Новата, трета генерација на Peugeot 3008 оди уште подалеку во областа на дизајнот, ставајќи поголем акцент на удобноста, квалитетот на возењето и поврзаноста, а помалку на спортските карактеристики. На тест пристигна основната mild-hybrid верзија на 3008, која воедно треба да биде и бест-селерот во гамата.
Ова не е прв пат да седнам зад воланот на новиот 3008, пред неколку месеци бев во Франција на интернационалнот тест возење на новиот модел, но тогаш времето беше ограничено и на располагање ми беше достапна само целосно електрична верзија. Неколку месеци подоцна, новиот 3008 повторно е во „мои раце“, но овој пат во бензински варијанта и на домашен терен. Па, што може да понуди оваа бензинска mild-hybrid варијанта?
2024 година започна силно за Peugeot. По објавувањето на рекордните финансиски резултати, дојде замена на еден од најпознати модерни модели, Peugeot 3008, кој има повеќе од 1,3 милиони клиенти во својата комерцијална дланка. Како што налага времето, комуникацијата на брендот главно се фокусира на 100% електричната верзија на новата генерација на Peugeot 3008. Но, не смееме да заборавиме дека неговиот опсег не е ограничен само на ова. Каталогот на францускиот бренд вклучува и хибридна верзија. И што несомнено ќе претставува најголем дел од продажбата на моделот низ Европа.
Peugeot си игра многу со дизајнот и може да прави автомобили кои се интересни, иако се разбира дека овој стил не им се допаѓа на сите. Постојано го развива дизајнот, но во исто време се труди да зачува некои типични елементи, макар и во малку поинаква форма. Предниот дел на новиот 3008 го има новиот остар дизајнерски јазик на брендот со еволуција на лавовските заби кои сега мутираат во три лавовски канџи. Внимание привлекува и новата полна предна маска која е со елементи во боја на каросеријата. Фаровите стандардно се со LED технологија, но како опција се достапни и адаптивни LED фарови со опција на засенчување на одредени делови за да го спречи отсјајот на другите учесници во сообраќајот.
За новиот 3008, Peugeot избра изглед кој комбинира неколку различни типови. Наместо класичен SUV, тој наликува на фастбек од типот на Peugeot 408 со истакнат спојлер на петтата врата. Профилот е со мазни и чисти линии, а стаклените површини се убаво изведени и перфектно склопени со каросеријата. Интересен елемент тука се и скриените кедери на прозорците, што придонесува за поелегантна слика.
Задниот дел има значително навалена линија на покривот и релативно високо дно и поради тоа што е некако целосно вертикален изгледа малку чудно. Динамичните и комплексни форми се присутни и тука, додека карактеристичен елемент се LED светлата со три линии. На вратата од багажникот е испишано 3008 и на десниот долен дел стои ознаката Hybrid. Целиот автомобил изгледа доста комплексно поради многуте различни линии и форми, но тоа е Peugeot. Бренд кој секогаш малку експериментирал со надворешниот дизајн, а токму тоа ги прави препознатливи моделите на францускиот бренд. Покрај тоа, Peugeot објаснува дека новиот, многу тенок профил на 3008 нуди подобра пенетрација на воздухот и нуди респектабилни Cx 0,28 – а тоа резултира со подобра економичност или кај електричниот модел подобра автономија.
Внатрешноста претрпе доста драматична трансформација. Некои работи се функционални, додека некои работи ми се чини дека прават промена само заради „промена“. Тие вклучуваат, на пример, поместување на контролерот на автоматскиот менувач од просторот помеѓу седиштата директно до контролната табла десно од воланот, поточно до копчето за стартување. Не се работи за заштеда на простор тука, 3008 има нов избирач на режим на возење на поранешната локација на контролерот на менувачот, така што не беше прашање на заштеда на простор – и оваа одлука е малку чудна за мене.
Иако контролната табла изгледа сосема поинаку, Peugeot сепак искористи некои од своите оригинални „рецепти“. Така, информациите на таблата со инструменти се наоѓаат над воланот, а не низ воланот како што е кај повеќе други автомобили. Огромното мнозинство на функции, вклучувајќи ги и оние за климатизацијата, се контролираат преку главниот екран на допир. Станува збор за целосно нов Panoramic i-Cockpit концепт со нова ергономија и целосно нов интерфејс. Лебдечкиот екран од 21-инчи ги спојува инструмент таблата и инфозабавниот систем, изгледа спектакуларно, но функционалноста не е најдобро ниво. Еден пример, доколку совозачот сака да уклучи греење или ладење на седиштето, треба да посегне до левиот крај на екранот речиси кај инструмент таблата, а со тоа на некој начин ви го блокира погледот на вас како возач. Инаку, инфозабавниот систем го користи најновиот софтвер кој има одлична графика, брзо реагира на секоја команда, но има многу менија и подменија, па затоа потребно е одредено време додека научите каде точно се наоѓаат одредени функции.
Што се однесува до екранот пред возачот, исто така има одлична графика и јасно ги прикажува сите потребни информации околу возење, а достапни се и неколку различни прикази. Единственото нешто што ми недостигаше е тоа што во ни еден приказ не се прикажуваат вртежи во минута…навистина не ми е јасно зошто е тргнато тоа. Но она што заслужува огромна пофалба е спектакуларното амбиентално осветлување кое прави уникатна атмосфера во кабината навечер.
Под централниот екран се наоѓа i-Toggles панел со програмабилни контроли, на кои може детално да се постават до 10 од најкористените функции како повикување омилен број или навигација до најчесто користената дестинација. Под нив има област за безжично полнење на телефони, но системот може да го направи тоа само со моќност од 15W, некои други автомобили сега нудат и моќност до 45W. Големиот централен тунел, визуелно нуди ефект на простор со неговите физички копчиња сведени на минимум. Тука се присутни само четири копчиња – за електричната паркинг кочница, за јачината на звукот, за избирање на режим на возење и за трепкачите. Друга работа што е забележителна во внатрешноста е квалитетот и завршната обработка на сите елементи. Се чувствува дека Peugeot со новиот 3008 се качиле две скалила погоре во однос на квалитет и премиум чувство. Сите места кои се видливи со око се не само меки на допир туку и изгледаат фино и луксузно.
Благодарение на новата платформа, новиот 3008 има зголемено меѓуоскино растојание за 5 сантиметри, но во реалноста просторноста на задните седишта не е многу подобрена во споредба со претходникот. Двајца патници со просечна висина ќе имаат речиси доволно простор за нозете и за главата, но оние малку повисоките ќе имаат проблем со просторот над главата – тоа е цена што мора да се плати за „купе“ изгледот. Инаку, патниците тука добиваат засебни отвори за климата, два USB приклучоци, греење на седишта и 12V приклучок.
Багажникот добро котира во сегментот, новиот Peugeot 3008 нуди капацитет од 520 литри, а доколку се преклопат задните седишта на располагање се достапни 1.480 литри. Има и двојно дно со две положби за подот, како и закачалки и приклучок од 12V. Просторот е во правилна форма и отворот е доста широк, па така нема да имате проблем со ставање и вадење на поголеми работи.
Сепак, она што го прави Peugeot 3008 целосно нов не е толку неговиот надворешен изглед или новата контролна табла, туку главно технологијата. Ова е првиот автомобил на новата STLA Medium платформа на групацијата Stellantis. Можеме да очекуваме и до неколку десетици други автомобили од различни марки кои ќе го користат овој концепт. Платформата е дизајнирана првенствено за електрични автомобили, кои треба да овозможат досег до 700 километри, полнење во рок од 30 минути или голем број онлајн услуги, но може да се користи и за други електрифицирани погони. Во моментов, новиот 3008 е достапен две верзии – Hybrid (како тест примерокот) и целосно електрична верзија со батерија од 73 kWh и досег до 525 километри. При крајот на оваа година, понудата ќе биде збогатена со уште две електрични верзии од кои едната ќе овозможи досег до 700 километри со полна батерија.
Но, ајде да видиме подетално што имаме под хаубата на тест примерокот и што значи ознаката „Hybrid 136 e-DCS6“. Технички, новиот Peugeot 3008 во оваа верзија го задржува ажурираниот 1.2-литарски PureTech 3-цилиндричен мотор од својот претходник, но 40% од компонентите се целосно нови. Овој мотор работи во Милер циклусот на согорување за ефикасност и користи турбополнач со променлива геометрија. Но, најзначајното подобрување на 1.2 PureTech моторот е замената на „кршливиот“ гумен ремен со поквалитетен каиш.
Главната иновација во освежениот мотор е тоа што сега е поврзан со новиот e-DSC6 6-степен автоматски менувач со двојна спојка, дизајниран од Punch Powertrain и е всушност замена на старата единица EAT8 на Aisin. Новата платформа интегрира и mild-hybrid систем, со напон од 48 волти, со мала електромоторна единица од 29 коњски сили и 55 Nm вртежен момент. Како и литиум-јонска батерија ограничена на 0,43 kWh. Вкупната моќност на оваа погонска единица изнесува 136 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 230 Nm вртежен момент достапен од 1750 вртежи во минута. Преведено во перформанси – до 100 км/ч забрзува за 10.2 секунди и постигнува максимална брзина од 201 км/ч.
Што значи сето ова во пракса? Новиот 3008 Hybrid се вози 100% електрично само при кратки маневри со брзина до 10 км/ч и во одредени фази со фиксна брзина (50-60 км/ч) или кога нема оптоварување на моторот. За повеќето други случаи, 3-цилиндричниот бензински мотор е тој што презема акција. Исто така бензинецот е малку потивок во споредба со претходната верзија без електрична поддршка. Но какви се всушност перформансите во реалноста и дали овој мотор е доволен за 3008? За нормален просечен купувач кој не бара никакви „луди“ перформанси од автомобилот, ова што го нуди 3008 Hybrid ќе биде сосема доволно. За оние кои бараат малку поголема динамичност, а истовремено и економичност, оваа верзија на 3008 нема да одговара на таквите потреби. Моторот сосема коректно го задвижува автомобилот, но на крајот на денот сепак станува збор за 1.2-литарски трицилиндричен мотор во автомобил кој тежи 1648 килограми, па затоа во одредени ситуации се чувствува тој недостаток на малку поголема моќност. Од друга страна пак, ова е фамилијарен SUV автомобил, а кај ваквите модели динамичност и „спортските“ карактеристики не се нешто најважно. Каква е потрошувачката? – и за ова сум малку збунет бидејќи очекував малку подобра економичност. Во строго градски услови на возење, во работна недела кога Скопје има навистина голема гужва, борд компјутерот покажа просечна потрошувачка од 10 литри. Во некои комбинирани услови на возење во град и надвор од градот потрошувачката изнесува околу 6.5 до 7 литри, додека на автопат и во зависност од начинот на возење, потрошувачката е 7 до 8 литри на 100 изминати километри. Придобивките и економичноста на овој mild-hybrid систем се навистина минимални и само во многу специфични услови на возење би можеле да бидат како „плус“.
Новата генерација на Peugeot 3008 дава многу добро чувство и вистинска удобност при возење, но сепак треба да се напомене дека суспензијата кај овој автомобил не е толку мека како што сме научени од моделите на Peugeot до сега. Управувањето е директно и прецизно, само без многу повратни информации од подлогата. И покрај тоа што оваа хибридна верзија има едноставна торзиона задна оска, за разлика од мултилинк оската во електричната верзија, автомобилот се справува со различни видови нерамнини со повеќе или помалку достоинство. Само на поголеми и подолги нерамнини автомобилот станува малку нервозен и се ниша непотребно.
Во принцип, новиот e-DCS6 менувач има „Eco“ карактер дури и ако е поставен на „Normal“. Што се однесува до режимот „Sport“, не е доволен за да го смени автомобилот во поспортски карактер. Педалата за гас е пореспонзивна и менувачот „крева“ повеќе вртежи пред менување на степените на пренос, но само овие не се доволни за да имате спортски теренец. Она што заслужува голема пофалба е звучната изолација. При автопатски брзини во кабината е тивко и рафинирано, а воздушниот шум е многу добро исфилтриран. Кога се вози динамично, предната оска е таа што ја поставува границата – а моторот го открива своето бучно јас. Задниот дел на 3008 останува цврст во свиоците, дури и кога нагло ќе ја тргнете ногата од педалот за гас, фрлајќи маса на предното надворешно тркало. Сето горенаведено ја потврдува вештината на инженерите на Peugeot да ја постават шасијата така што таа да биде и ефикасна и усогласена. Генерално, возните карактеристики се апсолутно доволни за семејни патувања, Peugeot не поставува повисоки спортски цели со овој модел, а реално и не треба, на крајот на денот зборуваме за семеен и практичен SUV модел – а за таа намена, новиот 3008 нуди доста солидни карактеристики.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Почетната цена за Peugeot 3008 1.2 PureTech Hybrid 136 e-DCS6 Allure изнесува 35.780 евра.
Цената на тестираниот модел Peugeot 3008 1.2 PureTech Hybrid 136 e-DCS6 GT изнесува 44.000 евра.
Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Peugeot.





























