Volkswagen Passat GTE

Volkswagen неодамна го освежи Passat, новиот модел доби мали козметички измени на надворешноста и внатрешноста, нови технологии и нови мотори. Plug-in хибридната изведба на Passat за прв пат беше претставена во 2016 година комбинирајќи одлична практичност со многу ниска потрошувачка. Сега во 2019 година, овој модел добива поголема батерија, поголем електричен опсег и сите нови технологии кои ги поседува го прават уште подобар од претходно!
Должината на возилото изнесува 4,775мм, ширината 1,832мм, висината 1,483мм и меѓуоскиното растојание е 2,791мм.
Дали овој хибриден модел е подобра опција од конвенционалните модели со TSI и TDI мотори? Прочитајте го целиот тест за да го дознаете мојот одговор на ова прашање.

Passat е еден од најбитните и најпродаваните модели на Volkswagen, од првото претставување во 1973 година до сега се продадени повеќе од 30 милиони примероци, а и како да не биде толку популарен кога навистина е еден перфектен автомобил во секое поле. GTE моделот лесно ќе го препознаете бидејќи има доста разлики на надворешниот дизајн во споредба со стандардниот Passat. Добива поспортски браници, уникатни 17 или 18-инчни алуминиумски бандажи, шепите на кочниците се во сина боја, GTE ознаки на предната маска, од страните и на вратата од багажникот. Новитет се и предните и задните Full LED светла кои имаат нов многу интересен дизајн, како и кул секвенца при отклучување на возилото. Да, промените на надворешноста не се драстични и нема некоја преголема разлика во споредба со претходниот модел и Volkswagen оделе по правилото “if it ain’t broke, don’t fix it”. Со сите овие промени Passat сега изгледа многу помодерно и има одличен спој на елегантен и спортски дизајн. Освен оваа седан изведба, Passat GTE е достапен и во караванска изведба- за оние на кој им е потребен поголем и попрактичен багажен простор.

Како и надворешноста, така и внатрешноста во новиот Passat има елегантен и луксузен дизајн надополнет со некои спортски детали. Најмногу бев изненаден од квалитетот и завршната обработка на материјалите во кабината. Се што ќе допрете е меко и многу квалитетно, а целиот ентериер е толку добар што може да се спореди и со возила кои се една класа погоре… Како што и може да се очекува од Volkswagen, сите контроли и копчиња се логично поставени и се лесни за користење при возење. Ми се допаднаа и седиштата кои се многу удобни и за долги патувања, имаат многу нагодувања и многу лесно ќе ја најдете идеалната возачка позиција, воедно нудат и одлична странична поддршка и убаво ве држат во кривини при подинамично возење. GTE моделот стандардно добива дигитална инструмент табла од 11.7-инчи која за разлика од таа во другите модели е малку различна и покажува екстра информации за електричниот погон. Графиката е одлична и интерфејсот е многу сличен со Audi Virtual Cockpit. Голем дел од функциите на infotainment системот може да ги контролирате и преку дисплејот кој е поставен директно пред Вас, а исто така, кул е тоа што на целиот тој дисплеј може да одберете да се прикажува само мапата од навигацијата. Стандард е и 9.2-инчниот infotainment дисплеј кој е поставен на централната конзола и доаѓа со вграден навигациски систем, поддршка за Apple CarPlay и Android Auto, како и безжично полнење за вашиот телефон. Менито и сите функции се апдејтирани и го имаат најновиот систем на VW, а јас би рекол дека сега е уште полесен за ракување. Пофалба и за графиката која е кристално чиста. Возењето навечер е вистинско уживање благодарение на амбиенталното осветлување кое исто така го добивате како стандард и може да одберете од 20 различни бои во зависност од вашето расположение.

Патниците кои ќе седат на задните седишта ќе имаат многу просторно и комфорно седење. Луѓе до 190cm имаат и повеќе од доволно простор за нозете, како и за главата. Passat е еден од најпросторните возила во својата класа кога станува збор за простор на задните седишта, па затоа ако е потребно има доволно место за да седат и тројца патници. Багажникот нуди капацитет од 580 литри, а доколку се спуштат задните седишта се добиваат 1,153 литри. Отворањето е широко и просторот е во коцкаста форма, но поради тоа што подот не е комплетно рамен со браникот ставањето и вадењето на потешки работи ќе биде малку покомплицирано.

Што значи ознаката GTE?- GTE изведбата користи комбинација на 1.4-литарски TSI турбо-бензински мотор со 156 коњски сили и 250Nm вртежен момент и електромотор кој има 115 коњски сили. Вкупната системска моќност е 218 коњски сили и 400Nm вртежен момент кој овозможуваат забрзување од 0 до 100 км/ч за 7.4 секунди и максимална брзина од 222 км/ч. Силата се пренесува на предните тркала преку автоматски DSG менувач со 6 брзини кој перфектно си ја завршува својата работа и менувањето на брзини е многу “smooth”. Батеријата која ја има Passat GTE сега е зголемена и има капацитет од 13kWh, а бидејќи се работи за Plug-in хибриден модел, оваа батерија може да ја полните во домашни услови или на некои од јавно поставените полначи низ цела Македонија. Доколку ја полните дома, на батеријата ќе и бидат потребни одприлика 4 часа за да се наполни 100 проценти. Ако користите некои од јавните полначи, во зависност од моќноста на самиот полнач тоа време на полнење може да трае и многу пократко. Само на електричен погон, Passat GTE може да помине реални 50 километри. Тоа е сосема доволно за секојдневно возење на еден просечен човек, одење до работа, враќање од работа и уште некои други обврски во текот на денот кои треба да се завршат. Доколку батеријата ја полните во домашни услови, 100 километри ќе ве чинат нешто помалку од 100 денари. Да, да, убаво прочитавте-100 денари, 100 километри…Ако возите во GTE режимот на работа, а во овој режим заедно во комбинација работат и бензинскиот и електромоторот, просечната потрошувачка на гориво во градски услови на возење изнесува од 5 до 5.5 литри на 100 изминати километри што е помала потрошувачка од повеќето дизел мотори…Дали оваа Plug-in хибридна изведба е подобра опција од конвенционалните модели со бензински или дизел мотори?- Па, според мене, дефинитивно да! Добивате одлични и повеќе од доволни перформанси, сосема доволен опсег само на електричен погон и многу ниска потрошувачка на гориво.

Бидејќи листата на стандардната опрема која ја добивате во Passat GTE е навистина премногу долга, ќе набројам само некои од побитните работи- Предни динамички IQ Matrix LED светла, задни LED светла, 17-инчни алуминиумски бандажи, спортски-комфорни предни седишта, 9.2-инчен infotainment дисплеј со вграден навигациски систем, дигитална инструмент табла, адаптивен темпомат со front assist и city emergency braking, lane keeping assist, park assist, камери area view 360 степени, предни и задни паркинг сензори, 3-зонска автоматска клима, амбиентално осветлување, прогресивен електро-механички управувач, кабел за полнење во домашен AC приклучок, кабел за полнење на јавен AC приклучок и многу друго…

Возењето во Passat GTE е како и во секој друг Passat, комфорно, рафинирано и во некои ситуации многу тивко. Благодарение на лесниот и прецизен управувач, одличната прегледност и суспензијата која одлично се справува со сите дупки и нерамнини на улиците возењето низ град е многу лесно. Чувството кое го имате кога сте зад управувачот е како да возите некој помал автомобил, а сите тие системи како паркинг сензори и камери многу го олеснуваат паркирањето во тесни места. При подинамично возење низ кривини, нема преголемо навалување и Passat GTE “држи” одлично. Од прецизниот и респонзивен управувач добивате солидни повратни информации за тоа што прават предните тркала. Сепак, ова возило не е наменето за такво возење и не е премногу забавно, што на крај на денот е сосема океј. Она за што е наменето ова возило е крузање на отворен пат. Долгите патувања за сите патници во возилото се многу релаксирани и удобни. Немам никакви замерки и за изолацијата бидејќи и на брзини од 130-140 км/ч нема никаква бучава во кабината која што би ви пречела. Интересна работа е и тоа што навигацискиот систем е толку паметен што кога ќе одберете дестинација и рута по која ќе возите, самиот систем одредува кога може да вози само на електричен погон за да ја намали потрошувачката и ја спрема батеријата за да ја наполни кога ќе возите на автопат. Исто така, достапна е и мобилна апликација и за iOS и за Android преку која може да контролирате голем дел од функциите на возилото, како и да гледате информации за тоа колку проценти е батеријата и уште колку километри може да поминете само на електричен погон и за уште колку километри имате гориво. Сигурно ве интересира и тоа колку гаранција добивате на електричниот погон, Volkswagen дава 8 години или 160.000 километри гаранција за сите компоненти на тој погон.

Volkswagen Passat е еден од најдобрите модели во својата класа, а кога ќе ги земете во предвид перформансите, потрошувачката и сета опрема која ја добивате во оваа Plug-in хибридна изведба, добивате одлична вредност за дадените пари.

Цената на Volkswagen Passat GTE изнесува 39.900€.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Volkswagen!

ГАЛЕРИЈА

Виктор Чемерикиќ

Виктор Чемерикиќ

Љубител на автомобили уште од 1997, основач на вебсајтот ”CarsByVik” и професионален автомобилски фотограф.

Остави коментар