ТЕСТ: Peugeot 308 1.6 Hybrid 180 e-EAT Active Pack

Peugeot 308 е присутен на европските пазари веќе петнаесет години. Со повеќе од 7 милиони продажби, титула за автомобил на годината (во 2014) и голем број на различни награди го прават овој модел да биде хит меѓу купувачите, а и доста важен модел за самиот бренд. Новата трета генерација прави еден огромен чекор напред во однос на технологија, квалитет и погонски единици. На почетокот на оваа година на тест пристигна верзија која беше во врвното GT ниво на опременост и придвижувана од добро познатиот 1.5-литарски BlueHDi дизел мотор. Сега, на тест пристигна верзија во основното Active Pack ниво на опременост, но со новиот Plug-in хибриден погон. Па ајде да видиме што може да понуди оваа електрифицирана верзија.

Французите за третата генерација на Peugeot 308 не отстапија ниту милиметар од својата филозофија. Претставија чистокрвен хечбек, а не некаков си модел со логика на кросовер. Исто така, во понудата е достапна и караван верзија за оние кои бараат дополнителна практичност што ја дава овој тип на автомобил. Со хечбек верзијата на 308, Peugeot цели доста високо или поедноставно кажано, директно ја таргетира германската конкуренција. Да, можеби звучи малку чудно и „не реално“, но Peugeot уште пред неколку години најави дека полека ќе преминува во премиум бренд. Таа приказна започна со новата генерација на 508, но со 308 тоа е веќе навистина очигледно. Разликата во квалитет во однос на претходните генерации е огромна.

Имајќи веќе постигнато дизајнерски успех со новиот 208, Peugeot ги зачекори стилските стандарди на своето супермини и дополнително го разви својот дизајнерски јазик во целосно новиот 308. Уште првиот пат кога го видов во живо, реков дека ова е еден од најубавите и најтрактивните модели во својата класа и сега можам повторно да го кажам истото. Автомобилот е објективно навистина убав и импресивен, од било кој агол да го погледнете. Особено во оваа „Olivine Green“ металик боја која дополнително го зајакнува оној „wow ефект“. И воедно, оваа боја е стандардна за 308 и е без доплата – одличен потег од Peugeot, браво! На предниот дел, се издвојуваат долгата хауба, големата решетка и препознатливите LED фарови кои се во форма на лавовски заби. Конкретно тестираниот модел ги има стандардните фарови, додека Matrix LED фаровите се резервирани за врвното GT ниво на опременост. Задниот дел е исто толку атрактивен и динамичен, како и доста широк. Ми се допаѓа тоа што кај оваа верзија браникот е со „обична“ мат црна пластика, а не во сјајно црна боја како кај GT верзијата. Задните светла и тука се со LED технологија, но ја немаат онаа интересна графика која е во форма на лавовски канџи што се добива доколку автомобилот е опремен со надградените Matrix светла. Профилот јасно го покажува динамичниот стил и нискиот став кој го има автомобилот. Стандардните алуминиумски бандажи во ова ниво на опременост се со големина од 17-инчи, а според мене се идеалната големина во однос на комфор и изглед.

Внатрешноста е исто толку убава како и надворешноста, квалитетна и со соодветна ергономија и удобност. Материјалите се меки на речиси сите површини, добро се вклопуваат и изгледаат доста уредно. i-Cockpit концептот тука е надграден со нови технолошки гаџети и нов инфозабавен систем. Сите верзии добиваат целосно дигитална инструмент табла од 10-инчи, додека кај поопремените верзии таа е и дополнително со 3D ефект. Овој екран нуди можности за конфигурација и неколку различни прикази, а ми се допаѓа и тоа што може да се подеси да прикажува неколку различни работи истовремено.

На централната конзола се наоѓа 10-инчен екран наменет за инфозабавниот систем. Новиот систем е каде,каде подобар од системот во претходните модели на Peugeot, дополнително и тука може екранот да го уредите како што вие сакате и главните работи што ги користите секогаш да бидат на „Home“ страната. Графиката е одлична и самиот систем е доста респонзивен и едноставен за корисење. Бидејќи ова е основното ниво на опременост, тука не се добива вграден навигациски систем, безжично поврзување со Apple CarPlay и Android Auto, а нема ни задна паркинг камера (задни паркинг сензори се стандардни и во ова ниво). Но она што е интересно кај оваа верзија е панелот под инфозабавниот екран, односно во другиот 308 што го возев претходно тука имаше дополнителен екран, кој Peugeot го нарекува i-toggles. Повторно, бидејќи станува збор за основен модел, на тоа место има физички копчиња кои служат како кратенки за клима-уредот и греењето на седишта. Да бидам искрен, иако со i-toggles екранот сето тоа изгледа многу поубаво, ова поедноставно решение е некако полесно за користење, особено што преку физичките копчиња може да ја регулирате климата и преку тркалцата може да ја подесите температурата на климата. Додека кај верзиите со екран, сите овие контроли за климата се подесуваат преку екранот.

Накратко и за просторноста на задните седишта и багажникот. Задните врати не се отвораат многу широко и просторот за влегување е релативно тесен. Двајца патници со просечна висина ќе може удобно да се сместат со доволно простор за нозете и главата, но конкурентните модели во оваа област нудат повеќе простор.

Plug-in хибридните верзии на Peugeot 308 нудат малку намален багажен простор, што е и сосема нормално поради поставувањето на батериите. Тука багажниот капацитет изнесува 361 литар (412 литри кај ICE верзиите), додека со спуштени задни седишта капацитет прераснува на 1271 литар. Просторот е доволно голем со оглед на намената на ова возило, отворањето е широко и без проблем може да се сместат поголеми и потешки работи. Да не должам премногу со овие работи сега, во претходниот тест на 308 може да прочитате подетално за се ова, а сега да се префрлиме на главната работа за овој 308, односно погонот!

Благодарение на EMP2 (Efficient Modular Platform) платформата на Stellantis групацијата, 308 за прв пат до сега, освен со конвенционални бензин и дизел мотори, е достапен со два Plug-in Hybrid погони – едниот нуди 180, додека другиот нуди 225 коњски сили. Автомобилот што го имав на тест е послабата верзија која навистина може да ве импресионира. Подетално – под хаубата работи 1.6-литарски PureTech четирицилиндарски турбо-бензинец кој испорачува 150 коњски сили при 4250 вртежи во минута и 250 Nm вртежен момент достапен од 1750 вртежи во минута. На ова е додаден и електромотор кој е интегриран во менувачот и кој испорачува 110 коњски сили при 2500 вртежи во минута и 320 Nm вртежен момент достапен од 500 до 2500 вртежи во минута. Е сега, вкупната системска моќност на овој погон изнесува 180 коњски сили и 360 Nm вртежен момент, силата се пренесува на предните тркала преку 8-степен e-EAT автоматски менувач. Сето ова му овозможува на 308 забрзување од 0 до 100 км/ч за 7.6 секунди и максимална брзина од 225 км/ч. Вака кога ќе прочитате можеби овие бројки и не звучат толку импресивно, но верувајте во реалност е сосема различна приказна. Перформансите се сосема доволни, погонот брзо и спремно реагира на вашите команди и испорачувањето на моќноста е инстантно.

Батеријата што ја користи 308 е со капацитет од 12.4 kWh, а според официјалните податоци со полна батерија може да се поминат до 60 километри. Периодот кога го имав автомобилот на тест, температурата беше релативно ниска, а тоа не е баш најдобро за да се извлече максимален опсег на возење само на струја. Па во такви услови, со полна батерија успеав да поминам околу 35 километри, што сепак не е толку лоша бројка. Што се однесува до потрошувачката – ако постојано ја дополнувате батеријата (така и треба да се прави со овие автомобили) и ако тоа го правите на јавно достапните полначи, низ град ќе може цело време да возите само на струја и сето тоа ќе ве чини буквално 0 (нула) денари. Во хибриден режим, кога во одредени ситуации се уклучува и бензинскиот мотор просечната потрошувачка изнесува од 2.5 до 3 литри. Ако стигнете до тој степен комплетно да ја испразните батерија, а во тој случај работи само бензинскиот мотор потрошувачката во градски услови на возење изнесува од 8 до 9 литри. На автопат, со брзини од 130-140 км/ч измерив потрошувачка од околу 7 литри.

Е сега, дали има разлика во возењето споредено со претходниот дизел 308 што го имав на тест? – има значителна разлика, целото чувство зад воланот е различно и неколку пати до сега сум кажал дека Plug-in хибридните автомобили си бараат одредено привикнување и менување на навиките за возење. Инаку, новиот Peugeot 308 е пријатен на патот, доста удобен и покрај употребата на торзиона суспензија на задниот дел, со убаво возење и речиси без аеродинамичен шум. Што се должи и на нискиот коефициент на отпор кој достигнува 0,28 cd. Дополнителната тежина на хибридниот систем од околу 300 килограми (вкупната тежина е 1678 килограми) во споредба со конвенционалните верзии се чувствува, но нема да ви пречи, барем при нормално возење. Благодарение на цврстата шасија и правилното поставување на суспензијата, тие одлични ги апсорбираат вишокот килограми, давајќи благородништво на патот.

Целиот хибриден систем во целина работи доста примерно, бараната моќност се добива уште од ниски вртежи, нема празнини во перформансите и чувствувате дека е „жив“ во речиси целиот работен опсег. Воланот е лесен во режимите Hybrid и Electric, но во Sport режимот ја стекнува вистинската тежина и директност, давајќи ги и информациите што треба да ги добие возачот. При подинамично возење, таа екстра тежина се чувстува највеќе, но и во ваква ситуација автомобилот е многу добро избалансиран. Дополнително, благодарение на батериите кои се поставени во долниот дел, центарот на гравитација е понизок и 308 навистина добро „лежи“ во свиоци и може да понуди солидна забава зад воланот. Она што е малку чудно и што мене лично малку ми сметаше е работата на сопирачките. Информациите од сопирачките не се подеднакво успешни, да тие се јаки и „фаќаат“ добро, но чувствувате дека педалата има вештачко чувство. Потребно е малку време за да се навикнете на притисокот што треба да го извршите, бидејќи педалата има една „златна средина“ што треба да ја погодите каде што сопирањето е умерено, без да биде преагресивно.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Почетната цена на Peugeot 308 1.2 PureTech 110 BVM6 Active Pack изнесува 26.510 евра.

Цената на тестираниот модел Peugeot 308 1.6 Hybrid 180 e-EAT Active Pack изнесува 43.350 евра.

Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Peugeot.

ЗАКЛУЧОК
Во суштина, новиот Peugeot 308 е импресивно хомоген и ефикасен под сите услови. Модерен хечбек кој во оваа конкретна PHEV верзија ви нуди сè во идеален сооднос: перформанси, економичност во употреба, пријатно однесување при возење и премиум чувство.
Успешна работа на хибридниот систем
Перформанси
Атрактивен дизајн дури и во основното ниво на опременост
Некои конкурентни модели нудат повеќе простор на задните седишта
i-Cockpit сетапот нема да биде по сечиј вкус
4