Претходната генерација на Peugeot 3008 изгледаше повеќе на MPV тип на возило, но во 2016 година кога се појави втората генерација, дизајнот на 3008 повеќе наликува на SUV модел. Новиот 3008 е подолг, поширок и нуди многу повеќе место во кабината за разлика од својот претходник.
Должината на возилото изнесува 4.450мм, ширината 1.840мм, меѓуоскиното растојание 2.675мм и висината 1.620мм.

Надворешниот дизајн на 3008 се разликува од сите негови конкуренти, изгледа стилски и многу поагресивно од претходниот модел, ретки се луѓето кои ќе кажат дека не им се допаѓа дизајнот. Мене лично од една страна ми се допаѓа како изгледа возилото, но од друга страна како да е премногу футуристично…Достапни се 4 нивоа на опременост: ACCES, ACTIVE, ALLURE и GT. Тестираниот модел беше во АLLURE нивото и ја имаше сета опрема која ви е потребна, јас лично би додал уште LED предни светла и ништо повеќе. Нивото кое што јас би го препорачал и верувам дека ќе ги задоволи потребите на повеќето луѓе е ACTIVE-добивате стандардна опрема како што се: задни паркинг сензори, автоматски двозонски клима уред, 17 инчни бандажи, 8 инчен дисплеј за infotainment системот, скоро сите безбедносни системи и уште многу друго…
Ако 3008 од надвор изгледа убаво и привлечно, ентериерот изгледа уште поубаво и многу кул. Peugeot многу повеќе се фокусираат на дизајн и се да изгледа перфектно, а помалку внимание обрнуваат на практичноста и ергономијата. Повеќето материјали кои ќе ги допрете се меки на допир и од добар квалитет, но има и делови кои што не се од толку добар квалитет.На централната конзола и околу отворите за воздух има сребрени детали кои изгледаат многу добро и му даваат луксузен изглед на целиот ентериер. Да, ентериерот на секој нов модел од Peugeot ми се допаѓа, но кога прв пат ќе седнете внатре сите контроли и копчиња се малку збунувачки и ви треба време додека научите кое копче за што е. 3008 е меѓу првите модели кои го добија новиот I-Cockpit-дигитална инструмент табла која е поставена повисоко за да не треба да го тргате погледот од патот и помал волан за поспортско чувство при возењето кој е поставен пониско од нормалата. Проблемот со овој волан е тоа што неможе да најдете перфектна позиција каде што горниот дел од воланот нема да Ви пречи во прегледноста на инструмент таблата, океј не дека скроз ја блокира прегледноста, но долниот дел на инструмент таблата дефинитивно да. Уште една работа поврзана со воланот е што навистина е различен од сите други возила и првите извозени километри ќе ви биде малку чудно, но се навикнувате многу брзо.Мене многу ми се допаѓа спортското чувство кое го имате при возење и тоа што не осеќате дека возите SUV модел што не е баш мал. Дигиталната инструмент табла е стандард во сите модели и е одлична, сите информации се јасни и лесно читливи, а кул е и тоа што навигацијата се прикажува директно пред вас и не треба да го тргате погледот од патот. Предните седишта се доста удобни и просторни, луѓе од 200cm ќе можат многу лесно да ja најдат својата идеална возачка позиција. Сите модели стандард доаѓаат со 8 инчен дисплеј и поврзување преку Apple CarPlay и AndroidAuto за Infotainment системот кој има одлична графика, работи брзо, но менито во споредба со други конкурентни модели е малку покомплицирано за ракување. Контролите за климата исто така се преку дисплејот и нема физички копчиња што е малку потешко ако треба да ја смените температурата при возење. Стандардниот аудио систем кој го добивате е океј, но ако сте голем љубител на музика би ви го препорачал FOCAL системот кој е опција која вреди да се има!
Кога станува збор за просторот на задните седишта, 3008 е дефинитивно најпросторното возило во оваа класа. Луѓе до 200cm ќе можат удобно и комфорно да седат со сосема доволен простор за нозете и главата, добро е и тоа што во средината нема голем тунел па ако треба да се возат тројца патници и тој што ќе седи во средина нема да има никаков проблем, па дури и за подолги патувања седењето ќе му биде удобно. Ако имате во план да го ставите опционалниот панорамски сончев кров, имајте на ум дека просторот за главата на задните седишта ќе се намали и тие што се околу 200cm високи ќе имаат мал проблем. Во багажникот на располагање имате 591 литар што е повеќе од некои модели во оваа класа, но има и такви што имаат уште поголем багажник од овој во 3008. Просторот е голем и широк, а подот се подесува по висина што значи може да биде комплетно рамен. Задните седишта се спуштаат 60:40 стандард во сите модели, а со спуштени седишта добивате 1.670 литри багажен простор.
Може да одберете помеѓу два бензински и четири дизел мотори:
Бензински:
1.2 PureTech со 130 коњски сили
1.6 THP со 165 коњски сили (достапен само со автоматски менувач)
Дизел:
1.6 BlueHDi со 100 коњски сили
1.6 BlueHDi со 120 коњски сили
2.0 BlueHDi со 150 коњски сили
2.0 BlueHDi со 180 коњски сили (достапен само во GT изведба и само со автоматски менувач)
Тестираниот модел беше опремен со 1.6 BlueHDi моторот со 120 коњски сили и 300Nm вртежен момент- има одлични перформанси, не е премногу гласен и ако во возилото има четворица патници не се осеќа до толку дека ви фали уште снага. Мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше од 6 до 6.5 литри на 100 изминати километри. Според мене овој мотор е идеален за ова возило и за возење во град и за на отворен пат, а и претпоставувам дека повеќето од Вас ако се одлучите да купите 3008 ќе го одберете токму овој мотор. Добра опција би бил и 1.2 PureTech турбо-бензинецот за оние кои не поминуваат премногу километри годишно и повеќето од времето возилото ќе го возат во град. 3008 моментално не е достапен со погон на сите четири тркала, но покасно оваа година достапна ќе биде Plug-in Hybrid верзија која ќе има погон на сите четири тркала. Peugeot имаат опција која се нарекува GRIP CONTROL и може да Ви помогне во услови како што се снег, кал, песок…
Во ALLURE нивото добивате стандардна опрема како што се: паркинг сензори напред и назад, 18 инчни алуминиумски фелни, LED амбиентално осветлување, предупредување за ненамерно напуштање на лента, автоматски двозонски клима уред, 8 инчен дисплеј, I-cockpit, темпомат, предни LED дневни светла, задни LED светла, електрична паркинг кочница, скоро сите безбедносни системи и уште многу друго…
Возењето е мнооогу комфорно и релаксирано, целиот фокус на 3008 е во комфорот-што е добро бидејќи реално овој тип на возила треба да бидат комфорни, а не спортски. Суспензијата одлично се справува со сите нерамнини на патот дури и со 18 инчни бандажи како што имаше возилото кое што го возев, но на пат со кривини не очекувајте дека 3008 ќе биде забавен за возење. Поради помеката суспензија има поголемо навалување во кривини-за тие што сакаат позабавен SUV модел подобра опција би бил некои од германските конкурентни модели. Управувачот е прецизен и брзо реагира на вашите команди, мануелниот менувач е океј, но не е до толку smooth како кај некои конкурентни модели. Морам да ја пофалам изолацијата во возилото бидејќи внатре во кабината нема никаква бучава од тркалата и ретровизорите и без надвикување може да правите муабет со патниците на задните седишта. Прегледноста напред е добра, но големите А столбови малку пречат во прегледноста при излегување од споредни улички, од страните поради големите странични прозори прегледноста е одлична, а пак назад од малиот прозор немате баш убава прегледност, но затоа тука се паркинг сензорите со кои нема да имате никакви потешкотии при паркирање.
Почетната цена на Peugeot 3008 1.2 Puretech ACCES изнесува 23.472€.
Цената на тестираниот модел Peugeot 3008 1.6 BlueHDi 120 ALLURE изнесува 32.000€.
Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Peugeot.















