ТЕСТ: Kia Ceed GT-Line 1.5 T-GDi 160

Kia направи едно детално освежување на третата генерација на Ceed за 2022 година. Новиот модел добива одличен и економичен бензински мотор, редизајнирана надворешност и неколку нови технологии што го прават Ceed поатрактивен од било кога до сега. Претставен во 2018 година, третата генерација на Ceed ги измеша статистиките за продажба, а поради големиот број на нови трендовски кросовери, купувачите како да ги заборавија овие класични хечбек модели. Со цел Kia да го одржи Ceed во добра форма и да привлече нова клиентела, направи едно длабинско дотерување по помалку од четири години. И отиде доста подалеку од она што вообичаено се нарекува „дотерување“. Не само што новиот модел изгледа многу подобро, туку и чувството зад воланот е исто така подобрено од претходно. Ceed останува одличен избор во популарниот сегмент од средната класа. На тест добив атрактивна верзија со новиот 1.5 T-GDi мотор и GT-Line ниво на опременост.

Што се однесува до надворешноста, има навистина многу стилски промени. Kia ги послуша сите оние кои викаа дека Ceed изгледа конзервативно и новиот модел го направи многу помодерен, а особено GT-Line верзијата е автомобил кој едноставно не може да не го приметите на улица. Конкретно GT-Line моделите, сега имаат целосно редизајниран преден браник со карактеристични црни елементи. Маската е во црна боја и додадени се сребрени ленти во форма на тигарски нос. Додека хаубата сега е украсена со новото лого на брендот. Сите функции на осветлување сега се интегрирани во предните Full LED светла со темна мат позадина и нова графика со три стрелки. Затоа светлата за магла исчезнаа од браникот на новиот модел. Долниот дел од браникот има поголем отвор за воздух и сребрени линии кои го истакнуваат спојлерот, а сето ова го прави новиот Ceed да изгледа доста агресивно. Нови се и атрактивните 17-инчни „Diamond cut“ алуминиумски бандажи со разумен профил на гуми од 225/45. Странично, внимание привлекуваат и нагласените сјајно црни прагови, како и хромираните лајсни околу прозорците. Одиме кон задниот дел, а тука е поставен нов редизајниран браник со сјајно црни елементи и голема штета што се поставени лажни отвори за издувот кога вистинскиот издув се наоѓа долу под браникот…Но, тоа го заборавате кога ќе ги видите едни од најуникатните задни LED светла со „honey comb“ дизајн и 48 индивидуални диоди и динамични трепкачи – WOW! И да, во живо изгледаат далеку подобро отколку на фотографии. Голем удел во атрактивноста на тестираниот модел има и прекрасната „Blue Flame“ боја, а сега се достапни и уште неколку други нови интересни бои. Дизајнерите на Kia направија одлична работа со новиот Ceed, во оваа GT-Line верзија е дефинитивно еден од најинтересните модели во својата класа.

Добро познатиот ентериер, исто така, претрпе неколку модификации. Но сепак, не ги загуби основите. Сè уште изненадува со врвната изработка и вредните материјали. Покрај тоа, GT-Line е опремен со кожен спортски волан со рамно дно, украсни елементи во пијано црна и сребрена боја, црн кров и ексклузивни спортски седишта во комбинација на ткаенина со вештачка кожа и контрастни бели шевови. Седиштата се доста удобни и обезбедуваат подобра странична поддршка. Прилагодливиот потпирач за рака, исто така, заслужува пофалба. Во тестираниот модел, пред возачот се наоѓаат класични аналогни инструменти со централен TFT дисплеј кои едноставни и јасни, додека како опција достапна е и целосно дигитална инструмент табла. На горниот дел од централната конзола е поставен основниот 8-инчен дисплеј за инфозабавниот систем кој сега е пореспонзивен и добива подобрена графика, а конечно е подобрена и графиката од задната паркинг камера. Она што е доста важно да се напомене е тоа што овој систем нуди wireless поврзување преку Apple CarPlay, додека за Android Auto мора да го приклучите телефонот преку кабел. Инаку, во пакет со дигиталната инструмент табла се добива и нов поголем, односно 10.25-инчен дисплеј за инфозабавниот систем. Ми се допаѓа тоа што за разлика од сите други нови автомобили, Ceed ги задржува скоро сите физички копчиња од претходно. Има две ротирачки копчиња под дисплејот, како и неколку физички копчиња за влез во одредени функции на главното мени. Најважното нешто е посебниот панел за контролите на клима уредот кој содржи „тркалца“ за подесување на температурата и одделни копчиња за јачина и други функции. Па така, контролата на сите различни функции на автомобилот е едноставна, брза и интуитивна. Штета што овој принцип на ракување полека, но сигурно завршува.

Ceed не разочарува ниту со просторноста. Дури и на задните седишта нуди пристоен простор за нозете и главата. Не штеди ниту на должината на седиштата, кои обично знаат да бидат кратки, па дури и на подолги релации седењето на задните седишта не е неудобно. Задните патници имаат преклоплив потпирач за раце, отвори за климатизација и USB приклучок. Багажникот во стандардна конфигурација има волумен од 395 литри, а се добива двоен под и симетрична форма. По преклопување на задните седишта се добива вкупен волумен од 1.291 литри во багажникот.

Освежениот Ceed на македонскиот пазар е достапен само со турбо-бензински мотори – влезниот мотор е 1.0-литарскиот T-GDi со 120 коњски сили и 6-степен мануелен менувач, додека втората опција е моторот што се наоѓа под хаубата на тестираниот модел. Односно, тоа е новиот 1.5-литарски четирицилиндарски T-GDi од Smartstream семејството на мотори што може да се пофали со променлив CVVD тајминг на вентилите и рециркулација на издувните гасови со низок притисок, како и OPF филтер (филтер за честички). Всушност, ова е замената за стариот 1.4-литарски T-GDi со 140 коњски сили. Има промени и во моќноста, новиот мотор испорачува 160 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 253 Nm вртежен момент достапен од 1500 до 3500 вртежи во минута. Силата се пренесува на предните тркала и конкретно во тест моделот преку супер-прецизен 6-степен мануелен менувач (достапен е и 7-степен DTC автоматски менувач). Ова овозможува забрзување од 0 до 100 километри на час за 8.4 секунди и максимална брзина од 210 километри на час. Перформансите се навистина добри и сосема доволни за карактерот на автомобилот, а изненадува со својата економичност и еластичност. Конкретната комбинација со мануелен менувач е за оние кои сакаат да бидат повеќе инволвирани во возењето, додека за оние кои не сакаат да „шалтаат“ брзини достапен е 7-степен автоматски менувач со двојна спојка. Што се однесува до потрошувачката, овој 1.5-литарски турбо бензинец е еден од најекономичните во споредба со 1.5 моторите од другите производители. Во градски услови на возење, без некое посебно пазење измерив потрошувачка од околу 7 литри на 100 изминати километри, на автопат доколку се придржувате до ограничувањата таа бројка се намалува на околу 6 литри – што е многу импресивно.

Каков е Ceed GT-Line зад управувачот? – Kia нема објавени официјални информации дека освежениот модел добива промени во суспензија, шасијата или управувачкиот систем, но во споредба со другите верзии на Ceed кој сум ги имал на тест почувствував разлика во возењето. Со оглед на карактерот на автомобилот, можам да кажам дека шасијата е совршено подесена и возните карактеристики се одлични. Она што импресионира е перфектно погодениот баланс помеѓу комфор и тврдина. Во голем дел од ситуациите на нашите не-толку-добри улици низ Скопје, Ceed е удобен и успева добро да ги исфилтрира сите дупки и нерамнини. Додека од друга страна, обезбедува и доволно сигурност со побрзо темпо. Да, нема многу повратни информации од управувачот, но е доста прецизен и брзо реагира на секоја команда. Дополнително, Ceed ја задржува шасијата која комбинира McPherson суспензија напред и мулти-линк суспензија назад, а сето тоа резултира со многу подобра контрола на задниот дел, особено при подинамично возење. Тука, Ceed добива уште еден плус во споредба со конкурентите бидејќи голем дел од нив мулти-линк суспензијата ја заменија за стандардна торзиона суспензија. На автопат, во кабината сега е уште порафинирано и потивко благодарение на подобрената изолација која одлично го филтрира аеродинамичниот шум.

Стандардната опрема која се добива во Ceed GT-Line вклучува: сите најнови безбедносни системи, задни паркинг сензори, задна паркинг камера, автоматски клима уред, 8-инчен инфозабавен дисплеј, темпомат, спортски седишта, спортски управувач, Smart key, full LED предни и задни светла, 17-инчни алуминиумски бандажи, дополнително затемнети задни стакла и многу друго…

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Почетната цена на Kia Ceed 1.0 T-GDi 120 LX Edition 1 изнесува 18.950 евра.

Цената на тестираниот модел Kia Ceed 1.5 T-GDi 160 GT-Line изнесува 22.650 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Kia.

ЗАКЛУЧОК
Со освежувањето е поправено се што претходно му недостасуваше на Ceed, дизајнот е атрактивен и модерен, а новиот мотор му дава еден подобар карактер на автомобилот. Што се однесува конкретно за GT-Line верзијата мислам дека е полн погодок бидејќи вклучува се што би очекувале од еден таков модел и тешко е да се најдат големи замерки. Дополнително на тоа кога ќе се земе во предвид гаранцијата од 7 години и примамливата цена - ретко кој конкурент може да го победи.
Атрактивен изглед.
Моќен мотор со пристојна потрошувачка.
Возни карактеристики.
Цена.
Просечен багажен простор.
Одредени места во кабината се со потврди материјали.
4.5