Toyota RAV4 Hybrid

Toyota RAV4 е еден од првите урбан SUV модели, првата генерација беше претставена во далечната 1994 година. А во тоа време особено кул беше верзијата со три врати. Четвртата генерација која се појави на пазарот во 2012 година го направи RAV4 да биде најпродаваниот SUV модел во светот, што е доволен доказ за тоа дека возилото е навистина добро. Во изминатите години RAV4 со секоја нова генерација се менуваше драстично, а сега оваа петта генерација е подобра од било кога. Поставен е на новата TNGA (Toyota New Global Architecture) платформа која ветува многу подобра возна динамика. Променети се и димензиите на возилото, зголемено е меѓуоскиното растојание, а намалена е вкупната должина на возилото. Исто така, овој модел го користи и најновиот хибриден систем на Toyota, како и нов CVT менувач.

Сите претходни генерации на RAV4 имаат посмирен и не толку впечатлив надворешен изглед, а пак оваа нова петта генерација е сосем различна. Дизајнот е агресивен со многу остри линии и нема шанси да не ја приметите на улица! Самиот изглед ви дава до знаење дека се работи за вистински SUV модел, а не кросовер и ако претходните генерации имале јапонски дизајн, новиот модел изгледа тотално европски. Да, гледан од некои агли изгледа малку чудно и овој дизајн нема да биде по сечиј вкус, но неможе да кажете дека не изгледа уникатно. Во време кога улиците се преполни со SUV модели, RAV4 со својот авангарден изглед се издвојува од сите нив. Сите овие работи се многу позитивни бидејќи овој модел буди интерес кај многу луѓе кои до сега не биле заинтересирани за овој модел на Toyota, а особено ќе спомнам дека дури и помладите купувачи сега би го земале во предвид новиот RAV4. А овој модел во бело-црна комбинација изгледа навистина добро и кул. By the way, белата боја е перла и на сонце изгледа предобро!

Ентериерот во новата Toyota RAV4 не е до толку динамичен и специфичен како екстериерот, има посмирен и едноставен дизајн. Импресивно е тоа што сите делови кои често ги допирате и се во видно поле се направени од многу квалитетни и меки материјали. Секако дека на оние места кои не се допираат толку често се искористени потврди пластики, но реално не е нешто што би ви пречело. Интересен детал е поставената гума на внатрешната страна од рачките за затварање на вратите, како и на тркалцата за регулирање на температурата на климата и тркалцата за infotainment системот. Исто така, има и одлична ергономија, а сите контроли и копчиња се логично поставени на места кои што се лесни на дофат и при возење. Infotainment системот во моделот кој што го возев беше со 8-инчен дисплеј и вграден навигациски систем(во првото ниво добивате помал 7-инчен дисплеј), а поставеноста на дисплејот е на перфектно место. Ми се допаѓа тоа што се поставени и физички копчиња од двете страни на дисплејот за полесен и побрз пристап до одредена функција. Но она што не ми се допадна и што е слаба страна во споредба со некои конкурентни модели е графиката и тоа што целото мени не е до толку интуитивно и лесно за ракување. Исто, уште една многу битна работа која фали е поддршка на Apple CarPlay и Android Auto…но според некои информации сега во 2020 година би требало да има ажурирање на системот со што ќе биде овозможено и поврзување со Apple CarPlay и Android Auto, останува да видиме.

Просторот и удобноста на предните седишта е одлична, без оглед на вашата висина многу лесно ќе може да ја најдете својата идеална седечка позиција. Не е заборавено и на просторот на задните седиште, а поради зголеменото меѓуоскино растојание се седи многу удобно и комфорно со сосема доволно простор за нозете и главата. Исто така, има доволно простор доколку треба да седат и тројца патници, а притоа на ниту еден од нив нема да му биде тесно и неудобно. Искрено, RAV4 е еден од ретките автомобили кои нуду ваква удобност на задните седишта. Багажникот располага со капацитет од 580 литри, а доколку ги спуштите задните седишта добивате капацитет од 1.690 литри. Отворањето е широко и ниско, а подот е комплетно рамен со што ставањето и вадењето на потешки работи нема да претставува никаков проблем.

Тест моделот е во Hybrid изведба, а тоа значи дека под хаубата има 2.5-литарски четири цилиндарски атмосферски бензински мотор со 177 коњски сили и два електромотори од кој едниот е задолжен само за задните тркала. Вкупната системска моќ е 222 коњски сили и 221 Nm вртежен момент, а забрзувањето од 0 до 100 км/ч изнесува 8.1 секунди додека максималната брзина е 180 км/ч. Силата се пренесува на сите четири тркала(достапна е и верзија само со преден погон) преку E-CVT автоматски менувач. Перформансите кои ги има овој хибриден систем се и повеќе од доволни. Забрзувањето е одлично, а бидејќи е линеарно и нема голем вртежен момент нема да ве залепи за седиште кога ќе ја притиснете педалата за гас до крај, но спуштете го погледот кон инструмент таблата и ќе бидете изненадени кога ќе ја видите стрелката што покажува км/ч колку брзо се движи. Мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше околу 7 литри на 100 изминати километри, но бидете малку понежни со педалата за гас и таа бројка може многу да се намали. На отворен пат, потрошувачката е малку повисока и јас измерив околу 10 литри на 100 изминати километри. Освен оваа хибридна изведба, RAV4 е достапен и во конвенционална бензинска изведба која користи 2.0-литарски бензински мотор со 175 коњски сили. Стандардно доаѓа со преден погон и 6-степен мануелен менувач, а како опција достапен е погон на сите тркала и CVT автоматски менувач.

Toyota RAV4 е достапен во пет нивоа на опременост- Active, Dynamic, Exclusive Bi-Tone, Lounge и Lounge Premium. Моделот кој што го тестирав беше во Exclusive Bi-Tone нивото кое вклучува: Активен систем за помош при избегнување на судир, aвтоматска сопирачка за спречување на судир, интелигентен адаптивен темпомат, систем за одржување на возилото во коловозна лента, автоматски светла со асистент за долги светла, 18-инчни алуминиумски бандажи во црна боја, LED предни светла, спортски полу кожни седишта, електрично подесува на возачко седиште, Smart Entry & Start систем со keyless отклучување и заклучување, електрично отворање на багажникот, безжичен полнач за мобилен телефон, 8-инчен infotainment систем со навигација, предни и задни паркинг сензори, задна паркинг камера, греење на предни седишта, двозонски автоматски клима уред и уште мнооогу друго…

Toyota RAV4 вози многу добро, како и во градски услови така и на отворен пат. Со новата платформа, RAV4 има покруто тело и понизок центар на гравитација бидејќи секоја компонента сега е полесна и е поставена во долниот дел на возилото со што се добива многу подобра динамика и удобност во возењето. Благодарение на добрата прегледност, лесниот и прецизен волан, како и сите оние системи за безбедност кои ги добивате во стандардна опрема го прават возењето во град навистина лесно и рафинирано. И покрај поголемите димензии чувството зад воланот е како да возите некој помал автомобил. Суспензијата перфектно се справува со сите дупки и нерамнини со што се добива многу комфорно возење. Се гледа дека Toyota повеќе внимание посветиле на тоа возилото да биде што покомфорно, па затоа не очекувајте дека RAV4 ќе ве возбуди при подинамично возење. Навалување во кривини има, што е и очекувано за ваков тип на возило, не е премногу нагласено како кај некои други конкурентни модели, но стабилноста е на доста солидно ниво. Долгите патувања и возењето на автопат не претставуваат никаков проблем за RAV4, внатре во кабината е релаксирано и удобно за сите патници. Мала замерка имам за тежината на воланот што дури и во „Sport“ режимот на поголеми брзини е премногу лесен. Изолацијата е прилично добра, но поради CVT менувачот на брзини од 130 км/ч па нагоре и при притискање на педалата за гас до крај има една неприродна бучава. Друга работа која мене лично не ми се допаѓа е CVT менувачот. Да не ме сфатите погрешно, менувачот работи супер, едноставно не сум голем фан на овој тип на менувач…

Доколку барате практичен фамилијарен SUV модел кој нуди многу простор во кабината, ги има сите најнови безбедносни системи и изгледа многу кул, тогаш дефинитивно Toyota RAV4 треба да биде на вашата листа!

Почетната промотивна цена на Toyota RAV4 Hybrid Dynamic FWD изнесува 32.841€.

Промотивната цена на тестираниот модел Toyota RAV4 Hybrid Exclusive AWD изнесува 39.951€.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите Toyota Авто Центарот!

ГАЛЕРИЈА

Виктор Чемерикиќ

Виктор Чемерикиќ

Љубител на автомобили уште од 1997, основач на вебсајтот ”CarsByVik” и професионален автомобилски фотограф.

Остави коментар