ТЕСТ: Opel Grandland 1.2 130 AT8 GS-Line

Денес, SUV моделите се клучен дел од понудата на автомобилските производители. Во Opel тоа многу добро го знаат, бидејќи вакви автомобили се во нивната понуда уште од 90-тите години. Во тоа време, се нудеше моделот Frontera, а на почетокот на милениумот пристигна моделот Antara, точно во времето кога почна да се проширува оваа категорија на автомобили. Денес, во понудата на Opel се достапни три SUV модели благодарение на интересот на клиентите, а сите тие во последнава година се целосно „подмладени“.

Најпрво, беше претставена новата втора генерација на Mokka, која стана стилски автомобил, потоа Crossland го доби своето освежување, што пак остана достапен семеен автомобил. Па на крај дојде време темелно да се освежи и најголемиот SUV во понудата на Opel, а тоа е моделот Grandland.

Во исто време, освежувањето на Grandland беше инспирирано од помалите модели. Новиот модел ја „изгуби“ буквата X од името како дел од фејслифтот, што досега ја истакнуваше неговата наклонетост кон семејството на теренци. Според брендот, оваа функција е веќе исполнета, па затоа таа буква повеќе не е потребна. Што е најважно, автомобилот ги искористи истите стилски елементи како новата Mokka и освежениот Crossland за да биде препознатлив Opel. Брендот продолжува да воведува нов стилски правец во своите патнички автомобили, чиј главен мотив е таканаречениот Opel Vizor, специфично обликуван преден дел со маска која е поврзана со фаровите и која превзема инспирација од визирот на кацигата за мотоцикл. Поставени се и целосно нови фарови кои стандардно се со LED технологија, а како опција може да се одберат и адаптивни IntelliLux LED Pixel matrix фарови.

Задниот дел е со не толку драстични промени, а најголемата новост е што сега на багажникот има доминантен натпис Grandland. Променета е и графиката на задните LED светла, како и дизајнот на браникот. Од страните скоро и да нема никакви промени, па новиот модел ги задржува чистиот и едноставен дизајн. Наместо еволутивни промени, Opel се одлучи за поголема стилска промена која направи Grandland да изгледа сосема поинаку од Grandland X. Целосно новиот преден дел, како и другите ревидирани елементи го прават автомобилот значително помодерен и поатрактивен од порано.

Конкретно тест примерок кој е во многу убава конфигурација дополнително ја зајакнува атрактивноста и привлечноста. Односно, станува збор за GS-Line верзија која добива поспортски браници, 18-инчни бандажи во црна боја, прагови, елементи околу крилата и покрив, исто така, во сјајно црна боја. Дополнително, логото напред и назад, како и натписот Grandland се црни. Не се некои кој знае какви промени кои го нагласуваат спортскиот изглед, но мене ми се допаѓаат бидејќи придонесуваат за еден поинтересн изглед.

Внатрешноста, која може да се пофали со ново уредена контролна табла, исто така претрпе значајни измени. Ова решение Opel го нарекува „Pure Panel“, односно два екрани кои на прв поглед изгледаат поврзани како да се дел од еден целосен панел. Овој концепт изгледа модерно и практично. Па така, зад воланот се наоѓа дигитална инструмент табла, а во средината на централната конзола се наоѓа екранот за инфозабавниот систем. Инструмент таблата има екран од 12-инчи, нуди различни опции за прикажување, а мене лично ми се допаѓа тоа што не е претерано со различни „ефекти“ и секогаш информациите се прикажани на јасен и читлив начин.

Другиот екран, наменет за инфозабавниот систем е со големина од 10-инчи. Системот доаѓа од групацијата Stellantis па веќе ми е добро позната неговата работа. Генерално работи солидно, но би сакал да биде малку појасен и поедноставен. Сепак, има некои работи кои ме мачат – на пример, ме нервира тоа што инфозабавниот систем почнува да пушта музика од радио при секое вклучување на автомобилот, иако последниот пат кога сум го возел сум слушал музика преку Bluetooth, на следното вклучување тој пак го пушта радиото…Исто така, стандардно се добива и поврзување преку Apple CarPlay и Android Auto, но за жал не е безжично и за да ја користите таа функција потребен ви е кабел.

Мала замерка имам и за читливоста на инфозабавниот екран. Периодот кога го имав возилото на тест деновите беа многу сончеви, па и покрај максималната поставеност на осветленоста, читливоста беше доста слаба. Наместо тоа, светлината се рефлектираше од екранот и отпечатоците од прсти многу ми „бодеа очи“. Сепак, присуството на посебен панел за клима уредот и греењето на седишта кој е со класични физички контроли е за пофалба бидејќи овој начин на ракување е далеку поедноставен одколку се тоа да се контролира преку екранот. Исто така, бев задоволен и од тоа што Opel сè уште остави други копчиња во кабината по освежувањето, на пример за да се контролира јачината на звукот, да се исклучи Lane Assist системот и оние што служат како кратенки за некои ставки во инфозабавниот систем. Како резултат на ова, Grandland нуди одлична контролна ергономија. Другата пофалба оди кон ергономските седишта кои се многу удобни и нудат одлична странична поддршка – конкретно во тестираниот модел се комбинација од кожа и алкантара и изгледаат доста фино. Материјалите во кабината и завршната обработка се на солидно ниво, но не можам да се воздржам од впечатокот дека внатрешноста споредено со некои конкурентни модели изгледа премногу обично и просечно.

Задните седишта нудат повеќе од доволен простор, двајца возрасни патници ќе можат удобно да патуваат со доволно простор и за нозете и за главата. Доколку се смести и трет патник, удобноста и мирот би се нарушиле, но сепак не би имале некаков голем проблем, дури и за малку подолги релации. Исто така, патниците назад добиваат и отвори за вентилација, како и една USB порта.

Што се однесува до багажникот, на располагање се достапни 514 литри багажен капацитет, а доколку се спуштат задните седишта кои се во сооднос 40:60 се добива капацитет од 1652 литри. Просторот има убави правилни форми и ништо не „штрчи“ во него. Сепак, работ на товарање не е на ниво со подот па доколку ставате некои поголеми и потешки работи ќе треба малку повеќе да внимавате.

Фејслифт верзијата на Grandland е достапна со бензински и дизел мотори, како и со две Plug-in хибридни верзии. Бензинскиот мотор е добро познатиот 1.2-литарски турбо кој се користи и во други автомобили од групацијата Stellantis, дизелот е 1.5-литарски со 130 коњски сили, додека PHEV верзиите користат 1.6-литарски турбо-бензинец и достапна е верзија со 224 и со 300 коњски сили.

Тестираниот модел е придвижуван од 1.2-литарскиот трицилиндарски бензинец кој испорачува 130 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 230 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута. Силата се испорачува на предните тркала и во конкретниов случај преку 8-степен Aisin автоматски менувач. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 10.3 секунди, додека максималната брзина изнесува 188 км/ч. Голем дел од купувачите го имаат оној „страв“ кога ќе слушнат дека ваков SUV автомобил е придвижуван од 1.2-литарски мотор, но реалноста е дека овој мотор нуди доста солидни перформанси и е сосема доволен со оглед на намената на овој автомобил. Моторот е релативно тивок и рафиниран, без некои пренагласени вибрации во кабината, а оној класичен трицилиндарски звук доаѓа до израз само на високи вртежи кога ќе ја притиснете педалата за гас „до крај“. Она што највеќе ме изненади е еластичноста која ја нуди, дури и на ниски вртежи е доволно жив и одлично е синхронизиран со автоматскиот менувач. Според мене, ова е идеалната комбинација за Grandland, а најверојатно ќе биде и една од најпродаваните на нашиот пазар. Што се однесува до потрошувачката, во градски услови на возење се движи околу 8 литри, додека на отворен пат изнесува околу 6.5 до 7 литри на 100 изминати километри.

Возните карактеристики на Grandland се приспособени точно за целната група на купувачи на овој автомобил. Во споредба со пред фејслифт моделот, во овој дел не се направени некои специјални промени. Па затоа, следејќи го примерот на другите модели на брендот, Grandland комбинира сигурност зад воланот со висок степен на сигурност, а исто така агилно и сигурно однесувње во свиоци. Да, суспензијата кај моделите на Opel отсекогаш била сетирана да биде малку потврда од конкурентните модели, но во случајот со Grandland не е претерано тврда и нема бучни удари од шасијата кога возите на некој нерамен пат. Тука пофалба заслужува и одличната звучна изолација која ја има автомобилот. Што се однесува до динамичноста, Grandland може да вози „брзо“, нуди одлична тракција и не толку нагласено навалување, но ова не е нешто во кое ќе уживате. А ова е сосема оправдано, Grandland се чувствува „како дома“ во градски услови, каде што благодарение на лесниот управувач и добрата прегледност, тој е навистина едноставен за возење, исто така и на автопат – поради предходно споменатата одлична звучна изолација, во кабината е тивко и релаксирано, па затоа без никаков проблем може да се поминуваат стотици километри со овој автомобил. Новиот Grandland е опремен и со сите најнови системи за асистенција на возачот, а нивната работа е беспрекорна. Адаптивниот темпомат и системот за одржување на возилото во лента работат одлично и сигурно. Ми се допаѓа и тоа што автомобилот не се префрла од линија на линија, туку системот за одржување на возилото во лента работи многу добро и го држи возилото точно во средина. Задната паркинг камера го олеснува маневрирањето и паркирањето во тесни места, но има малку недостоинствена резолуција за денешно време.

Новиот Grandland е достапен во пет нивоа на оременост – Grandland, Business Edition, Business Elegance, GS-Line и Ultimate. Сите нивоа содржат доста богата стандардна опрема, а тест примерокот кој е во GS-Line нивото добива плус стандардна опрема која вклучува: 18-инчни бандажи во црна боја, 12-инчна дигитална инструмент табла, 10-инчен инфозабавен екран, црн покрив и ретровизори, Comfort пакет, дополнително затемнети задни стакла, поспортски браници и друго…

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Цената на основниот модел Opel Grandland 1.2 130 изнесува 27.730 евра.

Цената на тестираниот модел Opel Grandland 1.2 130 AT8 GS-Line изнесува 32.990 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или во продажните салони на Opel.

ЗАКЛУЧОК
Во рамките на фејслифтот, Opel Grandland главно се фокусираше на својот изглед, новиот преден дел го прави овој автомобил значително помодерен од порано. Мала резерва имам за новиот ентериер, пофалба за тоа што се задржани физички контроли, но минус оди за целиот дизајн, кабината изгледа „обично“ во споредба со некои конкурентни модели. Карактерот на новиот Grandland останува ист, па главната одлука сега е како ви се допаѓа новиот стил.
Просторен ентериер
Одлична ергономија
Добри возни карактеристики
„обичен“ дизајн на ентериер
AWD погон е достапен само за PHEV верзијата
Слаба читливост на инфозабавниот екран
4