После долго време на тест пристигна спортски и многу интересен автомобил, односно станува збор за новата фејслифт Opel Insignia во врвната GSi верзија. Ваквите автомобили се навистина реткост на нашиот пазар, па затоа и возбудата е голема.
Во последните неколку години речиси сите модели на Opel постепено се префрлија на технологиите и моторите на PSA групацијата – новиот сопственик на Opel од 2017 година. Insignia остана последниот модел со „стара“ платформа и мотори, па затоа само тука може да се најде 2.0-литарскиот турбо-бензинец кој го нема во ниту еден друг модел во моменталната понуда на брендот. Моделот што го имав на тест е Grand Sport изведбата што всушност е лифтбек, а Insignia е исто така достапна и во караван изведба со има Sports Tourer – да и караванската изведба е достапна во GSi верзија.
Изгледот е прашање на вкус. Но на прв поглед Insignia GSi изгледа исклучително привлечно. Лесно се приметува дека станува збор за спортска верзија на Insignia, има неколку елементи со кои се издвојува од другите верзии – огромни 20-инчни тркала зад кои се кријат Brembo сопирачки, спортски преден и заден браник, поголеми странични прагови, дифузер со два (вистински!) отвори за издувот – нешто што е реткост во денешно време, дискретен спојлер на багажникот, црни ретровизори и други хромирани детали. Ми се допаѓа тоа што Opel не направиле некои драстични визуелни измени на надворешноста што ќе „бодат очи“, се е направено културно и умерено – браво. И покрај тоа што тестираниот примерок е во класична сребрена боја, автомобилот едноставно остава маестрален впечаток.
Инаку, ова е фејслифт моделот од втората генерација на Insignia што донесе нов дизајн на предниот дел каде што доминира новата маска со хромирани елементи, која е поширока од претходно. Благодарение на новите светлосни групи, гледан од напред автомобилот изгледа поширок и понизок. Би сакал да застанам малку кај споменатите светла, станува збор за најновите IntelliLux Pixel Matrix фарови кои ги заменуваат претходните Matrix LED фарови и сега имаат по 84 елементи во секој фар (наместо 16) и со тоа ветуваат попрецизни функции, како и побрзи реакции. Вистината е дека одлично го осветлуваат патот навечер, но понекогаш кога возев со уклучени долги светла не доволно брзо се исклучуваа одредени елементи од светлата и со тоа заслепив неколку автомобили од спротивната страна на патот. Што се однесува до задниот дел и страните, фејслифт моделот скоро и да нема некакви драстични промени. Да бидеме реални не беа ни потребни некакви промени, гледан од страна автомобилот потсетува на купе со четири врати со континуирано опаѓачка линија на покривот, а ова го прави исклучително атрактивен модел помеѓу конкурентите. Insignia е и релативно голем автомобил – должината изнесува 4910 мм, ширината 1863 мм, висината 1455 мм и меѓуоскиното растојание е со големина од 2829 мм.
Одиме во внатрешноста, а тука не пречекува класичен и добро познат стил на Opel. Фејслифт верзијата не претрпе драстични промени во кабината бидејќи не беа ни потребни, поставеноста на контролите и ергономијата се на доста високо ниво. Ова е автомобил во кој многу работи функционираат на добар „old school“ начин и дигитализацијата не е до тој степен како во другите конкурентни модели – што искрено е и добра работа. Тука може да се најдат ротациони физички копчиња за подесување на температурата на клима уредот, физички копчиња за греење/ладење на седишта и греење на волан, избор на режим на возење, посебно (физичко!) копче за исклучување на lane keeping assist системот, за start/stop системот и така натаму…Фејслифт верзијата исто така доби и Head-up дисплеј што ги проектира информациите директно на шофершајбната и работи одлично. Но најважно е што контролите за Head-up дисплејот се…со класични копчиња! Иако не се целосно на повидок – поставени се лево од воланот, тие се лесни и практични за користење.
Она што малку ме разочара е тоа дека оваа врвна GSi изведба, освен прекрасните спортски „bucket“ седишта, нема никакви други детали и елементи во кабината кои ќе ве направат да се чуствувате специјално, бидејќи сепак седите во најопремената и спортска верзија на Insignia. Но, да се навратам на седиштата, освен што изгледаат многу добро исто така се и доста удобни и одлично ве „гушкаат“, особено на поголеми брзини во свиоци. Друга важна работа е тоа што ја носат AGR ознаката за сертифицирани ергономични седишта. Во тест моделот тие беа опремени и со греење и вентилација, како и со масажа. Предните седишта се електрично прилагодливи во 8 насоки, додека возачкото седишта добива и функција за меморија. Воедно, пред возачот се наоѓаат генерално аналогни инструменти придружени со централен екран од 8-инчи кој може да се индивидуализира според вашите преференции – јасен е и убаво се прикажуваат сите важни информации. На централната конзола се наоѓа мултимедијалниот систем кој исто така располага со 8-инчен екран. Немам никакви големи замерки за овој систем, работи брзо, јасен е и едноставен за користење, а има и поддршка за Apple CarPlay и Android Auto поврзување (исклучиво само со кабел). Екранот е убав на очите, но самата графика изгледа веќе малку застарено во споредба со системите на другите модели на Opel. Материјалите кои се искористени во кабината се претежно квалитетни и завршната обработка е на солидно ниво, сепак на одредени делови се чувствува напорот за заштеда на килограми и финансии.
Со меѓуоскино растојание од 2829 мм, Insignia GSi нуди импресивен и достоинствен простор на задните седишта. Со висина од околу 180 cm, имам повеќе од доволно простор и за колената и за главата, закосениот покрив не го нарушува просторот на задните седишта. И тука седењето е удобно, и седиштата се доволно долги за да не ви висат нозете како во одредени конкурентни модели. Двајца патници ќе уживаат во максимален комфор, додека трет патник може да се смести во средина само за некои пократки релации. Исто така, патниците позади добиваат отвори за клима уредот, како и грееење на седишта.
Багажниот простор располага со 490 литри капацитет и благодарение на тоа што станува збор за лифтбек модел кој има голема петта врата, тој е и многу практичен. Просторот е во правилна форма и поради тоа што задните седишта се спуштаат во сооднос 40:20:40, многу лесно може да се сместат и некои подолги и поголеми работи. Она што ми недостигаше е електрично отворање и затворање на багажникот, плус и копчето за отворањето на багажникот е скриено и е на малку чудно место, односно треба да притиснете на долниот дел на знакот на Opel…
Стигнавме до главниот елемент на овој автомобил, а тоа е секако моторот. Под хаубата се наоѓа 2.0-литарски турбо-бензински мотор кој испорачува 230 коњски сили при 5.000 вртежи во минута и 350 Nm вртежен момент од 1500 до 4000 вртежи во минута. Оваа верзија е достапна исклучително само со 9-степен автоматски менувач и погон на сите тркала, а сето тоа овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за 7.4 секунди и максимална брзина од 237 км/ч. Поради новите рестриктивни стандарди за емисија на издувни гасови, Opel мораше да направи измени на овој мотор, па затоа фејслифт верзијата има 30 коњски сили и 50 Nm помалку од претходната верзија, а поставен е и нов автоматски менувач.
Ова е „оригиналниот“ мотор на Opel кој нема никаква врска со PSA групацијата. Четирицилиндарскиот мотор е опремен со турбополнач со променлива геометрија и директно вбризгување кој работи на притисок до 350 бари. Ова е исто така првиот мотор на Opel опремен со деактивирање на цилиндрите. Овој систем работи така што самиот мотор има три различни режими, односно при мало оптоварување работи на два цилиндри (вториот и четвртиот цилиндри се исклучени) при средни оптоварувања работат сите четири цилиндри, но со ограничено подигање на вентили, додека при максимално оптоварување вентилите на сите четири цилиндри се максимално отворени. Моторот има интересен, механички звук и во кабината го слушате вистински тој звук, нема никакви лажни звуци од звучниците, но звукот од издувот е разочарувачки и целосно без карактер.
Перформансите кои ги нуди овој мотор се навистина солидни, Insignia GSi не е брутално брза, но она што изненадува е респонзивноста достапна уште на ниски вртежи, додека од 2500 вртежи па нагоре моторот е „најжив“. Што се однесува до потрошувачката – иако Opel тврди дека поради сите нови системи кои се вградени во моторот, автомобилот е многу поеконимичен од претходно, во реалноста тоа и не е баш така. Во градски услови на возење со нормално возење, Insignia GSi троши во просек од 11 до 12 литри, со голема претпазливост може да се стигне и до 10 литри, но помалку од тоа е навистина тешко. На отворен пат, во зависност од стилот на возење и условите патот, потрошувачката изнесува од 7.5 до 9 литри на 100 изминати километри.
Како што споменав, фејслифт верзијата добива и комплетно нов 9-степен автоматски менувач кој работи добро во тргни/застани ситуации, како и во нормално градско возење каде што нежно и непречено ги менува степените. Она што не ми се допаѓа е работата при подинамично и побрзо темпо, менувачот понекогаш знае премногу рано да префрли во повисок степен, додека другпат одржува неразумно високи вртежи во одредена брзина. Менувањето со лопатките на воланот е само делумно задоволително, имам замерка за премногу доцните реакции на менувачот кои некогаш навистина може да ве изнервираат. Исто така, не ја разбирам поентата за деветтата брзина…Помеѓу втора и трета брзина скоро и да нема никаква разлика – околу 100 вртежи.
Insignia GSi има и иновативен погон на сите четири тркала кој се нарекува Twinster AWD, односно има две електронски контролирани спојки со повеќе плочи. Тие го заменуваат механичкиот диференцијал на задната оска и ги поврзуваат левите и десните задни тркала независно по потреба. Вклучува и векторирање на вртежниот момент на тркалата, а потоа распределбата се дозира врз основа на избраниот режим на возење – Tour, Standard или Sport. Новост за фејслифт верзијата е тоа што сега е поставено копче на централната конзола пред менувачот кое овозможува исклучување на AWD погонот и возење само со погон на предните тркала. Сето ова е интегрирано во приспособливата FlexRide шасија, чии амортизери се подесени специјално за GSi моделот.
Какво е чувството зад воланот? – Искрено, Insignia GSi ја има можеби најдобрата шасија во сегментот на автомобили од средната класа. Во соработка со адаптивната шасија и AWD погонот, автомобилот вози феноменално. Дури и на тркала од 20-инчи со гуми 245/35R20, нуди изненадувачки степен на удобност, но логично автомобилот е и поцврст. Сепак, амортизерите убаво ги филтрираат сите дупки и нерамнини и нема некое пренагласено чукање или удирање во кабината. Главната работа е кога ќе ја испратите Insignia во некоја кривина, ниската каросерија е буквално прикачена на патот, а одлично дизајнираната шасија работи како по „шини“ со фантастична стабилност и тракција. Изненадува леснотијата и агилноста која ја има автомобилот и „бркањето“ на свиоци е навистина многу, многу забавно. Возачот може да ја почувствува шасијата преку седиштето и точно знае кога тркалата го губат држењето (границата е многу висока) и следствено на тоа корекциите изгледаат опуштено и природно. Системот за сопирање Brembo кој вклучува големи 345мм дискови на предните тркала и дозирање со оптимален ефект, исто така, обезбедува голема сигурност. Педалата е поцврста и треба посилно да се „гази“, но признавам дека одамна не сум возел автомобил која има толку прогресивно и чувствително дозирање на силата на сопирање. Insignia нема вакумска пумпа или вакумски засилувач, „One Box“ единицата комбинира електрична хидраулична пумпа и контролна единица, што значи дека притисокот на овие сопирачки е три пати побрз во однос на стандардните сопирачки.
При подинамично возење, до израз доаѓа и Twinster AWD погонот кој може да испрати вртежен момент до тркалото со подобра тракција во милисекунди. Во свиоците, тој испраќа вртежен момент на надворешното задно тркало, помагајќи и на Insignia многу полесно да сврти. Бев изненаден и од разликите со исклучен и вклучен AWD погон, како да сте се префрлиле од еден во комплетно друг автомобил. Само со погон на предните тркала, при остар старт предните тркала знаат да „шлајфуваат“, додека со вклучен AWD погон многу лесно може да го пренесе најголемиот дел од вртежниот момент на патот без никакви потешкотии. Исто така поради тоа што системот испраќа повеќе вртежен момент назад кон задната оска, многу лесно може да се забавувате во свиоци. Тракцијата е фантастична, ова е погон што масовно ги подобрува возните карактеристики.
Сакате опуштено и комфорно возење? – Нема проблем, ја префрлате адаптивната шасијата во Tour режим и Insignia се стреми да ја истисне максималната удобност од поцврстата суспензија и 20-инчните тркала. Одлично и оди, во овој режим автомобилот се однесува како да сте во „обична“ верзија, а не во спортската верзија. Степенот до кој оваа шасија може да работи понекогаш е неверојатен. Но, има и едни мали недостатоци. Во Sport режим би сакал уште малку повеќе ригидност. Воланот е доста зајакнат, не е пребрз и премногу директен, но сепак е прецизен и чувствителен, а најважно е што делува природно и неутрално. Insignia e добро звучно изолирана со минимален аеродинамичен шум, единствено при брзини поголеми од 130 км/ч се чувствува зголемена бучава од тркалата.
Почетната цена на Opel Insignia GSi Grand Sport изнесува 52.700 евра.
Благодарност до Аутомакедонија за можноста да го тестирам овој автомобил.
Повеќе информации за Opel Insignia може да најдете ТУКА.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ