ТЕСТ: Hyundai Elantra 1.6 MPi GL Style

Elantra е еден од најпопуларните модели во гамата на Hyundai, а има и зошто е тоа така. Нуди многу простор и комфор во кабината, вози супер и најбитно е тоа што добивате одлична вредност за парите. Ова е шестата генерација на моделот која во 2019 година го доби својот фејслифт. Променет е надворешниот изглед, освежен е ентериерот,а добива и многу нови технологии.

Кога станува збор за надворешниот дизајн на новата Elantra, мене лично не ми е баш по мерак- не дека изгледа лошо, но мислам дека и покрај тоа што овој модел е претставен во 2019 година пак изгледа некако „old fashioned“. Иако се работи за фејслифт верзија, новата Elantra има драстични промени во споредба со својот претходник- добива нов преден браник, нови предни светла во триаголна форма, нова предна маска, а на задниот дел променети се светлата и браникот кој сега е со малку поспортски дизајн. Гледана од страна, Elantra има спортски стил, а ќе забележите дека предниот дел е доста понизок во споредба со задниот. Исто така, обликот на Elantra е во седан форма, но линијата на покривот е малку купеовска- што придонесува за подинамичен изглед. Реално гледано на работите, на купувачите на овој тип на автомобил не им е приоритет надворешниот изглед. Туку, внатре во кабината да е доволно пространо, да има доволно голем багажник и возењето да биде комфорно и удобно, а овие работи кај Elantra се за пофалба!
Должината на возилото изнесува 4620мм, ширината 1800мм, висината 1465мм и меѓуоскиното растојание е 2700мм.

Ентериерот во новата Elantra е со едноставен дизајн, јасно поставени контроли и деловите кои често ги допирате се меки и фини на допир. Фејслифт верзијата добива нов волан, централната конзола е малку променета и генерално целиот ентериер сега е поквалитетен. Ергономијата е на високо ниво и сите контроли се позиционирани на одлично место за да бидат лесни за користење при возење. Седењето е ниско, а седиштата се удобни и нудат одлична поддршка од страните. Управувачот се регулира по висина и длабочина, па така независно од висината секој ќе може лесно да ја најде својата идеална возачка позиција. Кабината нуди и многу места за одлагање на ситници- во вратите, централната конзола како и централниот потпирач кој е со доста солидна големина. Во стандардната опрема добивате и 7-инчен дисплеј за infotainment системот заедно со поддршка за Apple CarPlay и Android Auto. Графиката која ја има дисплејот не е меѓу најдобрите, но целиот систем има едноставно мени, респонзивен е и многу лесен за користење.

Патниците на задните седишта ќе уживаат во комфорот благодарение на големото меѓуоскино растојание. Двајца патници до 190cm ќе седат удобно со доволно простор за нозете и главата, а долгите патувања нема да претставуваат проблем бидејќи како и предните, така и задните седишта се удобни и убави за седење. Тројца помали патници би можеле да седнат на задната клупа, но само за некои пократки релации. Elantra може да се пофали и со доста голем багажник, на располагање имате 458 литри, а просторот е широк со што нема да имате никакви потешкотии при ставање и вадење на потешки работи. Доколку треба да пренесете подолги предмети, задните седишта се спуштаат со што добивате уште поголема практичност.

Во Македонија, Elantra е достапна само со еден 1.6-литарски атмосферски бензински мотор со 127 коњски сили и 158Nm вртежен момент. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 10 секунди, а пак максималната брзина која може да ја постигне е 200 км/ч. Силата се пренесува на предните тркала преку 6-степен мануелен менувач, а како опција достапен е 6-степен автоматски менувач. Перформансите кои ги има овој мотор не се кој знае какви, но се сосема доволни да ги задоволат потребите на повеќето купувачи. Работи многу рафинирано и е доста тивок. Одличен е за градско возење, како и за на отворен пат на подолги релации. Мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше околу 9 литри на 100 изминати километри.

Hyundai Elantra се нуди во четири нивоа на опременост: Comfort, Style, Premium и Impression. Тест моделот беше во второто Style ниво кое вклучува навистина се што ви е потребно, а тоа e: задни паркинг сензори, задна паркинг камера, 7-инчен infotainment дисплеј, дополнителна изолација на моторот, мануелен клима уред, 16-инчни алуминиумски бандажи, затемнети задни стакла, автоматски светла, темпомат и многу друго…Јас би го препорачал ова ниво како најисплатливо или за оние попребирливите кои сакаат малку повеќе опрема следното Premium ниво.

Hyundai посветиле многу внимание на Elantra за да биде што е можно покомфорна во возењето и успеале во тоа. Суспензијата е доволно мека за да не ги осеќате премногу сите дупки и нерамнини низ градските улици, но е и доволно цврста за да нема пренагласено навалување во кривини. Управувачот има перфектна тежина, прецизен е и маневрирањето е доста лесно. Дали е доволно прегледна?- напред и од страните прегледноста е на високо ниво, назад поради тој купеовски покрив малку е лимитирана, но добивате задни паркинг сензори и задна паркинг камера кои многу ви помагаат во паркирањето и маневрирањето во тесни места. Она што е голем плус за Elantra е возењето на отворен пат на подолги релации. Внатре во кабината нема некоја несакана бучава која би ви пречела, па така не треба да се надвикувате со патниците во возилото. Долгите патување ќе ги поминувате удобно и релаксирано, дури и после неколку часа возење нема да се чувствувате уморно. За спортските својства мислам дека нема потреба многу да се зборува бидејќи поголемиот дел од купувачите на ова возило не бараат кој знае каква динамичност во возењето, но и за љубителите на динамично возење Elantra има што да понуди.


Почетната цена на Hyundai Elantra 1.6 GL MPi Comfort изнесува 15.200€
Цената на тестираниот модел Hyundai Elantra 1.6 GL MPi Style изнесува 16.200€

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Hyundai во Ми-Да Гранд Моторс центарот!

ЗАКЛУЧОК
Elantra e одличен семеен и комфорен автомобил кој нуди голема практичност и рафинираност. На се ова кога ќе ја додате пристапната цена, добивате одлична вредност за парите.
ПОЗИТИВНО
Одлична вредност за парите.
Комфорно возење.
7 годишна гаранција.
НЕГАТИВНО
Достапен е само еден мотор.
Така-така infotainment систем.
4
More Stories
SEAT ја претстави освежената верзија на Ateca