Тест: Peugeot 508 GT Line 2.0 BlueHDi 180 EAT8

Првата генерација на Peugeot 508 беше претставена во 2010 година и беше во седан форма. Сега, оваа втора генерација која е претставена во 2018 година не е веќе седан, туку Fastback или…купе со 5 врати. Новиот модел е поставен на EMP2 модуларната платформа на PSA и со тоа целото возило сега е полесно за 70 килограми. Нешто друго што е чудно во денешно време е тоа новиот модел да биде малку помал од претходниот. Токму тоа го направиле Peugeot, втората генерација на 508 е пократка за 80mm, но е и пониска, затоа и изгледа толку широко.
Должината на возилото изнесува 4,750мм, ширината 1,859мм, меѓуоскиното растојание 2,795мм и висината е 1,403мм.

Надворешниот дизајн на Peugeot 508 е многу уникатен, многу привлечен и се издвојува од сите други негови конкурентни модели. Дизајнот влече инспирација од Exalt- концепт автомобил на Peugeot претставен пред неколку години. Тогаш сите мислевме дека Peugeot никогаш не би пуштиле нешто слично такво во производство и дефинитвно сме згрешиле…Кога станува збор за изглед, секој има различен вкус и не на секој му се допаѓа изгледот на одреден автомобил. Но, до сега не добив ни една порака или коментар дека на некого не му се допаѓа како изгледа 508… и јас лично сум голем фан на храбриот изглед на 508, да бидам искрен, не најдов ни еден дел од возилото кој што не ми се допаѓа бидејќи од било кој агол да го гледате, секаде има по некој „WOW” ефект. Дури и додека стоев на семафор луѓе креваат палци и прашуваат повеќе информации за возилото!Најмногу внимание привлекуваат уникатните предни full LED светла, како и задните 3D LED светла, а при отклучување на возилото светлата имаат многу интересна „welcome”секвенца!
Достапни се четири нивоа на опременост: Active, Allure, GT Line и на врвот е GT.
Тестираниот модел беше во GT Line нивото, а тоа се разликува од другите нивоа по тоа што добивате уникатна предна решетка, уникатни алуминиумски бандажи, црни лајсни околу вратите, поспортски заден браник и GT Line беџови на задните столбови.

Ја отворате вратата(by the way вратите се frameless) од Peugeot 508 и ве пречекува овој не реално добар, футуристичен ентериер! Импресиониран сум од квалитетот на материјалите во целата кабина, каде и да допрете сите материјали се меки на допир. Барав некое место каде што ќе има тврди пластики кои крцкаат при стискање, но не најдов ништо такво…перфектно склопен ентериер кој исто така има одлична ергономија и е многу блиску со квалитет до германските конкурентни модели.
Ентериерот не само што изгледа спортски, туку и се чувстува спортски кога ќе седнете зад воланот. Седите доста ниско и поради високата централна конзола во средина и малиот волан се осеќате како да сте во некој тркачки болид!
Во GT Line моделите(како што беше тестираниот модел) добивате делумно кожни спортски седишта со контрасни шевови кој воедно имаат одлична странична поддршка и се многу удобни(тест моделот имаше и плус масажа во предни седишта), спортски кожен волан со GT Line ознака на долниот дел и амбиентално осветлување во кабината.
508 го има најновиот i-cockpit систем на Peugeot, што значи доста помал и пониско поставен волан и два големи екрани- едниот(12.3-инчен) е за возачот во замена на конвенционалната инструмент табла(стандард во сите модели), а другиот е наменет за infotainment системот и е со големина од 10-инчи- во првото Active ниво стандардно добивате 8-инчен дисплеј. За разлика од i-cockpit-от во 3008 и 5008 моделите, тука во 508 некако се е наместено подобро и пологично. Infotainment системот стандард во сите модели доаѓа со поддршка за Apple CarPlay и Android Auto и за разлика од некои други конкурентни модели е малку покомплициран за користење и ќе ви треба време додека научите што каде е- Overall, респонзивен е и има супер-чиста графика. Исто така, ги има и оние кул пиано копчиња што ве водат директно до навигацијата, климата, медиа и слично. Контролите за климата се преку истиот тој екран и немате физички копчиња, а тоа значи дека ќе го тргате погледот од патот малку повеќе…За оваа цена, нема ни едно друго возило што ќе го победи несекојдневниот дизајн на ентериерот во 508.

Просторот на задните седишта е една од работите со која што 508 не може да се пофали. Поради понискиот покрив просторот е малку лимитиран, луѓе до 180cm ќе имаат доволно простор за нозете и главата и ќе може да патуваат удобно. Но тие кои што се повисоки од тоа ќе имаат проблем со просторот за главата. Доколку треба назад да седат тројца патници, 508 не е идеалното возило за тоа бидејќи нема да им биде баш удобно и ќе се чувствуваат клаустрофобично. Во багажникот на располагање имате 487 литри, а благодарение на хечбек-стил отворањето и комплетно рамниот под, ставањето и вадењето на потешки работи е многу лесно- добивате и неколку закачалки и 12V приклучок. Доколку ги спуштите задните седишта достапни ви се 1,537 литри, а подот останува комплетно рамен.

Peugeot 508 е достапен со два бензински и три дизел мотори:
-Бензински
1.6 Pure Tech со 180 коњски сили/ достапен само со автоматски менувач
1.6 Pure Tech со 225 коњски сили/ достапен само во GT ниво и само со автоматски менувач
-Дизел
1.5 BlueHDi со 130 коњски сили/ достапен со мануелен и автоматски менувач
2.0 BlueHDi со 160 коњски сили/ достапен само со автоматски менувач
2.0 BlueHDi со 177 коњски сили/ достапен само со автоматски менувач

Тестираниот модел беше опремен со најмоќниот 2.0-литарски турбо дизел мотор со 177 коњски сили и 400Nm вртежен момент. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 8.3 секунди, а максималната брзина е 235 км/ч. Перформансите кои ги има овој мотор би ги задоволил потребите на сите купувачи, моќен е повеќе од доволно. За пофалба е и автоматскиот 8-степен менувач кој перфектно си ја завршува својата работа. Start/Stop системот кој го има 508 е еден од најнеприметливите вакви системи кој работи многу smooth. Јас би ви го препорачал истиот овој мотор бидејќи е одличен за возилото. Мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше околу 8 литри на 100 изминати километри.

Стандардната опрема која ја добивате во GT Line нивото вклучува: Препознавање на сообраќајни знаци со ограничување на брзина, автоматско вклучување и исклучување на долги светла, систем за надзор на мртов агол, монохроматски внатрешен ретровизор, ергономски предни седишта, електрично подесување на возачко и совозачко седиште, Full LED предни и задни светла, 17-инчни алуминиумски двобојни бандажи, дополнително затемнети задни стакла, мултифункционален 10-инчен дисплеј со навигација и Mirror Link функција, предни и задни паркинг сензори, i-Cockpit 12,3-инчна дигитална инструментна табла, автоматски клима уред, темпомат и лимитер на брзина и уште многу друго…

Peugeot 508 е возило кое едвај чекав да го возам, уште пред да седнам зад воланот некако имав големи очекувања за возилото…и да бидам искрен, ги надмина моите очекувања. Од надвор изгледа спортски, кога ќе седнете на возачкото седиште добивате и плус спортско чувство, но најбитното е што не само што изгледа и се чувствува спортски туку и вози спортски! Малиот волан убаво “лежи” во рака при динамично возење низ кривини, а добивате и солидни повратни информации од него. Тестираниот модел имаше стандардна суспензија, додека адаптивна суспензија е стандард во GT моделите, а опција во сите други. Оваа стандардна суспензија одлично си ја завршува својата работа, во град возењето е комфорно и дупките и нерамнините ги осеќате минимално, во споредба со некои конкурентни модели е малку потврда, но во никој случај не е неудобно. Моделот кој што го возев имаше опционални 18-инчни бандажи обвиени во Michelin Pilot Sport 4 гуми, па можеби и тоа е причинита за малку потврдото возење. Со 508 отидов на еден мини-трип до Маврово, по краткото возење на автопат доаѓа интересен пат кој е исполнет со кривини, верувам дека на сите ви е познат овој пат и сигурно го имате извозено барем еднаш. Од нормален режим префрлам во спорт, воланот добива екстра тежина, педалата за гас реагира побрзо и автоматскиот менувач се префрла во спортски режим на работење. После две-три кривини, импресиониран бев од тоа како возилото се однесува, има многу добро балансиран грип, агилно е и навалувањето е сведено на минимум и при вакво динамично возење ако има и други патници во возилото нема да им се лоши поради тоа што нема никакво клатење и возењето е навистина забавно. Но, какво е возењето на автопат? Па, би рекол уште подобро бидејќи таму, 508 е како “дома”. Благодарение на одличната изолација која ја има, внатре не слушате никаква бучава, ни од ветер, ни од мотор, ни од тркалата. Плус, на сето ова кога ќе ги додадете удобните седишта(кои се достапни и со масажа) и комфорноста на возилото, долгите патувања ќе ви бидат релаксирани и воопшто нема да се чувстувате уморно. По долгиот пат, пристигам дома и има само едно слободно место каде што треба да се паркирам паралелно и е прилично тесно. Прегледноста од напред и страните е добра, назад поради понискиот покрив и малото задно стакло е малку ограничена. Но, паркирањето не беше воопшто тешко бидејќи возилото имаше предни и задни паркинг сензори, како и задна камера од 180 степени. Доаѓаме до заклучок дека Peugeot 508 освен што изгледа многу привлечно, исто така и вози многу добро и е прилично забавно возило. Но, практичноста не е на врвот за оваа класа. За најубаво да го сфатите се ова што го зборувам, одете во салонот на Peugeot и пробајте го новиот 508! И јас не верував на зборови, но после неколку дневното возење овој модел ми го смени мислењето комплетно за целиот бренд.

Акциската цена на тестираниот модел Peugeot 508 GT Line 2.0 BlueHDi 180 EAT8 изнесува 39.950€.

Повеќе информации може да најдете на https://peugeot.mk/ или да го посетите продажниот салон на Peugeot.

ЗАКЛУЧОК
Доколку сакате возило кое е уникатно и ќе се издвојува од се друго на улица, а притоа практичноста не ви е на прво место при купување на истото, 508 е возилото за Вас. Според мене, Peugeot 508 е тип на возило кое што освен рационално, го купувате и емоционално!
ПОЗИТИВНО
Фантастичен изглед.
High-Tech ентериер.
Доста забавен за возење.
НЕГАТИВНО
Лимитиран простор за главата на задните седишта.
Мал избор на бензински мотори.
4