ТЕСТ: BMW 320d M Sport

Првата генерација на серија 3 е претставена во далечната 1975 година, а од тогаш до сега е поим за одличен и многу квалитетен спортски седан. 44 години подоцна ја имаме новата седма генерација на популарната серија 3. Новиот модел има големи измени на надворешниот дизајн, ентериерот, поставен е на нова платформа, а вградени се и многу нови технологии. Но, како и секоја генерација на овој автомобил, така и оваа претставува вистинско уживање во возењето. Низ сите овие години продадени се повеќе од 15 милиони BMW серија 3 модели, а тоа е и повеќе од доволен доказ зошто баш серија 3 е заштитен знак на брендот.

Во автомобилскиот свет, BMW серија 3 е на листата на легендарни автомобили! Автомобил што не се менува…-океј, дизајнот се менува, ентериерот се менува, има нови технологии, но серија 3 е серија 3. Тип на автомобил што ретко кој не сака да го поседува. Серија 3 е и центарот на BMW, најбитниот модел во гамата. Па затоа, BMW нема простор за играње со овој модел. Новата седма генерација, освен визуелно, технолошки е комплетно различна и многу понапредна од претходната генерација. Надворешниот дизајн е спортски со елегантни детали. На предниот дел доминираат “бубрезите”, а поставени се и нови LED светла кој доаѓаат како стандард(како опција достапни се Laser Light предни светла). Задниот дел сега има поелегантен дизајн и поставени се LED светла во форма на буквата L. Страничните делови се со чист дизајн и гледан од страничен агол одма го приметувате нискиот став кој го има возилото. Тест моделот е со M Sport пакет, а со тоа добивате поспортски браници, 19-инчни бандажи(на сликите е со зимски гуми па затоа има помал број на бандажи), M ознаки на крилата и некои други ситници кои допринесуваат за уште подинамичен и кул изглед. Се на се, новиот модел изгледа доста свежо и привлечно, особено во оваа “Portimao Blue” сина боја. Ако треба да купам серија 3 одлуката за боја би била многу тешка бидејќи освен оваа, другата омилена боја ми е “Sunset Orange”, плус кога ќе ги додадете 19-инчните М Sport бандажи во црна боја возилото изгледа перф…уствари отворете конфигуратор и видете сами.
Новиот модел е за 80мм подолг и 40мм поширок од својот претходник, па така должината на возилото изнесува 4709мм, ширината 1827мм, висината 1435мм и меѓуоскиното растојание е 2851мм- ова е најголемата BMW тројка до сега.

Ја отворате вратата од новата серија 3 и ве пречекува многу квалитетен и спортски ентериер. Седењето е ниско и перфектно, типично за BMW. Седиштата се удобни и одлично ве држат во кривини. Се што е поставено пред Вас, сите контроли, копчиња и екрани се позиционирани на идеално место и се јасни и лесни за користење. Материјалите во целата кабина се од врвен квалитет и колку и да барате нема да најдете некој дел каде што има евтина пластика…Пред Вас е поставена 12.3-инчна дигитална инструмент табла(BMW Live Cockpit Professional), а на горниот дел од централната конзола поставен е 10.25-инчен(стандард е 8.8-инчен) дисплеј за infotainment системот. Како стандард добивате и wireless Apple CarPlay поврзување со вашиот мобилен телефон, за жал Android Auto не е достапно… iDrive системот на BMW е дефинитивно еден од најлесните системи за користење. Може да го контролирате преку „Touch” или со тркалцето кое е поставено до менувачот. Менито е едноставно и лесно за користење, а графиката е чиста. Тест моделот го имаше и опционалниот Harman Kardon премиум аудио систем кој звучи феноменално!- за љубителите на музика ова е опција која мора да ја имате. Исто така, возењето навечер е многу кул благодарение на амбиенталното осветлување кое располага со околу 7 различни бои.

Благодарение на поголемите димензии, на задните седишта сега има повеќе простор. Двајца патници од 180cm ќе седат удобно и комфорно со сосема доволно простор и за нозете и за главата. Тројца патници ќе може да се сместат, но поради повисокиот тунел и тоа што седењето во средина е малку повисоко не е баш најудобно, но за кратки релации нема да претставува проблем. Во багажникот на располагање имате 480 литри багажен простор што е исто како и во претходниот модел. Отворањето е широко и просторот е во коцкаста форма, па така ставањето и вадењето на поголеми и потешки работи нема да биде проблем. Доколку треба да ставите некои подолги работи и ви треба повеќе простор задните седишта се спуштаат(40:20:40) преку рачки кои се поставени во багажникот, но подот не е целосно рамен.

BMW Серија 3 е достапна со неколку бензински и дизел мотори, како и Plug-in Hybrid верзија. Кај бензинците понудата започнува со моделот 318i кој користи 2.0-литарски мотор со 156 коњски сили, следен е 320i со 2.0-литарски мотор со 184 коњски сили, моделот 330i исто така користи 2.0-литарски мотор но со 255 коњски сили, на врвот на понудата сега за сега е M340i кој има 3.0-литарски мотор со 374 коњски сили. Љубителите на дизел може да одберат од три различни мотори- 318d кој е со 2.0-литарски мотор со 150 коњски сили, 320d исто 2.0-литарски мотор со 190 коњски сили и најмоќниот модел е 330d кој има 3.0-литарски мотор со 265 коњски сили. Послабите мотори стандардно доаѓаат со 6-степен мануелен менувач, а како опција достапен е 8-степен автоматски, додека појаките мотори стандардно се опремени со автоматскиот менувач. Исто така, некои модели се достапни и со xDrive погон на сите тркала.
Тест моделот под хаубата го имаше моторот кој реално е еден од најбараните на нашиот пазар, а тоа е 2.0-литарскиот турбодизел со 190 коњски сили и 400Nm вртежен момент. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 6.7 секунди, додека максималната брзина е 240 км/ч. Во конкретниот случај, силата ја пренесува само на задните тркала преку 8-степен автоматски менувач. Менувачот работи многу добро, во Comfort режимот менувањето на брзини е неприметливо и меко, а кога ќе префрлите во Sport режим менувањето е поагресивно и добивате таканаречен “kick” при секое менување во повисока брзина. Перформансите кои ги има овој мотор се идеални за возилото и со сигурност ќе ги задоволат потребите на поголем дел од купувачите. Мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше околу 8.5 литри на 100 изминати километри, а на отворен пат измерив просечна потрошувачка од 6.5 литри.

Тест моделот имаше опрема која вклучува- LED предни и задни светла, 19-инчни алуминиумски бандажи, DSC, мултифункционален спортски кожен волан, автоматски тризонски клима уред, адаптивна М суспензија, автоматско сопирање, варијабилно спортско управување, автоматско отворање и затворање на багажник, keyless, црни кожни седишта, М спортски браници, М педали, црн покрив во внатрешноста, адаптивен темпомат, систем за одржување на возило во лента, предни и задни паркинг сензори, задна паркинг камера, греење на предни седишта, амбиентално осветлување, автоматско регулирање на предни светла, Park assistant, Reversing assistant, Head up дисплеј, Harman Kardon аудио систем, Live cockpit professional, 10,25-инчен infotainment дисплеј и многу, многу други работи…

Каква е Серија 3 зад управувачот?- Одлична во секој поглед!
Во градски услови серија 3 е комфорна и многу лесна за возење. Управувачот има перфектна тежина и е лесен за маневрирање. Тест моделот ја имаше опционалната адаптивна М суспензија и да, разликата помеѓу Comfort и Sport режим е доста приметлива. Во Comfort, возилото е помеко и одлично ги впива сите дупки и нерамнини на патот, исто и воланот е за нијанса полесен. Иако седењето е доста ниско имате одлична прегледност напред, од страните и назад, а тука се и паркинг сензорите и камерите кои ќе ви помогнат да се паркирате во потесни места. Многу кул опција е Reversing assistant системот кој ги памти сите вртења во последните 50 метри што сте ги поминале и потоа се што треба да направите е да ставите во рикверц, а системот сам ќе ве врати до местото од каде што сте тргнале. Ако купите вакво возило сигурно и ќе патувате често, па какво е возењето на подолги релации?- тивко и релаксирано. Со задоволство ќе сакате да возите што е можно подолго, плус сите оние системи за асистенција го прават патувањето уште полесно. Пофалби за изолацијата во возилото, во кабината нема никаква несакана бучава, а 2.0-литарскиот дизел мотор работи рафинирано и дури на повисоки вртежи не е премногу гласен. Но, вистинската забава започнува кога ќе го притиснете Sport копчето на централната конзола и менувачот ќе го притиснете кон лево во спортски-мануелен режим. Динамичноста и агилноста која ја има серија 3 ја нема никој друг модел во оваа класа! Управувачот е прецизен и директен, а добивате и солидни повратни информации за тоа што се случува со предните тркала. Навалувањето во кривини е сведено на минимум и има одличен грип. Ако сакате уште повеќе забава, задржето го копчето за исклучување на DCS системот и претпоставувам знаете што се случува понатаму…ова ви дозволува малку да си поиграте во кривини, но сепак се тоа е контролирано, а и Вие треба да бидете попретпазливи во оваа ситуација, особено ако патот е влажен. Искрено, не очекував дека модел со 2.0-литарски дизел мотор ќе биде толку забавен за возење.

Почетната цена за BMW 320d изнесува 41.600€.
Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на BMW M Car!

ЗАКЛУЧОК
Ако барате фамилијарен седан, а воедно сте и љубител на подинамично и забавно возење, BMW серија 3 е возило кое апсолутно треба да биде на вашата листа! Нуди одлична практичност и ќе ги задоволи сите секојдневни фамилијарни потреби, а кога ќе завршите со сите тие обврски и сакате да уживате во возењето, серија 3 нема да ве разочара и ќе направи да имате голема насмевка на вашето лице. Sheer Driving Pleasure!
ПОЗИТИВНО
Импресивно возење.
Одличен infotainment систем.
Многу добар избор на мотори.
НЕГАТИВНО
Потесна задна клупа од некои конкурентни модели.
M Sport моделите со поголеми тркала имаат тврдо возење.
5
More Stories
Renault го претстави новиот Coupe-SUV модел – Megane Conquest