ТЕСТ: Volkswagen Golf 2.0 TDI 115 Life

Историјата на Golf започна во далечната 1974 година и неговите седум генерации известуваат за над 35 милиони примероци продадени ширум светот. Веројатно вреди и да се спомене како Golf ја обликуваше средната класа низ децениите и дека Германците во негова чест овој сегмент го нарекуваат „Golf Klasse“. 

Кога ќе се спомене зборот хечбек или Volkswagen, на многу луѓе она што им паѓа прво на памет е Golf.  Но, зошто овој автомобил е толку популарен? – Според мене, тоа е така бидејќи ова е автомобил кој не ве импресионира емотивно, но функционира совршено. Како автомобилски ентузијаст, секако дека сакам што почесто да возам спортски автомобили и покрај тоа што голем дел од нив се не  толку практични. Сепак, реалноста е дека многу голем дел од луѓето не го сакаат тоа. Повеќето сакаат да имаат автомобил во кој може да веруваат и кој ќе може да ги опслужува долго и беспрекорно. И токму ова е дисциплина во која е многу тешко да се победи Golf-от. 

Осмата генерација на Golf не е веќе толку нова, на пазарот е скоро 3 години, но кога за прв пат пристигна во Македонија, повеќето луѓе околу мене не ја прифатија баш најдобро неговата трансформација. А да бидам искрен „на прва“ и јас лично не бев нешто премногу одушевен. Со тек на време, дизајнот некако „ми легна“ но, сепак ова е автомобил кој го нема оној „wow ефект“ што го нудат некои од неговите конкуренти. Надворешниот дизајн кај Golf со секоја нова генерација носел една еволуција, а не револуција како што е случај со многу други хечбек модели. 

Предниот дел на автомобилот доби најзначајна промена во споредба со претходната генерација, пропорционално необичниот нос веќе тешко може да се нарече маска и придонесува за малку чуден излед. Предниот браник има елементи обоени во бојата на каросеријата, што мене лично не ми се допаѓа баш, но кај конкретниот модел бидејќи е во класична црна боја тие се добро маскирани. Формата на фаровите е исто така различна од претходно, а тест примерокот ги има стандардните LED фарови и ова е една од малкуте работи што ме разочараа. Иако овие фарови користат LED технологија и светлината која ја проектираат е навистина добра, далечината на светлината е премногу кратка и во услови кога нема никакво друго улично осветлување може да претставува мал проблем. Секако, како опција достапни се и фантастичните IQ.Light адаптивни фарови и ако мене ме прашувате, вреди да се доплати за нив. 

Од сите други агли, тоа е повеќе или помалку стариот добар Golf што го знаеме од порано. Страничната силуета е непогрешлива благодарение на иконскиот и широк Ц-столб. Во основното Life ниво на опременост, стандардно се добиваат овие 16-инчни бандажи кои не изгледаат лошо, но еден број поголеми бандажи дефинитвно ја менуваат цела слика за автомобилот. А оние кои сакаат уште поголеми, опционално се достапни и 18-инчи бандажи. Задниот дел доби една убава еволуција од претходната генерација и токму овој дел мене ми се допаѓа највеќе. Светлата и тука се со LED технологија, а како и предните, така и овие се во стандардната верзија – моделите со IQ.Light светла имаат комплетно различна графика. Ознаката на моделот сега е преместена под амблемот на брендот, по примерот на другите модели во понудата на Volkswagen.  Долниот дел од браникот добива украсни елементи, кои кај повисоките нивоа на опременост се хромирани и всушност се имитација за издувот…Вистинските цевки за издувот се скриени под браникот.

И оваа генерација е поставена на добро познатата MQB Evo платформа на Volkswagen групацијата. Што се однесува до димензиите – Golf 8 e 4284 мм долг, 1789 мм широк, 1456 мм висок, и меѓуоскиното растојание е 2636 мм. Споредено со претходната генерација, тој е 26 мм подолг, еден милиметар потесен и 36 мм понизок. Меѓуоскиното растојание порасна за 16 милиметри. Поелегантната каросерија исто така помогна да се подобри и аеродинамиката. Отпорот сега има вредност од 0,275 Cd (претходно 0.30), што треба да му помогне на Golf да работи поекономично во однос на потрошувачката на гориво.

Можеби надворешниот изглед на новиот Golf не го возбудува окото и намерно потсетува на неговите предци, но неговата кабина тргна по еден друг пат. Помина времето кога во внатрешноста имаше физичко копче за секоја функција. Екраните и гласовната контрола се модерни и поекономични од претходните решенија, но не толку практични за користење. Новиот MIB3 контролен центар на VW групацијата има за цел да го направи автомобилот подигитален и помодерен. Целата кабина е со минималистички дизајн, класични копчиња скоро и да нема, а главниот збор го имаат токму екраните.

Конкретниот примерок бидејќи е во основното ниво на опременост добива 10.25-инчна дигитална инструмент табла наменета за возачот и 8.25-инчен централен екран за инфозабавниот систем. Овие два екрани се споени со рамка која е во пијано црн финиш и мене лично ова воопшто не ми се допаѓа – магнет за гребаници и прашина. Инструмент таблата нуди неколку различни прикази, а дополнително може и да ја конфигурирате по ваш избор, да го прикажува она што вие сакате. Графиката тука е одлична и јасно се прикажани сите информации. Централниот екран во конкретниот модел не нуди премногу опции и конфигурација, но доколку го земете поголемиот 10.25-инчен екран добивате многу повеќе опции за персонализација. И овој екран има одлична графика, но понекогаш знае малку да се збуни и да му треба повеќе време за да отвори одредена функција. Под централниот екран се наоѓаат четири копчиња на допир – за климата, паркинг сензорите, асистентите и во повисоките нивоа на опременост за избирање на режим на возење. 

Целиот кокпит кога прв пат ќе седнете зад воланот може да изгледа малку збунувачки и да не знаете како да ги поставите основните функции. Но, откако еднаш ќе „прочепкате“ низ екраните ќе ви стане веднаш јасно каде се наоѓаат сите функции. Сепак, малку нервира тоа што за исклучување на Старт/Стоп системот треба да одите во главното мени па од таму да одберете сетинг за автомобилот па тек тогаш да го исклучите или вклучите системот. Истото важи и за клима уредот, иако има засебно копче што е кратенка до контролите на клима уредот, повторно е потребно да направите уште неколку „допирања“ за да ја вклучите и подесите. 

Што се однесува до квалитетот и материјалите во кабината, сите места што често ги допирате и се на видик се меки и фини на допир, но на некои делови, обично оние што не ги допирате толку често е искористена и малку потврда пластика. Во споредба со претходната генерација, има неколку елементи кои ми недостигаа тука – пример, оставата за очила во горниот дел кај внатрешните светла и „ролетната“ за покривање на централната конзола. 

Предните седишта се удобни и нудат пристојна странична поддршка, а она што ми се допаѓа највеќе како и кај секоја друга генерација на Golf, е навистина ниското седење, едноставно прави да се чувствувате убаво. 

Во однос на просторот, новиот Golf има скоро исто простор како и неговиот претходник. На задните седишта можат удобно да се сместат двајца патници со просечна висина и да имаат доволно простор и за нозете и за главата. Трет патник може да се смести „на стискање“, но само за некои кратки релации. Патниците тука добиваат и свои отвори за клима уредот, како и USB-C приклучоци.

Багажникот има основен капацитет од 380 литри, по преклопувањето на задната клупа доаѓаме до 1237 литри багажен капацитет. Просторот има правилна форма и лесно може да се ставаат и некои поголеми предмети. 

На нашиот пазар, Golf е достапен со три мотори – 1.5-литарски eTSI бензинец со 150 коњски сили кој доаѓа исклучиво со DSG автоматски менувач и 2.0-литарски TDI дизел мотор во две верзии, со 115 и со 150 коњски сили. Послабата верзија е достапна и со мануелен и со автоматски менувач, додека помоќната верзија е исклучиво со автоматски менувач. 

Примерокот што го возев под хаубата има 2.0-литарски TDI мотор кој испорачува 115 коњски сили  од 3250 до 4000 вртежи во минута и 300 Nm вртежен момент од 1600 до 2500 вртежи во минута. Силата ја пренесува на предните тркала, во конкретниов случај преку супер-прецизен 6-степен мануелен менувач. Сето ова овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за 10.2 секунди и максимална брзина од 202 км/ч. Океј, можеби вака не звучи дека перформансите на овој мотор се импресивни, но верувајте во реалност автомобилот многу лесно и рафинирано се задвижува. Во ни еден момент не се чувствува дека моторот е „слаб“ и дека му фали моќност, а тоа благодарение на одличниот вртежен момент. Исто така, мануелниот менувач е ултра лесен за користење, со прецизно дефинирани патеки за брзините.

Инаку, овој 2.0 TDI Evo е основниот дизел мотор кај Golf и воедно замена за стариот 1.6-литарски TDI. Во време кога повеќето производители во својата понуда нудат мотори со намалена кубикажа, Volkswagen го прави токму обратното. Што е навистина за пофалба. TDI моторите се познати по својата ниска потрошувачка, а ова важи и за овој нов мотор. Со автомобилот бев на патување до Нови Сад во Србија, патот до таму е 99 проценти автопат со дозволена брзина од 120/130 км/ч. Просечната потрошувачка што ја покажа борд компјутерот беше 5.4 литри – бевме двајца патници во автомобилот и целосно полн багажник. Би рекол дека ова е и повеќе од задоволителна потрошувачка, а доколку сте малку „понежни“ со педалата за гас оваа бројка без проблем може уште малку да се намали. Во градски услови на возење, потрошувачката се движи од 6.5 до 7 литри, повторно во зависност од условите и начинот на возење.

Од оваа верзија на Golf не може да се очекуваат чудесни возни карактеристики, за таа намена тука се спортските GTI и R верзии. Ниту претходната генерација не остави многу простор за критики во однос на квалитетот во возење, а истото важи и за оваа нова генерација. Верзиите со моќност до 110 kW имаат торзиона задна оска и резервоар за гориво од 45 литри, помоќните верзии добиваат мултилинк задна оска и резервоар зголемен за 5 литри. Тест примерокот вози на 16-инчни тркала и ја има обичната суспензија (како опција достапна е и адаптивна DCC шасија), а овој сетап значи дека се добива максимален комфор. Во град, Golf е самоуверен и перфектно се справува со сите дупки и нерамнини, ревидинираниот управувачки систем е директен и брз, но без премногу информации од подлогата. 

Она што ми остави најголем впечаток е одличната звучна изолација. Подобрената изолација значи дека на автопат при брзини од 130-140 км/ч во кабината скоро и да нема никаква аеродинамична бучава, а добро е изолирана и бучавата од тркалата (и тоа со зимски пневматици кои знаат да бидат нијанса побучни од летните пневматици). Сето ова има големо позитивно влијание врз целокупното возачко искуство, особено за подолги релации. Едноставно возењето е смирувачко и многу рафинирано. Каква е оваа „обична“ верзија во свиоци? – како што кажав и погоре, не треба да имате премногу големи очекување кога станува збор за динамичност. Но, и покрај тоа, каросеријата не се навалува премногу и автомобилот ја одржува избраната патека и наглите промени на насоката не претставуваат некаков проблем. Редизајнираниот управувач реагира спремно и брзо, но фалат малку повеќе повратни информации. Електрониката прецизно го следи возењето и во повеќето случаи ќе забележите најсуптилни интервенции кои ве предупредуваат за работата на XDS системот (кочење на внатрешното предно тркало во свиоци). Не е лесно да се најдат негативни квалитети кај новата генерација на Golf и единствената замерка која ја имам е за неконзистентните сопирачки. Некогаш беа многу чувствителни, а друг пат беше потребно малку посилно да се притисне педалата.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Голема благодарност до George Company Rent a Car за можноста да поминам неколку дена зад воланот на новиот Golf! – погледнете ја нивната понуда на rent a car возила на следниот линк – https://george.com.mk/

Повеќе информации за автомобилот и официјален ценовник може да најдете ТУКА.

ЗАКЛУЧОК
Новата генерација на Volkswagen Golf ги задржува традиционалните вредности и квалитети што се познати за овој модел, но се уште повеќе подобрени. Понудата е збогатена со нови погонски единици, додека кабината носи една револуција која можеби нема да биде по сечиј вкус.
Врвен комфор
Рафиниран дизел мотор со ниска потрошувачка
Одлична шасија
Премногу дигитализиран кокпит
Комплексно ракување со основните функции
Квалитетот на одредени материјали во кабината
4