Kia ProCeed GT

Во овие неколку години, Kia навистина ја зголеми својата гама со многу нови и доста модерни модели. Но, освен претставувањето на нови хечбек и SUV модели, амбициозниот корејски бренд исто така претстави модели во сосема нови сегменти. Пред некоја година, кога Kia го претстави новиот Stinger се крена доста голема “галама”. Овој пат, таа галама е за новиот Kia ProCeed! Името ProCeed не се појавува прв пат на некој модел од Kia. Во минатото, ProCeed беше хечбек изведба со три врати, но сега ова име се користи за еден ексклузивен модел на Kia. Новиот модел има интересна и несекојдневна изведба, наречена Shooting Brake(елегантен и спортски караван).
Должината на возилото изнесува 4,605мм, висината 1,442мм, ширината 1800мм и меѓуоскиното растојание е 2650мм.

Автомобилите како што е ProCeed се навистина реткост и не е нешто што го гледате секојдневно на улица, а единствениот “конкурент” кој го има е Mercedes-Benz CLA Shooting Brake. Јас лично сум голем фан на изгледот на ProCeed и браво за Kia што се одлучиле за ваков потег! Ова е третиот каросериски модел во семејството CEED и е поставен на новата K2 платформа на Kia. ProCeed е подолг и понизок и од хечбек изведбата и од караванската изведба, а единствената работа која ја дели со хечбек моделот се хаубата и предните крила, се друго е комплетно сменето. Предниот дел на возилото е скоро ист како и на другите две изведби(Ceed и Ceed SW), гледан од страна и од назад е комплетно различен. Највпечатлив детал е динамичната кровна линија и задниот дел на кој се поставени многу кул LED светла кои се споени. Голем плус и за двата отвори за издувот кој не се „fake”, туку навистина таму се наоѓаат издувните цевки, а за пофалба е и звукот кој излегува од нив!
Достапни се две нивоа на опременост- GT Line и GT. Конкретно тест моделот кој е во спортското GT ниво на опрема добива 18-инчни бандажи од лесна легура, заден дифузер, панорамски сончев кров, црвена линија на предниот браник и страничните прагови како и уникатна GT предна решетка.

Дизајнот на ентериерот во Kia Proceed е идентичен како и во нормалниот Ceed, но бидејќи се работи за поспортски и потренди автомобил додадени се многу спортски детали. Насекаде има црвен „stitching”, црн алкантара покрив во внатрешноста, спортски волан и спортски седишта кои се во комбинација на алкантара и кожа и се многу удобни, а воедно нудат и одлична странична поддршка. Возачката позиција е перфектна, но поради пониско поставениот покрив и панорамскиот сончев кров луѓето кои се повисоки од 190cm ќе имаат мал проблем со просторот за главата. Повеќето материјали кои ќе ги допрете се меки и од доста солиден квалитет. Исто така, има многу делови кои се во сребрена и сјајно црна боја за да се добие тој полуксузен изглед. Сите контроли и копчиња кои се пред Вас се логично поставени и се многу јасни и лесни за користење при возење- перфектна ергономија. Во време кога брендовите се повеќе и повеќе поставуваат големи екрани наместо физички копчиња, Kia одлучиле да ги задржат сите тие физички контроли за клима уредот што се многу полесни за ракување во возење. Како најбитно би го издвоил тоа што во Proceed добивате мнооогу стандардна опрема, која обично во сите други брендови е опционална.
Стандардниот 8-инчен infotainment дисплеј е поставен на горниот дел од централната конзола и доаѓа со вграден навигациски систем, поддршка за Apple CarPlay и Android Auto и DAB радио. Системот е едноставен за користење, но графиката и респонзивноста не се до толку добри како кај некои други системи. Нешто што е битно да се напомене е тоа дека во GT моделите стандардно добивате феноменално добар JBL аудио систем.

Просторот на задните седишта е релативно добар и се седи удобно, но и назад поради тој понизок покрив просторот за главата е малку лимитиран, додека просторот за нозете е одличен. За кратки релации, по потреба може удобно да седат и тројца патници. За ваков тип на возило, мора да се направат некои компромиси…Багажникот нуди капацитет од 594 литри што е за 30% повеќе од тој во нормалниот Ceed. Исто така, вратата од багажникот се отвора како и кај конвенционалните хечбек модели што е многу лесно и практично за ставање и вадење на потешки работи. Со спуштени задни седишта се добива капацитет од 1,545 литри и подот е комплетно рамен.

Kia ProCeed е достапен со три бензински и еден дизел мотор. GT Line моделите се достапни со турбо-бензинците 1.0 T-GDi со 120 коњски сили и 1.4 T-GDi со 140 коњски сили, како и 1.6 CRDi дизел моторот со 136 коњски сили. Спортскиот GT модел е достапен само со 1.6 T-GDi турбо-бензинец со 204 коњски сили и 265Nm вртежен момент. Сите овие мотори силата ја пренесуваат само на предните тркала и стандардно доаѓаат со 6-степен мануелен менувач, а како опција, освен за 1.0 моторот достапен е 7-степен DCT автоматски менувач. Тест моделот беше опремен со најмоќниот 1.6 турбо-бензинец и забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 7.2 секунди и има максимална брзина од 230 км/ч. Перформансите и забрзувањата кои ги има овој мотор се перфектни и доста задоволителни. Исто така, кога ќе се земе во предвид моќноста на моторот просечната потрошувачка која ја имав во текот на неколку дневното дружење во градски услови на возење е нешто кое навистина не го очекував. Со малку подинамично возење, борд компјутерот покажуваше потрошувачка од 9.5 до 10 литри на 100 изминати километри.

Стандардната опрема која ја добивате во GT изведбата вклучува- систем за детекција на “мртов агол“ и детекција на попречен сообраќај при возење назад, систем за одржување на возилото во лента, систем за избегнување фронтален удар со детекција на возила и пешаци, предни и задни паркинг сензори, задна камера, двозонски автоматски клима уред, адаптивен темпомат, греење на предни и задни седишта, 8-инчен infotainment дисплеј, JBL аудио систем, панорамски сончев кров, безжично полнење на телефон, LED предни и задни светла, 18-инчни алуминиумски бандажи со Michelin Pilot Sport 4 пневматици и многу друго…

Kia има направено многу промени на ProCeed за да се добие поспортско и поубаво чувство при возење. Поставени се нови поцврсти амортизери, нови предни и задни анти рол барови за подобра стабилност на возилото во кривини. Импресивно е тоа колку добро се однесува возилото во кривини дури и на многу поголеми брзини, има одлична тракција, а ова се должи и на перфектните Michelin Pilot Sport 4 пневматици кои ги добивате стандардно(некои многу поскапи спортски возила не доаѓаат со овие гуми како стандард) и навалувањето е сведено на минимум. Управувачот има перфектна тежина и е доста респонзивен, но не добивате многу повратни информации. Освен нормалниот режим на возење, може да одберете и спорт режим со кој управувачот станува потежок, педалата за гас е пореспонзивна, менувачот е многу поспремен да реагира на вашите барања и добивате многу погласен звук од издувниот систем кој од време на време има и pops & bangs. Возењето во град е релативно лесно, управувачот е лесен за маневрирање, но суспензијата е малку потврда во споредба со другите Ceed модели и кај ProCeed стандардно добивате поголеми тркала што значи дека дупките и нерамнините ќе ги осеќате малку повеќе, но во никој случај не е до тој степен да биде неудобно. Друга послаба страна на ProCeed е прегледноста кон задниот дел, од напред и од страните е супер, но секако поради таа динамична кровна линија прегледноста назад е многу ограничена. Затоа, секој модел на ProCeed стандардно доаѓа со паркинг сензори и задна паркинг камера, кои ќе ви го олеснат возењето во рикверц и паркирањето во тесни места. На отворен пат, ProCeed е многу добар крузер, возењето е комфорно и сите оние системи како адаптивен темпомат, одржување на возилото во лента и детекција на замор кои ги добивате го олеснуваат патувањето на подолги релации, на брзини од 130-140 км/ч во кабината има мала бучава која генерално доаѓа од големите тркала(што е нормално). Се на се, Kia Proceed е еден фантастичен и многу забавен автомобил. моментално ми е омилениот модел на Kia! Исто така, ова е тип на автомобил со кој секогаш ќе го одберете подолгиот пат до дома!

Доколку барате автомобил кој ќе биде попрактичен од конвенционалниот хечбек и не сакате SUV или стандарден караван, а воедно битно ви е возилото да биде забавно и да има уникатен дизајн по кој сите ќе се вртат, Kia ProCeed дефинитивно треба да биде на вашата листа!

Почетната цена за Kia ProCeed GT Line 1.0 T-GDi изнесува 24.990€.
Цената на тестираниот модел Kia ProCeed GT 1.6 T-GDi DCT7 изнесува 33.390€.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Kia Motors.

ГАЛЕРИЈА

Виктор Чемерикиќ

Виктор Чемерикиќ

Љубител на автомобили уште од 1997, основач на вебсајтот ”CarsByVik” и професионален автомобилски фотограф.

Остави коментар