Прво возење со новата фејслифт Opel Corsa Electric

Пред неколку месеци, Opel ја претстави новата освежена Corsa, точно 4 години по премиерата на оваа генерација. Освежувањето беше неизбежно бидејќи овој модел се разликуваше многу од новиот дизајнерски јазик на брендот. Но, освен дизајнот, новата Corsa добива и нови погонски единици, како и подобрени технологии. 

На покана од Еуроимпекс – увозникот за Opel во Македонија, Србија, Косово и Албанија бев во Риселсхајм, Германија на интернационалната презентација каде што можев и да ја возам новата освежена Corsa. На располагање ја имав само новата електрична верзија, но за тоа ќе зборуваме подоцна. Да започнеме прво од визуелните промени кои ги доби автомобилот. 

Новата Corsa е освежена на многу добар начин и без непотребни драстични промени. Новиот модел ја добива карактеристичната Vizor маска која е визуелно комбинирана со фаровите и создава „аголна“ форма на предниот дел на автомобилот. Суптилно е променет и браникот, визуелно е малку поедноставен, а доводот на воздух е скриен зад црна решетка. Ова е еден од најуспешните стилски третмани. Освежениот преден дел остава навистина добар впечаток. Предницата во „астро-облик“ е нагласена и со нов светлосен потпис напред. Освежената Corsa добива нови Intellilux LED Matrix фарови кои сега имаат по 14 LED диоди, сето ова ја зголемува нивната ефикасност, особено навечер – а исто така и изгледаат многу поинтересно од претходно. 

Профилот останува непроменет, освен тоа што сега се достапни нови дизајни за тркалата, а конкретно моделот што го имав на располагање е со 17-инчни аеро бандажи. Задниот дел претрпе многу помали промени од предниот. Задните светла сега се малку потемни и суптилно е освежена формата на браникот. Дополнително, новост е и тоа што името Corsa се појавува по целата должина на вратата од багажникот – а кај електричните верзии на десната страна ја има и буквата „e“. Инаку, освежената Corsa е достапна само во две нивоа на опременост – Corsa и GS-Line. Примерокот што го возев е GS-Line верзијата која се разликува по малку поспортскиот карактер, црните значки и црните букви. Од Opel кажуваат дека поедноставувањето на нивоата на опременост ќе го олесни изборот при купување – и до некаде се согласувам со тоа. 

Одиме во внатрешноста и на прв поглед изгледа идентично како и верзијата пред освежувањето. Тоа е така бидејќи целокупниот дизајн на кабината останува непроменет, туку променети се само одредени делови од кабината. Да започнеме од целосно дигиталната инструмент табла која сега е стандардна во сите верзии. Новиот екран пред возачот може да се персонализира и јасно и едноставни ги прикажува сите потребни информации околу возењето. Но самиот екран е во многу минималистичка форма – и лично не сум преголем фан на тоа како изгледа, мислам дека со освежувањето можеле малку повеќе да се потрудат и да направат подобра инструмент табла. 

Втората (и најважна) новост во кабината е целосно новиот инфозабавен систем кој сега добива 10-инчен екран и нов Snapdragon процесор. Тој е многу поинтуитивен и побрз, а нуди и прилагодливи „виџети“ на почетниот екран. Исто така, сега стандардно се добива и wireless поврзување преку Apple CarPlay и Android Auto, а има и wireless полнач за мобилен телефон. Добиваме и две физички копчиња, едното е за „Home“, а другото е за менито за поставки на автомобилот. Во долниот дел останува засебниот панел со физички контроли за клима уредот – нешто што во последно време стана навистина реткост, а нуди многу подобра ергономија, отколку контролите да се „пикнати“ во централниот екран. 

Во однос на другите работи во кабината, Corsa останува иста како и претходно. Просторот на предните седишта е одличен и ергономијата е на доста солидно ниво. Материјалите се фини, но на одредени места задржана е малку потврдата пластика – што за оваа класа е сосема очекувано. Некои детали кај освежената Corsa се и променети, пример вратите добиваат малку различен украс и одреден дел е обложен со алкантара. Тука се и новите седишта, кои сега имаат малку различна форма и нови тапацари. Конкретно кај примерокот што ми беше на располагање, предните седишта се дополнително опремени со греење и масажа (нешто што е реткост во оваа класа). 

Сепак, најважната новост кај освежената Corsa се погонските единици – особено новата електрична верзија за која ќе зборуваме денес. Corsa Electric е достапна во две верзии, првата верзија располага со батерија од 50 kWh и нуди досег до 354 километри – моќноста од електромоторот изнесува 136 коњски сили и 260 Nm вртежен момент. Со освежувањето, Opel додаде целосно нова електрична верзија со поголема моќност и зголемен досег, а токму таа верзија можев да ја возам на презентацијата во Германија. 

Новата верзија, Opel ја нарече Long Range и тука има батерија од 51 kWh (еден киловат-час повеќе од стандардната верзија). Новата батерија е 5 килограми полесна од претходната (тежи 340 килограми) и има помал број на големи ќелии – вкупно 102 во споредба со претходните 216, организирани во 17 модули наместо претходните 18. И двете батерии, се разбира, се литиум -јонски. Дали воопшто и како се разликува хемискиот состав во батериите, производителот не даде никаква информација. Она што вреди да се спомене е дека гаранцијата на батеријата е осум години или 160.000 километри.

Што се однесува до досегот, кај оваа нова верзија тој е зголемен за скоро 60 километри и со полна батерија може да се поминат до 405 километри (според WLTP). Во овој случај немав шанса да проверам дали и во реалноста може да се поминат навистина толку километри со полна батерија, но во однос на потрошувачката која ја забележав и која се движеше околу 13-14 kWh на 100 километри, не би било проблем да се достигне досег до околу 370-380 километри. Што за градски автомобил е многу импресивна бројка – и тоа би значело дека автомобилот би го полнеле одприлика еднаш неделно. Дополнително, новата Corsa Electric како стандард сега добива и топлинска пупма, што е голем чекор напред. 

Новиот синхрон електромотор овозможи и зголемување во моќноста, тука на располагање се 156 коњски сили и 260 Nm вртежен момент. Сето ова значи и подобрени перформанси, на Corsa Electric потребни и се 8.1 секунди за забрзување до 100 км/ч, додека максималната брзина е електронски ограничена на 150 км/ч. Како и со секој друг електричен автомобил, испорачувањето на моќноста е инстантно и рафинирано и во ни еден момент не се чувствува дека недостига уште моќност. Сепак и покрај зголемените коњски сили, ова не е спортски автомобил и не треба да се очекуваат кој знае какви перформанси. Автомобилот е пргав и од семафор секогаш ќе тргнете први, но треба да се заборави на било каква друга „дивост“. Како и пред освежувањето, Corsa останува нормален градски хечбек модел – само што конкретно оваа верзија работи на струја наместо на бензин, а со тоа се добива и многу поудобно и потивко возење.

Во однос на чувството зад воланот, она што се издвојува веднаш е тишината во кабината. Со освежувањето веднаш е забележливо дека е работено и на звучната изолација во автомобилот, па дури и на автопатски брзини од 130-140 км/ч бучавата е минимална. Шасијата е доста добро подесена и успева да комбинира удобност и добро амортизирање дури и при релативно големи нерамнини со пристојна самодоверба во свиоци и нема прекумерни навалувања. Поради нискиот центар на гравитација, Corsa стои прилепена за асфалтот и може да понуди доста добро динамично возење во свиоци, но во одредени ситуации, како возач ја чувствувате поголемата тежина. Иако не се добиваат многу повратни информации од воланот, тој е прецизен и директен. Секако, „домот“ на Corsa се градските улици, а во такви услови нуди исклучително добри возни карактеристики. Суспензијата кај електричната верзија е малку потврда – што е сосема нормално бидејќи мора да се справи со поголемата тежина. Но и покрај тоа што тестираниот примерок е со 17-инчни тркала и нископрофилни гуми, во ни еден момент возењето не е неудобно, а за уште поголем комфор може да одберете и еден број помали тркала. 

Речиси сите нови автомобили нудат можност за одбирање на режим на возење, но ретко кој автомобил има драстична разлика помеѓу тие режими. Од Opel си ја сфатиле сериозно работата и трите режими (Eco, Normal и Sport) кои се достапни кај Corsa Electric нудат навистина различни карактеристики. Во Eco режим на располагање се достапни само 82 коњски сили и воланот е многу полесен, па за возење во градски услови ова е сосема доволно. Ако возите во овој режим и исклучиво во град, може да се смета на досег кои ги надминува декларираните 405 километри. Во Normal режимот на располагање се 109 коњски сили кои пак се доволни за возење на меѓуградски патишта и автопати. И на крај, во Sport режимот ги имаме на располагање сите 156 коњски сили и воланот станува поцврст и подиректен. Сепак, ова не значи дека ќе бидете залепени за седиштето со секое притискање на педалата за гас. Сите сензации овде се прилично деликатни и „повидливи“ на дисплејот на брзинометарот отколку што ги чувствува нашето тело. Она што вреди да се спомене е дека ако возите во Eco или Normal режим и ја притиснете педалата за гас до крај (kickdown функцијата) во тој случај ги добивате сите 156 коњски сили. Дополнително, како и пред фејслифтот, достапни се два режими на менувачот – „D“ и „B“. Во „B“ режим се активира помоќно враќање на енергијата во батеријата, односно регенерација и на некој начин овозможува „One Pedal“ возење. 

Покрај целосно електричните верзии, новата освежена Corsa е достапна и со класични бензински мотори – кои за нашиот пазар ќе бидат доста поинтересни. Достапен е само еден 1.2-литарски PureTech мотор, но со различна моќност. Понудата започнува со атмосферски мотор кој испорачува 75 коњски сили, потоа следат верзиите со турбополнач кои испорачуваат 100 или 130 коњски сили. Првите две верзии се достапни со мануелен менувач, додека најмоќната е исклучиво достапна со автоматски менувач. Новост во понудата тука се верзиите опремени со дополнителен 48v mild-hybrid систем. И во овој случај станува збор за 1.2-литарски турбо-бензинец кој е надополнет со мала батерија и електромотор кој испорачува дополнителни 28 коњски сили. Погонскиот систем тука е комбиниран со нов 6-степен автоматски менувач со двојна спојка и овој нов систем овозможува „исклучување“ на моторот со внатрешно согорување до брзини од 135 км/ч. 

Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Opel. 

ФОТОГРАФИИ

Заклучок
Освежената Corsa останува навистина пријатен автомобил кој нуди добри возни карактеристики и на кој е тешко да се најдат некои значителни замерки. А благодарение на освежениот надворешен изглед и додавањето на нови технологии во кабината, Corsa сега е уште поатрактивна.