Кога првата генерација на X2 се појави на пазарот во 2017 година, изгледаше како прилично циничен обид да се пополнат сите претходно слободни броеви во гамата на BMW во комбинација со различни форми на каросеријата. На крајот на краиштата, „двојката“ е достапна во многу форми денес – покрај X2, може да биде и Gran Coupé со четири врати, семеен Active Tourer или класично купе со две врати, исто така достапно во вистинска M верзија. Но, првиот X2 се покажа како многу убав автомобил со пријатни пропорции за градот и надвор од него, солидни возни карактеристики и интересен дизајн.
Постојаното зголемување на популарноста на SUV автомобилите им дава простор на производителите да ги пополнат и најмалите празнини. Затоа, штом лансираа модели со стандардни каросерии на пазарот, побрзаа кон нивните деривати. Тие обично имаат форма на таканаречено SUV купе со линија на покривот што брзо опаѓа кон задниот дел. Првиот успешен претставник на брендот беше големиот BMW X6, чие име некои сè уште не можат да го смислат. Работите се менуваат, а со тоа се менуваат и формите на автомобилите. По X4 во 2017 година, BMW го претстави и најмалиот ваков SUV купе модел досега, а тоа е новата генерација на X2.
Сепак, првата генерација на овој модел дојде со поинаков концепт од гореспоменатите браќа и сестри. Тоа беше хечбек со поголем клиренс. А можеби и тоа е причината што првата генерација не доби толку многу клиенти како X4 и X6. Затоа, BMW за новата генерација се одлучи да направи драстична промена, па новитетот има значително поголем потенцијал за успех.
Ако претходникот изгледаше малку „обично“, новата генерација е токму спротивното и е модел кој едноставно привлекува внимание. Поагресивен изглед, испакнат заден дел, самоуверен израз. Дизајнерите успеаја да смислат убав теренец користејќи ја технологијата на помалиот X1. И покрај тоа што новиот X2 дели многу работи со X1, самиот дизајн е комплетно различен. Да почнеме од предниот дел, X2 има многу поагресивна предница, со големи „бубрези“ кои исто така се со малку различна форма. Покрај тоа и фаровите добија засебна форма и графика. Тест примерокот е во M Sport верзија па затоа изгледа уште поагресивно и поатрактивно – според мене, M Sport пакетот кај овој модел е задолжителен.
Профилот на новиот X2 е во класична SUV купе форма, а благодарение на рачките од вратите кои се интегрирани во вратите и не „штрчат“ надвор, целата линија изгледа многу елегантно. Одиме кон задниот дел – и токму ова е најполаризирачкиот дел на овој автомобил. Па затоа, има многу поделени мислења околу изгледот на задницата и колку што има луѓе на кои им се допаѓа исто толку има и на кои не им се допаѓа воопшто. Ова е навистина храбар потег од дизајнерите на BMW, но реално не изненадува бидејќи мислам дека веќе сите се навикнавме на вакви чудни и несекојдневни дизајни на новите модели од овој бренд.
Иако BMW X2 е дериват на X1, тој е значително поголем. Во споредба со својот претходник, германскиот SUV дури порасна за значителни 207 милиметри (должина од 4554 мм), додека меѓуоскиното растојание е продолжено за 22 милиметри. Затоа можете да се радувате на многу поголема доза на простор внатре. Во споредба со X1, има околу 3 сантиметри помалку простор напред, додека вториот ред е малку „повоздушен“. Помеѓу генерациите тоа е зголемување од редот на неколку сантиметри, што на прв поглед се занемарливи бројки, но во пракса тоа е значително подобрување.
Кога удобно ќе се сместите на повисоките седишта, погледот на контролната табла дефинитивно нема да ве изненади ако веќе сте седнале во актуелниот X1 или 2 Active Tourer. Затоа што тој е сосема ист со сите негови добри и лоши идеи. Додека во претходната генерација на X2 можеше да се најдат голем број на физички копчиња и тркалца за поголем дел од функциите – овде, како и многу други актуелни автомобили, владее ерата на дигитализација и дисплеи.
Пред вас е заоблен панел со два екрани – еден наменет за инструмент таблата и друг наменет за инфозабавниот iDrive систем со одлична резолуција. Во основниот приказ, инфозабавниот систем ви нуди неколку елементи со важни функции, а до најчесто користените елементи како аудио, навигација и телефон може да се пристапи преку подлогите за допир лево од екранот. Во долниот дел на дисплејот има и контрола за климата, за среќа секогаш на повидок и при рака, покрај доволно големи пиктограми. Она што е интересно – вентилацијата за шофершајбната и греењето на задното стакло имаат свои физички копчиња, во средината на контролната табла до централниот отвор за вентилација.
Инфозабавниот систем е значително посложен во споредба со минатото, бидејќи вклучува многу поголем број на функции. Понекогаш се губите во неговите менија и подменија, што не е проблем само за BMW, туку и за огромното мнозинство на производители на автомобили. Дополнително, нема ни да пробате многу од овие скриени елементи во реалниот живот, па затоа генерално би се заложил за поедноставување на мултимедијалните интерфејси. Можете исто така лесно да се навикнете на дигиталната табла со инструменти, која нуди неколку формати на прикажување, вклучително и карта за навигација.
Паметна идеја е и преградата со штипка во долниот дел на централниот тунел, тука можете да го ставите телефонот (со прилично гигантски димензии) за да не лета од страна на страна и да може индуктивно да се полни. Држачите за пијалоци се исто така корисни на предните седишта. Но, имаме и двојна „лебдечка“ централна конзола, која не е многу голема, па тука може да складирате некои помали предмети. Додека горниот дел служи како потпирач за рака и ви овозможува удобно да управувате со режимите на возење или јачината на звукот. А би сакал да ги пофалам и прекрасните спортски седишта во оваа M Sport верзија кои освен што изгледаат интересно, нудат одлична странична поддршка и се доста удобни за подолги патувања.
Што се однесува до просторноста на задните седишта има пристоен простор за колената благодарение на исечоците во задниот дел на наслоните на предните седишта. Поединци над 180 сантиметри може да имаат мал проблем со просторот за главата, но генерално седењето тука е комфорно. Патниците може да користат и две USB-C приклучоци овде, другите две се на предната страна. Задните седишта се поделени во сооднос од 40:20:40, што го олеснува транспортирањето на подолги предмети.
Багажникот со капацитет од 560 литри може да издржи и поголеми патувања со неколку луѓе, има правилен облик кој не штрчи во лакови на тркалата и товарен раб на исто ниво со подот. Под него, ќе најдете изненадувачки пространа преграда за други предмети што не сакате да ги оставите да се тркалаат во багажникот. Откако ќе се преклопат потпирачите за грб речиси рамно, на располагање се добиваат солидни 1470 литри капацитет, а големиот влезен отвор на багажникот ќе го олесни товарањето.
Новата генерација на X2 е достапа со богат избор на погонски единици. Кај бензинците основата е 1.5-литарски турбо-бензинец кој испорачува 170 коњски сили (ознака 20i), следен е 2.0-литарски мотор со 241 коњски сили и xDrive погон на сите тркала (ознака 28i xDrive). Кај дизелите, понудата започнува со 2.0-литарски мотор со 150 коњски сили (ознака 18d), а над него е верзија со истиот мотор но со 163 коњски сили (ознака 20d). Појакиот дизел е достапен со преден погон или со xDrive погон на сите четири тркала. На самиот врв на понудата е верзијата X2 M35i која користи 2.0-литарски бензинец кој испорачува 300 коњски сили. Дополнително, втората генерација на овој модел е достапна и во целосно електрична верзија со име iX2. Тука се достапни две верзии eDrive20 и xDrive30 – користат батерија со ист капацитет од 66.5 kWh, додека моќноста кај првата верзија изнесува 204 коњски сили, а кај втората изнесува 313 коњски сили.
Тестираниот примерок е со врвниот дизел погон, односно 20d xDrive верзијата. Под хаубата работи 2.0-литарски дизел мотор од најновата генерација кој е дополнително спарен со mild-hybrid технологија. Вкупната системска моќност е 163 коњски сили од 3750 до 4000 вртежи во минута и 400 Nm вртежен момент од 1500 вртежи во минута. Силата се пренесува на сите четири тркала благодарение на xDrive погонот преку 7-степен автоматски менувач со двојна спојка. Сето ова преведено во перформанси значи дека X2 забрзува до 100 км/ч за 8.6 секунди и постигнува максимална брзина од 207 км/ч. Дизелот е дополнет со електричен мотор со моќност од 14 kW и вртежен момент од 55 Nm, ова е дел од автоматскиот менувач и ја зема својата енергија од батерија од 48V која е поставена под подот на багажниот простор. Електричниот мотор работи според стандардните mild-hybrid практики, т.е. истовремено како стартер/генератор, и му помага на дизелот главно при стартување, но и при последователно забрзување.
Ова не е прв пат да возам модел на BMW со овој ист погон, пред нешто повеќе од една година новата генерација на X1 која пристигна на тест беше опремена со овој погон. Па сега можам само да го потврдам повторно тоа што го кажав тогаш. BMW направиле полн погодок со овој погон, првично поради тивкото и рафинирано работење – ова е дефинитивно еден од најтивките дизели. Перформансите што ги нуди ќе бидат и повеќе од доволни за голем дел од купувачите. Она што изненадува највеќе е економичноста на овој мотор и за да добиете ниска просечна потрошувачка не треба воопшто да „пазите“ и да возите премногу претпазливо. Во градски услови на возење, просечната потрошувачка се движи од 6.5 до 7.5 литри – секако во зависност од условите. На отворен пат, со брзина според пропишаните ограничувања на борд компјутерот ќе видите бројка која почнува со 5, а благодарение на резервоарот за гориво од 54 литри застанувања на бензинска станица нема да бидат толку чести.
Новиот X2 ја користи истата платформа како и X1, односно UKL2 платформата со структура на каросеријата што ја намалува тежината додека ја зголемува цврстината. Подолгото меѓуоскино растојание, пошироките патеки во споредба со претходниот X2 и надградбите на предната суспензија и задниот распоред со три врски, пак, ветуваат подобрени карактеристики на патот и подобра рамнотежа помеѓу спортското и удобното управување во сите видови услови на пат. Во комбинација со технологијата за контрола на лизгање на тркалата (ARB) – со сензор интегриран во контролната единица на моторот – што е стандардно кај новиот BMW X2, има корист и за одлична тракција и за директно насочување. Другите подобрувања на шасијата вклучуваат интегриран систем за сопирање, како и пасивни амортизери на предната оска кои постојано го прилагодуваат нивното амортизирање во однос на соодветното патување на пружината.
Во однос на нормални услови на возење во град, новиот X2 е исклучително лесен и пријатен автомобил. Воланот (според мене) е можеби и премногу лесен и асистиран, но тоа овозможува лесни маневри во градските средини. Прегледноста е на завидно ниво, освен – сосема очекувано кон задниот дел каде што е доста лимитирана. Но мора да се плати некаква цена за купеовскиот дизајн. Како и со секој модел на BMW, суспензијата е малку поцврста, а кај тестираниот примерок тоа е дополнително збогатено поради M Sport пакетот со кој се добива нијанса поцврста суспензија од стандардната. Комфорот не е нарушен, но некои подлабоки и поголеми нерамнини се чувствуваат малку повеќе во кабината. Кога станува збор за динамичност, X2 ги надминува сите очекувања и е спремен за динамично возење, со минимално навалување во свиоци и одлична тракција – тука благодарение и на xDrive погонот. Потврдиот сетап на суспензијата и цврстата каросерија тука доаѓаат до израз и овозможуваат одлична контрола врз автомобилот. Пофалба заслужува и звучната изолација, на автопат со брзини од 130 км/ч или нешто повеќе, кабината останува тивка и рафинирана.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Почетната цена за BMW X2 20i sDrive изнесува 48.640 евра.
Цената на тестираниот примерок BMW X2 20d xDrive M Sport изнесува 68.409 евра.
Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на BMW.





















