Електричен Volkswagen? – „Благодарам, не сакам“, вели конзервативен возач, влегувајќи во неговиот Golf 1.9 TDI. Факт е дека електромобилноста не е совршена во нашата држава. Од сеуште ретката мрежа за полнење до повисоките цени на електричните автомобили во споредба со оние кои имаат мотор со внатрешно согорување. Можноста за бесплатно паркирање на јавните паркиралишта и ослободување од плаќање на патарини во државата можеби не е доволно силен аргумент за многу возачи да седнат зад воланот на помал електричен автомобил кој чини прилично како пристојно опремен SUV модел. Сепак, помина времето кога електричните автомобили нудеа многу мал опсег со едно полнење и не-толку-добри возни карактеристики. Автомобилите со батерии во последните неколку години екстремно напредуваа и сега има доволно добри причини зошто би требало да седнете зад воланот на еден ваков автомобил.
Она за што ќе зборуваме денес е новиот Volkswagen ID.3 – Па ајде да почнеме!
Ова е првиот електричен автомобил на Volkswagen кој е изграден на новата MEB платформа која понатаму ќе се користи за сите идни електрични автомобили на брендот. Volkswagen вели дека ова е една целосно нова револуција, која може да биде еднаква по големина со онаа на оригиналната „Буба“ или Golf. Искрено, јас воопшто не се сомневам во тоа.
Volkswagen ID.3 има многу интересна мешавина на дизајн. Од една страна, автомобил кој останува верен на едноставните форми на производителот, а од друга страна, изгледа навистина модерно и футуристичко. Тука големо влијание има и убавата „Makena Turquoise“ металик боја која одлично му прилега на ID.3. Предниот дел е моќен и малку различен од она што сме навикнати да го гледаме бидејќи нема традиционална маска, а вниманието го привлекуваат уникатните и многу кул IQ.Light светла со LED технологија. Повисоката структура на каросеријата, големите стаклени површини и долгото меѓуоскино растојание (за класата во која припаѓа) го прават ID.3 да изгледа доста поразлично од „нормалните“ хечбек модели. Задниот дел е со чисти и меки линии, а одличен детал е тоа што вратата од багажникот е во црна боја и во средина под логото стои ознаката „ID.3“. И да, бандажите на тестираниот модел се со големина од 19-инчи, на прв поглед тешко дека ќе ја погодите големината…а ако сакате уште поголеми, како опција достапни се и 20-инчни алуминиумски бандажи.
Што се однесува до димензиите, ID.3 е долг 4261 мм, широк 1809 мм и висок 1586 мм, додека меѓуоскиното растојание е 2770 милиметри.
Главна тема по претставувањето на серискиот ID.3 воглавно беше дизајнот на ентериерот, односно елементите на на вратите, централната конзола и таблата со инструменти кои се карактеризираат со потврда и не многу привлечна пластика. Слично како во кросоверите T-Cross и T-Roc, додека внатрешноста на Golf е подобра во однос на користените материјали. Дизајнот на ентериерот е со минималистички, хај-тек и целосно дигитализиран стил. Ова е место каде што нема да најдете ниту едно конвенционално физичко копче. Сите функции на автомобилот, вклучително и контролите за клима уредот и системите за помош при возење се контролираат преку централниот екран за инфо-забавниот систем. Ова не го сметам за најидеално решение и јас лично преферирам класични ротациони контроли за одредени функции, но кај ID.3 се ова е некако убаво организирано и лесно се навикнувате на овој принцип на работа. Под 10-инчниот централен екран се наоѓа „Touch Bar“ преку кој може да ја смените јачината на звукот, температурата за клима уредот и да вклучите или исклучите греење на предните седишта. Сето ова звучи доста интересно, но додека возите тешко се погодува таа лента, особено навечер бидејќи тој дел не е осветлен.
Тестираниот модел беше опремен со најдобриот инфо-забавен систем „Discover Pro“, кој како што споменав и погоре има 10-инчен екран со одлична графика. Екранот е позициониран на перфектно место и не треба премногу да го тргате погледот од патот. Менито може да го прилагодите според вашите потреби, а индивидуалните икони се доволно големи за да можете лесно да ги погодите додека возите. Исто така, се добива и Wireless поврзување со паметен телефон преку Apple CarPlay и Android Auto, а системот нуди и гласовна контрола. За да ја активирата гласовната контрола се што треба да кажете е “Hello ID” – оваа функција работи прилично добро, но понекогаш знае малку да се збуни и да направи сосема друга работа од тоа што сте кажале. Пред возачот се наоѓа уште еден 5-инчен екран кој е споен со управувачот и е ненаметлив по големина и карактеристики. Во принцип, дигиталната инструмент табла ги покажува само системите за помош при возење, брзината, статусот на батеријата и стрелките од вградената навигација, доколку сте поставиле дестинација. Ништо повеќе. Покрај тоа, тест моделот беше опремен и со head-up дисплеј, па така брзината може да ја гледате и директно на шофершајбната. Не може да се занемари ниту поедноставената работа за контрола на прозорците од возачкото седиште. Наместо четири копчиња, има само две. За да ги контролирате задните прозорци, прво мора да го притиснете „Rear“ копчето па потоа да ги отворите или затворите задните прозорци. Дали ова е практично или непрактично решение одлучете сами…
Предните седишта иако не нудат голема странична поддршка тие се супер-комфорни и меки, а тестираниот модел имаше и масажа на предните седишта која работи многу, многу добро и едноставно нема да сакате да станете од седиштето од што е толку удобно и добро. Седечката позиција е исто така идеална, а големите застаклени површини не само што доволно светло во кабината, туку има и одличен поглед во сите правци.
Кога Volkswagen го претстави ID.3 вети дека просторноста во внатрешноста ќе биде на ниво како во поголема класа на автомобил. И во реалноста е токму така, ID.3 е еден вид електричен еквивалент на Golf, а просторот што го нуди на задните седишта е поголем од тој во Golf. Генерално, целата кабина нуди доста повеќе простор од традиционалните хечбек модели. Двајца патници ќе седат сосема комотно на задните седишта со повеќе од доволно простор и за нозете и за главата. Благодарение на отсуството на централниот тунел има многу повеќе простор за нозете. И покрај батеријата и електромоторот поставен позади, ID.3 може да се пофали со одличен багажен простор. Волуменот од 385 литри е дури пет литри побогат отколку во конвенционалниот Golf. Отворот е широк и подот е скоро рамен со браникот, а сето ова резултира со лесно ставање и вадење на поголеми работи. Долниот дел од багажникот има и дополнителен простор каде што може да ги ставите каблите за полнење.
Volkswagen ID.3 е достапен со три различни батерии, односно, основната верзија располага со батерија од 45 kWh и 150 коњски сили, следна е верзијата со батерија од 58 kWh и 204 коњски сили, а на врвот е верзијата со батерија од 77 kWh и 204 коњски сили.
Моделот што го имав на располагање беше со најголемата батерија од 77 kWh и оваа верзија располага со 204 коњски сили и 310 Nm вртежен момент. Ова е доволно за забрзување од 0 до 100 километри на час за 7.9 секунди и електронски ограничена максимална брзина од 160 километри на час. Силата се пренесува на задните тркала, а ова го прави ID.3 првиот автомобил на Volkswagen кој користи заден погон. Но, не очекувајте дека ќе може да си ”играте” бидејќи ESC системот не може да се исклучи целосно. А тоа е сосема океј затоа што намената на овој автомобил е да биде комфорен, рафиниран и да понуди што е можно подобар опсег со едно полнење. Оваа верзија со полна батерија нуди опсег од импресивни 542 километри, а да бидеме реални ова е повеќе од одлична бројка. Што кога батерија ќе се испразни и колку време е потребно за да се наполни? – На стандарден полнач од 11 kW на ID.3 ќе му бидат потребни 7 часа и 30 минута за да се наполни од 0% до 100%. Океј, ова можеби и не е толку кратко, но оваа верзија поддржува полнење со полнач до 125 kW. Па така, во оваа ситуација кога возилото е приклучено на DC брз полнач, од 0% до 80% му се потребни само 38 минути. Таман додека се напиете кафе, ID.3 ќе има 80% батерија, односно, опсег од околу 350-400 километри. Сега сигурно се прашувате каде може да се најдат овие DC брзи полначи – сега за сега само на едно место, а тоа е во Porsche Македонија. Всушност, Porsche Македонија е првата компанија во Македонија која инсталираше DC брзи полначи со капацитет од 320 kW.
Иако се пожалив за минималниот број на физички копчиња, една работа е целосно бескорисна во ентериерот. А тоа е копчето за стартување, кое практично не мора да го притиснете за да го стартувате ID.3. Само качете се, притиснете го педалот за сопирачките, ставете во D и автомобилот е веднаш подготвен за возење. Патем, селекторот за режимот на возење се наоѓа на десната страна од дигиталната табла со инструменти. Селекторот не е совршено видлив преку работ на воланот, но во принцип не е и толку важно тоа. Многу брзо ќе се навикнете каде да го поместите селекторот кога возите напред или назад, покрај тоа, буквите D / B, N и R се јасно видливи. Додека во P ставате со притискање на надворешниот раб на селекторот. Паркирањето е исто толку лесно – ставате во P, ја отворате вратата и излегувате од автомобилот. Сензорот на седиштето открива дека го напуштате автомобилот, се збогува со вас и веднаш се исклучува. Паметен автомобил…
Што се однесува до возењето, ID.3 се однесува точно како што би посакал од еден електричен автомобил. Нема вештачки звуци што ја заменуваат акустиката на моторите со внатрешно согорување. Безбедносниот звук за пешаците внатре скоро и да не се слуша и тоа може да се слушнете само однадвор. Работењето е тивко, добивате инстантен одговор со секое притискање на паделата за гас и благодарение на големиот волан, мал радиус на вртење. Во пракса, ова значи дека иако имате малку повеќе работа со воланот, маневрирањето во тесни места е прилично лесно. Она што најмногу ме импресионираше кај ID.3 е возењето и целото искуството зад воланот. Има перфектен баланс помеѓу комфор и динамичност, во градски услови возењето е прилично удобно и покрај тоа што тест моделот имаше 19-инчни бандажи. Да, шасијата е поцврста и на некои поголеми дупки се чувствува мал удар, но ништо драматично и што е најважно се зад воланот се чувстувате безбедно. Кога ќе побарате ќе добиете и одлична динамичност, предните тркала користат MacPherson суспензија, додека на задниот дел користи мулти-линк оска. Исто така, автомобилот е опремен со електронско заклучување на диференцијалот – XDS, прогресивен управувач и адаптивна шасија (достапно како опција). Иако големите батерии драстично ја зголемуваат тежината на автомобилот, нивното поставување во подот, а со тоа и понискиот центар на гравитација, всушност имаат добар ефект врз возните карактеристики. ID.3 реагира брзо на командите со управувачот, има прецизен управувач и кога влегувате во свиок со поголема брзина, седи како „залепен“ за асфалтот, а покрај тоа што има повисоко тело навалувањето во свиоци е сведено на минимум. Некои производители на автомобили користат вештачки звуци на моторот кај овие електрични модели за да ја прикријат позначајната бучава однадвор. Но, тука возењето до околу 80 км/ч е навистина тивко, над 100 км/ч поради повисокото тело се слуша зголемено аеродинамичко свиркање околу прозорците и ретровизорите. Сепак, возење на автопат не претставува никаков проблем.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Почетната цена за Volkswagen ID.3 City 45 kWh изнесува 36.996 евра.
Цената на тестираниот модел Volkswagen ID.3 Pro S 77 kW Tour изнесува 52.044 евра.
Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Volkswagen.


























