ТЕСТ: Peugeot e-208 50kWh Allure

Пред неколку месеци за прв пат се запознав со новата втора генерација на Peugeot 208. Тогаш, на тест имав модел со конвенционален турбо-бензински мотор и фантастична жолта металик боја. Овој пат, моделот што го возев беше во (според мене) уште поубава и попривлечна сина металик боја, но беше комплетно различен модел од претходниот. Ова сино Peugeot е всушност e-208 и е целосно електричен автомобил! Кога ми соопштија од Еуроимпекс дека пристигнала електричната верзија на 208 на нашиот пазар и дека ќе ја имам на тест бев пријатно изненаден и со нетрпеливост го чекав денот кога треба да го земам возилото. Прво поради тоа што електричните автомобили (сега за сега) се навистина реткост на нашиот пазар и второ поради тоа што за прв пат ќе имам прилика да возам електричен автомобил. Па, какви се импресиите од моето прво дружење со целосно електричен автомобил? – Прочитајте го тестот за да дознаете!

Порано, овој модел на Peugeot со секоја нова генерација добиваше и ново име, но овој пат Peugeot одлучи да го задржи истото име. Малиот 208 е доста успешен модел за Францускиот бренд, а оваа втора генерација силно еволуираше иако името останува непроменето. Фраерскиот 208 својата кариера ја започна многу добро – се закити со титулата за Европски Автомобил на Годината! За разлика од некои други производители на автомобили, PSA групацијата електричната енергија ја сметаат како и секое друго “гориво“. На пример, e-208 се појави во каталогот и беше достапен во исто време со конвенционалните бензин и дизел верзии, а тоа е благодарение на новата флексибилна, модуларна платформа. Ајде сега да зборуваме малку за надворешноста – претходниот пат кога го возев жолтиот 208 реков дека е најубавиот и најпривлечен модел во оваа класа на возила, неколку месеци подоцна уште си стојам на тоа. Всушност, e-208 изгледа идентично како и “обичниот“ 208, а се разликуваат по неколку ситни детали. Предната решетка на електричната верзија има декоративни елементи кои се во иста боја како таа на каросеријата, на задните столбови стои ознаката “e“ и во споредба со конвенционалните верзии, оваа електрична верзија нема отвори за издув (нормално) – …и тоа се разликите. Јас лично го поддржувам овој потег на Peugeot што направиле овие две верзии да имаат идентичен дизајн, бидејќи навистина не е потребно електричните автомобили да изгледаат “лудо“ и комплетно различно од конвенционалните автомобили. Генерално, надворешниот изглед на e-208 има футуристички и уникатен дизајн, од било кој агол да го гледате, едноставно изгледа многу привлечно. Предните светла се во форма на лавовски заби и изгледаат предобро, особено кога ќе ги видите во ретровизор ;). Инаку, светлата на тестираниот модел се достапни како опција во Allure нивото на опременост и се „must have“, не само поради изгледот, туку и поради тоа што одлично го осветлуваат патот пред вас навечер. Задниот дел е широк и мускулест, а светлата кои се поставени тука се со 3D LED технологија и се во форма на лавовски канџи. Страничниот дел е исполнет е со динамични линии кои придонесуваат за спортскиот изглед. Единствено јас би одбрал еден број поголеми бандажи од овие 16-инчни кои ги имаше тестираниот модел, за да се комплетира спортскиот став на возилото.

Ако на надворешноста има ситни детали кои прават e-208 да се разликува од “обичниот“ 208, внатрешноста е идентична во двете верзии и нема никакви промени, а тоа не е никаков проблем бидејќи ентериерот го продолжува футуристичниот дизајн од надворешноста. Генерално, во кабината голем дел од местата, оние кои често се допираат се од квалитетни и меки материјали, а на високо ниво е и завршната изработка. Пред возачот се наоѓа дигитална инструмент табла со 3D приказ – има супер графика и ги покажува сите потребни информации, а достапни се и неколку различни прикази. На горниот дел од централната конзола поставен е 7-инчен дисплеј за инфозабавниот систем, а како опција достапен е поголем 10-инчен дисплеј кој доаѓа со вграден навигациски систем. Позицијата на која е поставен дисплејот е перфектна, додека целото мени на системот не е баш најинтуитивно, а некои од конкурентните модели имаат и за нијанса подобра графика. Не сум голем фан на тоа што сите контроли за клима уредот се контролираат преку овој дисплеј бидејќи при возење е многу покомплицирано отколку се тоа да се контролира преку физички копчиња. Како и кај секој друг нов модел на Peugeot, целиот тој i-Cockpit сетап е малку чуден и дискутабилен. Откако ќе седнете зад управувачот ќе ви треба малку време да се навикнете на тоа што инструмент таблата е поставено повисоко од нормално и тоа што управувачот е со пониска позиција и помали димензии од нормално. Повисоките луѓе може да имаат мал проблем со наоѓање на идеална возачка позиција бидејќи во некои ситуации горниот дел од воланот ја блокира прегледноста кон инструмент таблата и така ќе треба да го спуштите подоле, а тогаш може да ви пречи на колената. Јас сум со просечна висина од 175cm и искрено немам големи потешкотии за наоѓање на идеална возачка позиција.

Благодарение на флексибилната платформа и тоа што батериите се поставени под седиштата, просторот на задните седишта и багажниот капацитет остануваат непроменети во споредба со конвенционалните верзии на 208. Сепак, не очекувајте премногу комфор на задните седишта бидејќи се работи за мал градски автомобил, а и некои од конкурентните модели нудал малку повеќе простор. Во багажникот на располагање достапни се 311 литри, а со спуштање на задните седишта се добива капацитет од 1106 литри.

Ајде сега да зборуваме за најинтересниот дел од овој автомобил! – Под хаубата на e-208 се наоѓа електромотор од 100 kW или 136 коњски сили и 260 Nm вртежен момент кој е достапен од нула вртежи во минута. Силата се пренесува на предните тркала и e-208 од 0 до 100 км/ч забрзува за 8.1 секунди и максималната брзина е електронски ограничена на 150 км/ч. Во реалноста, би рекол дека забрзувањето е и побрзо од овие официјални бројки. При секое притискање на педалата за гас се добива инстантна респонзивност и ако не гледате во инструмент таблата многу брзо се надминува ограничената брзина… Достапни се три режими на работа: Eco, Normal и Sport. Во Eco перформансите се намалени и ова е идеалниот режим за секојдневното возење, а и во овој режим заштедувате батерија, во Normal перформансите се зголемени, но за да ги добиете сите тие 136 коњски сили треба да префрлите во Sport режим, а тогаш и педалата за гас станува пореспонзивна и управувачот добива плус тежина.

Според официјалните WLTP мерења, e-208 со полна батерија може да помине 340 километри. Во неколку дневното тестирање на e-208 јас успеав да поминам околу 300 километри со едно полнење, а со оглед на тоа што 90% од времето го возев во “Sport” режим и не пазев премногу за економичност и чување на батерија, оваа бројка е навистина импресивна. Сигурен сум дека со нормално и поекономично возење декларираниот опсег од 340 километри без проблем може да се достигне. Peugeot e-208 може да го полните на неколку различни начини и со неколку различни полначи. Може да го полните на јавните полначи кои се поставени низ цела Македонија, а само во Скопје вакви полначи има на околу 20 различни локации. За да може да ги користите се што треба да направите е да извадите картичка од ЕВН која сега за сега е бесплатна. Полнењето на батеријата на e-208 со овој тип на полначи кој се со моќност од 22kW трае околу 3 часа. Втората опција е да го полните во домашни услови – во зависност од полначот кој ќе го користите полнењето може да трае 29 часа (океј, ова е многу), но со полнач од 3.7 kW полнењето трае 12 часа. Со појакиот 7.4 kW полнач се намалува на 7-8 часа, а пак со трофазен полнач од 11 kW полнењето ќе трае околу 5 часа. Исто така, e-208 поддржува и брзо полнење, но такви DC Fast Charge полначи моментално не се достапни во Македонија – со ваков полнач, 80% од батеријата ќе се наполнат за 30 минути. Да, инфраструктурата во Македонија можеби сеуште не е на највисоко ниво, но полека се работи на подобрување и поставување на што е можно повеќе јавни полначи.

Ова возило реално голем дел од времето ќе се вози во градски услови – па така, доколку дневно поминувате од 40 до 50 километри, e-208 ќе треба да го полните еднаш неделно. А колку ќе чини полнењето на e-208? – Ако го полните во домашни услови, 100 километри ќе ве чини околу 50 денари, втората опција е да го полните на јавните полначи кои се поставени низ цела Македонија и оваа опција е бесплатна! Како што напоменав и претходно, полнењето на батеријата со јавните полначи трае околу 3 часа, така што додека сте на работа или имате некои други обврски може да го оставите e-208 да се полни. А ако го полните само на јавните полначи, буквално ќе возите за “без пари“. Исто како моделите со мотор со внатрешно согорување што не секогаш ги полниме со гориво „до крај“, така и овие модели не треба секогаш да се полнат „до крај“, па ако во близина имате јавен полнач – оставете го возилото да се полни.

Каков е e-208 зад управувачот? – на почеток е малку чудно поради тишината која преовладува во кабината, но сепак звучната изолација е на доста солидно ниво. e-208 се вози исто како и секој друг 208, разликата е во тоа што електричните автомобили имаат регенеративно сопирање. Ова значи дека при забавување и кочење енергијата се зачувува во батеријата и всушност ваквите автомобили може да ги возите само со една педала(гас), а со притискање на педалата за сопирачките се зголемува тој процес на рекуперација. Поради зголемената тежина на возилото поради батериите, e-208 добива малку потврда суспензија во споредба со обичниот 208. Разликата е приметлива, но комфорот при возење воопшто не е нарушен и e-208 одлично ги впива сите дупки и нерамнини без да се пренесат некакви несакани вибрации во кабината. Благодарение на лесниот управувач и добрата прегледност, возењето низ градскиот метеж е навистина лесно. Исто така и на отворен пат e-208 е навистина рафиниран и удобен, па така нема да имате никаков проблем доколку сакате да одите до некој друг град. Дали e-208 може да понуди забава зад управувачот? – Дефинитивно да, би рекол дека е и позабавен од обичниот 208. Иако возилото тежи скоро 1 ипол тон, динамичниот карактер не е изгубен. Возењето на пат кој е полн со свиоци е доста интересно благодарение на брзиот и прецизен управувач, како и инстантно достапниот вртежен момент од електромоторот. Плус, батериите даваат понизок центар на гравитација со што се намалува навалувањето во свиоци и воопшто не се осеќа големата тежина на возилото.

Почетната цена на Peugeot e-208 Active изнесува 32.520 евра.

Цената на тестираниот модел Peugeot e-208 Allure изнесува 36.060 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Peugeot!

ЗАКЛУЧОК
Електричниот 208 ги има сите предности на еден паметно развиен градски автомобил и е без некои посебни недостатоци. Изгледа футуристично и многу привлечно, а има и доста солиден (реален) опсег со едно полнење. Peugeot константно не изненадува со своите нови модели, браво!
ПОЗИТИВНО
Доста солиден (реален) опсег со едно полнење.
Уникатен дизајн.
Добри перформанси.
НЕГАТИВНО
Тесен простор на задните седишта.
Нема декларирано место за каблите за полнење.
4
More Stories
KIA XCeed Vision