ТЕСТ: Range Rover Evoque SE D165 MHEV AWD

Најмалиот SUV на Range Rover, односно моделот Evoque, пристигна повторно на тест кај мене. Причината за тоа е што неодамна Range Rover суптилно го освежи автомобилот. Промени во дизајнот не барајте бидејќи ги нема, овој пат освежувањето е посветено на технологиите, моторите и шасијата. Впечатоците од првиот пат кога го имав на тест Evoque беа доста позитивни, ова е автомобил кој се издвојува од своите конкуренти на еден посебен начин. Сега кога по втор пат седнувам зад воланот на Evoque позитивните впечатоци само се потврдуваат, а со освежувањето некои работи се уште повеќе подобрени.

Evoque е еден од пионерите во премиум компактниот SUV сегмент, а воедно и еден од најпопуларните модели на брендот. А има многу причини зошто е тоа така, има компактни димензии, прекрасен дизајн, луксузна внатрешност и сите оние теренски способности што ги нудат поголемите модели на Range Rover. Со оваа втора генерација, ми се допаѓа тоа што одредени форми и елементи се превземени од оригиналната прва генерација, но се имплементирани на еден пософистициран начин. Според мене, Evoque е еден од најубавите модели во својата класа, има нешто специјално во него што кога го гледате ви дава едно убаво чувство. И верувајте, многу се ретки луѓето што можат да кажат дека овој автомобил не им се допаѓа. Па затоа, не е ни воопшто чудно што Range Rover одлучиле со ова освежување да не „пипкаат“ ништо на дизајнот, навистина не е потребно.

Дизајнот на Evoque е едноставен и чист, а сето тоа едноставно дава еден полуксузен изглед. Предниот дел е со препознатливата маска над која е испишано името Range Rover, како и светлосниот потпис на брендот со тенките и долги Full LED фарови. Она што мене ми е омилено кај Evoque е профилот – чисти и елегантни линии, без непотребни агресивни детали. Исто така, интересни се и рачките од вратите кои кога возите или кога е заклучен автомобилот се вовлечени внатре со што се добива целосно рамен профил, а кога ќе го отклучите тие се отвораат – многу фраерски! Задниот дел е доста широк, и тука привлекуваат внимание тенките LED светла кои се споени со црна лента на која е испишано Range Rover. Долниот дел од браникот има голем елемент во црна боја кој дополнително придонесува за атрактивност. Ми се допаѓа и бело-црната конфигурација на тестираниот модел – Fuji White неметалик боја со 20-инчни алуминиумски бандажи во црна боја и дополнително е ставен и Black пакет со кои сите детали на надворешноста се (нормално) во црна боја. Навистина интересна и многу привлечна конфигурација.

Едноставниот и минималистички дизајн продолжува и во внатрешноста, а само што ќе седнете зад воланот веднаш ја чувствувате онаа врвна луксузност. Иако Evoque е најмалиот и „најевтин“ Range Rover, воопшто не е штедено на материјалите во целата кабина, големо внимание е посветено и на најситните детали. Целата кабина изгледа модерно и high-tech, па затоа тука класичните физички копчиња се во многу мал број. Токму поради тоа ергономијата за одредени работи не е на највисоко ниво, но мора да се направат одредени комприси. Тестираниот модел има електрично прилагодливи кожни седишта кои се доста комфорни, а благодарение и на широката прилагодливост на воланот, многу лесно ќе ја најдете вашата идеална возачка позиција. Дополнително, поставен е и опционален фиксен панорамски сончев кров кој придонесува за дополнителна свежина и светлина.

Ајде малку и за екраните кои се поставени во кабината. Во конкретниов случај, пред возачот се наоѓа делумно дигитална инструмент табла, во средината има екран на кој се прикажуваат информации околу возењето, навигацијата, медиата и слично, а другиот дел на таблата е со аналогни стрелки. Секако, како опција достапна е и целосно дигитална инструмент табла. На централната конзола се наоѓа Touch Pro Duo инфозабавниот систем кој комбинира два екрани од 10-инчи. Горниот е наменет за инфозабавата, односно мултимедија, навигација и сите други функции за автомобилот. Новост е што инфозабавниот систем сега го користи најновиот Pivi Pro систем кој нуди подобрена функционалност, побрзо работење и подобрена графика. Самиот систем е јасен и лесен за користење. Долниот дисплеј е наменет за функциите на клима уредот, греење на седишта и бирање на различните модови за возење кои се достапни. Исто така, тука се интегрирани и две ротирачки тркалца преку кои се подесува температурата и јачината на клима уредот, како и подесувањето на греење или ладење на предните седишта. Мала замерка имам за функционалноста на долниот екран, иконите кои се поставени се релативно мали и доколку сакате да смените нешто при возење треба да го тргнете погледот од патот малку подолго од нормално.

Што се однесува до просторот на задните седишта, двајца патници можат сосема комотно да се сместат и да имаат доволно простор за нозете и главата. По потреба може да се сместат и тројца патници, но само за некои пократки релации бидејќи седиштето во средина е малку повисоко и има релативно висок тунел, па затоа седењето тука не е најудобно.

Багажникот нуди 472 литри товарен капацитет што е просек за оваа класа на автомобили. Со спуштање на задните седишта кои се во сооднос 40:20:40 се добива капацитет од 1156 литри. Подот на багажникот е комплетно рамен и благодарение на широкото отворање на вратата, лесно може да се ставаат и вадат поголеми и потешки работи. Исто така, има и дополнителни куки, закачалки и места за одлагање на некои помали работи.

Најважната новост е моторот во тестираниот модел. Под хаубата се наоѓа нова генерација на 2.0-литарскиот Ingenium дизел мотор кој работи во комбинација со mild-hybrid систем од 48 волти и ја носи ознаката D165. Вкупната системска моќност изнесува 163 коњски сили (претходно имаше 150) при 3750 вртежи во минута и 380 Nm вртежен момент достапен од 1500 до 2500 вртежи во минута. Силата се пренесува на сите четири тркала преку одличен 9-степен автоматски менувач. Сето ова овозможува подобрени перформанси во споредба со стариот мотор, па така, забрзувањето од 0 до 100 км/ч сега трае 9.8 секунди и постигнува максимална брзина од 199 км/ч.

Ова е дефинитивно еден од најрафинираните дизел мотори на пазарот, она класично тропање што го имаат овие мотори тука воопшто го нема и работењето е импресивно рафинирано. Перформансите кои ги нуди се сосема задоволителни за голем дел од купувачите. Што се однесува до mild-hybrid системот, тој работи како генератор/стартер и ја собира и складира енергијата што вообичаено се губи при сопирање, а потоа ја користи за поддршка на моторот со внатрешно согорување. Електричниот мотор му помага на моторот со внатрешно согорување, со што ја поедноставува неговата работа и придонесува за помала потрошувачка. Голема пофалба заслужува и Start/Stop системот бидејќи работи многу рафинирано и мазно при секое исклучување и вклучување. Просечната потрошувачка што ја измерив во градски услови на возење изнесуваше околу 8 литри, додека на отворено потрошувачката се намалува на 6.5 до 7 литри.

Високиот степен на рафинираност продолжува и за возните карактеристики на Evoque. Благодарение на компактните димензии, во градски услови ова е исклучително лесен автомобил за возење. И покрај големите тркала на тестираниот модел, комфорот кој го нуди е доста импресивен. Со освежувањето, направени се и некои минимални промени во суспензијата, а со тоа сега се добива генерално поудобно возење и поконтролирано држење во свиоци. Дополнителни промени се направени и кај управувачкиот систем кој сега е подиректен и пореспонзивен, ова највеќе може да се почувствува при подинамично возење во свиоци. Океј да, ова воопшто не е спортски автомобил и не ни има такви амбиции, но со оглед на тежината од скоро 2 тони нуди доста контролирано управување во такви ситуации. Evoque е автомобил кој е направен да понуди максимално уживање зад воланот и сето тоа го прави на еден „господски“ начин. Долгите патувања по автопатите нема да бидат никаков проблем за овој автомобил. Во овие услови кабината е исклучително тивка и сте целосно изолирани од звуците и галамата надвор.

Повеќе од јасно е дека овој автомобил многу ретко, речиси и никогаш нема да го напушти асфалтираниот пат, но Range Rover нема да биде Range Rover ако не понуди врвни off-road способности. И Evoque е опремен со најновиот Terrain Response 2 систем кој овозможува избор од неколку различни модови на возење, во зависност од условите на патот. Па ајде малку бројки за овие работи – Evoque има клиренс од 212 милиметри, преден агол од 22,2 степени и заден агол од 30,6 степени. Дополнително, Evoque може да вози и во вода со максимална длабочина од 600мм. Сите овие работи и податоци го прават Evoque да биде на врвот во својата класа кога станува збор за теренско возење.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Цената на тестираниот модел Range Rover Evoque SE D165 MHEV AWD изнесува 74.900 евра.

Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Automobili Group.

ЗАКЛУЧОК
Минималните промени во технологиите, како и ревидираните делови на шасијата го прават Evoque уште подобар од претходно. Благодарение на прекрасниот дизајн, лускузната внатрешност и врвните off-road способности, ова е еден од оние автомобили на кои тешко може да им се најде некоја посебна замерка.
Стилски дизајн
Врвни off-road способности
Голем избор на погони
Просечен простор на задните седишта
Лимитирана прегледност кон задниот дел
4.5