Втората генерација на 3008 се појави на пазарот во 2016 година и ја освои наградата „Европски Автомобил на годината“ за 2017 година. Оваа генерација на 3008 е модел кој направи пресврт во модерната историја на Peugeot. Тоа е така затоа што ја надгради целокупната слика, го покажа патот кон новите модели што следеа и придонесе за зголемување на базата на клиенти. Ова е автомобил кој успеа за 4 години да се продаде во близу еден милион примероци, а голем процент од купувачите на 3008 за прв пат се сопственици на автомобил од француската марка. Неодамна Peugeot се одлучи да го освежи популарниот 3008, реално не беше потребно никакво освежување бидејќи автомобилот веќе изгледаше навистина убаво и интересно. Сепак, промените на дизајнот не се многу големи и главниот фокус е ставен на поставување на најнови технологии и дополнување на премиум чувството во кабината.
За да се вклопи со другите нови модели, Peugeot мораше да направи промена на „лицето“ на 3008. Па затоа, обновениот модел добива редизајниран преден браник и нова „frameless“ маска што се спојува со новите фарови (стандардно се со LED технологија), како и карактеристичните дневни светла кои се во форма на лавовски заби. Од страните нема никакви промени, додека на задниот дел се поставени нови LED светла со многу кул дизајн, а исто така достапни се и динамички трепкачи. Долниот дел на задниот браник е малку ревидиран со што се добива еден помодерен изглед. Новост е и логото „3008“ кое е поставено на на хаубата, а доколку одберете GT верзија може да земете и Black Pack кој ги заменува сите сребрени делови во црна боја и добивате ексклузивни 19-инчни алуминиумски бандажи, секако во црна боја. И да не заборавам, додадени се и неколку нови бои за каросеријата. Бојата на тестираниот модел не обична бела, туку е металик бела боја и одлично му прилега на автомобилот, но сепак мислам дека на 3008 повеќе му прилегаат похрабрите бои со кои се добива и една комплетно различна слика за целиот автомобил. Уште нешто што јас би додал се еден број поголеми бандажи од овие на тест моделот, односно 18-инчни, а не треба воопшто да се секирате дека со таков број на бандажи ќе биде нарушен комфорот – 3008 е исклучително удобен и рафиниран. Иако надворешните промени не се преголеми, обновениот 3008 сега изгледа уште поатрактивно и попривлечно и едноставно се издвојува од сите други модели во овој сегмент.
Се префрламе во внатрешноста и на прв поглед не се воочливи никакви промени со претходниот модел, главниот фокус на Peugeot во овој дел е поставувањето на многу нови технологии, а кабината и понатаму останува несекојдневна и со одлична ергономија. Голем дел од материјалите во кабината сега се и со нијанса подобар квалитет со што е зголемено и премиум чувството зад управувачот. Што се однесува до карактеристичниот i-Cockpit пристап на Peugeot, сите модели стандардно добиваат 12.3-инчна дигитална инструмент табла, додека инфо-забавниот систем сега може да се добие и со поголем 10-инчен дисплеј кој нуди подобрена графика и подобра респонзивност. Тестираниот модел бидејќи е во Active Pack ниво на опременост го немаше новиот дисплеј, туку во ова ниво стандардно се добива 8-инчен дисплеј кој нуди солидна графика и лесно ракување. Исто така, добивате и Apple CarPlay и Android Auto поврзување. Веднаш под дисплејот за инфо-забавниот систем поставени се седум пијано копчиња кои се користат за брз пристап до одделни ставки од менито. Функциите за клима уредот остануваат да се контролираат преку горниот дисплеј, а сето тоа е малку покомплицирано за ракување, особено при возење, отколку да има физички копчиња. Уште едната замерка која ја имам за i-Cockpit сетапот е тоа што може да имате мал проблем со наоѓање на перфектната позиција за малиот управувач. Добрата страна на овој мал управувач е тоа што не се чувствувате како да возите SUV модел кој не е баш мал и добивате некое спортско чувство, иако автомобилот е далеку од спортски.
Со фејслифт верзијата, Peugeot за прв пат до сега го опреми новиот 3008 со „Night Vision“ систем (нормално, достапно како дополнителна опција). На дигиталната инструмент табла може да одберете посебен приказ на кој што се прикажува проекција од топлинската камера, но ако го немате одбрано овој приказ и доколку камерата забележи нешто пред автомобилот автоматски се прикажува проекција во дел од инструмент таблата.
Поради фактот што ништо фундаментално не се сменило во кабината, просторот за патниците и нивниот багаж останува ист. Пронаоѓањето на удобна возачка позиција е лесно благодарение на достапните прилагодувања за управувачот и седиштето. Предните седишта се релативно удобни и нудат одлична странична поддршка. Што се однесува до практичноста, 3008 може да се пофали со голем број на разни места за одлагање на ситници, од отворите во вратите, големата фиока пред совозачот, големите држачи за чаши во средишниот тунел, како и огроомниот простор помеѓу возачот и совозачот во кој без проблем може да ставите и шише од 1.5 литри.
За класата во која се наоѓа, 3008 може да се пофали и со многу просторна задна клупа на која што удобно може да се сместат двајца патници со повеќе од доволно простор за нозете и главата, а благодарение на тоа што нема голем тунел во средина, по потреба може да се смести и трет патник кој ќе седи релативно комфорно. Во багажникот на располагање се достапни 520 литри багажен капацитет, а просторот е во правилна коцкаста форма и комплетно рамен под со браникот. Со преклопување на задните седишта се добива капацитет од 1482 литри. Ова се одлични бројки за модел од оваа класа и 3008 нуди повеќе од доволно простор за удобно семејно патување.
Со обновувањето, Peugeot им нуди #PowerofChoice на купувачите, а тоа значи дека 3008 е достапен со турбо-бензински мотори, дизел мотори, како и два Plug-in Hybrid погони. Кај бензинците понудата започнува со 1.2-литарскиот PureTech кој располага со 130 коњски сили и може да го земете со 6-степен мануелен или 8-степен автоматски менувач, следен е 1.6-литарскиот PureTech со 180 коњски сили кој доаѓа со автоматски менувач и е достапен само за GT верзијата. Доколку сакате дизел, достапен е само еден 1.5-литарски BlueHDi мотор кој располага со 130 коњски сили и може да се земе со 6-степен мануелен менувач или 8-степен автоматски. Што се однесува до Plug-in Hybrid изведбите, достапни се две – послабата изведба располага со 225 коњски сили и преден погон, додека појаката изведба располага со 300 коњски сили и погон на сите четири тркала.
Моделот што го имав на тест под хаубата го имаше новиот 1.5-литарски BlueHDi дизел мотор со 130 коњски сили достапни при 3750 вртежи во минута и 300 Nm достапни од 1750 вртежи во минута. Силата ја пренесува на предните тркала и во овој случај преку прецизен 6-степен мануелен менувач. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 10.8 секунди, додека максималната брзина изнесува 192 км/ч. Перформансите на овој мотор не се кој знае какви, но со оглед на намената на автомобилот се сосема задоволителни. Моторот работи тивко и рафинирано и изненадува со својата економичност. Просечната потрошувачка од неколку дневното тестирање изнесуваше од 6 до 6.5 литри на 100 изминати километри, во градски услови. Иако мануелниот менувач е супер прецизен и лесен за користење, сепак јас би одбрал автоматски менувач бидејќи некако повеќе одговара со целиот карактер на автомобилот.
3008 е достапен во шест нивоа на опременост – Active, Active Pack, Allure, Allure Pack, GT и GT Pack. Тест моделот е во Active Pack ниво, а дел од стандардната опрема во ова ниво вклучува предни и задни LED светла, дигитална инструмент табла, 8-инчен инфо-забавен дисплеј, предни и задни паркинг сензори, задна паркинг камера, автоматски двозонски клима уред, 17-инчни алуминиумски бандажи, голем број на активни и пасивни безбедносни системи, затемнети задни стакла, облоги во ентериерот со карбон изглед, стартување на возилото без клуч и многу друго…
Комплетната слика за 3008 на патот, се разбира, не е променета. Тој и понатаму останува еден од најкомфорните модели во класата, а тоа е благодарение на одличната EMP2 платформа. Главниот фокус на 3008 е комфорот и тоа е она што се бара од ваков тип на автомобил. Во градски услови, 3008 е удобен и лесен за возење, прегледноста кон задниот дел е малку лимитирана, но стандардно добивате задни паркинг сензори така што нема да претставува проблем. Суспензијата е ориентирана кон помеката страна, а тоа значи дека сите дупки и нерамнини на патот перфектно ги филтрира. Она што е послаба страна на 3008 во споредба со некои конкурентни модели е динамичноста, во свиоци автомобилот одлично се држи за асфалтот, но поради помекиот сетап има понагласено навалување и едноставно ве тера да возите многу порелаксирано. Управувачот има неутрално чувство и не се добиваат многу повратни информации од подлогата, но затоа е исклучително прецизен. Она што морам да го пофалам е изолацијата и рафинираноста во кабината, Peugeot работеле многу на тоа да кабината биде исклучително тивка. 3008 на автопат е „како дома“, возењето е комфорно, а минимална бучава доаѓа само од ретровизорите. Peugeot 3008 е од оние автомобили со кои долгите патувања ќе ви бидат еден вид на релаксација и после стотици изминати километри воопшто нема да се чувствувате изморено.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Почетната цена на Peugeot 3008 1.2 PureTech 130 Active изнесува 25.910 евра.
Тестираниот модел Peugeot 3008 1.5 BlueHDi 130 Active Pack моментално е со промотивна цена од 28.633 евра.
Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Peugeot.























