Skoda Scala

Skoda Scala е најновиот хечбек модел на чешкиот бренд и е позициониран помеѓу Fabia и Octavia. Scala е замена за моделот Rapid, а ја користи MQB A0 платформата на VW групацијата. Ова е модел кој дефинитивно фалеше во гамата на Skoda!
Името Scala е инаку латински збор кој означува скалила, а Skoda се одлучи за ова име бидејќи го означува големиот напредок на чешкиот бренд во компактниот сегмент.
Должината на возилото изнесува 4362мм, ширината 1793мм, висината 1471мм и меѓуоскиното растојание е 2649мм.

Во денешно време автомобилите стануваат се поголеми и пософистицирани, но исто така стануваат и поскапи…барем повеќето од нив, бидејќи Skoda Scala е потенцијален исклучок од ова правило.
Надворешниот дизајн е превземен од концептот Vision RS и морам да признаам дека според мене ова е најубавиот модел на Skoda. Scala се разликува од другите модели на брендот и има доста привлечен, модерен и динамичен изглед. Воедно, ова е и новиот ‘Design language’ на Skoda, така што наредните нови модели на брендот ќе имаат слични дизајнерски детали со Scala.
Достапни се две нивоа на опременост- Ambition и Style. Тестираниот модел беше во првото Ambition ниво со плус уште нешто дополнителна опрема. Кое ниво и да го одберете добивате доста богата стандардна опрема.

Ентериерот во Scala е малку различен во споредба со другите модели на Škoda. Ми се допаѓа и тоа што целиот ентериер не е црн туку има многу детали што се хромирани и на вратите има Piano black делови. Она што Scala го дели со сите други модели на брендот е големата практичност и едноставните, одлично поставени контроли. Повеќето од материјалите се меки на допир и од добар квалитет, но има и потврди пластики во долниот дел на вратите и централната конзола. Дисплејот за Infotainment системот е поставен на горниот дел од централната конзола, што е одлично бидејќи при возење не треба да го тргате премногу погледот од патот. Тестираниот модел го имаше 8-инчниот дисплеј кој има одлична графика, респонзивен е и целото мени е многу лесно и едноставно за користење. Овој дисплеј во моделот кој што го возев беше дополнителна опрема бидејќи во првото ниво стандардно добивате 6.5-инчен дисплеј, а би Ви препорачал да доплатите за 8-инчниот дисплеј бидејќи е подобар, добивате Apple CarPlay и Android Auto поврзување и не е скапа опција(134€ ), а е нешто што ќе го користите секојдневно. Освен овој дисплеј, достапен е и поголем 9.2-инчен со кој добивате и вграден навигациски систем. Scala е достапна и со Virtual Cockpit- замена за конвенционалната инструмент табла, а ова е опција која јас дефинитивно би ја земал бидејќи стандардната аналогна инструмент табла што ја добивате, искрено не ми се допаѓа баш и мислам дека изгледа малку застарено…Друга “must have” опција, особено за помладите купувачи е Dynamic пакетот кој вклучува- спортски седишта(изгледаат фантастично), алуминиумски педали, мулти-функционален кожен спортски волан, црн кров во внатрешноста и сребрени декоративни детали.

Она со што Scala се издвојува од своите конкуренти е просторот на задните седишта и багажникот.
На задните седишта има ипресивно многу простор, сосема удобно ќе може да седат и луѓе до 185cm, тројца патници ќе можат комотно да се сместат, но поради повисокиот тунел во средина просторот за нозете е малку ограничен. Со двајца патници позади подолгите патувања ќе бидат уживање.
Во багажникот на располагање достапни се 467 литри, а тоа е скоро 100 литри повеќе од некои други конкурентни модели. Отворањето е широко и просторот е во коцкаста форма, но подот не е комплетно рамен, а со тоа би можело да имате потешкотии при вадење и ставање работи во него, исто треба да бидете претпазливи во тој случај за да не го изгребете браникот.

Сега за сега достапни се два бензински и еден дизел мотор-
Бензински:
1.0 TSI со 95 коњски сили
1.0 TSI со 115 коњски сили
Дизел:
1.6 TDI со 115 коњски сили

При крајот на оваа година достапен ќе биде и 1.5-литарскиот TSI турбо-бензинец со 150 коњски сили.

Освен најслабиот бензинец сите други мотори се достапни и со DSG автоматски менувач.
Тестираниот модел го имаше појакиот 1.0-литарски бензински мотор со 115 коњски сили и 200Nm вртежен момент. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 9.8 секунди, додека максималната брзина е 204 км/ч.
Токму овој е моторот кој би Ви го препорачал бидејќи нуди одличен спој на перформанси, економичност и рафинираност. Океј, за да го извлечете максимумот треба да го возите на повисоки вртежи, но ‘overall’ одлично си ја завршува работата. Ако поминувате многу километри годишно и повеќето од нив се на отворен пат подобра опција би Ви бил 1.6 TDI дизел моторот и тие екстра пари што ќе ги дадете ќе се исплатат бидејќи има доста помала потрошувачка од бензинецот. Пофалби и за мануелниот менувач кој е многу лесен за користење, краток и доста попрецизен од тој во Octavia.
Мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше 8 литри на 100 изминати километри.*возилото кое што го возев имаше поминато само 600 километри, така што со тек на време потрошувачката малку ќе се намали

Стандардната опрема која ја содржи првото Ambition ниво вклучува: Front Assist- радар за автоматско сопирање, воздушни перничиња за возач и совозач, странични воздушни перничиња напред, воздушни завеси, Lane Assist- систем за одржување во лента, LED предни дневни светла, сензор за дожд со асистент за долги светла, лумбарна поддршка на предни седишта, електрични ретровизори со грејачи, SWING радио со 6.5 инчен дисплеј, Bluetooth, USB-C портови, борд компјутер, мануелен клима уред, кожен волан и рачка од менувач, темпомат со ограничувач на брзина, итн…

Нешто што многу ме интересираше за Scala беше какво е возењето, дали е многу подобро од Rapid и дали е позабавно од возењето во поголемата Octavia. Двата модела имаат доста комфорно возење, но не нудат некаква посебна забава, а до некаде и не ни треба да бидат забавни бидејќи не се наменети за таков тип на купувачи. Затоа, сега е тука новата Scala! Која не само што изгледа многу попривлечно, туку е и многу позабавна за возење!(секако, во граници на нормала). Воланот е прецизен и лесен со што маневрирањето низ градските улици е многу лесно, но кога возите малку подинамично не добивате многу повратни информации. Суспензијата на Scala е една меѓу подобрите во оваа класа, одлично се справува со сите дупки и нерамнини на улиците, VW Golf е можеби малку поудобен, но Scala е многу блиску до него. Кога станува збор за динамично возење, нема многу навалување во кривини и нуди добро балансиран грип на поголеми брзини, сепак не е тип на возило кое може да го возите “до лимит”- за тоа подобра опција се Seat Leon и Ford Focus. Кај Scala како опција достапна е и спортска адаптивна суспензија која е за 15мм пониска, а со тоа добивате и Driving mode selection кој Ви дава можност да одберете помеѓу неколку различни модови за возење меѓу кои и Sport mode, со што добивате потврда суспензија, побрзо реагирање на педалата за гас и екстра тежина на воланот(сеуште не сум пробал модел со оваа опција, така што не можам да кажам дали има преголема разлика и дали вреди за парите). Каква е прегледноста?- напред и од страните имате одличен поглед, но за позади дефинитвно се потребни паркинг сензори(во Ambition нивото се опција). Голем плус за изолацијата, на автопат при брзини од 120-130 км/ч внатре е тивко и може да правите муабет со патниците позади без да треба да го покачувате тонот.
Skoda Scala при возење нуди пријатно чувство надополнето со сигурност и удобност.
Високите очекувања кои ги имав за ова возило после неколку дневното дружење се покажаа како точни, Scala e навистина добар хечбек модел!

Ford Focus, Kia Ceed, Toyota Corolla, Hyundai i30, Opel Astra, Peugeot 308…пазете се, имате многу сериозен играч во оваа класа.

Почетната цена на Skoda Scala 1.0 TSI 95 Ambition изнесува 14.560€
Цената на тестираниот модел Skoda Scala 1.0 TSI 115 Ambition изнесува 16.720€

Повеќе информации за возилото може да најдете на https://www.skoda.com.mk/scala-1 или да го посетите продажниот салон на Skoda!

ГАЛЕРИЈА

Виктор Чемерикиќ

Виктор Чемерикиќ

Љубител на автомобили уште од 1997, основач на вебсајтот ”CarsByVik” и професионален автомобилски фотограф.

Остави коментар