ТЕСТ: KIA Sportage 1.6 T-GDi HEV AWD Executive 

После нешто повеќе од една ипол година повторно поминав неколку дена зад новата генерација на популарниот Sportage. Но овој пат станува збор за една нова хибридна верзија која би требало да биде и најидеална од сите достапни електрифицирани верзии. Минатата година на тест имав Sportage со најмоќниот бензинец и автоматски менувач, како и дизел верзија со мануелен менувач, па сега на ред дојде и хибридна верзија – нешто што би требало да биде доста интересно за оние кои не сакаат да го приклучуваат во „штекер“ својот автомобил и не се спремни за целосно електричен автомобил. 

Петтата генерација на Sportage дојде со навистина драстични промени во споредба со претходникот и токму овој модел е главен доказ за огромната трансформација која ја има брендот KIA во последниве неколку години – од таканаречени „обични“ автомобили, понудата на KIA сега е нешто тотално различно и се повеќе луѓе се интересираат за автомобилите на овој бренд. Овој пат нема да должам со импресии од дизајнот, технологиите и новостите што ги има оваа генерација – за тоа подетално може да прочитате ТУКА во првиот тест, а исто така ТУКА може да го прочитате и тестот на дизел верзијата каде што направив една споредба за потрошувачката на таа верзија и на бензинската верзија. 

Новата генерација на популарниот SUV со себе донесе и доста голема понуда на погонски единици. Moже да се одбере помеѓу бензински и дизел мотори, како и три типа на електрифициран погон. Поточно, достапни се Mild-Hybrid, Hybrid и Plug-In Hybrid погони. Дополнително, може да се одбере помеѓу мануелен или автоматски менувач, како и погон само на предните тркала или погон на сите четири тркала. Овој широк опсег на најразлични погонски единици е навистина за пофалба и секој клиент може да си го најде својот идеален погон според потребите.

Тест примерокот е HEV верзијата, односно основната (self-charging) хибридна верзија и дополнотелно е опремен со AWD погон на сите тркала. Системот во оваа верзија се состои од 1.6-литарски турбо бензински четирицилиндричен мотор кој испорачува 180 коњски сили при 5.500 вртежи во минута и 265 Nm помеѓу 1.500 и 4.500 вртежи во минута. Тој е надополнет со електромотор со моќност од 60 коњски сили и вртежен момент од 264 Nm, црпејќи енергија од батерија со капацитет од 1,49 kWh. Вкупната моќност на хибридниот систем достигнува 230 коњски сили и 350 Nm вртежен момент. Како што напоменав, во мојот случај, автомобилот беше опремен со погон на сите тркала кој работи со поврзување на задната оска преку електрохидраулична спојка со повеќе плочи кога е потребно. Системот може да испрати до 50 проценти од моќноста на задната оска. На однесувањето на погонот  влијае и изборот на еден од трите Terrain модови на возење.

Оваа хибридна верзија е достапна исклучиво со автоматски менувач, но тука станува збор за сосема различен менувач од оној што го добиваат нехибридните верзии. Кај нив се добива 7-степен DCT менувач со двојна спојка, додека хибридната верзија добива 6-степен hydrodynamic torque converter автоматски менувач. Тука имам мала забелешка за менувачот во оваа верзија, сосема коректно си ја завршува работата и во автоматски режим функционира одлично, но проблемот доаѓа кога барате малку повеќе динамичност или пак сакате мануелно да ги менувате брзини. Во овие ситуации, менувачот е тотално „успан“ и реакциите не се воопшто брзи и директни како кај другиот DCT автоматски менувач. Причината за тоа е и до некаде јасна, оваа верзија не е наменета за брзо и динамично возење туку за максимален комфор и максимална рафинираност. Во однос на перформансите, Sportage HEV AWD од 0 до 100 км/ч забрзува за 8.3 секунди, додека максималната брзина изнесува 193 км/ч. 

Тестираниот автомобил е таканаречен full-hybrid, што значи дека може да вози и чисто само на струја, но нема потреба на никаков начин да се полни. Батеријата не е голема и сама се полни најчесто при сопирање. Чисто електричниот опсег е само од еден до два километри. Предностите на целосно хибридните автомобили може да се видат главно во градот во сообраќаен метеж и редици, или при едноставно споро тргнување на семафор, кога нема потреба од мотор со внатрешно согорување и сè е направено од електромоторот. Напротив, при возење по автопат, предностите речиси се бришат, тука потенцијалот може да го понудат plug-in хибридите што се полнат, кои можат да возат чисто на електрична енергија, дури и при брзини на автопат. Меѓутоа, нивниот недостаток е што за да бидат економични, треба да ги наполните. Ако не ги полните, сосема непотребно носите десетици килограми батерии со себе и напротив, со тоа ја зголемувате и потрошувачката на гориво.

Седнувате во автомобилот, го притискате копчето за стартување и автомобилот или веднаш го вклучува моторот со внатрешно согорување или само се активира во електричен режим. Што ќе се случи ќе зависи од тоа колку енергија е останата во батеријата, температурата на околината итн. Кога се вози, електричниот мотор се впушта во работа многу често, практично при секое забрзување, кога произведува екстра момент пред да го преземе моторот со внатрешно согорување. Флексибилноста на хибридниот Sportage е многу добра, но штом го возите автомобилот надвор од градот, електричниот мотор не се појавува толку многу и динамиката не е толку импресивна. На автопат, за време на постојано возење со брзини од 120-130 км/ч, практично не се вклучува, а батериите само се полнат така што потоа повторно се целосно подготвени за во градот.

Хибридниот погон не му додава голема тежина на автомобилот – околу 30 килограми во споредба со mild-hybrid верзијата со иста моќ и погон на сите тркала – но може да заштеди гориво. Во комбиниран режим, KIA во техничките податоци наведува потрошувачка помала за 0,7 литри. Според табелите, хибридниот KIA Sportage AWD треба да троши 6.2 – 6.6 литри на 100 изминати километри. Праксата за време на тестирањето покажа дека оваа бројка е и навистина реална. Со возење исклучиво во градски услови, потрошувачката се движеше од 6.6 до 7 литри. Првиот Sportage што го имав на тест и кој беше mild-hybrid верзијата во истите услови има потрошувачка од околу 8.5 литри. На автопат, потрошувачката на овие две верзии е скоро идентична и изнесува околу 7 литри – со брзини од 120-130 км/ч. 

Но, Sportage остава најголем впечаток со својата префинетост, на која најмногу влијае одличната шасија, надополнета со висококвалитетна изолирана кабина, во која владее восхитувачка тишина и на автопатот и на неквалитетни патишта, како и нашите не-толку-добри градски улици. И покрај релативно големите тркала од 18-инчи, удобноста е на доста високо ниво. Прегледноста е на доста високо ниво, а тука дополнително помагаат и сензорите, камерите од 360 степени, Blind Sport, како и многуте други системи за помош на возачот. Sportage не е најзабавниот модел во класата, но реално не треба ни да биде. Во свиоци, хибридниот Sportage се однесува симпатично, делува стабилно, прилично пргаво и пријатно компактно. И нема значителни проблеми со пренос на тежина и брзи промени на насоката. Вози едноставно одлично за теренец со оваа големина – иако целокупното подесување на шасијата е секако повеќе за удобност.

Вреди да се спомене дека оваа HEV верзија на нашиот пазар е исклучиво достапна во највисокот Executive ниво на опременост, а опремата што се добива е навистина многу богата. Како најважни би ги издвоил: Blind Spot Assist, предни и задни паркинг сензори, камери од 360 степени, автоматски клима уред со 3 независни зони, Harman/Kardon аудио систем, два екрани од 12.3-инчи, греење на предни и на задни седишта, греење на волан, адаптивен темпомат, Full LED адаптивни предни светла, 18-инчни бандажи и многу друго…

Внатрешноста на новиот Sportage претрпе голема меѓугенерациска промена и кога ќе седнете зад воланот навистина сте импресионирани од целокупниот изглед на кабината. Тука се двата екрани од 12.3 инчи кои се еден до друг. Едниот служи како дигитална табла со инструменти, а другиот како контролен дисплеј за инфозабавниот систем. Двата екрани имаат убава резолуција и пристојна читливост. Инаку, немам поголеми резерви за функционалниот аспект на дигиталниот дел од кокпитот. Дигиталната табла со инструменти овозможува различни теми за прикажување, а сите тие се јасни и читливи. Со дигиталната инструмент табла добивате и интересно решение за следење на мртвата точка. Кога го вклучувате трепкачот, еден од круговите ја прикажува сликата од камерата под ретровизорот на страната каде што ќе вртите. Навистина добра идеја. 

Екраните во Sportage се надополнети со неколку физички контроли. Интересна е лентата на допир под отворите за вентилација, завршувајќи со ротациони контроли од двете страни. Панелот се справува со две улоги: работи или за контрола на инфозабавниот систем или за прилагодување на удобноста на температурата. Може да се префрлате помеѓу двата режима со притискање на едно од копчињата од левата страна. И ова е прилично кул, дефинитивно подобра опција од интегрирањето на сите контроли во инфозабавата. Генерално, имам позитивно мислење за ентериерот, со оглед на не само пристојната ергономија, туку и обработката, бројот на места за ставање разни ситници, опремата и просторноста. Морам да ги пофалам  и одличните седишта. Замерка имам само за една работа, а тоа е пијано црната пластика – магнет за прашина и отпечатоци од прсти и според мене не изгледа привлечно.

Просторноста на задните седишта е исто така за пофалба, патниците кои ќе патуваат позади ќе уживаат во максимален комфор. Исто така, наслонот за грб може да се подесува во неколку различни положби, а тоа овозможува наоѓање на идеална седечка позиција за подолги патувања. Што се однесува на багажниот простор – и оваа верзија нуди капацитет од 587 литри или 1776 литри со спуштени задни седишта. 

Хибридниот Kia Sportage е автомобил кој може да ги исполни барањата на економичен автомобил со кој ќе се возите низ градот, но во исто време е пријатен и пргав надвор од него. Главните придобивки на оваа верзија се главно при возење во градски услови, каде што голем дел од времето се користи само електромоторот, а со тоа и потрошувачката на гориво е значително помала. Исто така, кај оваа верзија импресионира и стандардната опрема која е многу, многу богата и ќе ги задоволи потребите и на најпребирливите. 

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Почетната цена на KIA Sportage 1.6 T-GDi 150 MT6 2WD Concept изнесува 27.900 евра.

Цената на тестираниот модел KIA Sportage 1.6 T-GDi HEV AWD Executive изнесува 45.500 евра.

Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на KIA. 

ЗАКЛУЧОК
Хибридниот KIA Sportage е автомобил кај кој е навистина тешко да се најдат големи маани. Нуди богата опрема, пространа и добро изработена внатрешност, одлична шасија и погонски систем кој комбинира супериорна динамика со способноста да се „вози за малку“ (се разбира, не и двете во исто време). Не е совршен, но дефинитивно е еден од најинтересните компактни теренци на пазарот.
Рафиниран хибриден систем
Ниска потрошувачка го градски услови
Богата опрема
Комфорна шасија
Torque converter менувачот не е многу респонзивен и динамичен
Многу површини во кабината се пијано црни
Просечен багажен простор
4.5