ТЕСТ: Renault Megane E-Tech Iconic EV60 160kW 

Во рамките на својата богата историја, Renault има силна традиција не само во производството и развојот на класични мотори со внатрешно согорување, туку во последната деценија на него се додадени и електрични еквиваленти. Со оглед на постепеното отстапување од таканаречената ера на фосилни горива, оваа автомобилска компанија долго време е меѓу европските лидери во продажбата на EV возила. И покрај сè уште успешниот модел Renault Zoe, Французите не мируваа. Интензивната работа на новата генерација чисто електрични модели стана реалност во врска со популарниот Megane. Во исто време, неговата петта генерација е исклучиво електрична. Концептуално целосно новиот Renault Megane E-Tech 100% Electric (да, ова е целосното име на автомобилот) доаѓа стандардно со голем број иновативни решенија. Ова го вклучува, на пример, дизајнот на електричниот мотор, екстра тенката батерија, но и модерната CMF-EV платформа. 

За Renault, таканаречениот компактен сегмент секогаш е исклучително важен. Во овој контекст, 1995 година може да се смета за историски пробив. Во тоа време официјално беше претставен моделот Megane, како очекуван наследник на популарниот Renault 19. Моделската линија на Megane брзо стана бестселер. Со текот на времето, следните три генерации можеа да го надоградат значителниот успех и популарност на оригиналниот модел.

Во овој контекст, воопшто не е чудно што Французите сметаат на својот омилен модел во новата и целосно електрична ера. Renault ја претстави револуционерната петта генерација на истоимениот модел, која за разлика од претходниците ќе се произведува само со погон на батерии! Преминот кон чисто електричен концепт во името на новиот модел го нагласува атрибутот E-Tech 100% Electric.

Стилскиот новитет е изграден на целосно новата CMF-EV платформа, развиена специјално за електрични модели. Во случајот со новиот Megane, Французите се исто така многу горди на голем број технолошки иновации, кои се логична последица на богатиот еволутивен развој на чисто електрични модели. Во пракса, Renault Megane E-Tech дури има потврдено повеќе од 300 технолошки патенти! Покрај ултра тенката батерија спомната на почетокот со дебелина од само 11 cm, тука ќе импресионира новиот дизајн на електричниот мотор или разновидниот спектар на системи за помош при возење. Поддржувачите на паметните решенија сигурно ќе бидат заинтересирани за високо приспособливиот инфозабавен систем во соработка со Google.

Покрај технолошките решенија, електричниот Megane може сосема јасно да импресионира и со својот изглед. Во значителна мера, автомобилот има навистина атрактивен дизајн, кој многу природно и избалансирано комбинира динамичен хечбек со навестување на кросовер со повисока структура на каросеријата. Навикнати сме следните генерации да бидат поголеми и поголеми, но електричниот Renault Megane е пократок и потесен од класичната верзија со мотор со внатрешно согорување. Сепак, ова е сосема логичен пристап. Станува збор за урбан компакт кој би требало да се носи со преполни градови каде што секој сантиметар се чини дека вреди злато. Новиот Renault Megane E-Tech, и покрај помалите димензии, може да обезбеди подеднакво пространа внатрешност. Електричниот Megane е долг 4.200 милиметри, широк 1.768 милиметри, висок 1.505 милиметри и има меѓуоскино растојание од 2.685 милиметри. За споредба, хечбекот од четвртата генерација е долг 4.359 милиметри, широк 1.791 милиметри, висок 1.447 милиметри и има меѓуоскино растојание од 2.669 милиметри.

Во самоуверениот и аеродинамички мазен преден дел доминира препознатливото лого на брендот. Моделот Megane E-Tech е исто така првиот Renault кој ја користи најновата дизајнерска еволуција на традиционалната дијамантска силуета. Ефектот на спортската елеганција во овој простор е подвлечен со тесниот модул на главните целосно LED фарови. Всушност, бев многу задоволен од нивната светлина, како и од адаптивната функција за засенчување во темница. Естетски привлечната игра со светлосниот ефект дополнително се подобрува со динамичната проекција на дневните светла, допирајќи длабоко во модулот на предниот браник. Силуетата на долниот дел на браникот со динамична шема и функционални странични отвори, во тестираната опрема Iconic во повеќето варијации на бои, е надополнета со контрастни елементи во златна боја инспирирани од дизајнот на крилото на F1 болидите. Предниот дел е исто така многу рационализиран, но тоа е сосема нормално за електричните автомобили, бидејќи со намалување на отпорот на воздухот можете да добиете вредни километри.

Акцентот на најоптимален проток на воздух се рефлектира и во страничната силуета, со постепено намалување на линијата на покривот и „мускулестиот“ заден дел. Атрактивниот оптички ефект овде е надополнет со рачки за предните врати кои „излегуваат“ од каросеријата, како и скриените рачки за задни врати – сета ова го прави автомобилот футуристичен. Тестираниот примерок привлекува внимание и со својата атрактивна двобојна каросерија – односно покрив во црна боја. Нагласувањето на најдобрите можни возни карактеристики е направено и од екстремно кратките крила со тркалата лоцирани практично во аглите на каросеријата. Не може да се заборави и на огромните 20-инчни тркала, кои изненадувачки многу добро се вклопуваат овде и не изгледаат претерано. Додека од гледна точка на корисникот, не типичната димензија на гумите (215/45 R20) дефинитивно ќе се одрази на нивната цена.

Задниот дел, полн со емоции, импресионира не само со веќе споменатата силуета на крилата, туку и со останатите детали, предводени од стилското решение на задните светла. Спектакуларен светлосен потпис споен со целосна лента взаемно го дели централно лоцираното лого. Во принцип, едноставните дизајнерски кривини на задниот дел се збогатени со црниот браник кој исто така има контрастен елемент во златна боја инспириран од светот на F1. Интересно е и задното стакло кое е многу мало, а над него има голем спојлер на покривот. На вратата на багажникот има мало копче за отворање на багажникот и штета што дизајнерите не смислиле малку  подобро решение, бидејќи ова е малку непрактично.

Фактот дека новиот Megane E-Tech претставува важна пресвртница за Renault се одразува и во неговата внатрешност. Сеопфатно редизајнираната кабина е прилагодена на концептот за електричен погон. Дури и пред да се влезе внатре, морам традиционално да го пофалам многу добро функционалниот „пристап без клуч “ за отклучување или со брзо заклучување реагирајќи на приближување кон возилото со „клучот“ во џебот. Фенси рачките на предните врати „излегуваат“ веднаш по отклучувањето. Во одредени ситуации, поточно кога го оставате клучот внатре во возилото подолго време, механизмот на рачката автоматски се повлекува. Нема потреба од паника во оваа ситуација. Рачката може да се истурка и рачно многу лесно преку дополнителниот капак кој служи за оваа намена, под кој се крие и класичната брава за итно влегување во возилото.

И покрај фактот што електричниот Megane е за околу 15 cm пократок во споредба со класичниот хечбек Megane од четвртата генерација, внатрешноста на новиот модел изгледа соодветно просторна. Во голема мера, за ова придонесе модерната архитектура на контролната табла со само минималистички централен тунел што ја дели зоната на возачот и совозачот. А во ова Iconic врвно ниво на опременост, кабината импресионира со неочекувано луксузна атмосфера. Овој ефект е подвлечен не само со прецизната обработка на деталите, туку и со многу материјали и површини кои се пријатни на допир. Модерната автомобилска ера е присутна и во новиот Megane Electric, па пред вас се големи екрани. Во овој контекст, Французите сепак заслужуваат пофалба бидејќи зачуваа неколку класични копчиња овде. Покрај стилската лента со контроли за климатизацијата, која се наоѓа во просторот под централниот дисплеј, можете брзо да ја деактивирате функцијата за следење на лента лево под воланот на класичен начин или да го регулирате интензитетот на позадинското осветлување на инструментите.

Носител на класичната ергономија на Renault е и во овој случај комбинираниот аудио контролер во просторот десно под воланот. Во истиот дел од управувачкиот столб, покрај „лостот“ за бришачите, свое место најде рачката за менувачот…Сепак, потребно е некое време да се навикнете на дадениот контролен елемент. И по неколку дена поминати зад воланот на автомобилот, ми се случуваше одвреме-навреме, наместо да ја сменам положбата од D во R, ненамерно да ги активирам бришачите. Навистина не разбирам зошто се одлучиле за ваков распоред на контроли, кога сето ова би можело да се реши и на многу поедноставен начин.

Пред возачот се наоѓа целосно дигитална инструмент табла од 12.3-инчи која има одлична графика и е многу јасна и лесна за читање. Фините и детални графики изгледаат природно во сите околности. Не само поконзервативно ориентирани корисници ќе ја ценат симулацијата на класичните часовници во комбинација со многу јасната функционалност на вградениот компјутер. Како дел од другите режими на прикажување, тука е достапен и приказ на мапата од навигацијата, како и минималистички приказ. Централниот инфозабавен OpenR Link систем со екран од 12-инчи нуди и прецизна графичка страна, со вертикално ориентиран екран на допир свртен во насока на возачот. Од функционална страна, во овој контекст сакам да ја пофалам прецизно изработената стаклена површина. Во пракса, ова решение не е толку подложно на траги од отпечатоци од прсти и во принцип ги копира елементите на современите паметни телефони. Французите се здружија со технолошкиот гигант Google за да развијат нова генерација на инфозабавен систем. Исто така, благодарение на оперативниот систем Android, екранот нуди брзи одговори на допир. Логиката на контрола со голем број апликации познати од мобилниот свет секако ќе ја ценат сите корисници на мобилни уреди кои работат на база на Android. Покрај пресликувањето на телефонот, нормално е и тоа што можете да се најавите на вашиот личен профил на Google или да ја додадете оригиналната апликација My Renault.

Просторноста на задните седишта и покрај тоа што електричниот модел има помало меѓуоскино растојание е навистина задоволителна со оглед на сегментото во кој припаѓа. Задната клупа има пријатна и удобно подлога, но поради батериите во долниот дел од автомобилот, седењето е малку повисоко и „нестандардно“. Инаку, без никаков проблем можат да се сместат и двајца возрасни патници, а само оние со над просечна висина би имале мал проблем со просторот за главата.  

И покрај компактните димензии и батериите, багажниот простор со капацитет од 440 литри може да се означи како пријатно изненадување на Megane E-Tech. Во овој контекст, дури и повеќе од самиот волумен, релативно симетричната форма и реалните опции за транспорт на багаж ќе ве задоволат. Во просторот под подот има пространа кутија погодна за складирање на задолжителна опрема или кабли за полнење. Багажникот може значително да се зголеми со прекоплување на задните седишта – и така се добива капацитет од 1332 литри. Сепак, товарењето на поголеми и потешки работи е малку комплицирано поради релативно високиот раб на товарање. 

Renault Megane E-Tech Electric се нуди во две варијанти – EV40 и EV60. Првиот е опремен со батерија од 40 kWh, која овозможува автономија до 300 километри, додека самиот погонски систем нуди моќност од 130 коњски сили и максимален вртежен момент од 250 Nm.

Мојот тестен примерок е помоќната верзија која генерира 220 коњски сили и 300 Nm вртежен момент, додека благодарение на батеријата од 60 kWh може да се помине растојание до 470 километри – секако, ова се официјалните податоци според WLTP мерењата. Можеби изгледа прилично скромно во споредба со електричните автомобили кои имаат повеќе коњски сили, но верувајте дека е повеќе од доволно во ваков автомобил. Особено што Renault одлучи да го префрли погонот на предната оска, па одвреме-навреме контролата на тракцијата има одредена работа за да обезбеди оптимална тракција. Сепак, ова се случува само при динамично возење, во нормалната секојдневна употреба нема такви ситуации.

Како и да е, само погледнете ги техничките податоци според кои Renault Megane E-Tech првата „стотка“ ја достигнува за 7,4 секунди, додека градските брзини се појавуваат за околу 3 секунди. Овде најважна е неверојатната флексибилност на електричниот погон, благодарение на која, без разлика на брзината, кога ќе го притиснете педалот за гас, автомобилот веднаш се катапултира нанапред и „ве лепи“ за седиште. Ова е навистина забавен автомобил, но не го мешајте со вистински хот-хеч. 

Тестираниот примерок, како што споменав, е опремен со батерија со нето капацитет од 60 kWh. Во теорија, ова се преведува во досег до 460-470 километри, но честопати вредностите од техничките податоци немаат врска со реалноста. Како помина на мојот тест? Периодот кога го имав автомобилот на тест температурите беа доста под нулата, па затоа и досегот кој го измерив е доста помал од декларираниот. Со нормално возење и секако со уклучена клима – и во некои ситуации уклучено и греење на седишта и греење на волан, може да се поминат околу 320 километри (во градски услови). Со малку поекономично возење или со температури кои се движат од 10 до 20 степени, сигурно ќе може да се поминат околу 400 километри. За автомобил кој генерално е наменет за градот, ова не е воопшто лошо. 

Renault Megane E-Tech EV60 може да се полни со максимална моќност од 130 kW, така што потребни се само 30 минути за полнење на батеријата од 10 до 80%. За време на тестот, немав можност да проверам дали автомобилот навистина се полни со таква моќност, бидејќи таквите полначи се навистина ретки во нашата држава. Огромна предност на Renault Megane E-Tech е вградениот полнач, кој овозможува полнење со наизменична струја со моќност од 22 kW. За полнење во домашни услови доволен е и wallbox полнач од 11 kW, благодарение на кој батеријата може да се наполни од 0 до 80% за 6 часа, додека полнењето со полнач од 22 kW ќе одземе само половина од тоа време. Се разбира, Megane E-Tech може да се полни и на обичен штекер, но мора да земете во предвид дека времето потребно за полнење од 0 до 100% во такви услови ќе трае околу 31 час.

Досегашното искуство на францускиот производител со целосно електрични модели позитивно се одрази во возните карактеристики на новиот Megane E-Tech. Renault успеа да изгради, пред сè, многу атрактивен автомобил за возење. За разлика од многу конкуренти, Renault продолжува да го фаворизира погонот на предните тркала за својот компактен електричен автомобил. Производителот, исто така, прагматично пристапи кон параметрите на перформансите. Наместо, во многу случаи, дури и непотребни екстреми на моќност, во случајот на тестираниот примерок, достапни се реално доволни, но во исто време сепак рационални 220 коњски сили. Важен фактор во иновациите на електричниот погон е малата тежина. Megane E-Tech може да се пофали со тежина од приближно 1.7 тони – што за целосно електричен модел е многу импресивно. Прифатливо малата тежина во комбинација со природно нискиот центар на гравитација и способната шасија, со мулти-линк на задната оска, се клучот за извонредните возни карактеристики. Како дел од дотерувањето на суспензијата и севкупниот комфор во возењето, најмногу прашалници одат на тркалата од 20-инчи. И покрај реално нискиот профил на гумите, тестираниот примерок можеше шокантно суверено да ги филтрира или да ги испегла вообичаените несовршености на нашите патишта. Само врз основа на чувствата зад воланот, во случај на незнаење, речиси сигурно немаше да претпоставам дека тестираниот примерок вози на толку големи тркала. 

Покрај неочекуваниот комфор, електричниот Megane одлично се снаоѓа и со побрзо возење по патишта со многу свиоци или други технички патеки. Megane E-Tech во свиоци „оди“ сосема доброволно и се однесува слично при ненадејни промени на правецот. Може доста убаво да ја држи патеката во свиок. Бев многу импресиониран од изненадувачки цврстото управување, на позитивен начин. Лошата страна е што е без практично никакви повратни информации од подлогата. Во исто време, покомуникативно возење би било соодветно во овој автомобил. Комбинацијата на моќен електричен мотор и погон на предните тркала значи дека ако не ракувате чувствително со десната педала, носот повремено ќе ви се „лизне“. Од време на време, гумите имаат проблем со истовремено управување со свиоците и забрзувањето, што се манифестира во тоа што предниот дел на автомобилот само што почнува да „лизга“. Но, секако, ова е манифестација на која веројатно може да се навикнете, возачот мора да земе предвид дека електромоторот поинаку дава моќ – поточно таа моќ е достапна веднаш. 

И покрај концептот што „сè е напред“ – електромоторот и погонот, новиот Megane E-Tech изненадува со севкупната агилност. Прецизната звучна изолација на патничкиот простор е потсвесно очекувана придобивка од автомобилите со електричен погон. Како дел од пријатната акустична благосостојба на автомобилот, уште повеќе уживав во одличниот Harman/Kardon аудио систем за време на комфорното возење. Третата генерација на Multi-Sense системот, т.е. систем за избор режими на возење е достапна кај Megane E-Tech. Достапни се неколку режими на возење од кои може да изберете, но најважна работа овде е можноста за конфигурирање на режимот Perso, што влијае на работата на системот за управување и погонот. Поважно е тоа што системот го памети последниот режим на возење, така што по палењето на автомобилот не мора секој пат да го избирате омилениот режим. 

Технолошката зрелост на секој електричен автомобил се рефлектира со најефективното враќање на енергијата во батеријата при сопирање. Renault Megane E-Tech со диск сопирачки на двете оски нуди три фази на регенерација на сопирачките прилагодливи со лопатки на воланот. Можеби единственото нешто што недостасува овде за целосно совршенство е таканареченото интелигентно закрепнување кое би соработувало со навигацијата. Најслабото ниво на регенерација, односно режим на едрење ја надополнува релативно интензивната регенерација во максималниот трет степен. Дури и во овој случај, користењето само на педалата за гас не е доволно за да се контролира возилото.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Цената на тестираниот примерок Renault Megane E-Tech Iconic EV60 160 kW Optimum Charge изнесува 59.450 евра. 

Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Automotive Group.

ЗАКЛУЧОК
Renault Megane E-Tech е зрел, префинет и многу атрактивен автомобил кој има многу предности и практично нема сериозни недостатоци. Со автономија од околу 400 километри, може да се третира како универзален автомобил и е дефинитивно еден од најинтересните електрични автомобили на пазарот.
Возни карактеристики
Одличен инфозабавен систем
Богата опрема
Ергономија во кабината
Лимитирана прегледност кон задниот дел
Просечен простор во внатрешноста
Предните тркала понекогаш не можат да се справат со моќноста
4