ТЕСТ: Kia Stonic 1.2 DPi Reference 1

Малите SUV модели (или кросовери) се уште се една од најбрзо растечките категории на автомобили во Европа. Продажбата на овие автомобили постојано расте, а заедно со тоа и нивната понуда константно се зголемува. Kia Stonic не е пионер во овој сегмент, но за прв пат се појави на пазарот во 2017 година. Воедно, ова е и најмалиот кросовер во моменталната понуда на брендот. После 3 години од своето постоење, Kia одлучи дека е време за мало освежување. Промените во споредба со претходникот не се драстични па затоа визуелно Stonic останува главно непроменет. Сега се достапни нови поефикасни мотори, нови безбедносни технологии и доаѓа со многу повеќе стандардна опрема од порано. Но дали сите овие промени се доволни за Kia Stonic да се издвои во сè потешката конкуренција?

Како што веќе спомнав, надворешниот дизајн на освежениот Stonic не претрпе никакви промени во споредба со претходникот, освен новите алуминиумски бандажи, нови бои за каросеријата и опционални Full LED светла сè друго останува исто. Очигледно Kia оделе по правилото „ако не е расипано не го поправај“ и јас го поддржувам тоа бидејќи мислам дека Stonic изгледа навистина убаво и не се потребни никакви промени на надворешноста. Во последниве неколку години Kiа има одличен дизајн на своите автомобили и секако Stonic не е исклучок. Ми се допаѓа тоа што го задржува карактеристичниот стил на брендот, а воедно не е премногу сличен со моделот Rio (иако е базиран на тој модел) и во исто време е непогрешлив Kia. Покрај тоа, на Stonic одлично му одговара и обичната бела боја во која беше тестираниот модел, а опционалниот црн контрастен покрив придонесува за поинтересн изглед. Сепак во оваа комбинација не изгледа толку смело како жолтиот модел со црн покрив, кој се појавува на реклами. Инаку, достапен е и висок степен на персонализација, па освен црн покрив може да одберете и друга боја, а вкупно се достапни 29 различни комбинации за надворешноста. Една од причините поради која голем дел од купувачите се одлучуваат за ваков тип на автомобил наместо конвенционален хечбек модел е токму изгледот, поголемиот дел од конкурентните модели во некои ситуации дури и премногу го нагласуваат теренскиот карактер, додека Stonic има некако свој и различен стил иако црните пластики и заштитни панели се и тука присутни.

Ентериерот е исто така во класичен Kia стил, чувството внатре е како и во класичен хечбек модел, возачкото седиште може да се постави навистина ниско, секако доколку сте фан на „спортската“ позиција. Опсегот на подесување за воланот и седиштето е доста широк, така што секој ќе ја најде својата идеална позиција. Но, во споредба со некои конкуренти седењето тука е релативно ниско – дали ова е правилно или не, е многу индивидуално прашање. На крајот на краиштата, клиентите кои се одлучуваат за овие мали кросовери, меѓу другото, го потенцираат и повисокото седење што Stonic не може во целост да го понуди. Генерално, кабината е едноставно и јасно дизајнирана, згора на тоа, воопшто не изгледа ефтино и обично, а голем дел од поставените материјали се со доста солиден квалитет. На централната конзола сега се наоѓа нов 8-инчен дисплеј за инфозабавниот систем кој има далеку подобра графика од претходно и работи многу пореспонзивно. Исто така, сите модели сега стандардно се опремени со wireless поврзување преку Apple CarPlay и Android Auto. Она што заслужува голема пофалба е тоа што Stonic ги задржува конвенционалните физички контроли за клима уредот и за сите други функции кои често се користат, што е многу поедноставно и попрактично решение за користење отколку се тоа да се контролира преку некој дисплеј. Пред возачот се наоѓаат аналогни инструменти, а освежениот модел сега добива нов 4.2-инчен дисплеј во средина (нема опција за целосно дигитална инструмент табла). Кога станува збор за безбедноста, сите модели на Stonic сега се стандардно опремени со FCA – систем за избегнување на фронтален удар со препознавање на возила и пешаци и LKAS – систем за одржување на возилото во лента.

Просторот на задните седишта е во границите на нормала за оваа класа на возила, удобноста не е врвна, но двајца патници со просечна висина ќе може да се сместат без никаков проблем и притоа да имаат доволно место како и за нозете така и за главата. Багажниот простор е со капацитет од 352 литри, а доколку ги спуштите задните седишта се добива капацитет од 1.155 литри, а стандардно добивате 60:40 деллива задна клупа. Отворањето е широко и просторот е со правилна коцкаста форма, но подот не е комплетно рамен со браникот.

Обновениот Kia Stonic е достапен со два нови “Smartstream” бензински мотори – 1.2 DPi со 84 коњски сили и 1.0 T-GDi со 100 коњски сили. Од 1.0-литарскиот сега е достапна и “EcoDynamics+” верзија со 48v Mild Hybrid систем и новата clutch-by-wire интелигентна трансмисија. Исто така, кај турбо моторите стандардно добивате 6-степен мануелен менувач, а како опција е достапен 7-степен DCT автоматски менувач.

Моделот што имав прилика да го возам беше опремен со основниот атмосферски 1.2 DPi кој сега користи Dual Port Injection технологија и го заменува стариот 1.2 MPi мотор. Моќноста останува непроменета и на располагање се достапни 84 коњски сили и 122 Nm вртежен момент, силата се пренесува само на предните тркала преку 5-степен мануелен менувач. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч изнесува 13.2 секунди, додека максималната брзина е 165 км/ч. Новиот мотор навистина работи подобро, потивок е, нуди намалена потрошувачка и за разлика од претходно сега е многу подобро калибриран со менувачот. Перформансите се во границите на нормала и за градски услови се повеќе од доволни, факт е дека овој мотор нема да ги задоволи потребите на сите купувачи, но ако 90% од времето го поминувате низ град навистина не ви е потребен помоќен мотор. Мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше од 7 до 8 литри на 100 изманите километри, но треба да се земе во предвид тоа што возилото кое што го имав беше со само 400 изминати километри, реалната потрошувачка би изнесувала минимум 1 литар помалку од онаа што ја измерив јас.

Kia Stonic сега е достапен во три нови нивоа на опременост – Base, Reference 1 и Reference 2. Тест моделот беше во Reference 1 нивото и токму ова е нивото кое ви го препорачувам бидејќи содржи се што ви е навистина потребно, а тоа е: FCA-систем за избегнување фронтален удар со препознавање на возила и пешаци, LKAS – одржување на возилото во лента, HBA – автоматска регулација на долги светла, предни и задни паркинг сензори, задна паркинг камера, предни дневни LED светла, мануелен клима уред, 8-инчен дисплеј за инфозабавниот систем, темпомат, кровни носачи, 16-инчни алуминиумски бандажи и многу друго…

Кога станува збор за возењето и чувството зад управувачот, Stonic изненадува. Возењето во град е исклучително лесно и рафинирано, а тоа е поради одличната прегледност од сите страни, како и лесниот и прецизен управувач. Лесното и прогресивно квачило на Kia значи дека и по неколку часа во сообраќај левата нога нема да ви се замори, но доколку не сте љубител на мануелен менувач може да одберете автоматски менувач. Исто така и паркирањето во тесните места нема да претставува проблем благодарение на стандардните паркинг сензори и задна камера (која е со доста солидна графика). Stonic во град е „како дома“, но тоа не значи дека не е добар на автопат и за подинамично возење во свиоци. Напротив, Stonic е еден од најдобрите модели во класата кога станува збор за динамичност, во свиоци е доста агилен и цврст, но не очекувајте премногу повратни информации од управувачот. На отворен пат Stonic нуди релаксирано и рафинирано возење, мала замерка имам само за понагласената бучава која генерално доаѓа од ретровизорите при брзини од 130-140 км/ч.

Цената на тестираниот модел Kia Stonic 1.2 DPi Reference 1 изнесува 14.950 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Kia Motors Macedonia.

ЗАКЛУЧОК
Освежениот Kia Stonic го задржува привлечниот дизајн, нуди врвни возни карактеристики и сега е опремен со многу повеќе стандардна опрема која што го прави да има одлична вредност за дадените пари. Доколку сте љубител на ваков кросовер модел наместо конвенционален хечбек, Stonic дефинитивно треба да биде меѓу првите модели на вашата листа. Плус, добивате и 7 годишна гаранција...
Многу богата стандардна опрема.
Одлични возни карактеристики.
7 годишна гаранција.
Потесна задна клупа во споредба со некои конкуренти.
Ниска седечка позиција за кросовер модел.
Основниот 1.2 мотор има 5 брзини.
4.5
More Stories
ТЕСТ: Volvo XC60 D4 AWD Momentum Pro