SUV моделите се присутни во понудата кај сите автомобилски компании, а тие се и едни од „најсигурните“ модели овие неколку години. Исто и Jaguar не е исклучок од ова правило, понудата на Jaguar во моментов нуди три различни SUV модели – E-Pace, F-Pace и целосно електричниот I-Pace. Денес ќе зборуваме за најмалиот SUV, односно освежениот E-Pace. Овој автомобил се појави на пазарот во 2018 година, а од неодамна го доби и своето освежување. Работено е практично на целиот автомобил, но промените кои се направени се суптилни отколку револуционерни.
Од Jaguar покажуваат дека знаат да ги слушаат корисниците и стручните медиуми за да ги подобрат нивните производи. Ако F-Pace направи исклучителен квалитативен скок, E-Pace во никој случај не е далеку од тоа и може да се пофали со многу привлечен дизајн, врвен квалитет и сите најнови технологии. Кога станува збор за надворешен дизајн, Jaguar до сега немаат ниту еден „промашен“ модел, едноставно многу добро знаат да направат убав, луксузен и атрактивен автомобил. Со освежувањето, дизајнот на E-Pace не е премногу сменет и треба добро да ја знаете пред фејслифт верзијата за да може на прв поглед да ја разликувате оваа фејслифт верзија. Но, според мене ова е правилна одлука, на E-Pace не му беа потребни никакви драстични промени бидејќи веќе изгледаше привлечно и различно од своите конкуренти, а сега сето тоа е дополнително зголемено. На предниот дел, може да се забележи нов редизајниран браник, редизајнирана маска, како и нова графика за предните Full LED фарови – опционално се достапни и интелигентни Pixel LED фарови.
Профилот на автомобилот останува не променет и токму од овој агол се гледа купеовската форма која ја има. Инаку, голем фан сум на овие 19-инчни чисто сребрени алуминиумски бандажи – покрај сите оние двобојни бандажи на новите автомобили, вистинска реткост е да се видат вака убави и еднобојни бандажи. Со освежувањето, воведени се и нови дизајни за бандажите, како и нови бои за каросеријата. На задниот дел, може да се забележи редизајниран браник, нов дифузер и за жал лажни отвори за издувот. Пред фејслифт верзијата има вистински округли отвори за издувот кои изгледаат далеку подобро, но тоа се најновите трендови кои мора да се имплементираат. Исто така, задните LED светла сега добиваат динамички трепкачи. И секако, клиентите имаат голем број на опционални елементи за да го прилагодат автомобилот токму по свој вкус.
Севкупно, Jaguar E-pace е автомобил кој им се допаѓа и на повозрасната, како и на помладата публика. Компактните пропорции и големината на автомобилот е многу успешна. Иако можеби на прв поглед не изгледа така, E-Pace има должина од 4395 милиметри, ширина од 1984 милиметри, висина од 1648 милиметри и меѓуоскино растојание од 2681 милиметри. Интересно е тоа што е визуелно добро пропорционален и многу пријатен, а сето тоа овозможува лесно снаоѓање низ градските улици, каде што ќе биде и највеќе возен.
Освен надворешен дизајн, Jaguar многу добро знаат да направат и фантастична внатрешноста од која нема да сакате да искочите. Атрактивноста кај тестираниот модел е дополнително зголемена благодарение на овој светол ентериер кој е комбинација на „Caraway“ и црна боја. Кабината може да се пофали и со висококвалитетно чувство и тоа не само визуелно. Сите материјали кои се поставени се ултраквалитетни и меки на допир, тука нема да најдете никакви тврди и евтини пластики, а многу големо внимание е посветено и на најситните детали. Исто како и кај надворешноста, има илјада можности за да го направите ентериерот по ваш вкус, можете да изберете различни тапацири, лајсни, седишта и се тоа од неколку различни материјали и бои.
Промените во кабината се во поголем број и придонесуваат за едно подобро искуство и подобра функционалност. Главната новост е централниот екран за инфозабавниот систем кој прави чекор напред и кој сега го користи новиот Pivi Pro систем. Новиот екран е со големина од 11.4-инчи и речиси сите функции на автомобилот се контролираат преку овој екран. Графиката е одлична, менито е лесно и едноставно за ракување, а целиот систем работи доста брзо. Се добива и wireless поврзување преку Apple CarPlay, додека за Android Auto ќе ви биде потребен кабел. Под централниот екран се поставени нови контроли за клима уредот, слични на оние што се користат во F-Pace. Тие се издвојуваат по нивната леснотија за користење и по допирот што пренесува квалитет. Ми се допаѓа тоа што Jaguar не се приклучи на трендот да ги вклучува сите контроли во инфозабавниот екран. Низ целата кабина има голем број на места за одлагање на ситници, мобилен телефон и слично, а се добива и индукциски полнач за мобилен под контролите за клима уредот.
Централниот тунел е исто така со нов дизајн и распоред, а најзначајната промена е новата рачка за автоматскиот менувач. Ова решение изгледа многу поелегантно, а се добива и повеќе простор. Околу менувачот има и неколку физички копчиња, односно има тркалце за гласност на аудио системот, во конкретниот случај станува збор за фантастичен Meridian систем, селектор за избор на режим на возење, копче за ESC системот, за Start/Stop и за Hill descent системите. Нов е и воланот, кој е веќе познат од другите модели на брендот и контролите поставени на него иако изгледаат како да се на допир, всушност се ракуваат со притискање. Пред возачот се наоѓа делумно дигитална инструмент табла, со аналогни „стрелки“ и централен екран на кој се прикажува навигацијата и сите други важни информации околу возењето. Како дополнителна опција, достапна е и целосно дигитална инструмент табла.
Со оглед на неговата големина, Jaguar E-Pace нуди сосема доволен простор во внатрешноста. Не е еден од најпросторните модели во својата класа, но на задните седишта удобно ќе се сместат двајца патници со доволно простор во висина и за нозете. И покрај тоа што изгледа многу широко однадвор, сместувањето на трето возрасно лице на задните седишта ќе ја намали удобноста и ова би го препорачал само за некое пократко патување.
Во багажникот достапни се 601 литар капацитет, подот е комплетно рамен со браникот, а од страните има закачалки, куки и простор за некои помали предмети. Отворањето и затворањето на вратата од багажникот е електрично, а благодарение на широкиот отвор ставањето на некои потешки и поголеми работи нема да претставува никаков проблем. Во конфигурација со спуштени задни седишта, се добива капацитет од сосема пристојни 1386 литри.
Со претставувањето на освежената верзија, E-Pace доби и нови променети и електрифицирани погонски единици. Достапни се две дизел верзии, три бензински верзии и една Plug-in Hybrid верзија. Сите мотори се четирицилиндрични 2.0-литарски, освен кај PHEV верзијата. Кај дизелот може да одберете со 163 или со 204 коњски сили, додека бензинците се достапни со 200, 249 и 300 коњски сили. Што се однесува до PHEV верзијата, користи 1.5-литарски турбо-бензинец спарен со електромотор и батерија за вкупна системска моќност од 309 коњски сили. Сите верзии се mild-hybrid систем, 9-степен автоматски менувач и AWD погон на сите четири тркала.
Тестираниот модел е со основниот дизел мотор кој испорачува 163 коњски сили при 3750 вртежи во минута и 380 Nm вртежен момент достапен од 1500 до 2500 вртежи во минута. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 9.8 секунди, додека максималната брзина која може да ја постигне изнесува 200 км/ч. Ова не ми е непознат мотор, неодамна го возев во исто така освежениот Range Rover Evoque. Вака „на хартија“ можеби на звучи толку импресивно, но перформансите што ги нуди овој мотор се сосема доволни за голем дел од купувачите. Сепак, доколку барате малку повеќе моќност и динамичност подобро е да се одлучите за некои од другите достапни мотори. Работењето на самиот мотор е доста тивко и рафинирано и не пренесува премногу бучава во кабината, но сепак не може целосно да го сокрие својот дизел циклус. 9-степениот автоматски менувач работи навистина добро и е одличен за користење, како и во градски услови така и на автопат. Достапни се три режими на возење – Eco, Comfort и Dynamic, а меѓу нив има важни промени во испораката на моќност и во тоа како работи менувачот. Во текот на неколку дневното тестирање, просечната потрошувачка што ја измерив во градски услови на возење се движеше околу 8 литри, додека на автопат може без проблем да се стигне до потрошувачка од 6.5 до 7 литри.
Jaguar E-Pace е автомобил кој импресионира со тоа колку е лесен да се вози. Не бара посебно внимание, означувајќи ги границите многу добро за да не си играте со законите на физиката. Ова е автомобил кој тежи речиси 2 тона, но ако не возите премногу ентузијастички нема да ја забележите тежината – само ќе се чувствувате безбедно и заштитено, а тоа е она што е најважно кај овој автомобил. Вистина е дека не е најудобниот модел во сегментот, но посветеноста и однесувањето во свиоци е за пофалба. Во ни еден момент не е неудобно во кабината и суспензијата сосема успешно си ги филтрира дупките и нерамнините, но во одредени ситуации се чувствува онаа тврдина на суспензијата. Мора да се направат некакви комприси, едноставно не може се да биде идеално, нели? Возењето на автопат со Jaguar E-Pace ми даде високо чувство на сигурност, а пофалба заслужува и звучната изолација, благодарение на тоа и на повисоки брзини во кабината е тивко и удобно.
Погонот на сите тркала што го користи E-Pace, работи на тој начин што го распределува вртежниот момент помеѓу оските во зависност од потребите во моментот. Секогаш кога е можно, овој модел ќе работи како конвенционален погон на предните тркала што го намалува триењето, а со тоа ја намалува и потрошувачката. E-Pace може да биде одличен придружник за авантура по некој лајт off-road пат, но ако барате нешто повеќе, односно сакате да возите по некои поекстремни off-road патишта, подобро би било да го одберете неговиот брат – Range Rover Evoque. Овој автомобил е наменет за оние кои сакаат да уживаат во квалитетот на брендот и во исто време да се чувствуваат безбедно зад воланот. Jaguar E-Pace е специјално дизајниран за оние кои не се плашат да бидат различни…
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Цената на тестираниот модел Jaguar E-Pace S D165 MHEV AWD изнесува 63.000 евра.
Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Automobili Group.