Тест: Škoda Kamiq Ambition 1.0 TSI 115

2019 е година на кросоверите. Веќе секој бренд има модел во оваа популарна класа на возила. Kamiq е моделот на Škoda во оваа класа. Ова е сосема нов автомобил во портфолиото на Škoda, а воедно и најмалиот SUV кој го нуди овој бренд.
Должината на возилото изнесува 4,241мм , ширината 1,793мм, висината 1,531мм и меѓуоскиното растојание е 2,651мм.

Надворешниот дизајн не е драматичен, но сепак е возило кое ќе го забележите на улица. Предниот дел е сосема различен од сите други модели во гамата на Škoda- предните дневни светла се поставени над фаровите и поради овој дизајнерски детал, гледан од напред Kamiq изгледа малку чудно… Ова е и првиот модел на Škoda кој има динамички трепкачи(како кај моделите на Audi). Задниот дел на возилото не е толку различен и уникатен и е многу сличен со новата Scala. Задните LED светла се во “C” форма и скоро идентични како оние кај Scala. На вратата од багажникот со букви пишува Škoda, а ова го заменува поставувањето на логото на брендот. Мислевте дека Kamiq е поголем од Scala?- И јас исто, но не е така. Kamiq е пократок и има помал багажен простор, а поради тоа што е повисок и има поголем ground clearence изгледа погабаритно.
Достапни се две нивоа на опременост: Ambition и Style. Тестираниот модел беше во првото Ambition ниво и навистина е опремено со сите работи кој Ви се потребни.

Ентериерот во Kamiq го има оној класичен Škoda дизајн- едноставен и многу просторен. Повеќето детали во ентериерот се многу слични со новата Scala, а тоа е супер бидејќи голем дел од местата кои што ги допирате често се од меки материјали. Да бидам искрен, целиот ентериер има многу поквалитетни материјали и е подобро склопен од некои други поскапи конкурентни модели…Ергономијата е одлична и сите контроли и копчиња се многу јасни и лесни за користење, ако сте седеле во некои од поновите модели на Škoda се ќе ви биде добро познато. Голем плус и за тоа што се задржани физичките копчиња за клима уредот! Kamiq може да го нарачате и со дигитална инструмент табла(тест моделот за жал ја немаше оваа опција) на која се прикажуваат сите битни информации и изгледа многу покул. Како стандард добивате 6.5-инчен дисплеј за infotainment системот, но моделот кој што го возев беше опремен со поголемиот 8-инчен дисплеј кој има подобра графика и поддршка за Apple CarPlay и Android Auto. Инаку, графиката е одлична, системот е лесен за користење и работи доста респонзивно. Достапен е и уште поголем 9.2-инчен дисплеј кој доаѓа со плус вграден навигациски систем. Единственото нешто што не ми се допаѓа се аналогната инструмент табла и воланот, истиот дизајн е веќе неколку години и мислам дека почнува да изгледа малку застарено, а тоа е единствената замерка која ја имам за целиот ентериер. Она со што Škoda секогаш се издвојува од своите конкуренти е просторот во целата кабина.

Задните седишта нудат многу повеќе простор од сите други модели во оваа класа, а воедно се и многу удобни за подолги релации. Двајца патници од 190cm ќе имаат доволно простор за нозете и главата, по потреба може да се стиснат и тројца, но само за некое кратко возење. За разлика од Volkswagen T-Cross, задните седишта во Kamiq не се подесуваат понапред или поназад…Исто така, достапно е и греење на задните седишта, уште една опција која што е реткост во оваа класа на мали урбан кросовери. Во багажникот на располагање достапни се 400 литри багажен простор што е сосема доволно за повеќето од купувачите на овој тип на возила. Доколку ги спуштите задните седишта добивате 1.395 литри, отворањето е широко, но подот не е комплетно рамен.

Моделот кој што го имав на тест под хаубата го имаше појакиот 1.0-литарскиот TSI турбо бензинец со 115 коњски сили и 200Nm вртежен момент. Силата се пренесува на предните тркала и во овој случај преку 6-степен мануелен менувач. Послабиот 1.0-литарски мотор има 95 коњски сили и достапен е само со 5-степен мануелен менувач. За оние што сакаат 4-цилиндарски мотор достапен е 1.5-литарскиот TSI со 150 коњски сили, а доколку сакате дизел, на располагање го имате 1.6-литарскиот TDI мотор со 115 коњски сили. Сите модели стандардно доаѓаат со мануелен менувач, а како опција достапен е DSG автоматски менувач. Исто така, сите се со преден погон и нема опција за погон на сите тркала. Да бидеме реални не е ни потребен погон на сите тркала, доколку сакате возило за off-road возење тука се поголемите Karoq и Kodiaq. Според мене, моторот кој го имаше тест возилото е идеалната опција. Нуди одличен компромис помеѓу цена, перформанси и потрошувачка. А и на повисоки вртежи работи доста рафинирано. Мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше околу 8.5 литри на 100 изминати километри.

Во Ambition нивото добивате стандардна опрема како што се: Front Assist, Lane Keep Assist, мануелен клима уред, 6.5-инчен infotainment дисплеј, Basic LED предни и задни светла, хром пакет во ентериерот, кожен мултифункционален управувач, темпомат, 16-инчни бандажи и многу друго… Тест моделот имаше и плус дополнителна опрема како: Автоматски клима уред, 8-инчен infotainment дисплеј, 17-инчни бандажи, LED бело амбиентално осветлување и уште некои ситници.

Од возењето бев изненаден, но не во негативна смисла. Кросовер моделите во споредба со конвенционалните хечбек модели се многу покомфорни и “помеки”. Overall, возењето во Kamiq е импресивно рафинирано. За разлика од некои други модели во оваа класа, седењето е високо и го имате тоа чувство дека возите кросовер. А благодарение на тоа и прегледноста е доста солидна, малку е ограничена кон задниот дел, но тука се паркинг сензорите да го олеснат возењето во тесни места. Воланот е лесен за маневрирање, но не многу прецизен и не добивате никакви повратни информации, што реално е очекувано за овој тип на возило. Суспензијата е перфектна и возењето низ градските улици(кои се со дупки и нерамнини насекаде) е многу комфорно. Како опција достапна е поспортска и пониска суспензија, но според мене нема никаква потреба зашто би ја одбрале, тие екстра пари дадете ги на некоја друга опција што навистина Ви е потребна. Дали е доволно стабилен низ кривини?- Со оглед на намената за која што е ова возило е прилично добро. Има навалување ама не премногу…со некои други модели од оваа класа ќе имате повеќе забава во возењето. Но на крај на денот, ако ви е битно возилото да биде забавно, кросовер моделите не се за Вас. На отворен пат, Kamiq е еден од порелаксираните и покомфорни модели во оваа класа.

Ова се возилата кои во денешно време се бараат највеќе, а Škoda има еден одличен продукт!

Почетната цена на Škoda Kamiq 1.0 TSI 95 Ambition изнесува 15.170€.
Цената на тестираниот модел Škoda Kamiq 1.0 TSI 115 Ambition изнесува 17.970€.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Škoda!

ЗАКЛУЧОК
Ова се возилата кои во денешно време се бараат највеќе, а Škoda има еден одличен продукт!
ПОЗИТИВНО
Просторна кабина.
Комфорно возење.
Одлична вредност за парите.
НЕГАТИВНО
Фали индивидуалност.
Некои од конкурентите имаат попривлечен надворешен изглед.
4