Електричните автомобили не се повеќе иднината, туку се веќе реалност. Скоро и да нема автомобилски бренд кој во моментов не нуди барем еден целосно електричен модел. Кај Volkswagen, приказната за електрична мобилност започна со претставување на модели од ID серијата, а првиот од оваа серија беше компактниот хечбек модел ID.3 (тестот за тој модел прочитајте го тука). Вториот модел од оваа серија е она за што ќе зборуваме денес – односно SUV моделот ID.4. Со оваа нова серија на модели, Volkswagen започна една целосно нова ера за брендот, а ако почетокот изгледа вака добро, воопшто не се сомневам што ќе биде со идните ID модели кои ќе пристигнат многу наскоро.
ID.4 е модел кој ќе остави свој белег во електричната транзиција на брендот – балансиран микс на модерна естетика и напредни технологии, сервиран во класичен SUV костум. Volkswagen се спремни да направат електрична доминација во наредните неколку години, а со продуктите и знаењето кое го имаат до сега тоа не би требало да биде воопшто тешко.
Со оглед на „конзервативниот“ пристап на Германците, дизајнот на ID.4 е навистина пријатен. Елегантен SUV, со волумен кој изгледа поголем од неговите реални димензии. Тука приоритет не е динамиката туку рамнотежата. Облините на каросеријата одразуваат интензивен, младешки карактер. Благодарение на рафинираните облини се постигнува одличен коефициент на аеродинамична отпорност – Cd=0,28. Ова во чисто електричен автомобил игра важна улога, особено во однос на стапката на потрошувачка при движење со големи брзини.
Атрактивниот изглед кај тестираниот модел е дополнително зајакнат благодарение на одличната „Kings Red“ металик боја и двобојната каросерија со покрив во црна боја и детали во сребрена боја. Предниот дел на ID.4 е едноставен, а најголемото внимание го привлекуваат одличните (опционални) IQ.Light LED предни светла кои се поврзани со светлечка лента во средината – детал кој мене лично не ми се допаѓа баш. Долниот дел од браникот има црн дел со отворена решетка кој некако придонесува за поагресивен изглед. На фотографии можеби не изгледа така, но гледан од страна ID.4 изгледа навистина големо, а токму од овој агол се најочигледни широките крила и високиот став кој го има целиот автомобил. Тест примерокот вози на 19-инчни бандажи кои се најоптимален компромис за добар изглед, удобно возење и секако автономија. Како опција, може да се изберат и бандажи до 21-инчи. Задниот дел мене лично ми е и најинтересен – свој удел тука имаат повторно IQ.Light LED светлата кој се со 3D дизајн и повторно како и напред, тие се поврзани со светлечка лента која се протега низ целиот заден дел. На вратата од багажникот со бели букви е испишано името ID.4, додека долниот дел од браникот е со голем елемент во мат црна боја.
Поинтересно е она што се крие под надворешниот изглед. Како модел на семејството ID, тој се базира на новата, модуларна MEB платформа специјално развиена за електрични возила. Во подот на автомобилот е скриена батерија со капацитет од 77 kWh и тежина од 493 килограми. Вкупно, тежината на автомобилот надминува два тона – односно 2.124 килограми. Но, сето ова е поделено подеднакво, односно 50:50 помеѓу предните и задните тркала. Исто така, благодарение на дизајнот на подот, центарот на гравитација е многу низок, така што стабилноста во свиоци нема негативно влијание.
Со влегување во кабината, веднаш се забележуваат сличностите во однос на дизајнот кој ги дели со помалиот ID.3. Некој кој немал многу контакт со електричните автомобили, ќе открие еден прекрасен, нов свет. Под услов да е подготвен повторно да научи одредени работи од нула. Според новата филозофија на користење, доволно е само да седнете на возачкото седиште и автомобилот автоматски се вклучува. За да тргнете, се што треба да направите е да го свртите прекинувачот за менувачот во D и спремни сте за возење. Истото важи и кога ќе се паркирате – притискате P на менувачот, излегувате и заклучувате. Но, напротив, употребата на сензор за тежина на возачкото седиште има свои негативности. На пример, ако излезете да купите нешто од продавница, веднаш ги оставате сите во автомобилот без греење и радио…бидејќи со отворање на вратата автомобилот автоматски се исклучува.
Пред возачот е поставена мала инстумент табла од 5.3-инчи на која се прикажани само важните информации околу возењето – може да ја конфигурирате, но искрено ништо спектакуларно. Од друга страна, само пофалби за работата на новиот инфозабавен систем кој тука користи екран од 10-инчи. Сè уште може да се најдат неколку работи на кои им треба уште малку работа во софтверот, но генерално работењето со системот е навистина лесно, едноставно и брзо. Исто така, овој систем сега прифаќа и надградби „преку воздух“што значи дека ќе се подобри уште повеќе со текот на времето, додавајќи повеќе функции – бесплатни или платени.
Она што е очигледен недостаток (еден од ретките) е поврзано со преголемата употреба од страна на Volkswagen на прекинувачи на допир. Физичките копчиња и контроли тука се сведени на буквален минимум. За помладите купувачи, тие можеби се еден од најважните моменти на автомобилот. Но, во пракса тие не помагаат во справувањето со многу основни функции. И на крајот на денот, ова не е воопшто автомобил кој би го купувале помлади клиенти, за нив тука е ID.3. Најинтересниот детал мене ми е функцијата за отворање на прозорци – наместо четири посебни прекинувачи за прозорците, возачот има само два прекинувачи и мала подлога на допир, веднаш пред нив, која ја менува контролата дали сакате да ракувате со прозорците напред или назад. И сега, погодете што се случува половина од времето кога сакате да го спуштите прозорецот…
Ајде малку и за добрите страни. Голема пофалба заслужуваат искористените материјали во целата кабина кои се доста квалитетни. Добрата пластика, убавата кожа и сериозната електронска позадина ја комплетираат целата слика. Дури и целосно црниот ентериер на тест моделот нуди избалансиран естетски ефект. Како опција, достапни се и многу други и светли комбинации на бои за ентериерот.
Возачот ги има сите причини да се чувствува добро зад воланот на ID.4, седејќи во удобно седиште и удобна положба, со релативно добра прегледност која е малку лимитирана напред во однос на тоа каде се краевите на автомобилот и каде завршува хаубата. Истото важи и за другите патници, особено за тие на задните седишта бидејќи просторноста што ја нуди ID.4 е феноменална. Рамниот под, во комбинација со добро осмислениот распоред, ја нуди можеби најпространата задна клупа што може да се најде во автомобил под 4.6 метри, без разлика на категоријата. Практичните џебови за ситници и лесното поврзување на мобилните уреди ќе го направат секојдневниот живот малку попријатен.
Што се однесува до багажникот, тој совршено ја комплетира целата слика за просторност. Во стандардната конфигурација, на располање се достапни 543 литри багажен капацитет, отворањето е широко и самиот простор е во правилна форма. Плус, под подот има специјално место за складирање на каблите за полнење – браво! Со спуштање на задните седишта, во багажникот се добива одличен капацитет од 1575 литри.
Ајде сега малку подетално за батеријата и моќноста на тестираниот модел – како што споменав и погоре, батеријата е со капацитет од 77 kWh и може да се полни преку AC полнач со напојување до 11 kW или преку DC полнач со напојување до 125 kW. Во првиот случај, времето потребно за целосно полнење на батеријата изнесува околу 7.5 часа. Во вториот случај, за да се наполни од 5% до 80% потребни се 38 минути, а ова е доволно за досег од околу 320 километри. Според официјалните податоци, ID.4 во оваа конфигурација може да помине до 520 километри. Во реалност и во услови кога температурата е доста ниска (периодот кога го имав автомобилот на тест времето беше ладно), очекувајте околу 450 километри досег со полна батерија, во градски услови на возење секако.
Volkswagen, со цел да ги ограничи загубите на енергија, вгради топлинска пумпа за климата на автомобилот да работи поекономично. Меѓутоа, кога ќе го вклучите радијаторот, автоматски ќе забележите зголемување на потрошувачката на енергија за околу 20%. Затоа, добра практика е да ја користите апликацијата на компанијата која е многу лесна за употреба на вашиот мобилен телефон, да го програмирате претходно загревањето на кабината и процентот на полнење на батеријата – производителот препорачува полнење до 80% како ограничување, со цел долготрајност на батеријата.
Тест моделот е опремен со еден електромотор кој испорачува моќност од 204 коњски сили и 310 Nm вртежен момент. Моќноста се пренесува на задните тркала, каде што се наоѓа и моторот. Менувачот што се користи е со единечен однос, додека возачот може да избира помеѓу две програми, D и B. Овде вреди да се каже дека, за разлика од другите производители на електрични автомобили, Volkswagen дава приоритет на „coasting“. Тоа значи дека во D нема враќање на енергијата кога возачот ќе ја отпушти педалата за гас. Меѓутоа, во B програмата, рекуперацијата може да го забави ID.4 со брзина до 0,25g. Би сакал да има опција за регулирање на нивото на рекуперација, но тоа е што е. И покрај тоа, пристојно е пристапено кон филозофијата „one pedal“ возење.
Што се однесува до перформансите – забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 8.2 секунди, повеќе од задоволително за возило од оваа категорија, а максималната брзина е електронски ограничена на 160 км/ч. При поголеми брзини, земете во предвид забележлива, но не и силна аеродинамична бучава што може да се слушне во кабината на инаку доволно добро звучно изолирана кабина. Бројката од 18 kWh што ја дава производителот за просечна потрошувачка е малку оптимистичка. Реалната вредност во градски услови на возење е околу 20 kWh.
Уште од првите километри зад воланот на ID.4 сфаќате дека ова конкретно EV возило не е направено за силни емоции, туку за долготрајна, среќна врска. И навистина, оваа нежност што го разликува погонскиот систем, како и начинот на кој суспензијата го следи теренот и ги пригушува неправилностите, потсетува на нешто како од повисоката класа. Возачот има на располагање четири различни програми: Eco, Normal, Sport и Individual. Секој од нив интервенира на различни полиња, како што се системот за управување, амортизерите (доколку има DCC шасија) и мапирањето на електричното коло, со што се менува карактерот на автомобилот. Што се однесува до воланот, има доста голем круг на вртење и на тој начин дава неочекувано импресивна флексибилност во град. Во исто време, не возбудува со информациите што ги нуди – што е и сосема очекувано. Генерално, возењето не е толку забавно за оние што бараат малку повеќе динамичност. Да, со оглед на тежината, во свиоци е доста стабилен без нагласок на навалување, нуди одлична тракција и излегувањето од свиок е доста брзо благодарение на инстантната респонзивност на погонот. Ова е автомобил кој ќе ве пренесе од точка А до точка Б, но без навестување на емоции и некаква спортска нота. А да бидам искрен тоа е и добро – за оние кои сакаат поголема и моќност и повеќе забава тука е спортската GTX верзија.
Она што највеќе ме изненади е работата на ESP системот – не се радувајте пред време, не може да се дрифта…причината за тоа е што никако не може да се исклучи ESP системот. Од друга страна пак, она што е импресивно е како всушност работи овој систем, во било која ситуација многу е тешко да направите задниот дел да „пролизга“. Да пробав и на мокро, се чувствува дека автомобилот сака малку да „пушти“, но ESP-то никако не му дозволува и дополнително, дури и при притискање на полна гас при тргнување нема „шкрипење“ или пак „сечење“ на моќноста. И за крај, какви се сопирачките? – педалата е малку чудна и бара одредено време на привикнување, но перформансите на кочење се навистина многу добри. Напред се наоѓаат вентилирани дискови со дијаметар од 358 мм, додека назад има барабан сопирачки. Да да, убаво прочитавте – ништо чудно бидејќи голем дел од (нормалните) електрични возила го користат истиот сетап на сопирачки. Тоа е така поради фактот што и задните тркала добиваат рекуперација од електричниот мотор, покрај конвенционалните сили на сопирање.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Почетната цена на Volkswagen ID.4 Pro 77 kWh изнесува 56.408 евра.
Цената на тестираниот модел Volkswagen ID.4 Pro Performance 77 kWh изнесува 62.820 евра.
Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Volkswagen.