Volkswagen ја прошири својата гама на SUV модели со новиот и урбан T-Cross. Ова е и најмалиот SUV модел кој го нуди брендот, базиран е на Polo и ја користи истата MQB платформа, достапен е со истите мотори и се произведува во истата фабрика каде што се произведува и Polo, но T-Cross е за 54мм подолг, 138мм повисок и седењето е за 100мм повисоко. Моментално оваа класа на возила како што е T-Cross е една од најпопуларните меѓу купувачите и скоро и да не постои бренд кој нема возило во оваа класа, но дали T-Cross нуди нешто повеќе од конкурентните модели и дали вреди да се купи наместо Polo?- прочитајте го тестот за да го дознаете моето мислење.
Кога станува збор за надворешниот дизајн би кажал дека е малку конзервативен, а воедно е и тотално различен од другите SUV модели на брендот. На предниот дел доминира големата решетка како и LED светлата кои ги имаше тест моделот(многу добро го осветлуваат патот пред Вас навечер). На задниот дел вниманието го привлекуваат задните светла кои се споени(за жал лентата во средина не свети), но сепак е интересен и кул детал. Гледан од страна, веднаш се приметува коцкастата форма која ја има. Исто така, додени се црни пластики на браниците и од страните за да се даде до знаење дека се работи за SUV модел. Една од главните причини за купување на ваков модел наместо конвенционален хечбек е дизајнот и целиот стил на возилото(нормално и поголемата практичност), дизајнот нема некој преголем wow ефект, но сепак изгледа интересно и според мене попвривлечно од Polo… Плус, достапни се многу храбри бои(една од нив ја има тест возилото), кои перфектно му прилегаат и го прават да се издвојува меѓу другите автомобили. Постојат и многу различни опции за персонализација како и за екстериерот, така и за ентериерот, а тоа значи дека може да си направите спецификација баш по ваш вкус. За оние кои сакаат поспортски изглед достапно е R-Line нивото кое добива различни спортски браници, заден спојлер, уникатни алуминиумски бандажи и многу спортски детали во ентериерот.
Должината на возилото изнесува 4108мм, ширината 1760мм, висината 1584мм и меѓуоскиното растојание е 2551мм.
T-Cross е мал од надвор, а голем од внатре. Кабината е една од најпросторните во оваа класа на возила, а дизајнот е со класичен Volkswagen стил каде што воланот, седиштата и сите контроли се перфектно поставени и се лесни за користење. Како и екстериерот, така и ентериерот е со поедноставен дизајн и чисти форми. Имам само една замерка, а тоа е квалитетот на материјалите кои се искористени. Повеќето делови се тврди на допир и материјалите кои се искористени во Polo се за нијанса со подобар квалитет. Но, генерално се е добро склопено и нема никакво крцкање, а реално ни со тек на време нема да се појави нешто такво. На горниот дел од централната конзола поставен е одличен 8-инчен дисплеј за infotainment системот и го добивате стандард во сите модели. Графиката е чиста, менито е едноставно и лесно за користење и целиот систем работи многу интуитивно и респонзивно. Како опција кај T-Cross е достапна и дигитална инструмент табла со 10.3-инчен дисплеј која ги покажува сите битни информации и е доста конфигуративна, опција која дефинитивно би ја препорачал. Стандардно добивате доста солиден аудио систем со 6 звучници, а Volkswagen се познати по тоа што стандардните аудио системи имаат одличен звук. На тие што ова нема да им биде доволно добро, како опција може да ставите Beats аудио систем од 300W.
Освен на предните седишта, T-Cross е импресивно просторен и практичен и на задните седишта, дефинитивно нуди најмногу простор на задните седишта во оваа класа на возила. Ова се добива благодарение на лизгачката задна клупа која може да ја поместите за 10 сантиметри понапред или поназад. Двајца патници од 190 сантиметри ќе може без никаков проблем да се сместат и притоа да имаат повеќе од доволно простор и за нозете и за главата. Тројца патници ќе може да седат прилично удобно, но не за предолги патувања. Со задната клупа поставена во нормална позиција багажникот нуди капацитет од 385 литри, а доколку ја поместите понапред се добиваат 455 литри багажен капацитет. Кога ви е потребно уште повеќе простор и треба да ставите подолги и поголеми работи, задните седишта се спуштаат и така добивате одлични 1281 литри капацитет. Отворањето е широко и благодарение на подот кој се подесува по висина добивате комплетно рамен под што помага и го олеснува вадењето на потешки работи од багажникот.
Volkswagen T-Cross е достапен со добро познатите TSI и TDI мотори. Понудата кај бензинците започнува со 1.0-литарскиот TSI со 95 коњски сили(достапен само со 5-степен мануелен менувач), па следи истиот мотор, но овој пат со 115 коњски сили и на врвот е 1.5-литарскиот TSI со 150 коњски сили(достапен само со DSG автоматски менувач). Кога станува збор за дизел мотори, достапен е само еден 1.6-литарски TDI со 95 коњски сили, а може да одберете 6-степен мануелен или DSG автоматски менувач. Сите модели се достапни само со преден погон и опција за погон на сите четири тркала не е достапна.
Тестираниот модел го носеше 1.0-литарскиот TSI мотор со 115 коњски сили и 200Nm вртежен момент. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 10.2 секунди, а максималната брзина е 193 км/ч. Овие бројки не се којзнае какви, но до сега имав прилика овој ист мотор да го пробам во повеќе различни модели од VAG групацијата и можам да кажам дека за овие градски автомобили е идеалниот мотор кој може да го одберете. Одличен за градско возење и сосема задоволителен за возење на отворен пат. Пофалби и за супер прецизниот и многу добар мануелен менувач. Мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше 7.5 литри на 100 изминати километри.
Може да одберете од три нивоа на опременост: T-Cross, Life и Style.
Тест моделот беше во второто Life ниво на опременост, а стандардната опрема вклучува- 16-инчни алуминиумски бандажи, предни и задни паркинг сензори, автоматски клима уред, адаптивен темпомат, 8-инчен infotainment дисплеј со Apple CarPlay и Android Auto, мултифункционален кожен волан, Front Assist, Blind Spot Assist, Lane Assist, Rear Traffic Alert и многу друго. *тестираниот модел имаше и плус дополнителна опрема- Full LED предни светла со динамичко регулирање, Light Assist, Keyless Access, безжично полнење за мобилен телефон и 17-инчни алуминиумски бандажи.
T-Cross зад управувачот е комфорен, рафиниран и лесен за возење. Благодарение на големите стаклени површини прегледноста е одлична од сите страни и ниту еден од столбовите не ја попречува прегледноста, а тука се и паркинг сензорите кои уште повеќе го олеснуваат паркирањето во тесни места. Управувачот е директен и прецизен и плус ја има онаа идеална тежина каде што не е ни премногу лесен, а не е ни премногу тежок. Суспензијата, исто така го има перфектниот баланс помеѓу комфор и добра стабилност. Одлично се справува и со дупките и нерамнините на патот, а дури и со 17-инчните бандажи што ги имаше тест моделот возењето е комфорно и не се пренесуваат премногу вибрации во кабината. Рафинираноста останува и при возење на отворен пат, во кабината има минимална бучава од ветер што реално секој SUV модел ја има. Генерално, на брзини од 120-130 км/ч внатре е тивко благодарение на добрата изолација која ја има возилото. T-Cross е способен и да го напушти асфалтираниот пат и без проблем ќе ве однесе до некое убаво планинско место. Изненадувачки е тоа што за SUV модел нема преголемо навалување во кривини и навистина “држи” добро и има солиден грип. Исто така, при подинамично возење е доста агилен и управувачот е прецизен и брзо реагира на секоја ваша команда, но не очекувајте премногу повратни информации од патот. T-Cross не е забавен за возење како што е стандарден хечбек модел, а не ни треба да го очекувате тоа од ова возило. На крај на денот, на повеќето од купувачите кои ќе се одлучат за T-Cross нема да им биде премногу битна забавата во возењето, така што тоа што го нуди е повеќе од добро.
Цената на основниот модел Volkswagen T-Cross 1.0 TSI 95 изнесува 18.900 евра.
Акциската цена на тестираниот модел Volkswagen T-Cross 1.0 TSI 115 Life изнесува 20.500 евра.
Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Volkswagen!