ТЕСТ: Škoda Karoq Sportline 2.0 TDI 150

Škoda Karoq ја имаше својата премиера во 2017 година, а од тогаш до сега постигна доста голем успех. SUV моделите сочинуваат околу 50% од вкупниот волумен на Škoda, а Karoq има голем удел во тоа. Во рамките на портфолиото на SUV модели на Škoda, Karoq е златната средина, т.е. автомобил со доволно голем внатрешен простор, добро изработен ентериер и сеопфатна палета на достапни мотори. Неодамна, Karoq си доби и свое освежување и не е воопшто изненадувачки што Škoda не ја промени својата формула за време на освежувањето, туку само ја зачини со суптилни, но функционални иновации.

Модернизираниот надворешен изглед на новиот Karoq како резултат е сосема пристоен. Неговиот нов облик е многу наменски, постојаната борба за намалување на вредностите на CO2 емисиите донесе одредени подобрувања на овој автомобил, кои оставија свој белег на неговиот надворешен изглед. Предниот дел од автомобилот доби суптилни измени во традиционалните делови. Пропорциите на предната маска се променети, браникот е со нов облик, а исто така нови се и светлата, кои добија нов светлосен потпис за дневното осветлување. Сега, сите верзии на Karoq стандардно се опремени со LED фарови, додека како опција достапни се и LED Matrix фарови, кои пак се стандардни во повисоките нивоа на опременост. Задниот дел сега изгледа забележливо поелегантен, и тука браникот е со нов облик, како и задните светла кои сега се потенки и мене лично ми се допаѓаат многу повеќе од тие на претходниот модел. Новите светла добија и анимирана графика при отклучување, како и динамички трепкачи. Профилот на автомобилот останува скоро непроменет, а тука може да се забележат новите аеродинамични бандажи кои ги нуди Škoda.

Да се навратиме малку на гореспоменатата аеродинамичност. На новиот модел, инженерите успеаја да ја намалат вредноста на коефициентот на отпорност на воздухот за повеќе од девет проценти на вкупно C x 0,30. Во пракса, ова ги намалува CO2 емисиите, но и потрошувачката на гориво. Свој удел во сето ова имаат аеродинамичните бандажи, како и дополнителни елементи кои вклучуваат активна предна решетка, воздушна завеса што го насочува воздухот околу предниот браник и на тој начин го спречува неговото вртење по страната на телото, подвозјето сега е повеќе покриено од претходно и пневматиците со кои доаѓа автомобилот се со помал отпор на тркалање.

Конкретно тестираниот модел е во спортската Sportline верзија која носи неколку измени на изгледот во споредба со другите верзии. Браниците се со поинтересен дизајн, страничните прагови се во боја на каросеријата, стандардно се добиваат ексклузивни 18-инчни бандажи, додека тест моделот има опционални 19-инчни бандажи. Како дел од Sportline верзијата е и Black пакет со кој предната решетка, ретровизорите, кровните носачи и сите натписи се во сјајно црна боја, а во комбинација со оваа прекрасна „Velvet Red“ боја автомобилот едноставно изгледа многу атрактивно. Со освежувањето, промените на надворешниот изглед главно се засноваат на подобрена аеродинамика, но Karoq дефинитивно има корист од ова. Автомобилот сега изгледа помодерно и има значително посвеж впечаток.

Како дел од освежувањето, внатрешноста на автомобилот е само маргинално променета. Karoq и понатаму продолжува да функционира многу добро со ергономијата и просторноста во внатрешноста. Па затоа, распоредот на контролната табла е јасен и чист, а повеќето контроли на автомобилот се уште се главно претставени со класични физички копчиња – што да бидам искрен е навистина позитивна информација. Голем дел од местата во целата кабина се обвиени со многу меки и фини материјали, се гледа мало подобрување во однос на претходниот модел. Новост е и тоа што Karoq сега е достапен со нови и различни украси, како и тапацири за внатрешноста.

На суптилната и добро поставена контролна табла доминираат два јасни екрани. Пред возачот се наоѓа целосно дигитален и богато димензиониран виртуелен кокпит со големина од 10.25 инчи. Достапни се неколку различни прикази, а исто така екранот може да го конфигурирате според вашите желби за што точно сакате да се прикажува – дополнително, графиката е одлична и читливоста е на високо ниво. Во централниот дел се наоѓа екранот за инфозабавниот систем кој во случајов е со големина од 8-инчи и доаѓа со вградена навигација и безжично поврзување преку Apple CarPlay и Android Auto. Инаку, како опција достапен е и поголем 9.2-инчен екран. Самиот систем функционира одлично, работи брзо и е доста респонзивен. Ако до сега сте имале некаква интеракција со некои од поновите модели на VW групацијата, и тука веднаш ќе ви биде се јасно и лесно за ракување. Под дисплејот, има посебен панел со физички контроли за клима уредот и греењето на седиштата – многу практично и лесно за ракување.

Тестираниот примерок кој е во спортската Sportline верзија се издвојува со неколку ексклузивни работи во споредба со другите верзии. Целата внатрешност е во црна боја, а мултифункционалниот спортски волан е со перфорирана кожа и Sportline ознака во долниот дел. Покрај тоа, во внатрешноста доминираат прекрасните спортски седишта со интегрирани потпирачи за глава кои освен што изгледаат многу добро, нудат и многу добра странична поддршка и при подинамично возење во свиоци „ве гушкаат“ со што нема толку изразено клатење. Исто така, Sportline верзијата добива и карбонски декор во панелите на вратите, а спортскиот карактер дополнително е нагласен со црниот покрив и конкретно кај тест моделот и со огромниот панорамски сончев кров.

Внатрешниот простор е на доста високо ниво, на задните седишта сосема удобно може да се сместат двајца, па и тројца патници и да имаат сосема доволно простор и за нозете и за главата. Друга многу интересна опција која е достапна кај Karoq (тестираниот модел ја нема) е Varioflex системот, односно променлив распоред на задните седишта. Во принцип, се работи за три поделени седишта во сооднос 40:20:40, кои можат поединечно да се преместуваат, преклопуваат или целосно да се отстранат од автомобилот.

Багажниот простор во стандардна конфигурација нуди капацитет од 521 литар, а доколку се спуштат задните седишта се добива на располагање капацитет од 1605 литри. Багажниот простор се карактеризира со правилни форми, прегради од страните, а има и закачалки. Некои мали предмети може да се сместат и под подот на багажниот простор. Достапни се многу паметни решенија кои едноставно го олеснуваат секојдневниот живот.

На нашиот пазар, Karoq е достапен со два дизел мотори и еден бензинец. Кај дизелите може да одберете 2.0-литарски TDI со 115 или со 150 коњски сили. Стандардно се опремени со 6-степен мануелен менувач, а како опција достапен е 7-степен DSG автоматски менувач кој кај помоќната верзија доаѓа заедно со 4×4 погон на сите тркала. Бензинецот е достапен исклучиво за Sportline верзијата и станува збор за 2.0-литарски TSI мотор со 190 коњски сили кој стандардно доаѓа со DSG автоматски менувач и 4×4 погон.

Тестираниот модел е придвижуван од помоќната верзија на 2.0-литарскиот TDI дизел мотор, односно 150 коњски сили и 340 Nm вртежен момент достапен од 1600 до 3000 вртежи во минута. Силата во конкретниот случај се пренесува само на предните тркала преку 6-степен мануелен менувач. Ова овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за 8.8 секунди и максимална брзина од 210 км/ч. Овој мотор се нуди во голем дел од автомобилите на VW групацијата и е веќе добро докажан мотор. Погонската единица е многу добро звучно изолирана кон внатрешноста, нуди рафинирана работа и со своите 150 коњски сили, исто така, доволно моќ. Соработката со мануелниот менувач е многу добро дотерана и благодарение на високиот вртежен момент кој е достапен од релативно ниски вртежи не ве принудува постојано да менувате брзини. Сепак, за овој тип на автомобил, јас лично би одбрал верзија со автоматски менувач од причина што автомобилот така е далеку поедноставен и полесен за секојдневно возење. Овој мотор импресионира и со својата ниска потрошувачка, во градски услови на возење измерив просечна потрошувачка која се движеше од 6.5 до 7 литри. На автопат, со возење по пропишаната брзина потрошувачката што ја измерив изнесуваше импресивни 5 до 5.5 литри на 100 изминати километри, а со овој стил на возење со еден резервоар без никаков проблем може да се извозат 800 до 900 километри.

Со освежувањето не се направени никакви промени на шасијата или суспензијата. Па така, предните тркала секогаш имаат поедноставна оска, додека верзиите со преден погон добиваат торзиона оска за задните тркала. Мулти-линк оската е резервирана само за верзиите со 4×4 погон. Тестираниот модел носи 19-инчни бандажи со прилично ниско профилни пневматици (225/40/R19), но и покрај тоа успева да понуди релативно комфорно возење. Суспензијата одлични ги филтрира сите дупки и нерамнини на нашите патишта, па дури и оние поголеми дупки не претставуваат проблем и се слуша само минимален „удар“ во кабината. Опција која што според мене вреди да се има, а тест примерокот не беше опремен со тоа е DCC адаптивната шасија која овозможува неколку различни поставки за тврдината на суспензијата. Но, реално и без тоа не можам да се пожалам за квалитет на возните карактеристики кои ги нуди Karoq. Еден од ретките модели во својата класа кој е направен да вози точно како што треба и возните карактеристики да се погодени токму за купувачите на овој автомобил. Воланот е директен, но не дава никакви повратни информации од подлогата и одговара на вашите команди токму онака како што би очекувале. Друга работа која ми остави доста позитивен впечаток е контролата на автомобилот во свиоци, да ова е многу далеку од спортски автомобил и Sportline верзијата не носи никакви спортски амбиции кога станува збор возењето. Сепак, ако се движите со разумни брзини, дури и брзото менување на насоката не предизвикува значително навалување или подуправување на телото. Karoq носи навистина паметен компромис кога станува збор за удобност и динамичност. И најважно од сè е тоа што Karoq е многу едноставен и лесен автомобил за возење во секакви услови.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Почетната цена на Škoda Karoq Ambition 2.0 TDI Evo 115 изнесува 28.030 евра.

Цената на тестираниот модел Škoda Karoq Sportline 2.0 TDI Evo 150 изнесува 37.270 евра.

Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Škoda.

ЗАКЛУЧОК
Тешко е да се најдат големи негативни забелешки за освежениот Karoq. Автомобил кој сè уште се издвојува по просторот, практичноста и целокупниот семеен шмек. Ова е многу пристоен и нормален автомобил, а доколку сте во потрага по компактен SUV модел мора да го вклучите и Karoq во вашата листа со опции.
Врвна практичност
Физички контроли и одлична ергономија во кабината
Рафиниран и економичен мотор
Мулти-линк оска само кај верзиите со 4x4 погон
Просечна големина на багажен простор
4.5