ТЕСТ: Jaguar XE S D180

Дали новиот Jaguar XE е добра опција и што може да понуди?

Jaguar XE уште од своето претставување во 2015 година беше убав и привлечен спортски седан. Минатата година, Jaguar реши да го освежи XE и ја претстави фејслифт верзијата на својот најмал седан, новиот модел доаѓа со променет надворешен и внатрешен изглед, многу нови технологии и намалена понуда на мотори. Во време кога голем дел од купувачите се одлучуваат за SUV модел (иако не им е потребно такво возило) и воедно ги забораваат придобивките од навистана добар спортски седан. Дали новиот Jaguar XE е добра опција и што може да понуди? – Прочитајте го тестот за да го дознаете моето мислење.

Со својата долга хауба и спортски став, XE отсекогаш изгледаше примамливо, а реално ретки се луѓето на кои не им се допаѓа овој автомобил. На новиот освежен модел, дизајнерите го потенцирале спортскиот стил на возилото уште повеќе, а за тоа се доказ дел од деталите на надворешноста кои се инспирирани од спортскиот F-Type. На предниот дел се поставени нови потенки светла кои стандардно се со LED технологија, а поставен е и комплетно нов браник – овие промени придонесуваат за поширок и понизок изглед на возилото. На задниот дел исто така поставен е нов браник и нови потенки LED задни светла кои што му даваат поелегантен изглед на задниот дел од претходно, а на левата страна од браникот се и две вистински цевки за издувот. Конкретно моделот што го имав на тест е во „Caldera Red“ боја, а во комбинација со црните 18-инчни бандажи, црната предна маска и црните лајсни околу прозорите го прават да изгледа доста уникатно и да се издвојува од другите возила на улица. За оние кои оваа „стандардна“ изведба не им е доволно спортска, достапна е и R-Dynamic изведба која има поспортски браници и плус уште некои спортски детали во ентериерот. Должината на возилото изнесува 4.672мм, ширината е 1.850мм, висината 1.416мм и меѓуоскиното растојание е 2.835мм.

Ентериерот во новиот Jaguar XE доби значителни и доста важни промени. Сите материјали во кабина се со врвен квалитет, а поставени се и три нови екрани – XE се издвојува од своите германски конкуренти со тоа што нуди еден сосема различен концепт во ентериерот. Пред возачот поставена е дигитална инструмент табла од 12.3-инчи на која се прикажуваат сите битни информации и може да ја конфигурирате по ваша желба за што точно сакате да се прикажува. Централната конзола е со чист дизајн и во средината се наоѓа 10-инчен дисплеј за infotainment системот кој сега се контролира само преку допир – физичките копчиња од страните се тргнати и единственото конвенционално копче кое остана е за уклучување/исклучување на четири жмигавци. Системот работи брзо и има одлична резолуција, а достапна е и поддршка за Apple CarPlay и Android Auto, но некои од конкурентите нудат поголем степен на интуитивност при ракување. На долниот дел од централната конзола сега е поставен и 5-инчен дисплеј за клима уредот. Ми се допаѓа тоа што Jaguar ги оставиле физичките-ротирачки контроли за климата, со влечење на тркалцето ја контролирате јачината за вентилацијата, а со притискање на тркалцето ја контролирате јачината за греење на предните седишта – многу кул и многу практично решение. Поставен е и нов управувач кој е превземен од моделот I-Pace – изгледа прекрасно и убаво „лежи“ во рака. Исто така, поставена е и нова рачка за менувачот која е со ист дизајн како во спортскиот F-Type, а го заменува непрактичното ротирачко тркалце за менување на преноси. Севкупно, кабината на Jaguar XE сега изгледа многу помодерно и поквалитетно од претходно.

Ако дизајнот на екстериерот и ентериерот е јаката страна на XE, послабата страна во споредба со конкурентните модели е просторот на задните седишта. За луѓе со просечна висина од 180cm има доволно простор за нозете и главата, но како што реков некои други модели во оваа класа нудат покомотно седење. Тројца патници би можеле да се сместат на задните седишта, но искрено јас не би ви препорачал, освен ако станува збор за некои навистина кратки релации. Багажникот нуди капацитет од 455 литри – просечно за овој сегмент на автомобили. Просторот е во правилна коцкаста форма, но при ставање и вадење на потешки работи може да имате мали потешкотии бидејќи подот не е комплетно рамен со браникот. Доста едноставно и практично решение е тоа што доколку ви е потребен поголем простор во багажникот, задните седишта се спуштаат преку две рачки поставени внатре во багажникот.

Пред фејслифт моделот беше достапен со голем избор на 2.0-литарски и 3.0-литарски бензински и дизел мотори. За новиот модел, Jaguar ги тргна од понудата сите 3.0-литарски шестцилиндарски мотори, па така во понудата сега се достапни само 2.0-литарски Ingenium мотори и стандардно сите модели се опремени со 8-степен ZF автоматски менувач. Кај бензинците достапни се две верзии – првата е со ознака P250 и погодувате има 250 коњски сили, втората верзија е со ознака P300 и има 300 коњски сили(стандардно доаѓа со погон на сите четири тркала). Доколку сакате дизел достапна е само една верзија, а тоа е D180 – тест моделот под хаубата го имаше токму овој 2.0-литарски дизел мотор кој располага со 180 коњски сили при 4000 вртежи во минута и 430 Nm вртежен момент достапен од 1750 до 2500 вртежи во минута. Во конкретниот случај силата ја пренесува на задните тркала, а како опција може да земете и AWD погон на сите четири тркала. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 8.1 секунди, додека максималната брзина која може да ја постигне е 228 км/ч. Соодносот на економичност и перформанси е одлично избалансиран за овој мотор, а за пофалба е и добрата изолација бидејќи бучавата од моторот е сведена на минимум, дури и при забрзување. Работењето на 8-степениот автоматски менувач одлично одговара со карактерот на моторот каде што приоритетот е ставен на комфор и рафинираност, отколку на спортско чувство. Сепак, доколку сакате поспортско возење може да префрлите во Dynamic режим и тогаш менувачот и педалата за гас реагираат побрзо, а брзините „ги држи“ на повисоки вртежи. Во Normal режим, менувањето на брзини е малку поспоро и менувачот секогаш гледа да е во што повисок степен на пренос. Единствената замерка која ја имам е калибрацијата на менувачот и малото каснење на педалата за гас. Просечната потрошувачка на гориво во градски услови на возење изнесуваше околу 8 литри на 100 изминати километри, додека на отворен пат измерив просечна потрошувачка од 6.5-7 литри на 100 изминати километри – што е сосема респектабилно кога ќе се земат во предвид перформансите.

Jaguar XE е достапен во четири нивоа на опременост – S, SE, HSE и R-Dynamic. Моделот кој што го имав на тест е во S нивото, но со плус уште нешто од дополнителната опрема. Стандардно во ова ниво добивате – Full LED предни светла со автоматски долги светла, 18-инчни алуминиумски бандажи, кожни седишта со електрично прилагодување во 12 насоки, 10-инчен „Touch Pro“ дисплеј за infotainment системот, навигациски систем, предни и задни паркинг сензори, задна паркинг камера, адаптивен темпомат, 2-зонски автоматски клима уред, lane keeping assist и многу друго…

Новиот фејслифт модел доби промени и во платформата – 75% од платформата сега е од алуминиум, а со тоа е намалена вкупната тежина на автомобилот. На предниот дел Jaguar XE користи трапезоидна суспензија, додека на задниот дел има мулти-линк оска, а сите овие елементи го прават XE одличен автомобил кој ќе го забавува возачот дури и со 2.0-литарски дизел мотор. Возењето низ град е лесно и комфорно, управувачот ја има онаа перфектна тежина каде што не е ни премногу лесен, а не е ни премногу тежок, па така маневрирањето низ град е навистина лесно. Кога станува збор за суспензијата, Jaguar заслужуваат голема пофалба бидејќи возењето низ градските улици во Скопје (кои воедно се преполни со дупки и нерамнини) е многу комфорно и суспензијата одлично се справува со сите препреки на патот, тест моделот беше со 18-инчни бандажи и со сигурност можам да кажам дека и со 19-инчни бандажи нема да се изгуби рафинираноста и комфорот. А пак од друга страна, при подинамично возење нема премногу навалување во кривини и автомобилот е доста стабилен со што имате чувство на сигурност дури и при влегување во кривина со малку поголема брзина. Исто така, XE е еден од најзабавните модели во својата класа бидејќи ви дозволува задниот дел малку да „заигра“(секако кога тоа ќе го побарате од него), а тоа придонесува за една голема насмевка на вашето лице. Голем дел од купувачите на овој автомобил повеќето од километрите ќе ги поминат на отворен пат, па каков е Jaguar XE во таа ситуација? – со еден збор, перфектен! За фејслифт моделот работено е и на подобрување на изолацијата, па при брзини од 130-140 км/ч во кабината е тивко и рафинирано, а долгите патувања ќе ги поминете доста релаксирано и воопшто нема да се чувствувате изморено. XE е еден посебен автомобил во рамките на сегментот кој го истакнува својот спортски карактер. Да, некои од германските конкуренти нудат поголема практичност и малку подобри системи за асистенција, но XE нуди беспрекорно добри возни карактеристики.

Цената на тестираниот модел Jaguar XE S D180 Auto изнесува 59.000 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Jaguar!

ЗАКЛУЧОК
Jaguar XE е автомобил токму за оние кои од една страна сакаат да имаат репрезентативно возило кое со мерак ќе го покажат на своите пријатели и колеги, но во исто време сакаат и автомобил кој може да им понуди забава при враќање од службеното патување.
Позитивно
Префинет ентериер.
Интуитивен infotainment.
Импресивни возни својства.
Негативно
Лимитиран простор на задните седишта.
Конкурентите нудат поголем избор на мотори.
4.5