BMW 1 Series

BMW серија 1 е на пазарот веќе 15 години, а сега во 2019 година, BMW ја претстави новата трета генерација на најмалиот модел во својата гама. Новиот модел не само што има комплетно нов дизајн туку е и радикално различен од сите претходни генерации. Ова е првата серија 1 која има преден погон. Ја користи новата UKL2 модуларна платформа на која што се поставени и моделите X1, X2 и новата серија 2 Gran Coupé, но серија 1 добива сосема нови traction-control системи, како и многу промени на целата шасија.
Должината на возилото изнесува 4319мм, ширината 1799мм, висината 1434 и меѓуоскиното растојание е 2670мм.

Надворешниот дизајн на новиот BMW серија 1 е комплетно различен од претходните генерации. Сега изгледа некако поспортски и поурбано со многуте динамични линии кои ги има. На предниот дел, највпечатлив детал е легендарната „kidney grille” маска која сега е мнооогу поголема. Исто така, голема промена има и во големината на хаубата, поради тоа што серија 1 сега е со преден погон, хаубата е драстично пократка и целиот преден дел е повисок. Нови се и одличните Full LED предни светла кои многу добро го осветлуваат патот пред Вас навечер. Гледано од страна, одма ќе забележите дека новиот модел има и различни димензии од претходно. Меѓуоскиното растојание е помало за 20mm и висината е зголемена за 34mm. На задниот дел, поставени се нови LED светла кои се во L форма, а тоа го прави задниот дел да изгледа поширок. Голем плус и за тоа што сите модели имаат вистински, видливи хромирани издувни цевки, наместо „fake” отвори како кај некои од другите германски конкуренти…Воедно, задниот дел на возилото мене ми е и омилен, изгледа толку совршено и секси! M Sport моделите(како што беше тест моделот) добиваат поспортски браници, спортски странични прагови, заден дифузер, поголем заден спојлер, M Sport алуминиумски бандажи и M Sport ознаки на предните крила.

Кога ќе ја отворите возачката врата од новиот BMW серија 1 ве пречекува многу луксузен и high-tech ентериер. Квалитетот на материјалите во целата кабина е врвен и се е перфектно склопено. Иако се работи за најмалиот модел на BMW, сепак го добивате тоа премиум чувство како и кај некои од поголемите и поскапи модели. Многу ми се допаѓа тоа што буквално сите копчиња и контроли се поставени на идеално место и се многу лесни за користење при возење. Дизајнот на ентериерот ќе ви биде добро познат на повеќето од Вас бидејќи е сличен со тој во новата серија 3, а тоа не е воопшто лошо бидејќи изгледа фантастично. Тест моделот беше во M Sport нивото, а со тоа добивате спортски мултифункционален волан, спортски седишта кои се многу удобни и одлично ве држат во кривини, насекаде во кабината има „stitching” во сина боја и многу детали кои се во сјајно црна боја. Пред Вас е поставена дигитална инструмент табла, но поголемиот 10.25-инчен BMW Live Cockpit Professional е опција, како и „gesture control” и 9.2-инчен head-up дисплеј. 8.8-инчниот BMW Live Cockpit Plus infotainment систем кој го имаше тест возилото има кристално чиста графика, работи брзо и може да го контролирате преку Touch или со тркалцето кое е поставено на централната конзола до менувачот каде што има и физички „shortcut” копчиња- iDrive системот на BMW е дефинитивно најдобриот и најлесен систем на пазарот! Добивате и поддршка за Apple CarPlay, но корисниците на Android телефон ќе бидат разочарани бидејќи Android Auto не е достапно…Како опција, може да земете и поголем 10.25-инчен infotainment систем со кој добивате плус уште некои опции. Реално, тие пари што ќе ги дадете за поголемиот дисплеј, подобро би било да ги дадете за некоја друга опција бидејќи и стандардниот дисплеј кој го добивате е многу добар. Нешто со што новиот BMW 1 се издвојува од сите конкурентни модели е амбиенталното осветлување кое го има- многу уникатно и многу кул!

Зголемениот простор на задните седишта се приметува одма штом ќе ја отворите задната врата. Сега има многу повеќе простор за главата и особено за нозете, двајца патници до 190cm ќе може да седат удобно и за подолги релации. Доколку треба да се сместат тројца патници не е баш идеално и не е многу комотно. За некои пократки релации да, но за подолги патувања не би ви препорачал. Багажниот простор е исто така зголемен во споредба со претходниот модел и сега се достапни 380 литри капацитет, а доколку ги спуштите задните седишта добивате 1,200 литри капацитет. Отворањето е широко и просторот е во коцкаста форма, а тоа што подот е скоро комплетно рамен го олеснува ставањето и вадењето на потешки работи. Како опција, достапно е и електрично затворање и отворање на вратата од багажникот.

Новиот BMW 1 е достапен со три дизел и два турбо бензински мотори- понудата започнува со 116d кој има 1.5-литарски турбо дизел мотор со 116 коњски сили, потоа следува 118d кој има 2.0-литарски турбо дизел со 150 коњски сили и на врвот кај дизелите е 120d кој има исто 2.0-литарски мотор, но со 190 коњски сили. Кај бензинците достапен е 118i кој има 1.5-литарски турбо мотор со 140 коњски сили. Најмоќната изведба е M135i xDrive која има 2.0-литарски турбо бензински мотор со 306 коњски сили. Освен 120d и M135i моделите, сите други изведби стандардно се опремени со 6-степен мануелен менувач, а како опција може да одберете 7-степен Steptronic автоматски менувач. Достапен е и xDrive системот, но само кај 120d и M135i кој стандардно се опремени со овој систем. Исто така, овие две изведби наместо 7-степен Steptronic менувач, добиваат 8-степен Steptronic менувач.
Тест моделот беше 118i што значи беше опремен со 1.5-литарски турбо бензинец со 140 коњски сили и 220Nm вртежен момент. Силата се пренесува на предните тркала и во овој случај преку 7-степен автоматски менувач. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 8.5 секунди и постигнува максимална брзина од 213 км/ч. Овој мотор има сосема солидни перформанси како и за возење во град, така и за на отворен пат. Автоматскиот менувач работи перфектно и менувањето на брзини не го ни осеќате, а воедно е и доста респонзивен и реагира брзо. Сепак, на оние ентузијасти кои сакаат малку подинамично возење овој мотор нема да им биде доволен. Мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше околу 10 литри на 100 изминати километри, но возилото беше ново и имаше изминато само 200 километри, па со тек на време потрошувачката би требало да се намали за 1-2 литри.

Стандардната опрема која ја добивате во M Sport нивото вклучува: DSC(Dynamic Stability Control) заедно со Performance Control и електронско заклучување на диференцијал, странична заштита од удар, Attentiveness assistant, lane keeping assist, 17-инчни алуминиумски бандажи, сензор за дожд и светла, режими на возење- Eco Pro, Comfort и Sport, мултифункционален спортски кожен волан, автоматски клима уред, Active Guard- препознавање на пешаци и возила, спортски седишта, Full LED предни и задни светла, M аеродинамичен пакет, М Sport суспензија, црн покрив во внатрешноста, 8.8-инчен infotainment дисплеј со Apple CarPlay и многу, многу друго…

Ова е првиот BMW „кец” кој е со преден погон…информација која вистинските љубители на германскиот бренд ги остави разочарани, но Според BMW, на 90% од купувачите на серија 1 не им било битно дали возилото има преден или заден погон, а некои дури не ни знаеле дека возат возило со заден погон…Ентузијастите(вклучувајќи ме и мене) исто така, не беа баш среќни за оваа одлука. Од друга страна пак, поради тоа што сега погонот е на предните тркала, вкупната тежина на возилото е помала и просторот на задните седишта е доста зголемен. Возењето во град е многу лесно, воланот е лесен и многу прецизен за маневрирање, суспензијата одлично се справува со сите дупки и нерамнини на улиците. Тест моделот имаше спортска суспензија која што е потврда и пониска, да, ја осеќате таа екстра тврдина, но во ниеден случај возењето не е неудобно. За прегледноста немам никакви замерки бидејќи од сите страни е доста прегледно, а тука се и паркинг сензорите и камерите со кои паркирањето е многу лесно. На отворен пат, возењето е комфорно и рафинирано, на брзини од 130-140 км/ч нема никаква бучава во кабината што е навистина импресивно. А сите тие системи како адаптивниот темпомат, lane keep assist и така натаму, ги прават долгите патувања многу безбедни и релаксирани. Новиот BMW 1 користи технологии кои за прв пат се ставени во возило кое има мотор со внатрешно согорување, а тоа е- actuator contiguous wheel slip limitation technology (ARB). Технологија која што се користи во електричниот модел i3. Користејќи контролер за пролизгување поставен директно во контролната единица на моторот наместо во контролната единица за DSC, ARB испраќа информации за пролизгувањето на тркалото три пати побрзо отколку во конвенционалниот систем. Ова решение беше потребно поради тоа што автомобилот има преден погон и ова користи како средство за контрола на пролизгувањето, многу почувствително и побрзо од порано. Користејќи ја својата врска со DSC, ARB нуди значително намалување на “understeer” отколку кај другите автомобили со преден погон. Исто така, ARB обезбедува подобро управување на автомобилот со тоа што автоматски ги активира сопирачките на тркалата кои што се од внатрешната страна на свиокот за да се избегне пролизгувањето. Резултатот од поставувањето на ARB технологијата е автомобил со неутрално управување. Со сите овие новитети, новиот модел вози многу подобро од претходниот. Океј, претходниот модел е многу позабавен бидејќи може да правите работи кои што со овој нов модел нема теорија да ги правите…но, новиот модел е многу подобар буквално во се, за возило со преден погон има импресивно добар грип, при динамично возење во кривини е исто импресивно стабилен без никакво навалување или губење тракција, воланот е директен и прецизен и секогаш знаете што се случува со предните тркала.

Кога станува збор за уживање во возењето, новиот BMW 1 е дефинитивно најдобриот модел во својата класа!

 

Почетната цена на BMW серија 1 изнесува 26.880€.

Моментално BMW серија 1 се нуди со гратис пакет опрема- THE 1 edition и има специјална цена од 29.900€. Оваа понуда важи до 31.12.2019!

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на BMW во Скопје.

ГАЛЕРИЈА

Виктор Чемерикиќ

Виктор Чемерикиќ

Љубител на автомобили уште од 1997, основач на вебсајтот ”CarsByVik” и професионален автомобилски фотограф.

Остави коментар