Kia XCeed

Xceed е најновиот член во семејството Ceed, базиран е на Ceed хечбек, но има повисока суспензија за 44мм, подолг е за 85мм, додека меѓуоскиното растојание останува исто. Позициониран е помеѓу Stonic и Sportage, a Kia овој модел го опишува како Crossover Utility Vehicle(CUV).
Должината на возилото изнесува 4395мм, ширината 1826мм, висината 1495мм и меѓуоскиното растојание е 2650мм.

XCeed за разлика од другите модели(Ceed, Ceed SW и ProCeed) има највпечатлив и најуникатен изглед, барем според мене. Бидејќи се работи за CUV модел, поставени се црни пластики на крилата, како и црни заштитници на предниот и задниот браник. На прв поглед, XCeed не изгледа како SUV или поточно CUV модел, но во споредба со нормалниот Ceed е повисок, поширок и подолг. Единствените делови кој ги дели со Ceed се предните врати, секој друг панел од возилото е комплетно нов. На предниот дел се поставени нови full LED светла кои се стандард на секој модел, поставен е нов преден браник кој е комплетно различен од тој на другите Ceed модели. Гледан од страна, има малку купеовски изглед и тоа ми се допаѓа. Задниот дел изгледа доста широко и мускулесто, како и напред така и назад добива нов и различен заден браник и да, на него се поставени големи fake отвори за издувот, не требало ама баш ич овој дизајнерски детал, но ете го направиле…поставени се и нови LED задни светла кој исто така се стандард на секој модел. Севкупно, ми се допаѓа како изгледа целото возило, а во класата која припаѓа е дефинитивно најуникатниот модел. Голем фан сум и на оваа Quantum Yellow металик боја која го прави уште повпечатлив и посекси!

Ентериерот во XCeed има идентичен дизајн како и во другите Ceed модели, но има и неколку новости. Тест моделот беше опремен со 12.3-инчна дигитална инструмент табла која има одлична графика и сите битни работи се прикажуваат на тој дисплеј. Исто така, го имаше и поголемиот 10.25-инчен infotainment дисплеј(стандард во EX Advance) и во споредба со помалиот 8-инчен дисплеј има многу подобра и почиста графика. Со помалиот дисплеј добивате Apple CarPlay и Android Auto поврзување, а со поголемиот дисплеј добивате вграден навигациски систем и перфектен JBL аудио систем. Искрено, квалитетот и јачината на системот се доста подобри од некои други дупло поскапи системи. Како и во нормалниот Ceed, скоро сите делови кои ги допирате често се од квалитетен и мек материјал. Сите копчиња и контроли се добро поставени пред Вас и се лесни за користење. Ми се допаѓа тоа што Kia сеуште ги задржуваат физичките копчиња за клима уредот кои се многу полесни за користење особено при возење одколку се тоа да се контролира преку дисплеј. Тест моделот имаше уште една опција која мене лично многу ми се допаѓа и мислам дека му дава еден многу кул и фенси изглед на целиот ентериер, но дефинитивно не е опција која сите би ја одбрале…Верувам дека веќе знаете за што зборувам…Со „Color“ пакетот добивате полу кожни седишта кои имаат жолти шевови, како и делови во жолта боја околу отворите за климата и околу infotainment дисплејот. Overall, има доста квалитетен ентериер кој изгледа модерно и кул, а има и high-tech работи кои ќе ги привлечат помладите купувачи.

Просторот на задните седишта е сосема доволен за двајца патници, има доволно простор за нозете и главата и се седи удобно. По потреба може да седат и тројца патници, но иако подот е рамен и нема голем тунел во средина пак е малку тесно и неудобно особено за долги релации. Багажникот е поголем од тој во нормалниот Ceed и на располагање имате 426 литри. Отворањето е широко и просторот е во коцкаста форма, а комплетно рамниот под го прави ставањето и вадењето на потешки работи многу лесно.

Моделот кој што го имав на тест под хаубата го имаше 1.4-литарскиот T-GDi мотор-најмоќниот бензинец, барем сега за сега…наскоро XCeed ќе биде достапен и со 1.6 T-GDi моторот со 204 коњски сили кој сега го користат ProCeed GT и Ceed GT. Ова е мојот прв пат да возам некој од моделите на Kia со овој мотор. Има 140 коњски сили и 242Nm вртежен момент, силата се пренесува на предните тркала и конкретно во овој случај преку 7 степен DCT автоматски менувач. Перформансите кои ги има овој мотор искрено пријатно ме изненадија, работи доста рафинирано и е доволно брз како и за возење во град така и на отворен пат. Мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше 8.5-9 литри на 100 изминати километри. XCeed е достапен и со уште еден турбо бензински мотор- 1.0 T-GDi со 120 коњски сили, како и со 1.6 CRDi дизел мотор со 136 коњски сили. Сите модели се само со преден погон и стандардно доаѓаат со 6 степен мануелен менувач, а кај 1.4 T-GDi и 1.6 CRDi како опција достапен е 7 степен DCT автоматски менувач.

XCeed е достапен во две нивоа на опременост- LX Vision и EX Advance. Уште во првото ниво добивате многу богата стандардна опрема која вклучува- задни паркинг сенозри, задна камера, Full LED предни и задни светла, 16-инчни алуминиумски бандажи, систем за одржување на возилото во лента, 8-инчен infotainment дисплеј, итн…
Тест моделот бидејќи е во Launch Edition изведба има уште плус дополнителна опрема која вклучува- панорамски сончев кров, 18-инчни бандажи, 12.3-инчна дигитална инструмент табла, 10-инчен infotainment дисплеј, систем за автоматско паркирање, електрично подесување на возачко седиште со меморија, адаптивен темпомат, греење на управувач и на предни и задни седишта, Color пакет, JBL аудио систем, безжичен полнач за телефон и многу друго.

Xceed во споредба со нормалниот Ceed има малку повисока и помека суспензија. Разликата во возењето се приметува и XCeed има малку понагласено навалување во кривини(што е и очекувано), но сепак е и забавен за динамично возење кога тоа ќе го побарате. Воланот е брз и прецизен, но не добивате многу повратни информации за тоа што точно се случува со предните тркала. Возењето низ градскиот метеж со XCeed е доста лесно. И покрај големите 18-инчни бандажи суспензијата одлично се справува со дупките и нерамнините, а автоматскиот менувач многу ги олеснува сите оние тргни-застани ситуации. На отворен пат, возењето е комфорно и на брзини од 120-130 км/ч нема некоја непријатна бучава која би ви пречела. Прегледноста е релативно добра, освен назад поради тој купеовски дизајн. Но, уште во првото ниво XCeed стандардно е опремен со задни паркинг сензори и задна камера, така што нема да имате никаков проблем за паркирање.

Моментално, XCeed ми е омилениот модел на Kia. Не сум голем фан на овој тип на возила, но со овој модел се гледа напорната работа на Kia во овие неколку години и тоа колку понапредни и попремиум се сите нови модели во нивната гама.

Почетната цена на Kia XCeed LX Vison 1.0 T-GDi изнесува 18.550€.
Цената на тестираниот модел Kia XCeed Launch Edition 1.4 T-GDi DCT изнесува 31.300€.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Kia Motors!

ГАЛЕРИЈА

Виктор Чемерикиќ

Виктор Чемерикиќ

Љубител на автомобили уште од 1997, основач на вебсајтот ”CarsByVik” и професионален автомобилски фотограф.

Остави коментар