SsangYong Korando

Дел од Вас можеби и не сте до толку запознаени со брендот SsangYong и нивните модели, но ова е четврта генерација на моделот Korando. Во последните неколку години SsangYong напредува многу, сите нови модели на брендот се софистицирани со модерен дизајн, достапни се со сите најнови технологии за безбедност, како и бензински и дизел мотори по најнови стандарди. Со Korando, SsangYong сака што повеќе да се доближи и да украде продажби од веќе добро познатите европски брендови…и е на добар пат!

Четвртата генерација на Korando е дизајнирана во центарот за истражување и развој на SsangYong во Пјонгтаек, Јужна Кореја. Надворешниот изглед на новиот Korando во споредба со претходната генерација е далеку посовремен. Динамичниот и модерен дизајн го наследува од помалиот модел на брендот, Tivoli. Сите тие остри линии и црни пластики кои се поставени на предниот браник, околу крилата и на задниот браник можеби и не изгледаат толку атрактивно, но Korando со својот дизајн дефинитивно се издвојува од сите други модели во овој сегмент, а ги има многу. Доколку го видите на улица, а претходно не сте се запознале со моделот и не обрнете внимание на знакот- сигурен сум дека ќе помислите дека ова е модел на некој познат европски бренд.
Должината на возилото изнесува 4452мм, ширината 1870мм, висината 1620мм и меѓуоскиното растојание е 2675мм.

Друга голема и многу битна трансформација што ја има оваа генерација на Korando е ентериерот. Дизајнот не е премногу атрактивен, туку едноставен со хоризонтален распоред. Импресивно е тоа што се е одлично склопено, материјалите на горниот дел се навистина од добар квалитет и се меки на допир. Околу менувачот, на долниот дел од предните и задните врати поставени се потврди пластики, но реално истата ситуација е и кај многу други конкуренти на Korando. Дури и во првото ниво(во кое што е и тест моделот) добивате многу делови во сјајно црна и сребрена боја кој придонесуваат за полуксен изглед. Кога сме кај изгледот, не сум голем фан на “Piano Black” трим, а во Korando го има премногу…Стандардно доаѓа со аналогни инструменти и во првото ниво не добивате Infotainment дисплеј. Моделите во повисоките нивоа добиваат 10.25-инчна целосно дигитална инструмент табла, 8 или 9-инчен infotainment дисплеј и амбиентално осветлување со 34 бои, а SsangYong се ова го нарекува “Blaze Cockpit”. Infotainment системот е доста солиден, графиката е океј, а менито е многу слично како кај сите таблет уреди- лесно и јасно за ракување. Исто така, како стандард добивате и поддршка за Apple CarPlay и Android Auto.

Големо внимание е посветено и на просторот на задните седишта. Благодарение на зголеменето меѓуоскино растојание(најголемо во својата класа), одличната просторност на задната клупа е веднаш воочлива. Луѓе од 180-190cm ќе имаат сосема доволно простор како и за главата така и за нозете, а патувањето ќе им биде доста комфорно. По потреба ќе може да се сместат и тројца патници без да имаат голем проблем со удобноста. Назад, нема USB приклучоци и отвори за климата, туку има само еден 12 волтен приклучок. Багажникот нуди 551 литар капацитет, а отворањето е широко и добивате под кој е подесив по висина, па така во највисокото ниво подот е комплетно рамен со браникот, а тоа ви овозможува лесно ставање и вадење на потешки работи. Кога ќе ги спуштите задните седишта добивате багажен капацитет од 1248 литри.

Новиот Korando е достапен со два нови и модерни мотори кои ги исполнуваат најновите Euro6d-temp стандарди, а јас имав прилика да ги пробам и двата. Повеќе време поминав со бензинецот, па затоа ќе започнам од него. Овој модел користи 1.5-литарски турбо мотор со 163 коњски сили и 280Nm вртежен момент. Перформансите кои ги има овој мотор се навистина импресивни, забрзувањето е и повеќе од доволно. Мојата просечна потрошувачка во градски услови изнесуваше околу 11 литри на 100 изминати километри. Мануелниот 6-степен менувач е добар, но некако не е перфектно калибриран со моторот. Како опција достапен е и 6-степен AISIN автоматски менувач. Стандардно сите модели се со преден погон, а постои и опција за погон на сите четири тркала. Дизел моделот под хаубата користи нов 1.6-литарски мотор кој е замена за стариот 2.2-литарски мотор. Има 136 коњски сили и 324Nm вртежен момент. Ова возило беше опремено со автоматскиот менувач и погон на сите тркала. Разликата помеѓу овие два модела е голема, дизел моторот е доста респонзивен уште на ниски вртежи и работи рафинирано. Бучава во кабината се слуша само кога ќе ја притиснете педалата за гас до крај, а импресивно е и тоа што не се осеќаат премногу вибрации. Имам пофалби за автоматскиот менувач бидејќи работи одлично, менувањето на брзини е мазно и неосетливо. Во краткиот период на возење на овој модел потрошувачката изнесуваше околу 7-8 литри на 100 изминати километри.

SsangYong Korando е достапен во четири нивоа на опременост: Base, Comfort, Style и Elegance. Тестираниот модел беше во првото Base ниво, а тоа вклучува: Систем за задржување на возилото во лента, систем за асистенција на долги светла, систем за препознавање на знаци, аларм за одржување на дистанца со возилото пред вас, темпомат, ретровизори со електрично преклопување и греење, LED предни дневни светла, LED задни светла, LED осветлување во внатрешноста, 17-инчни алуминиумски бандажи, седишта Comfort, кожен волан со команди, мануелен клима уред и друго…

Новиот Korando е поставен на комплетно нова платформа, а возењето сега е многу порафинирано и со помалку вибрации и бучава во кабината. Седењето е доста високо, а тоа помага во прегледноста која од напред и од страните е одлична, но кон задниот дел е малку лимитирана. Во град возењето е навистина лесно благодарение на лесниот и прецизен управувач и добрата прегледност. Суспензијата има малку потврд сетап и покрај тоа што е целосно независна при мали брзини на дупки и нерамнини се осеќаат вибрации во кабината. Но, добрата страна на ова е тоа што во кривини Korando е доста стабилен и нема преголемо навалување, а благодарение на респонзивниот и прецизен управувач возењето е навистина добро. Патувањето на подолги релации нема да ви претставува никаков проблем бидејќи на отворен пат Korando е комфорен и благодарение на добрата изолација возењето е релаксирано. Исто така, системите како што се- одржување на возилото во лента, автоматско сопирање, предупредување за судар и систем за препознавање на сообраќајни знаци го олеснуваат возењето на отворен пат уште повеќе.

Оваа генерација на Korando e револуција за брендот SsangYong бидејќи ова е вистински конкурентен модел во C-SUV сегментот. Има модерен надворешен изглед, квалитетен и простран ентериер со сите најнови технологии и вградени се најновите безбедносни системи. Инаку, Korando освои 5 ѕвезди на EURO NCAP тестирањето, уште еден доказ дека ова е навистина сериозно возило.

Почетната промотивна цена за SsangYong Korando 1.5 GDi Base изнесува 17.850 евра.
*за верзија со дизел мотор се доплаќа 3.050 евра.

Повеќе инфромации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на SsangYong Automakedonija кој се наоѓа во Кисела Вода на бул. Борис Трајковски бр. 21.

 

ГАЛЕРИЈА

Виктор Чемерикиќ

Виктор Чемерикиќ

Љубител на автомобили уште од 1997, основач на вебсајтот ”CarsByVik” и професионален автомобилски фотограф.

Остави коментар