Кога нешто ќе се појави на вистинското место во вистинско време, обично се создаваат услови за нешто несекојдневно и уникатно. Горенаведеното прилично ја сумира историјата на CUPRA Formentor. Дизајнерскиот тим на Алехандро Месонеро-Романос – раководител на неговиот оддел за дизајн во тоа време – го дизајнираше и го претстави CUPRA Formentor на врвните директори на шпанскиот бренд во 2018 година. Поточно, во исто време кога тие одлучуваа да го надградат и промовираат делот за перформансни модели на SEAT во независен бренд.
Впечатливиот дизајн на Formentor, кој со својата извајана фигура и остри рабови донесе нешто сосема ново во SUV сегментот, се покажа како совршено платно за новиот идентитет што CUPRA сакаше да и го пренесе на јавноста. И се покажа дека е вистински полн погодок, при што позитивниот одговор се одрази на фантастичната продажба. Несомнено Formentor беше моделот што го постави возот на шините за марката, така што за неколку години го постигна она што многумина го посакуваа за SEAT. Со други зборови, да се претвори во бренд со силен спортски темперамент и уникатност.
Со оглед на тоа што CUPRA сега може да се пофали со богат и моќен опсег во своето портфолио, Formentor продолжува да биде негов темелник. А за неговото освежување, шпанскиот бренд не сакаше да го расипе веќе успешниот рецепт, туку да го подобри со уште подобри состојки. Па ајде да видиме што точно нуди Formentor и зошто е толку популарен во Европа.
Во однос на изгледот, нема начин да се помеша новата фејслифт верзија на Formentor со претходната. Новиот модел доби значително помазен преден дел кој силно потсетува на новите модели на CUPRA. Централната решетка на претходниот Formentor сега е заменета со „Shark nose“ дизајн – нема класична маска која го покрива интеркулерот, туку сето тоа е отворено и има тенки пластични линии. Ова додава поелегантна површина помеѓу фаровите, прекината само со тенок отвор за ладење. Додека под него има поголеми доводи кои го насочуваат воздухот кон моторот. Новото лице го комплетираат и новите фарови кои добија триаголен дизајн, а освен стандардните LED светла, како опција достапни се и адаптивни LED Matrix светла (како на тест примерокот).
На задниот дел променети се поминимални, па така освежениот Formentor сега добива осветлена лента со целосна ширина која го вклучува и логото CUPRA на задната врата во облик на V. И кај задните светла е присутен триаголниот дизајн кој тука е надополнет со 3D графика. Суптилно е променет и задниот браник, како и дифузерот – кој кај послабите верзии е со лажни отвори за издувот. И ова е единствената работа што не ми се допаѓа на надворешноста. Новиот надворешен имиџ на Formentor го комплетираат редизајнираните тркала и новите мат бои Century Bronze и Enceladus Grey, при што палетата сега вклучува вкупно осум нијанси.
И покрај промените кои се направени, надворешните димензии се слични на моделот во заминување (должина е 4,45 метри, ширината е 1,84 метри и висината е 1,52 метри), како и меѓуоскиното растојание кое е задржано на 2.679 мм.
Внатрешноста е исто толку атрактивна и спортска како и надворешноста, ова е автомобил во кој навистина се чувствувате убаво и на некој начин специјално. Спортскиот акцент е на многу високо ниво тука, а тоа е една од главните карактеристики на CUPRA. Бакарната – корпоративна боја на CUPRA, се наоѓа на неколку места во кабината. Околу отворите за вентилација, на краците на воланот, на копчињата за програмите за возење и стартерот на моторот и на рамката на менувачот. Дизајнот на контролната табла ги следи смелите линии од минатото, создавајќи визуелно интересна средина за патниците на предните седишта. Придружено со уште подобри материјали во горниот дел и квалитетни пластични материјали во долните делови на кабината.
Малку различниот карактер на VZ верзијата е нагласен со многу убави спортски bucket седишта во алкантара кои совршено ја создаваат потребната спортска позиција на возење. Покрај тоа, полукожниот тапацир сега е направен од рециклирани материјали. Многу интересен детал што мене ми се допаѓа се двете копчиња на воланот – лево за избирање на режим на возење (Comfort, Performance и Individual) и десно за стартување на моторот – да, ова бара малку привикнување. Ми требаше одредено време додека се навикнам дека копчето за стартување е на воланот.
Модификациите во внатрешноста кај освежениот модел се фокусираа главно на традиционалните работи. Пред возачот стандардно се добива целосно дигитална инструмент табла која сега има нова графика и неколку различни прикази. Додека на централната конзола сега се наоѓа нов 12.9-инчен екран за инфозабавниот систем кој сега го има најновиот (и доста подобрен) софтвер. Системот носи не само осветлена долна лента на допир, туку и сосема поинаква средина. Голем дел од важните функции се преместени во главниот екран и нивните икони се зголемени. Можете да ги деактивирате досадните асистенти во форма на предупредувања за задржување лента и за надминување на пропишаната брзина само со два допира на екранот или со копчињата на воланот.
Контролата за вентилација сè уште е исклучиво на дисплејот, иако пиктограмите во долниот дел се поголеми и полесно достапни сега. На врвот на екранот, има икони за брз пристап до поставките на автомобилот и другите функции. Потоа може да ги поставите вашите омилени ставки на екраните што ги прикажувате со повлекување надолу од врвот. Во други аспекти, Formentor е ист како и пред освежувањето.
Просторот на задните седишта е навистина импресивен во однос на сегментот во кој припаѓа Formentor, па така двајца возрасни патници имаат доволно простор и за нозете и за главата. По потреба може да се смести и трет патник во средина, но во тој случај удобноста е малку нарушена. Дополнително , патниците на задните седишта добиваат и засебни отвори за вентилација како и USB-C приклучоци.
Што се однесува до багажникот, во стандардната конфигурација на располагање се достапни 450 литри багажен капацитет. Формата на просторот е коцкаста и благодарение на подот кој се подесува по висина има речиси рамен под со браникот, а тоа овозможува лесно ставање и вадење на поголеми и потешки предмети.
Со освежувањето, Formentor има промени и во погонските единици, па така сега се достапни вкупно седум верзии. Понудата започнува со 1.5-литарскиот TSI бензинец кој испорачува 150 коњски сили и е спарен со 6-степен мануелен менувач. Истиот овој мотор е достапен и со автоматски DSG менувач, но тука ја носи ознаката eTSI бидејќи добива и mild-hybrid технологија. Следен е 2.0-литарскиот TSI мотор кој е достапен во неколку варијанти – со 204 коњски сили и 4×4 погон, со 265 коњски сили и на самиот врв е верзијата со 333 коњски сили и 4×4 погон. За љубителите на дизел, достапен е 2.0-литарскиот TDI со 150 коњски сили кој стандардно е опремен со автоматски DSG менувач. Најважната новост се plug-in хибридните верзии кои сега користат 1.5-литарски турбо-бензинец, поголема батерија и помоќен електромотор – основната верзија испорачува 204 коњски сили, додека помоќната испорачува 272 коњски сили.
Како што веќе и прочитавте од насловот, тестираниот примерок е опремен со 1.5-литарскиот eTSI мотор и DSG менувач. Моќноста на овој мотор е 150 коњски сили и 250 Nm вртежен момент, а техничките податоци кажуваат за забрзување од 0 до 100 км/ч за 9 секунди и максимална брзина од 205 км/ч. И ова не се воопшто лоши вредности, дополнително доколку се земе во предвид и флексибилноста на моторот што е збогатена благодарение на mild-hybrid системот. Ова служи како асистент за бензинскиот мотор, бидејќи нуди дополнителни 18 коњски сили и 56 Nm вртежен момент. И ова е сосема пристојна помош за моторот со внатрешно согорување при забрзување, тргнување од место и во други ситуации каде што е потребна краткорочна дополнителна моќност.
Во исто време, стартер-генераторот треба да ја намали потрошувачката на гориво. И не само при тргнување, туку и при возење, бидејќи автомобилот често може да „плови“ со исклучен мотор. Ова се случува кога ќе ја тргнете ногата од гаста, дури и надвор од градот или дури и на автопат. Потоа, штом ќе стапнете на педалата за гас, моторот автоматски се активира. Се активира и кога ќе стапнете на сопирачката. Тоа што моторот се изгасна или се вклучи, освен по стрелката на тахометарот, на друг начин тешко може да се забележи, се е мазно и нежно. А каква е динамичноста на моторот во реални услови? Всушност, воопшто не е лоша. При возење во град или надвор од него, тестираниот Formentor може да се вози доста сталожено, на автопат во одредени ситуации тежината на автомобилот и моќноста на основниот мотор веќе ќе се покажат. Секако, може сосема коректно да забрзува, да ги одржува брзините над максимално дозволената граница, но потребно е малку време за да ги достигне.
1.5 eTSI моторот има и систем за исклучување на два цилиндри при мала оптовареност (ACT), но ќе го препознаете. Работи поинаку од исклучувањето на моторот во „coasting“ режим. Овде, доволно е автомобилот да вози со постојана брзина, при која на моторот му треба само навистина мала моќност за да ја одржи. Во тој момент се исклучуваат двата цилиндри и не се вклучени во работата. Тоа треба да заштеди неколку десетини од литар на 100 километри. Но во реалноста не е некоја презабележитална работа. Во градски услови на возење измерив просечна потрошувачка од околу 8 до 8.5 литри, додека на автопат со брзини од 120-130 км/ч потрошувачката изнесува околу 6.7 литри на 100 изминати километри.
Formentor веќе изгледа мускулесто и самоуверено во својата срж, има поголем клиренс, но во исто време е понизок од класичен теренец. Па затоа, Formentor е всушност спој помеѓу хечбек и кросовер, и има голема корист од оваа мешавина. Возните карактеристики се едно од главните оружја на Formentor. Токму овој аспект повеќе го доближува кросоверот до компактниот Leon отколку до Cupra Ateca. Практично не го чувствувате навалувањето на каросеријата, автомобилот се задржува цврсто на избраната патека. Дури и со најслабиот мотор во понудата, можете да уживате во многу забава.
Во градски услови на возење ова е навистина лесен и практичен автомобил со одлична прегледност. Во Normal режим, воланот е лесен за маневрирање и автоматскиот менувач мазно и непречено ги менува преносите. Но кога ќе излезете на некои кривулести патишта, ќе се изненадите од успешното подесување на шасијата, како и од сопирачките. Иако шасијата е малку поцврста, таа сепак е флексибилна и Formentor секако не може да се опише како непријатен автомобил. На кривулести патишта, сепак, јасно ќе откриете дека 150 коњски сили не се доволни за оваа шасија и дека „трпи“ дупло повеќе, автомобилот брзо и со вистинска самодоверба се пробива низ свиоците. Тестираниот примерок е опремен со опционалната DCC адаптивна шасија, која пријатно го филтрира лошиот квалитет на патиштата во најмекиот сетап, но напротив пријатно се зацврстува во спортскиот сетап. Тркалата потоа го копираат асфалтот, постојано се во контакт со него, а возењето е навистина безбедно и импресивно добро.
А сопирачките? Тие се многу остри, понекогаш повеќе отколку што би очекувале од ваква нормална верзија. Автомобилот сопира многу добро, но понекогаш по навистина лесно притискање на педалата на сопирачката почнува да сопира посилно, тоа веројатно е поради тоа што благиот хибриден систем се полни само со регенерација. Ова исто така кореспондира со фактот дека понекогаш доаѓа оваа остра реакција, а друг пат воопшто ја нема. На крајот, оваа верзија со основниот турбо-бензинец најверојатно ќе биде најпродавана на нашиот пазар и во реалноста ќе ги задоволи потребите на 95% од купувачите. 1.5-литарскиот мотор има доволно моќ да ве забавува со релативно безбедни брзини што би се чувствувале досадни во помоќните варијанти.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Почетната цена на CUPRA Formentor 1.5 TSI 150 изнесува 32.252 евра.
Цената на тестираниот модел CUPRA Formentor 1.5 eTSI 150 DSG изнесува 42.606 евра.
Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите новиот продажен салон на CUPRA.