Porsche Macan

Porsche Macan за прв пат беше претставен во 2014 година, а од тогаш до сега е еден од најпродаваните модели на Porsche. Одличен автомобил за оние кои сакаат да возат SUV модел на Porsche, но со покомпактни димензии од големиот Cayenne. За разлика од другите SUV модели во оваа класа, Macan е нешто сосема различно. Го добивате сето тоа препознатливо спортско искуство при возење како во вистинските спортски модели на Porsche, плус надополнето со одлична практичност. Во 2018, Macan доби мало освежување на екстериерот и ентериерот, нови технологии и нема веќе дизел мотори во понудата, туку само турбо-бензински.
Должината на возилото изнесува 4,681мм, ширината 1,923мм, меѓуоскиното растојание е 2,807мм и висината е 1,624мм.

Промените кои се направени на надворешниот дизајн на овој фејслифт модел се суптилни и не толку драстично големи, а да бидеме реални, не ни требаше да се направи некоја голема промена бидејќи Macan веќе имаше совршен изглед. За да ги приметите сите промени кои се направени треба да сте голем фан на Porsche и многу добро да го познавате претходниот Macan. На предниот дел добива нов ревидиран браник, малку променета хауба, нови Full LED светла и нови ретровизори. Единствената промена која сите ќе ја приметат е на задниот дел, Macan ја доби светлосната лента на задните светла која што стана заштитен знак за Porsche бидејќи сите нивни модели сега ја имаат. Од новиот 911, Cayenne, Panamera, како и новиот целосно електричен Taycan! Сите овие промени се можеби и не толку значајни, но Macan сега изгледа уште поубаво и посекси…мојата омилена боја е „Мamba Green”, но дури и во оваа бела боја во комбинација со големите двобојни 20-инчни „Turbo” бандажи изгледа толку совршено! Инаку, ако 20-инчните бандажи не ви се доволно големи, може да земете и поголеми 21-инчни. А доколку планирате Macan да го возите и по off-road патишта(нешто што верувам дека нема да се случи) достапни се и помали 18 и 19-инчни бандажи.

Macan е baby SUV модел во гамата на Porsche, но кабината е исто луксузна како и во големиот Cayenne! Ми се допаѓа и тоа што ентериерот има спој на модерен и класичен дизајн. Квалитетот на материјалите е нормално како што и може да се очекува од Porsche-врвен! А целата кабина изгледа многу полуксузно во споредба со конкурентните модели. Тестираниот модел го имаше и опционалниот Sport Chrono пакет(нешто што е задолжително да го имате ако купувате Porsche), во овој пакет го добивате аналогниот часовник кој е поставен на горниот дел од шал таблата, Sport Plus режим, Performance дисплеј кој ви покажува “lap times” и други статистики од вашето возење, како и забрзувањето од 0 до 100 км/ч го крати за неколку стотинки. Исто така, Porsche одлучиле да ги остават сите оние физички копчиња(а ги има многу) на централната конзола кои според мене се многу полесни и поедноставни за користење(особено при возење), одколку сите тие функции да ги контролирате преку некој дисплеј. Ергономијата е перфектна и се што е пред вас е логично поставено. Стандардно добивате електрични седишта кои се регулираат во 8 правци и нудат одлична странична поддршка. Седиштето се спушта многу ниско и го добивате тоа чувство како да возите спортско возило, а не SUV. Но, може и да го кренете многу високо за да имате подобра прегледност.
Во фејслифт моделот, како стандард сите модели добиваат 10.9-инчен дисплеј за infotainment системот. Новиот дисплеј е многу подобар и полесен за користење одколку стариот 7-инчен дисплеј. Интерфејсот на новиот систем е ист како во Panamera и Cayenne, менито е јасно и едноставно за користење. Резолуцијата е одлична и има кристално чиста графика. Стандардно добивате поддршка за Apple CarPlay, но доколку сте корисник на Android телефон ќе бидете разочарани бидејќи нема поддршка за Android Auto…Аудио системот кој го добивате во стандардна опрема има 11 звучника и солиден квалитет, а како опција може да одберете и BOSE или врвниот Burmester аудио систем.

Гледано од надвор не изгледа како да има премногу место на задните седишта во Macan, но приказната е друга кога ќе ја отворите вратата. Не е најпросторниот модел во оваа класа, но луѓе до 190cm ќе седат сосема удобно со доволно простор за нозете и главата. И покрај големиот тунел во средина не е до толку лошо доколку треба да седат тројца патници. Во багажникот на располагање достапни се 500 литри, а коцкастата форма, широкото отворање и комплетно рамниот под прават ставањето и вадењето на поголеми и потешки работи да биде многу лесно. Задните седишта се спуштаат 40:20:40 и така добивате багажен простор од 1,500 литри. Исто така, има и 12V приклучок доколку треба да наполните нешто, како и многу места од страните за одлагање на ситници.

Porsche ги отфрли дизел моторите од сите нивни модели и конкретно кај Macan сега се достапни само турбо-бензински мотори. Се претпоставува дека новиот модел на Macan кој би требало да пристигне во 2021 година ќе биде целосно електричен. Искрено, не би ме зачудило ако е така, но останува да видиме. “entry-level” моторот кој сега се вградува во Macan e 2.0 TFSI турбо-бензинец кој има 245 коњски сили и 370Nm вртежен момент. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 6.5 секунди(со Sport Chrono пакет), а максималната брзина изнесува 225 км/ч(ова е официјална бројка, но во реалноста очекувајте многу повеќе). Силата се пренесува на сите четири тркала преку 7-степен PDK автоматски менувач со двојна спојка. Можам да претпоставам дека сега додека го читате ова си мислите какво е тоа Porsche со 2.0-литарски мотор од VW? 6.5 секунди нели е споро? сигурно “не иде”, а троши. Бла, бла, бла…. Чекајте, искрено да правиме муабет, и јас го помислив истото пред да седнам да го возам и немав некои преголеми очекувања за моторот. Пред неколку месеци на Porsche Driving Experience го возев Macan S кој има 3.0 V6 турбо-бензински мотор со 354 коњски сили, минатата година на истиот тој настан го возев Macan Turbo “performance package” кој има 3.6 V6 битурбо-бензински мотор со 440 коњски сили(брутално брз). Споредено со овие модели, да овој “entry-level” модел е каде каде поспор и го немате тоа брутално забрзување. Од друга страна, при возење во град е сосема доволен и нема никаква потреба од нешто “појако”. Кога ќе се најдете на некој пат каде што нема ограничување на брзината и ќе ја притиснете педалата за гас до крај, малку го осеќате тоа дека е потребна повеќе сила, не е дека забрзувањето е споро, но едоставно фали нешто плус…На крај на денот, ниту јас, ниту сите Вие кои сте ентузијасти не би одбрале Macan со овој “entry-level” мотор. Наменет е за друга целна група, за оние кои перформансите и не им се толку битни е сосема доволен. Мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше од 12 до 13 литри на 100 изминати километри, а кога ќе се земе во предвид тежината на возилото и тоа што возите Porsche па и не е толку лошо.

Листата на стандардна опрема е прилично голема, па ќе наведам само некои од побитните работи кои ги добивате- 18-инчни алуминиумски бандажи, PSM(систем за управување со стабилност), PTM(Porsche Traction Managment), активен погон на сите тркала, предупредување за напуштање на лента, темпомат, PCM(Porsche комуникациски менаџмент), 10.9-инчен infotainment дисплеј со онлајн навигација, Full LED предни светла со автоматска контрола, Full LED задни светла, три-зонска автоматска клима, електрично подесување на возачко седиште во 8 насоки, седишта во Alcantara, мултифункционален спортски кожен управувач со педали за менување брзини, електричено отворање и затворање на багажник и многу друго…

Какво е чувството зад воланот? Macan е многу повеќе од само еден обичен SUV модел. Вози како спортски хечбек, а воедно може да вози и на off-road патишта многу повеќе од тоа што некој некогаш ќе го вози. Управувачот ја има перфектната тежина и е многу прецизен и брз, а исто така добивате и доста повратни информации за тоа кога предните тркала ќе изгубат грип. Тест моделот ја имаше стандардната суспензија и би рекол дека е одлична, во град не е премногу тврда и возењето е комфорно, другата добра страна е тоа што и при големи брзини во кривини нема никакво навалување. Импресиониран бев од тоа колку уствари Macan е способен за динамично возење, перфектна стабилност, контрола и грип! Како опција достапна е и воздушна суспензија, а со тоа возењето во нормален режим ќе биде малку покомфорно и во спортски режим малку поцврсто. Возењето низ градските улици е доста лесно благодарение на тоа што седите високо и имате одлична прегледност, освен назад(што е и очекувано). Но затоа добивате паркинг сензори и камери кои го олеснуваат паркирањето во тесни места, а ако се плашите да не ги изгребете убавите бандажи како опција може да земете Park Assist кој сам го паркира возилото без да направи некакви оштетувања. На отворен пат, возењето во Macan е ралксирано и е вистинско уживање. Внатре во кабината и на поголеми брзини не се слуша никаква несакана бучава која би ви пречела. Сега се достапни и многу нови автономни опции, вклучувајќи адаптивен темпомат кој забрзува и кочи наместо вас, како и Traffic Jam Assist. Тркалцето кое е поставено на десниот долен дел од воланот ви овозможува да одберете помеѓу четири различни режими на возење- Normal, Sport, Sport+ и Individual. Плус, сите модели како стандард добиваат Off-road копче кое ја прилагодува тракцијата и менувачот за оптимално возење на таков пат. Единствената работа која што ми фалеше, конкретно на тестираниот модел е звукот…иако го имаше опционалниот спортски издувен систем пак е тивок и за жал не добивате никакви “pops & bangs”…Овој проблем не е до Porsche, туку, сега има нови EU регулации и брендовите се обврзани да стават GPF филтер(слично на DPF) кој ги намалува CO2 емисиите и на некој начин ја пригушува јачината на звукот…

Јас лично не сум голем фан на SUV модели, но Porsche Macan е единствениот таков модел кој навистина би го поседувал! Доколку имате фамилија и ви е потребна поголема практичност од таа во Cayman или пак вашата жена е против спортски автомобили, Macan е перфектниот избор. Практичен е, има задни седишта и доволно голем багажник, ќе може да го вози и вашата жена и најбитното од се ова е што кога ќе бидете сами во возилото и ќе сакате едноставно да си го направите меракот, ќе можете и ќе имате насмевка на лицето бидејќи со притискање на копчето за Sport режим, имате спортско возило а не SUV.

Почетната цена на Porsche Macan изнесува 75.544€.

Повеќе информации за моделот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Porsche во Скопје!

ГАЛЕРИЈА

Виктор Чемерикиќ

Виктор Чемерикиќ

Љубител на автомобили уште од 1997, основач на вебсајтот ”CarsByVik” и професионален автомобилски фотограф.

Остави коментар