Peugeot 108 е најмалиот модел во гамата на Peugeot, а оваа втора генерација добива многу нови технологии, голем број на персонализација и малку повеќе простор.
Должината на возилото изнесува 3475мм, ширината 1615мм, висината 1460мм и меѓуоскиното растојание е 2340мм.
Peugeot 108 е еден од трите модели кои ја делат истата шасија и мотори. Другите два модели се Citroen C1 и Toyota Aygo. Иако овие три возила голем дел од работите ги делат, секој модел си има свој засебен дизајн. Кога ќе го видите на улица моделот на Peugeot со сигурност нема да го помешате со C1 или Aygo- што е одлично завршена работа на трите брендови.
Возилата во оваа класа имаат тешка работа, треба да изгледаат многу кул, многу привлечно и да ги имаат новите технологии бидејќи поголем дел од купувачите на овие модели се помлади луѓе кои сакаат возилото да им изгледа “funky”, однадвор и одвнатре. Надворешниот дизајн на 108 ги исполнува овие барања бидејќи изгледа доста интересно и модерно. Особено во некои кул бои како што беше тестираниот модел. 108 се издвојува од своите конкуренти бидејќи е достапен и во делумно кабрио верзија, која доаѓа со платнен покрив кој може да го отворите.
Достапни се три нивоа на опременост- Active, Allure и Top!
Тестираниот модел беше во првото ниво Active, a тоа е нивото кое би ви го препорачал бидејќи кога купувате ваков автомобил ќе сакате да биде што поевтин.
Ентериерот има интересен и едноставен дизајн. Има минимален број на копчиња и контроли кои се многу лесни за користење. Тестираниот модел имаше и многу кул детали во сина боја, пластиките околу отворите за воздух, горниот дел на вратите(напред и назад), менувачот и карираните седишта, а достапни се неколку различни видови на тримови за ентериерот со што вашиот 108 може да си го направите да изгледа доста интересно внатре. Кога станува збор за материјалите во кабината, скоро сите делови се со тврда пластика, но да бидеме реални кога ќе ја земете во предвид цената и намената на возилото тоа е сосема океј. Не е потребно, а и неможе да се очекува да биде луксузно внатре. Единствената работа која јас би ја додал во ентериерот е 7-инчниот дисплеј за infotainment системот(опција во Active, а стандард во Allure и Top! нивоата).
Предните седишта се удобни и доста просторни, а лесно се наоѓа и идеална возачка позиција.
На задните седишта, нормално, нема баш многу простор. Деца или пониски луѓе ќе може да седат, но само за некои кратки релации. Според некое истражување на Peugeot, луѓето кои поседуваат ваков тип на возило, задните седишта скоро и никогаш не ги употребуваат. Затоа овој нов модел на 108, во споредба со претходниот модел има намален простор на задните седишта, но сега багажникот е поголем. На располагање имате 180 литри, а доколку ги спуштите задните седишта прераснуваат во 868 литри.
Достапен е само со еден атмосферски бензински мотор-
1.0 VTi со 72 коњски сили и 126Nm вртежен момент. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 13.8 секунди, а максималната брзина е 159 км/ч. За возење низ град моторот е сосема доволен и нема да ви биде потребен појак мотор. Стандардно доаѓа со 5-степен мануелен менувач, а како опција достапен е и автоматски менувач кој исто така има 5 брзини.
Мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше 6.6 литри на 100 изминати километри.
Што се добивате во ова прво Active ниво на опрема?- REF-Електронска распределба на силата на кочење, AFU -Помош при нагло сопирање, VSC -Динамичка контрола на стабилност, варијабилен серво управувач подесив по висина и длабочина, дневни предни LED светла, мануелен клима уред, патен компјутер, темпомат, Радио со 3.5-инчен екран- со команди на волан, Bluetooth и USB, итн…
Од неколку дневното дружење со Peugeot 108 сфатив дека вакво мало возило многу го олеснува секојдневното возење низ градските улици, особено сабајле и попладне кога се најголемите гужви. Исто така, добивате и многу бенефиции поради малите димензии на возилото, а како најбитно би го спомнал паркирањето. Буквално, може да се паркирате каде сакате, секаде ќе ве собере. Плус, сите работи кои треба да ги завршите низ центарот на градот ќе ги завршите многу побрзо бидејќи нема да треба да вртите по неколку пати за да најдете паркинг место како кога возите некое поголемо возило.
108 е интересно и многу лесно возило за возење. Прегледноста е одлична од сите страни, воланот е лесен, но не многу прецизен. Менувачот е малку чуден…не е баш прецизен, брзините се долги и ви треба малку време да го научите. Суспензијата е супер-комфорна и сите дупки и нерамнини ги впива одлично. Кога станува збор за возење на отворен пат, тоа е една од послабите страни на 108, поради послабата изолација внатре има бучава која доаѓа од моторот. За динамичност мислам дека навистина нема потреба да се зборува…на купувачите на ова возило тоа нема да им биде многу битно.
Peugeot 108 1.0i Active сега се нуди по промотивна цена од 8.990€
Повеќе информации за возилото може да најдете на https://peugeot.mk/vozila/peugeot-108 или да го посетите продажниот салон на Peugeot!














