Тест: Volkswagen Golf VII 1.6 TDI 115 Trendline

Volkswagen Golf е на пазарот повеќе од 40 години, оваа 7-ма генерација беше претставена во 2012 година, а својот фејслифт го доби во 2017 година. Променети се предниот и задниот браник, нови LED предни и задни светла, многу нови технологии и малку променет ентериер за да изгледа уште посовршено.
Должината на возилото изнесува 4258мм, ширината 1790мм и висината е 1492мм.

Golf останува еден од најдобрите фамилијарни возила во својата класа. Кога ќе прашате некого за хечбек возило првиот одговор што ќе го добиете најверојатно ќе биде Golf. Надворешниот изглед е елегантен, доста привлечен и беспрекорно префинет, а ретко кој може да му одолее. Достапни се неколку изведби на Golf: хечбек, караван и Alltrack. Најбараната и најпосакуваната е секако хечбек изведбата. Тестираниот модел беше во Trendline ниво на опрема, а тоа е основното ниво кое може да го одберете и сепак доаѓа доста солидно опремено. На располагање имате 7 нивоа на опременост: Trendline, Comfortline, Highline, GTD, GTI, GTE и R. Нивото кое што јас би го препорачал е Comfortline и со сигурност повеќето од вас тоа и ќе го одберете бидејќи е опремено комплетно со се што ви е потребно.

Ентериерот во Golf е елегантен и доста луксузен, сите материјали кои се внатре се меки на допир и се од добар квалитет. Се работи интуитивно, сите копчиња и контроли се на перфектно место каде што треба и да бидат, во возење лесно може да ракувате со сите нив без да треба да гледате надолу и да барате кое за што е. На централната конзола може да одберете помеѓу сив, сјајно црн или сребрен трим и кој и да го изберете изгледа фантастично. Возачката седечка позиција е перфектна, и тие што се малку повисоки без проблем ќе можат удобно да се сместат и многу лесно да ја најдат својата идеална седечка позиција бидејќи просторот кој го нудат предните седишта е повеќе од доволен. Како стандард добивате 6.5 инчен дисплеј за infotainment системот кој за жал нема поддршка за Apple CarPlay и AndroidAuto, но сепак и овој систем кој е основен е еден од најдобрите во оваа класа на возила и дефинитивно ја има најдобрата графика.Општо целото мени е многу едноставно и лесно за користење. Како опција достапни се уште два типа на infotainment системи од кој едниот е со 8 инчен дисплеј и нема вграден навигациски систем, но затоа има поддршка за Apple CarPlay и AndroidAuto и може да си користите навигација преку апликација на вашиот паметен телефон. Вториот систем е со 9.2 инчен дисплеј кој има вграден навигациски систем и секако поддршка за Apple CarPlay и AndroidAuto. Исто така, овој систем нуди и можност за управување преку гестови и говор. Кој систем би го препорачал јас? Да, 8 инчниот дисплеј изгледа многу подобро, но искрено, ако не го поврзувате вашиот телефон преку Apple CarPlay и AndroidAuto и не ви е битна големината на дисплејот, основниот систем со 6.5 инчен дисплеј ќе ви биде сосема доволен. Кул опција е тоа што во овој фејслифт модел може да ставите и активен инфо дигитален дисплеј од 12.3 инчи кој е замена за стандардната инструмент табла.

Колку простор има на задните седишта? – луѓе кои се високи до 190cm би немале никаков проблем со просторот за нозете и главата, двајца патници ќе може сосема удобно да седат и за подолги патувања, но ако треба и уште еден човек да се вози со Вас е тогаш доаѓа до мал проблем. Можеби нема да претставува проблем за сите, но тој што ќе седи во средина дефинитивно ќе се пожали дека не му е баш удобно, а тоа е поради големиот тунел кој се наоѓа во средината и поради него нема каде да ги ставите нозете. Во багажникот на располагање достапни Ви се 380 литри, а тоа би значело дека е негде во нормалата за овој тип на возило бидејќи има модели од оваа класа кој имаат помал, но и поголем багажен простор. Отварањето е широко и просторот е во одлична коцкаста форма, а добро е и тоа што е ниско до земјата па така нема да ви претставува проблем и ако треба да товарите некои потешки или подолги работи, а задните делливи седишта(60:40) доаѓаат во стандардна опрема. Со спуштени задни седишта добивате простор од 1.270 литри кој е комплетно рамен.

Може да одберете помеѓу 3 бензински и 3 дизел мотори:
Бензински:
1.0 TSI со 115 коњски сили
1.4 TSI со 125 коњски сили
1.4 TSI со 150 коњски сили

Дизел:
1.6 TDI со 90 коњски сили
1.6 TDI со 115 коњски сили
2.0 TDI со 150 коњски сили
————————
GTD- 2.0 TDI со 184 коњски сили
GTI- 2.0 TSI со 230/245 коњски сили
GTE- 1.4 TSI со 150 коњски сили + електромотор со 102 коњски сили
R- 2.0 TSI со 310 коњски сили (4MOTION)

Повеќето од овие мотори се достапни и со DSG автоматскиот менувач.

Ако не возите премногу на отворен пат и не поминувате премногу километри годишно нема да ви се исплатат екстра парите кои ќе ги дадете за дизел мотор, јас би ги препорачал 1.0 или 1.4 125 турбобензинците кои се одлична опција. За тие што повеќето од времето го поминуваат во возило, 1.6 TDI 115 е моторот што треба да го земете бидејќи нема да треба толку често да ја посетувате бензинската станица. Тестираниот модел беше опремен со 1.6 дизел моторот со 115 коњски сили и 250Nm вртежен момент, перфектно се вклопува со големината и тежината на возилото. Има доста солидни перформанси како и во град така и на отворен пат, да океј има пет брзини и на поголеми брзини некогаш ќе ви фали таа шестта, но нема да осетите голема бучава во кабината поради добрата изолација која ја има. Мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше од 6 до 6.5 литри на 100 изминати километри.

Trendline нивото содржи опрема како што се: Автоматска двозонска клима,LED дневни предни светла, LED задни светла, кожен волан, централен потпирач за раце напред, систем за предупредување од фронтален судар, светла за магла со осветлување во свиоци, блокада на диференцијал(XDS), eлектрични прозори напред и назад, радио Composition color 6.5 инчи, електрична паркинг кочница со Auto Hold функција и уште многу други работи…

Возењето е доведено до перфекција! Управувачот е прецизен и лесен за маневрирање низ град, а на поголеми брзини станува потврд и имате одлична контрола врз возилото и во кривините точно знаете каде одат тркалата. Менувачот е многу лесен за користење благодарение на мекиот кумплунг, а брзините се со пократок од и се доста прецизни. Кога станува збор за изолација и бучава во кабината, Golf дефинитивно е на првото место, на отворен пат не се слуша никаква бучава од тркалата и од ретровизорите па така возењето е релаксирано и тивко. Тестираниот модел имаше 16 инчни бандажи и суспензијата одлично ги впива сите нерамнини на улиците и нема преголемо навалување во кривини. За пофалба е и прегледноста која е супер напред, назад и од страните и ниту еден од столбовите не ви прави мртов агол каде што ќе имате попречување во видливоста при искачање од споредни улички или возење во рикверц.

Моментално Volkswagen Golf Trendline со 1.0 TSI мотор со 115 коњски сили се нуди по промотивна цена која изнесува 16.950€ .
Цената на тестираниот модел Volkswagen Golf 1.6 ТDI 115 Trendline изнесува 18.500€ .

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Volkswagen.

ЗАКЛУЧОК
Па така Golf си го докажа своето, и во стандардното ниво на опрема добивате одлична вредност за парите. Да, можеби е поскап од другите конкурентни модели, но има нешто посебно во него што го прави да се издвојува од сите нив.
ПОЗИТИВНО
Врвна рафинираност.
Комфорно возење.
Квалитетен ентериер.
НЕГАТИВНО
Некои конкуренти нудат повеќе простор на задната клупа.
1.6 TDI моторите имаат 5 брзини.
4.5