ТЕСТ: На викенд со Opel Corsa 1.2 Turbo 100 GS-Line

Со најновата шестта генерација на популарната Opel Corsa бев на еден мини „road trip“ до Битола.

Иако Corsa е мал градски автомобил, сакав да се уверам во неговите квалитети кога станува збор за некое подолго патување и дали со оваа класа на автомобили може лесно да се извозат стотици километри на отворен пат. Турата започна од Скопје, преку Велес, Прилеп и на крај Битола. Овој пат е доста интересен за тестирање на еден автомобил бидејќи се возат неколку различни патишта, од автопат, па пат кој е полн со свиоци, на Плетвар исто така свиоци, но и угорнини и на крај тесните и мали улици во Битола.

Пред да зборуваме за возењето и каква е всушност Corsa на подолго патување, ајде на кратко за надворешноста и внатрешноста.

Оваа генерација на Corsa е направена по француски инструкции и голем дел од работите ги дели со новата генерација на Peugeot 208. За разлика од Peugeot, дизајнот на Opel е малку поконзервативен, но сепак модерен и атрактивен, а Corsa доби многу значајни елементи што се карактеристични за германскиот производител. Предниот дел е едноставен и спортски, доминира широката маска во која е интегриран знакот на Opel, а на долниот дел се наоѓа голем отвор за воздух. Интересни се и предните светла кои се со LED технологија и одлично го осветлуваат патот навечер, а како опција достапни се и IntelliLux адаптивни Matrix LED фарови. Страните се со чисти линии, а динамичноста продолжува и на задниот дел. Хоризонталните LED задни светла имаат интересен светлосен потпис и го прават автомобилот да изгледа поширок. Конкретниот модел што го имав на тест е во GS-Line ниво на опременост, а тоа значи дека оваа верзија има малку различен изглед од останатите верзии. Всушност, се добива поспортски преден и заден браник, заден спојлер, 16-инчни алуминиумски бандажи, покривот и ретровизорите се во црна боја и видлива издувна цевка. Сите овие промени, визуелно ја прават Corsa далеку поспортска и поатрактивна. Ми се допаѓа и оваа комбинација на портокалова боја со црни детали – токму ваквите храбри бои им прилегаат перфектно на овие автомобили.

Corsa ја користи CMP платформата на PSA групацијата која се истакнува со мала тежина, висока цврстина и разновидност во областа на погонски единици. Благодарение на новата платформа, овој модел е полесен за 10% од претходникот и ако мислите дека возните карактеристики се идентични кај Corsa и 208 грешите. Opel направи комплетно различен сетап на суспензијата и управувањето, па затоа Corsa го зачува тоа германско чувство зад управувачот.

Ја отворате вратата и ве пречекува разигран и спортски ентериер. Океј, дизајнот е малку поконзервативен за разлика од некои други конкурентни модели, но благодарение на интересно исечениот дел на централната конзола се обидува да ослободи максимален простор. Покрај одличната ергономија, Corsa нуди и многу простор за складирање. Ми се допаѓа пространиот простор оддел пред совозачот, големите отвори на вратите и јасното распоредување на контролите на мултифункционалниот волан со пријатно обликуван долен раб. Тестираниот модел ја имаше и опционалната дигитална инструмент табла со екран од 7-инчи, но да бидам искрен мене повеќе ми се допаѓа класичната аналогна инструмент табла, има некако поинтересен изглед. Што се однесува до инфо-забавниот систем, на централната конзола е поставен 7-инчен екран кој доаѓа во стандардната опрема и нуди поддршка за Apple CarPlay и Android Auto поврзување. Системот има доста солидна графика и работењето е лесно и брзо благодарение на едноставното мени. Исто така, во средината е поставено и конвенционално физичко копче за регулирање на јачината на звукот. Голема пофалба и за практичните контроли за клима уредот, кои за разлика од Peugeot 208, тука имаат свој панел под екранот од инфо-забавниот систем. Позитивни импресии за практичноста имам и од естетски аспект. Поради тоа што ова е GS-Line модел, внатрешноста добива спортски седишта, црн покрив и е надополнета со сребрени лакирани површини, како и детали во црвена боја кои се појавуваат не само на контролната табла, туку и на седиштата – сето ова резултира со една свежа внатрешност која што не изгледа воопшто здодевно. Квалитетот на изработка во кабината не е воопшто лош, но на некои места се поставени малку погруби пластики, сепак со оглед на класата во која припаѓа тоа е сосема оправдливо.

Просторот на задните седишта е доволен за двајца патници со просечна висина кои ќе имаат прилично доволно простор за нозете и главата и ќе можат да седат удобно. Тројца патници не би препорачал да седат на задните седишта, освен за некои кратки релации во град. Багажникот нуди пристоен волумен од 309 литри кој е доволен за сите потребни куфери и торби за двајца или тројца патници, отворањето е широко и просторот е во правилна коцкаста форма. Со спуштање на задните седишта се добива багажен капацитет од 1.091 литар.

Пред да ги раскажам моите имресии од возењето, накратко да зборуваме и за моторите. Corsa е достапна со три бензински мотори и еден дизел. Сите бензински мотори се 1.2-литарски, но со различна моќност. Основниот мотор е атмосферски и располага со 75 коњски сили, додека другите два се турбо-бензинци и располагаат со 100 или 130 коњски сили. Дизелот е 1.5-литарски со моќност од 102 коњски сили. Исто така, достапна е и целосно електрична верзија од новата Corsa, но за тоа во некоја наредна прилика.

Тестираниот модел под хаубата го имаше 1.2-литарскиот турбо-бензинец со 100 коњски сили достапни при 5.500 вртежи во минута и 205 Nm вртежен момент достапен од 1.750 вртежи во минута, а силата ја пренесува на предните тркала преку 6-степен мануелен менувач – ова е идеалната и најдобра опција за возилото, според мене. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч изнесува 9.9 секунди, а максималната брзина е 194 км/ч. Со вкупна тежина од 1.090 килограми, 100-те коњски сили се совршено доволно за Corsa, кое не само што целосно ќе ја задоволи основната потреба за патување од точка А до точка Б, туку и доброволно ќе ја исполни желбата на некои од нас за забава и „побрзо“ возење. Оваа верзија со мануелен менувач има изненадувачки апетит за брзина, реагира флексибилно на секое притискање на педалата за гас, па дури и звукот од моторот не е лош. При мала брзина е во состојба да го маскира оној трицилиндарски звук, додека со поголема брзина е изненадувачки пријатен да се слуша. Но, ако префрлите во повисока брзина на време, тогаш благодарение на квалитетната звучна изолација, нема воопшто да го слушате моторот, а ова особено ќе го цените за време на подолгите патувања на автопат. Менувачот работи непречено, има прецизно дефинирани брзини и нуди совршена слобода за играње со автомобилот и моторот токму онака како што сакате. Во градски услови на возење измерив просечна потрошувачка од околу 7 литри на 100 изминати километри, на отворено потрошувачката се движеше околу 5.5-6 литри на 100 изминати километри.

Тргнуваме од центарот на Скопје, по краткото возење низ метежот во градот излегуваме на автопат и тука е првиот тест за Corsa – какви се возните карактеристики на автопат. Во овие услови, Corsa е импресивно рафинирана и лесна за возење. При брзини од 120-130 километри на час се забележува мала бучава во кабината која генерално доаѓа од тркалата и ретровизорите, но со оглед на класата во која припаѓа ова возило не е нешто не очекувано. Управувачот има перфектна тежина и амортизацијата е на доста солидно ниво. Стигнуваме до мојот омилен дел од оваа тура, а тоа е кривулестиот пат кај Велес. Ова е одлично место да се испробаат динамичните возни карактеристики на Corsa. Да бидам искрен, тука бев и највеќе изненаден од Corsa. На долниот дел од централната конзола, пред менувачот има едно копче на кое што пишува „Sport“, со притискање на ова копче, управувачот станува поцврст и педалата за гас реагира многу поспремно. Ако често споменуваниот германски прецизен инженеринг се манифестира некаде, тоа е во областа на подесувањето на шасијата. Во свиоци, Corsa нема пренагласено навалување и вешто ги следи сите ваши команди. Друга добра работа е брзината и точноста на управувањето, каде што автомобилот реагира агилно на секое движење и ја следи патеката што ќе ја изберете.

Стигнуваме до Плетвар, а дел од овој пат е со угорнини. Тука, дојдов до заклучок дека 1.2-литарскиот турбо-бензинец со 100 коњски сили нуди навистина доволни перформанси во секакви ситуации, да ќе треба малку повеќе да си играте со менувачот за да го извадите максимумот, но во ни една ситуација не осетив дека фали уште моќност. На крај, стигнуваме во Битола, голем дел од улиците во овој град се мали и тесни, а тука се истакнуваат компактните димензии на Corsa, како и лесното возење. Добро усогласената шасија работи одлично дури и на полоши патишта, суспензијата успешно ги впива сите дупки и нерамнини и во кабината нема пренагласени вибрации или удари. Благодарение на лесниот управувач, маневрирањето и паркирањето нема да претставува никаков проблем, а дополнително се добиваат и задни паркинг сензори и задна камера кои уште повеќе ја олеснуваат работата.

Оваа генерација на Opel Corsa не е чисто германска, но сепак е некако уникатна на свој начин. Удобна е, економична, агилна и до некаде најцивилизирана од другите конкурентни модели.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Почетната цена на Opel Corsa 1.2 75 изнесува 13.240 евра.

Цената на тестираниот модел Opel Corsa 1.2 Turbo 100 GS-Line изнесува 16.990 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да ги посетите продажните салони на Opel.

ЗАКЛУЧОК
Иако ова е автомобил дизајниран главно за градот, каде се истакнуваат компактните димензии и лесното возење, Corsa се покажа убедлива дури и надвор од градот, каде што пријатно ме изненади со својата подвижност.
Перфектни возни карактеристики.
Агилен 1.2-литарски мотор.
Интересен дизајн.
Лимитирана пространост на задните седишта.
Некои опции се скапи.
4.5