоа на опременост: Trendline, Comfortline и Highline. Тестираниот модел беше во Comfortline нивото со уште нешто плус дополнителна опрема. Помеѓу Comfortline и Highline разликата во цена не е толку голема и добивата доста солидна стандардна опрема во двете нивоа, кое и да го изберете од овие две нема да згрешите.

Ентериерот има многу сличен изглед како и сите други возила на Volkswagen, но тука во Amarok повеќето материјали не се меки на допир што реално и не е така лошо бидејќи ова возило не треба да биде којзнае колку луксузно внатре. Дизајнот посебно за pick-up модел е доста убав и се е некако перфектно направено, сите копчиња и контроли се јасни и лесни за ракување при возење. Infotainment системот e достапен само со 6.3 инчен дисплеј, да може е малку мал, но искрено не верувам дека на некого тоа ќе му пречи. Има поддршка за Apple CarPlay и AndroidAuto, графиката е одлична, работи брзо и е доста респонзивен-еден од најлесните infotainment системи за користење! На возачкото седиште има доста прилагодувања за воланот и седиштето и многу лесно ќе може да ја најдете вашата идеална позиција. Сепак подолгите патувања нема да ви бидат баш удобни бидејќи седиштата не нудат добра поддршка за грбот, освен ако не ја ставите опцијата за лумбарна поддршка.

Кога ќе го видите од надвор Amarok изгледа мноогу големо и тоа е точно – огромен е. Многумина и ќе си помислат дека нуди премногу простор во кабината, да, просторот на предните седишта е одличен и сосема доволен за повисоки луѓе, но просторот кој го нуди на задните седишта па и не баш така зачудувачки голем. Да не ме сфатите погрешно, простор има не е дека нема ич, двајца патници од 180cm ќе може да седат комплетно удобно со доволно простор за нозете и главата. Тие што се повисоки од тоа, ќе имаат проблем со просторот за нозете, а пак за тројца патници возењето на кратки релации ќе биде океј и нема да претставува проблем, но ако треба да патувате подолго време на патникот што ќе седи во средина не верувам дека ќе му биде баш пријатно. Колку е голем багажниот простор – ПРЕМНОГУ! Товарниот сандак има површина од 2.52 м2 и вкупната максимална носивост изнесува 1.055 kg. Amarok може да се пофали со тоа што има најголем товарен сандак во својата класа!

Во понудата достапни се четири дизел мотори:

2.0 TDI со 140 коњски сили
2.0 TDI со 177 коњски сили
3.0 V6 TDI со 201 коњски сили
3.0 V6 TDI со 221 коњски сили

2.0 моторите достапни се со мануелен или автоматски менувач, додека 3.0 стандард доаѓаат со 8 степен автоматски менувач. Тестираниот модел го имаше 2.0 TDI моторот со 140 коњски сили и 340Nm вртежен момент и селективен 4MOTION систем. Пред да го земам на тест, мислев дека овој мотор ќе биде слаб и дека нема да биде баш доволен за возилото кога ќе се земе во предвид вкупната тежина од 2820kg. После неколкуте дена поминати со Amarok сфатив дека моторот па и не е баш слаб, перформансите се солидни и сосема доволни како и за возење во град така и за на отворен пат, па и за off-road. Просечната потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше од 10 до 10.5 литри на 100 изминати километри. Сепак јас би го земал со појакиот 3.0 V6 мотор бидејќи ако веќе купувам ваков тип на возило би сакал да го возам на некои по екстремни off-road патишта, а со 3.0 моторот добивате автоматски менувач стандард што ќе ви го олесни многу повеќе возењето.

Во Comfortline нивото добивате опрема како што се: селективен погон на четири тркала, Hill Hold Start, Hill Descent, електронска блокада на диференцијал, темпомат, борд компјутер, полуавтоматска клима, сензори за паркирање напред и назад, алуминиумски 17 инчни бандажи, Composition Media 6.3″, волан и менувач обложени во кожа, механичко блокирање на диференцијалот на задната оска и уште многу друго…

Возењето во Amarok низ градските улици е добро, суспензијата не е премногу тврда и нема премногу клатење, но ако ви е битен комфорот во возењето моделите со перманентен 4MOTION систем имаат малку помека суспензија. Да бидам реален, според мене Amarok па и не е баш идеалното возило за секојдневно возење низ градските улици, особено не во Скопје. Тоа го мислам поради една причина што навистина е големо возило и најголемиот проблем е паркирањето, неможе да го паркирате секаде како што може со некое помало возило, за некого може и воопшто нема да му претставува проблем ова, но мене дефинитивно би ми пречело. Поради тоа што седечката позиција е доста повисока од нормалата, за прегледноста немам никакви замерки, доста прегледно возило, а сензорите напред и назад ја олеснуваат уште повеќе работата. Ако планирате со Amarok да одите на некои предолги патувања каде што поголем дел од патот ќе возите на автопат-не е баш најдоброто возило за таа намена. Зошто?- изолацијата во возилото е на послабата страна, од големите ретровизори има доста бучава во кабината, а исто така има и бучава која доаѓа од моторот, особено на повисоки вртежи. На пат со кривини е доста стабилен и нема преголемо навалување, управувачот не е меѓу најпрецизните, но сепак имате некаква контрола, мануелниот менувач е прецизен и лесен за користење ама сепак би ви препорачал автоматски менувач. Кога возите низ кривини и плус ако на патот има снег или мраз, а товарниот сандак ви е празен, задниот дел на возилото знае понекогаш малку да пролизга. Без паника, возилото ги има скоро сите безбедносни системи што помагаат за возењето да биде секогаш безбедно. Најбитната работа во која што Amarok се покажа доста добро е секако Off-Road возењето- имав прилика да го возам на пат со мнооогу снег кој не е прооден за нормални возила и во ниеден момент не ме разочара, а цело тоа Off-Road возење беше толку забавно што неможе да се опише со зборови! После сите овие денови поминати со него кој беа полни со авантури и забава, би сакал да го имам во мојата гаража!

Почетната цена за Volkswagen Amarok Trendline 2.0 TDI 4MOTION изнесува 24.756€.

Цената на тестираниот модел Volkswagen Amarok Comfortline 2.0 TDI 4MOTION изнесува 34.404€.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Volkswagen.

ЗАКЛУЧОК
Дали вреди да се купи вакво pick-up возило? - Па со тоа што возилото може да го користите за секакви намени и може да ги исполни сите ваши потреби, а плус ќе може да одите и на многу авантури со него, дефинитивно вреди!
ПОЗИТИВНО
Просторна и практична кабина.
Голем багажен капацитет.
Одличен квалитет.
НЕГАТИВНО
Тежок за паркирање.
Суспензијата не е најкомфорна.
4