KIA Ceed 1.0 T-GDi

Ова е мојот втор пат да поминам неколку дена со новата трета генерација на KIA Ceed.Моделот кој што го возев минатата година беше опремен со 1.4 MPi атмосферскиот бензински мотор и највисокотo Advance ниво на опрема.Моделот кој што го имав сега на тест беше со новиот 1.0 T-GDi турбо-бензински мотор и Black Pack ниво на опрема.
Уште првиот пат, импресиите од новиот Ceed беа одлични, овој нов модел во споредба со претходната генерација е подобрен од секој аспект!
Должината на возилото изнесува 4310мм, ширината 1800мм, висината 1447мм и меѓуоскиното растојание е 2650мм.

Кога станува збор за надворешниот дизајн, претходниот модел на Ceed имаше убав дизајн кој воопшто не изгледа лошо, но не беше нешто премногу специфично со кое што би си издвоил во големата конкуренција која ја има.На овој нов модел дизајнот не е променет нешто многу драстично, но се изгледа поубаво и подобро.Преовладуваат поостри линии и интересни детали кои му даваат еден поспортски изглед.
Black Pack е надградба на LX VISION нивото на опременост кое има неколку мат црни детали на надворешноста како што се-црните 16 инчни алуминиумски бандажи и ретровизорите кои екслузивно само на овој модел се во мат црна боја.Да, ова се ситни детали, но некогаш и најмалите работи можат да направат голема промена.Токму за тоа станува збор кај овој модел на Ceed, целото возило изгледа многу попривлечно и поинтересно, особено за помладите купувачи.Доказ за тоа се и погледите на луѓето кога ќе поминете некаде на улица.
Освен ова Black Pack ниво на опременост, достапни се уште две нивоа: LX VISION и EX ADVANCE.
Листата на стандардна опрема е долга уште во првото ниво, па верувам дека повеќето кои ќе се одлучат за Ceed ќе го одберат токму тоа ниво.

Првата работа што ќе ја приметите кога ќе седнете внатре е тоа што повеќето материјали се од доста добар квалитет, меки се на допир и целата кабина изгледа некако премиум.Нормално, долниот дел на вратите и долниот дел на централната конзола имаат малку потврди материјали, но тоа се места кои не ги допирате толку често.Исто така и ергономијата е на доста солидно ниво.Сите контроли и копчиња се јасни и лесни за користење.Кога ќе го споредите целиот ентериер со некои од германските конкурентни модели ќе видите дека KIA е се поблиску до тоа премиум ниво, океј има некои работи што сеуште треба да се подобрат, но сепак е многу блиску.
Infotainment системот има едноставно мени кое е многу лесно за користење и работи супер.Слабата страна во споредба со некои други системи е графиката, не е меѓу најлошите, но има и многу подобри.7 инчен дисплеј заедно со поддршка за Apple CarPlay и Android Auto е стандард во сите модели.Исто така, под дисплејот има и физички копчиња(нешто што е реткост во новите возила) за радио, медиа, сетап…Нешто што мора да се напомене дека е исто така стандард во сите модели е задната паркинг камера заедно со задните паркинг сензори.Пак ќе кажам, графиката на камерата е далеку од одлична, особено навечер.Но, не заборавајте дека ја добивате во стандардната опрема!
Како опција постои и поголем 8 инчен дисплеј кој доаѓа со вграден навигациски систем, а за љубителите на музика достапен е и JBL аудио систем со 8 звучника.

Задните седишта нудат сосема доволно простор и тројца патници ќе можат да седат релативно удобно со доволно простор за нозете бидејќи нема голем тунел во средина и подот е рамен.Луѓе до 180-190cm ќе имаат доволно простор како за нозете така и за главата.
Во багажникот на располагање имате 395 литри и во споредба со конкурентите е еден меѓу најголемите.Деллива задна клупа(60:40) добиваат сите модели и со спуштени седишта багажниот простор прераснува во 1.291 литри.Формата е коцкаста и отварањето е широко, висината на подот може да се менува, а со тоа може да се добие комплетно рамен под.

Достапни се три бензински и еден дизел мотор:
Бензински:
1.4 MPi со 100 коњски сили
1.0 T-GDi со 120 коњски сили
1.4 T-GDi со 140 коњски сили
Дизел:
1.6 CRDi со 136 коњски сили

Автоматски 7-степен менувач е достапен само кај-1.4 T-GDi и 1.6 CRDi.
*сите овие мотори ги исполнуваат најновите EURO6d стандарди за загадување.

Тестираниот модел беше опремен со 1.0 T-GDi турбо-бензинскиот мотор кој има 120 коњски сили и 172Nm вртежен момент.Според мене, токму овој мотор е најисплатливата опција доколку не поминувате премногу километри годишно.Забрзувањето од 0 до 100 км/ч е 11.1 секунди, а максималната брзина е 190 км/ч.Да, бројките не се големи па затоа не ни треба да се очекува дека возилото ќе биде брзо…сепак е во границите на нормалата(за ентузијастите и “брзите” возачи тука е појакиот 1.4 T-GDi со 140КС).
За да го извлечете максимумот од моторот треба константно да го возите на повисоки вртежи бидејќи турбо “kicks in” на околу 2000 вртежи и тоа трае до некаде 4000 вртежи.Секојдневното возење во град е одлично и забрзувањата се сосема доволни.
За возење на автопат, исто така, перформансите кои ги има не се којзнае какви, но се задоволителни.Поради тоа што 130 км/ч се возат на нешто под 3000 вртежи, нема голема бучава од моторот во кабината и возењето е релаксирано.
Доколку се најдете на некој убав пат полн со кривини и сакате да го извозите онака со мерак и со поголема брзина, ќе треба мнооогу да работите со менувачот за да извлечете максимум од тие 120 коњски сили.Реално, овој мотор не е наменет за такво возење па нема да ве возбуди нешто многу…
Мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше 8 литри на 100 изминати километри, додека на отворен пат измерив потрошувачка од 6.5 литри.

Каква опрема добивате во ова Black Pack ниво?- Задна паркинг камера, задни паркинг сензори, мануелен клима уред, управувач и менувач обложени во кожа, темпомат, 7 инчен дисплеј за infotainment системот, патен компјутер, bluetooth, мат црни ретровизори, 16 инчни црни алуминиумски бандажи, LED дневни светла, затемнети стакла и така натаму…

Возењето во Ceed е лесно и многу комфорно, суспензијата одлично се справува со сите нерамнини и дупки на патот со што нема премногу тресење во кабината.Управувачот е лесен, а тоа го олеснува паркирањето и маневрирањето низ тесните градски улици, но на поголеми брзини во кривини не добивате многу повратни информации.На автопат Ceed е комфорен и тивок, може да поминете илјадници километри сосем релаксирано.Сето тоа се должи на добрата изолација која ја има, со што бучавата во кабината е многу намалена во споредба со претходниот модел. Она што треба да се пофали е прегледноста, едно од најпрегледните возила во класата.Плус, добивате и задна камера и задни сензори, така што нема да имате никаков проблем со возењето во рикверц и паркирањето во тесни места.Да позборуваме за динамичноста во возењето…управувачот е малку полесен и како што кажав не добивате многу повратни информации од тркалата, возилото во кривини е доста стабилно и има минимално навалување кое не би им пречело на патниците назад.Менувачот е супер и е интересен за ракување, но најбитната работа е тоа што Ceed не е толку забавен за возење и нема да ве возбуди како некои други конкурентни модели кои дури и со ист 1.0 турбо мотор нудат малку повеќе забава и ве тераат на динамично возење.Се гледа дека KIA посветиле многу време на тоа комфорот и префинетоста при возење да ги направат што е можно подобри од претходната генерација и успеале! Навистина е возило кое е убаво за возење.

Доколку барате вакво хечбек возило, KIA Ceed дефинитивно треба да биде на вашата листа!- добивате многу стандардна опрема и секако најдолгата 7 годишна гаранција со што се добива одлична вредност за парите.

Почетната промотивна цена за KIA Ceed 1.4 MPi LX VISION изнесува 13.990€.

Цената на тестираниот модел KIA Ceed 1.0 T-GDi Black Pack изнесува 15.990€.

Повеќе информации за возилото може да најдете на https://www.kiamotors.com.mk

ГАЛЕРИЈА

Виктор Чемерикиќ

Виктор Чемерикиќ

Љубител на автомобили уште од 1997, основач на вебсајтот ”CarsByVik” и професионален автомобилски фотограф.

Остави коментар