ТЕСТ: Citroën C5 X Hybrid 225 ë-EAT8 Shine

Францускиот бренд Citroën отсекогаш уживал во авангардни форми и се трудел на патниците да им обезбеди што е можно поголем комфор. Исто така е и со дизајнот, моделите на овој бренд едноставно се разликуваат од сите други автомобили на пазарот. Новиот „flagship“ на Citroën со ознака C5 X исто така отстапува и од класичната форма на еден автомобил. Со должина од скоро 5 метри, спаѓа во Д-сегментот, односно средната класа, но не наликува на ниту еден од конкурентите. C5 X стои на граница на различни форми и концепти. Буквата X во името значи поврзаност помеѓу седан, караван и теренец.

Во 2022 година, францускиот производител на автомобили презема нова стратегија, која може да се опише како смела, но промислена, претставувајќи го Citroën C5 X како автомобил кој се синтетизира помеѓу елеганцијата на седанот, динамиката на караванот и подигнатото растојание од подлогата на SUV модел. C5 X е базиран на напредна платформа (EMP2 V3) – должината на автомобилот изнесува 4805 милиметри, ширината е 1865 милиметри, висината е 1485 милиметри и има значително меѓуоскино растојание од 2785 милиметри.

Ајде да почнеме со ред, односно од дизајнот. На предниот дел дизајнот е верен на целата актуелна гама на Citroën, особено за шевроните кои се протегаат по цел преден дел. Горната линија оди кон тенките дневни светла, додека втората линија оди надолу кон главните Full LED светла. Многу тенките светла и шевроните со сјајна завршница носат одредена финесност на автомобилот. Долниот дел на браникот е со голем отвор кој исто така е во карактеристичен стил. Инаку, за време на тест возењето со Citroën C5 X, каде и да поминев автомобилот предизвикуваше вистински „wow“ ефект кај минувачите и другите возачи. А интересно е тоа што луѓето веднаш приметуваат дека станува збор за Citroën – тоа е тој уникатен и карактеристичен дизајн по кој се познати автомобилите на овој бренд.

Гледан во профил, новиот C5 X го покажува подигнатиот став. Визуелните шифри познати од теренците се јасно видливи и со заштитните панели на крилата од тркалата. Што се однесува до бандажите на тестираниот модел, тие се со големина од 19-инчи и го носат името „AeroX Black Diamond“. Мора да се признае дека на C5 X не му недостига динамика. Намалените стаклени површини и падот на покривот, што пак му дава еден купе шмек на автомобилот е навистина интересен – ви кажав, ова е далеку од „нормален“ автомобил. Што се однесува до задниот дел, има прилично модерен и оригинален светлосен потпис. Други интересни детали се двата спојлери – едниот е поставен на горниот дел кај покривот, додека вториот е поставен долу под задното стакло. Од овој агол може да се видат и широките крила кои допринесуваат за широкиот став. C5 X е уште еден доказ дека Citroën многу добро знаат да направат тотално уникатен и навистина атрактивен автомобил.

Уникатноста продолжува и во внатрешноста. Просторот во кабината на C5 X открива премиум и пред сè, грандиозна атмосфера. Ова е автомобил во кој веднаш штом седнете зад воланот се чувствувате „како дома“ и сакате што повеќе време да поминете во него. Сè е поставено на совршено место за да понуди максимална ергономија. Она што е очигледно и што заслужува голема пофалба во кабината на C5 X е изборот на материјали. Едноставно заборавете се што знаете за другите модели на брендот, тука кабина е на едно многу повисоко ниво. Горниот дел од контролната табла е обвиен со меки материјали, низ целата табла и дел од вратите се поставени детали од дрво кои допринесуваат за луксузно чувство, а и сите други места кои може да ги забелижи окото се со многу добар квалитет. Дополнително, шевовите низ кабината се во логото на Citroën – посветено е внимание и на најситните детали. Она што мене лично не ми се допаѓа е централната конзола која е изработена во сјајно црна пластика, убаво изгледа, но прашината и гребнатинките на тоа место некогаш може да „нервираат“. Инаку, на централната конзола се наоѓа мал селектор за менувачот, кој е веќе познат од други модели на групацијата Stellantis, копче за избор на режим на возење и два големи држачи за чаши.

Директно пред возачот е поставена дигитална инструмент табла, односно мал екран од 7-инчи. Да, за денешните трендови ова е малку чудно, но тука се прикажани најважните функции околу возењето и овој екран не нуди преголем избор за конфигурација. Дополнително, тест моделот е опремен и со Head-up дисплеј во боја и информациите како што се брзина, навигација и така натаму се прикажани директно на ветробранското стакло. На горниот дел од централната конзола е поставен голем 12-инчен екран за инфозабавниот систем (основните нивоа на опременост добиваат 10-инчен екран). Графиката и функционалноста на овој систем се одлични, менито е едноставно и лесно за ракување. Се добива и безжично поврзување преку Apple CarPlay и Android Auto и се прикажува на цел екран, не е поделено на пола екран како кај некои други модели. Исто така, графиката од задната паркинг камера е одлична, што не е случај со некои други модели на брендот. Под централниот екран се наоѓа посебен панел со контроли исклучиво за клима уредот – браво Citroën! И за крај, секако дека и C5 X ги добива Advanced Comfort седиштата кои користат специјални материјали за понудат врвна удобност, особено при подолги патувања. И верувајте, ова не е само некоја маркетинг реклама, ова се навистина едни од најудобните автомобилски седишта. Во тестираниот модел тие се со греење, а како опција достапни се и седишта со ладење и масажа.

Како што може да се процени и по големината и димензиите на автомобилот, просторот на задните седишта е фантастичен. Патниците кои ќе седат позади ќе уживаат во врвен комфор и многу простор, како и за нозете, така и за главата. Исто така, добиваат и посебни отвори за клима уредот, како и USB порт. За време на тест возењето, имав проблем со неколку мои пријатели кои седнаа позади бидејќи после тоа не сакаа да излезат од автомобилот…

Доаѓаме до волуменот на багажникот на неверојатниот C5 X. Во бензинските верзии капацитетот изнесува 545 литри, додека тестираната Plug-in Hybrid верзија располага со капацитет од 485 литри. Разликата во капацитет е поради батериите кои ги има оваа верзија. Со спуштени задни седишта се добива капацитет од импресивни 1580 литри. Покрај тоа што нуди спектакуларен капацитет за товарење, C5 X е неспоредлив во практичност благодарение на големата врата од багажникот, присуството на шини кои прават куферите да се лизгаат без напор, и рачките кои овозможуваат спуштање на задните седишта директно од багажникот.

C5 X е достапен со вкупно три погонски единици, од кои сите се бензински. Дизел мотор кај овој автомобил нема да најдете. Понудата започнува со 1.2-литарскиот PureTech со моќност од 130 коњски сили, следен е 1.6-литарскиот PureTech со 180 коњски сили и на врвот на понудата е Plug-in Hybrid верзијата која го користи вториот мотор дополнително спарен со електромотор и батерија. Сите верзии стандардно доаѓаат со автоматски менувач.

Тестираниот модел е со најмоќниот погон, односно Plug-in Hybrid верзијата. Како што и споменав, користи 1.6-литарски PureTech бензинец кој испорачува 180 коњски сили и тој е дополнително спарен со електромотор кој испорачува 110 коњски сили. Вкупната системска моќност изнесува 225 коњски сили и 360 Nm вртежен момент достапни од 1750 вртежи во минута. Силата се пренесува на предните тркала преку 8-степен e-EAT автоматски менувач. Сето ова овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за 7.9 секунди и максимална брзина од 233 км/ч. Батеријата која ја користи овој систем е со капацитет од 12.4 kWh, а според официјалните податоци со полна батерија само на струја може да се поминат до 60 километри. Во реалноста, очекувајте автономија од 45 до 50 километри, што е и сосема солиден досег. Со полнач од 7.4 KW, на батеријата и се потребни околу 1 час и 45 минути да биде целосно полна. Од Citroën нудат и неколку различни полначи кои може да си ги нарачате заедно со возилото.

Перформансите и севкупната работа на овој Plug-in Hybrid погон се одлични. Во која било ситуација секогаш имате доволно моќност и многу добра взаемна работа на двата мотори. За разлика од некои други PHEV автомобили, кај C5 X кога возите само на струја и одеднаш ја притиснете педалата за гас поагресивно, уклучувањето на моторот со внатрешно согорување е толку добро синхронизирано што нема никакви „сецкања“, туку системот работи многу рафинирано и многу брзо реагира на секоја ваша команда. Ми се допаѓа и работата на автоматскиот менувач, менувањето на брзини е мазно и неприметливи, а има и добра реакција при подинамично возење. А сега, каква е потрошувачката? – во градски услови на возење и во хибриден режим, односно кога работат и електромоторот и моторот со внатрешно согорување, а системот сам одредува кој мотор кога треба да работи, C5 X има потрошувачка која се движи околу 3 литри. Во услови кога батеријата е целосно испразнета и во функција е само бензинецот, потрошувачката изнесува од 7 до 8 литри. Но поентата на овие автомобили е секојдневно да ја полните батеријата, а во такви услови, особено доколку ги користите само јавните полначи кои се достапни низ Македонија, возењето ќе ви биде бесплатно.

Какво е чувството зад воланот и какви се возните карактеристики на C5 X? – Веднаш ќе кажам дека долго време немам возено автомобил кој е толку удобен и комфорен. Дополнително, овој степен комфор обично го имаат луксузните лимузини кои чинат многу, многу повеќе од C5 X. Да, автомобилите на Citroën отсекогаш биле фокусирани кон тоа да понудат максимален комфор, но тука сето тоа е за едно ниво повисоко. Од Citroën, возењето во C5 X го објаснуваат како да се возите на „летечки тепих“ – иако до сега не сум пробал нешто такво, можам да се согласам со тоа. Автомобилот е совршено поставен на патот, шасијата е перфектно подесена, но сепак главниот збор го има иновативната Citroën Advanced Comfort активна суспензија која е стандард во Plug-in Hybrid верзијата. Овој систем комбинира амортизери со прогресивни хидраулични перничиња со активна контрола на суспензијата. Автомобилот ја прилагодува суспензијата на секое тркало, што според тоа е помеко или поцврсто во зависност од состојбата на патот. Благодарение на сензорите кои го проценуваат патот и неговите неправилности за неколку милисекунди, информациите се пренесуваат на компјутерот, кој во секој момент ги одредува правилните поставки за да обезбеди максимална удобност за сите патници. Покрај сензорите на системот за динамичка контрола на стабилноста ESP, контролираната суспензија има четири сензори за вертикална положба и три сензори за брзина на тркалата кои ги анализираат движењата на телото и ритамот на возење: забрзување, брзина на вртење, аголот и брзината на ротација на воланот, положбата на педалот за гас, притисокот на сопирачките или оптоварувањето на возилото. Сите овие информации му овозможуваат на компјутерот постојано да ја прилагодува суспензијата.

Крајниот резултат од сето ова е навистина многу импресивен, на било каков пат автомобилот нуди голема удобност и рафинираност. Особено на нашите (лоши) патишта, C5 X перфектно ја филтрира секоја дупна или неправилност, а во кабината нема никакво клатење, тропање или слично. C5 X може исто така да се опише како фантастичен патен автомобил, едноставно без никаков проблем може да поминете многу километри зад воланот и да не се чувствувате заморено. Дополнително, автомобилот е многу добро звучно изолиран, дури и на поголеми брзини на автопат во кабината е мирно и тивко. Управувањето е доволно прецизно, но на пат со свиоци не треба да барате премногу од C5 X. Тој е мирен придружник на возењето во кој уживате при умерени брзини. Дури и ако удобноста е секогаш тука, прилично големата тежина на автомобилот (1.722 килограми) влијае на неговата агилност. Движењата на телото остануваат добро контролирани благодарение на активната суспензија, но ова воопшто не е автомобил во кој ќе сакате „да бркате свиоци“. Достапен е и Sport режим со кој се добива пореспонзивен одзив на педалата за гас, воланот станува поцврст и суспензијата е малку покрута од нормално. Но, овој режим треба да се користи само доколку сакате побрза реакција од моторот, менувачот и воланот. Во градски услови, и покрај тоа што станува збор за голем автомобил, тој е многу лесен и прегледен за возење.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Почетната цена на Citroën C5 X 1.2 PureTech 130 FEEL изнесува 34.490 евра.

Цената на тестираниот модел Citroën C5 X Hybrid 225 ë-EAT8 изнесува 53.940 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Citroën.

ЗАКЛУЧОК
Новиот Citroën C5 X е наменет за една посебна публика. Покрај неговиот уникатен изглед има и некои сериозни предности во споредба со конкуренцијата. За оние кои сакаат да се истакнат со нешто специјално и удобноста им е приоритет, веројатно нема да најдете ништо подобро од C5 X, дури и по повисока цена.
Врвна удобност во возење
Целосно уникатен дизајн
Просторна кабина
Воланот не е премногу комуникативен
Повисоки патници може да имаат мал проблем со просторот за главата на задните седишта
4.8