ТЕСТ: Citroën C5 Aircross Shine 1.5 BlueHDi 130 EAT8

Тековната генерација на C5 Aircross за прв пат се појави на пазарот во 2017 година. По пет години, францускиот производител одлучи значително да го модернизира автомобилот и да го приближи во дизајнот до новите C4 и C5 X. Citroën C5 Aircross припаѓа во една од најважните класи на возила, а се појави на пазарот во точно погодено време. И постигна голем успех затоа што имаше јасни предности наспроти многу силната конкуренција и поради сопствениот уникатен идентитет и покрај фактот што ја дели истата платформа и механички делови со вкупно три модели од групацијата Stellantis. Иако автомобилот претрпе голема еволуција, неговите димензии не се променети на ниту еден начин. Па така, C5 Aircross е долг 4.5 метри, широк речиси два метри и висок 1.7 метри.

Естетското дотерување му дава на Citroën C5 Aircross помодерен и поприфатлив целокупен карактер. И претходно автомобилот изгледаше елегантно и препознатливо, но сега со освежувањето изгледа уште подобро и поимпресивно од моделот што го заменува. Всушност, би рекол дека C5 Aircross моментално е „најнормалниот“ модел во понудата на брендот во однос на дизајн. Но ајде да се навратиме на промените кои се направени – и покрај тоа што не се кој знае колку драстични, новиот модел е веднаш препознатлив и не треба да ги гледете двата модели еден до друг за да ги приметите разликите. Предниот дел добива целосно нов естетски идентитет кој се состои од нова решетка која сега се протега по целата ширина на автомобилот. Исто така, комплетно нови се и LED фаровите кои за разлика од тие на претходниот модел што беа поделени на два дела сега се едноделни и според мене изгледаат многу поубаво. Редизајниран е и браникот, како и доводите за воздух во него.

Профилот на автомобилот останува не променет, а сега се вклучени нови дизајни за алуминиумските бандажите кои се достапни во големини од 17 до 19-инчи. Тестираниот примерок е опремен со 19-инчни бандажи, но благодарение на пневматиците со 55 профил комфорот воопшто не е нарушен. На задниот дел, промените се доста посуптилни. LED светлата добиваат нова графика и сега се со 3D ефект. Минимално е редизајниран и задниот браник, но тоа е тоа. Дополнително, сега се достапни и неколку нови бои за каросеријата, вклучувајќи ја и специјалната бисерна „Perla Necre“ боја од тестираниот примерок, а достапни се и зголемени опции за персонализација со нови Color пакети. Ми се допаѓа тоа што со освежувањето Citroën ги „дотера“ сите работи што требаше да бидат дотерани и со тоа го направи автомобилот далеку поатрактивен.

Одиме во внатрешноста, а позитивните коментари за надворешниот дизајн продолжуваат и тука. Бујната контролна табла претрпе неколку промени, квалитетот на материјалите е релативно добар, но имам мала замерка за одредени делови кои се обложени во малку потврда пластика. Она што заслужува огромна пофалба се Advanced Comfort седиштата кои се едни од најпријатните во класата. Освен тоа, возачката позиција е одлична, како во однос на удобноста и висината, така и според видливоста што ја нуди. Разликите кои се направени во кабината во споредба со претходниот модел се веднаш забележливи, проектирајќи севкупно подобра и помодерна слика на целата внатрешност.

Па ајде да се префрлиме на најважните промени – освежениот C5 Aircross добива нов 10-инчен екран за инфозабавниот систем кој е позициониран повисоко во центарот на контролната табла. Системот има нови апликации, подобрена графика и нуди побрзо ракување, но би сакал менито да е малку поедноставно за користење. Сето ова е надополнето и со нова целосно дигитална инструмент табла за возачот која е со големина од 12.3-инчи. Екранот може да го конфигурирате според вашите желби, а достапни се и неколку различни прикази. Информациите кои се прикажуваат се јасни и читливи.

Продолжувајќи со промените во внатрешноста, под новиот централен екран поставен е засебен панел кои се контролира преку допир и служи за поединечни кратенки за одредени функции во менито. Отворите за клима уредот се исто така преместени и за разлика од претходно каде што беа вертикално поставени, сега се во хоризонтален распоред и се позициониран веднаш под екранот. Направени се измени и на централната конзола кои допринесуваат за поголема практичност и чистина. Тука се наоѓа новиот e-Toggle селектор за автоматскиот менувач кој бара одредено време на навикнување на неговата работа, како и ново копче за избор на еден од неколкуте модови на возење. Овие промени обезбедија повеќе простор на конзолата, нудејќи две поголеми и попрактични места за одлагање на ситници.

Доминантна карактеристика на C5 Aircross останува просторноста и практичноста на задните седишта. Трите независни седишта се лизгаат по должина од 15 см, а наклонот на грбот е исто така прилагодлив, па така патниците поединечно може да си го наместат седењето според нивните желби. Просторот за главата има доволно, но оние кои се малку повисоки може да имаат минимален проблем со просторот за нозете. Исто така, на задните седишта можат да се сместат и тројца патници без да биде неудобно.

Што се однесува до багажникот, на располагање се достапни од 580 до 720 литри капацитет, во зависност од позицијата на задните седишта. Доколку се спуштат целосно задните седишта се добива капацитет од импресивни 1630 литри. Ми се допаѓа тоа што багажникот има голем и широк отвор, како и правилна целосно употреблива форма. Кога ќе треба фамилијарно да одите на одмор, бидете без грижа бидејќи нема да имате никаков проблем со тоа дали ќе има доволно место за сите куфери и дополнителни работи.

Освежениот C5 Aircross е достапен со три различни и веќе добро познати погони. Доколку сакате бензинец, достапен е 1.2-литарски PureTech со 130 коњски сили и избор за мануелен или автоматски менувач. Доколку сакате дизел, достапен е 1.5-литарски BlueHDi со исто така 130 коњски сили и избор за мануелен или автоматски менувач. Додека на врвот на понудата е Plug-in хибридната верзија која користи 1.6-литарски PureTech мотор во комбинација со електромотор и батерија од 13.2 kWh за вкупна системска моќност од 225 коњски сили. Само на струја може да се поминат до 50 километри.

Тестираниот модел под хаубата го има најбараниот мотор за нашиот пазар, а тоа е 1.5-литарскиот BlueHDi дизел кој испорачува 130 коњски сили при 3750 вртежи во минута и 300 Nm вртежен момент достапен од 1750 вртежи во минута. Во конкретниов случај е спарен со 8-степен EAT автоматски менувач, а силата кај сите верзии се пренесува само на предните тркала. Опција за погон на сите четири тркала не е достапна за C5 Aircross. Оваа конфигурација овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за 10.6 секунди и постигнува максимална брзина од 189 км/ч. Овој мотор ми е веќе добро познат бидејќи имам возено неколку автомобили од Stellantis групацијата до сега кои биле опремени со истиот мотор. Перформансите кои ги нуди се навистина задоволително со оглед на намената на овој автомобил, работи рафинирано и има доволно влечна сила уште од ниски вртежи. Што се однесува до автоматскиот менувач, сега се направени некои промени и неговата работа е беспрекорна, менувањето е мазно и релативно брзо реагира на вашите команди. Една од силните страни на овој мотор е потрошувачката, во текот на неколку дневното тестирање во градски услови на возење измерив потрошувачка која се движеше околу 7 литри. На автопат, со возење по сообраќајните знаци потрошувачката изнесува 1 литро помалку, односно околу 6 литри.

Со освежувањето, Citroën не мораше воопшто да интервенира во однос на возните карактеристики на C5 Aircross. Успешниот рецепт за да се понуди врвна удобност продолжува и тука. Ова е автомобил кој јасно заведува на релаксиран стил на возење, не само со подесување на погонската единица, туку и со целиот сетап на шасијата. Главниот шарм се специјалните амортизери со хидраулични перничиња кои успеваат перфектно да ги филтрираат сите несовршености на патот. Овие амортизери работат на начин така што главниот дел за амортизација е сетиран малку помек без да се загрози безбедноста и управувањето со возилото. Така, само примарниот дел од амортизерот работи со мало подигање на тркалата, секундарниот дел во форма на хидраулично перниче работи само при динамично возење или при поминување преку длабоки дупки. Амортизерите прават навистина брилијантна работа, а тоа е особено евидентно на нашите ”добри” патишта. Во оваа приказна, многу добро е усогласена и целата шасија која може пријатно да ги обработи практично сите неправилности. И не само во смисла на чувство, туку и во смисла на бучава.

C5 Aircross е навистина различен автомобил од сите свои конкуренти и на изглед и кога ќе седнете зад воланот. Тука возењето е максимално опуштено и мазно, а спортското возење не ви паѓа воопшто на памет. Но автомобилот не изневерува ниту во свиоци, иако телото е склоно кон поизразени навалувања, возењето во ниту еден момент не станува непријатно или можеби опасно. Она што мене лично не ми се допаѓа е премногу вештачкиот управувачки систем, не се добиваат никакви повратни информации од подлогата, а и самото чувство при секое вртење на воланот е некако не природно. Сепак, леснотијата на воланот ќе ја цените многу во градски услови на возење, секое маневрирање е ултра лесно, а и благодарение на високата седечка позиција прегледноста е одлична. На подолги патувања, C5 Aircross е феноменален придружник кој импресионира со добрата звучна изолација и општо рафинираноста во кабината.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Почетната цена за Citroën C5 Aircross 1.2 PureTech 130 Live Pack изнесува 29.900 евра.

Цената на тестираниот модел Citroën C5 Aircross 1.5 Blue HDi 130 EAT8 Shine изнесува 40.450 евра.

Повеќе информации за автомобило може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Citroën.

ЗАКЛУЧОК
Естетското обновување му дава на Citroën C5 Aircross помодерен и поприфатлив целокупен карактер. Во комбинација со зачувувањето на неговите основни карактеристики што го издвојуваат од конкуренцијата, тој останува импресивно комплетен семеен теренец.
Исклучително удобна шасија
Модерен и елегантен изглед
Уникатност
Многу вештачки управувачки систем
Мал избор на мотори
4